Насловна / Архитектура / Градоначалникот на Лондон му рече НЕ на Норман Фостер!

Градоначалникот на Лондон му рече НЕ на Норман Фостер!

Летово Лондон беше епицентарот на еден несекојдневен и контроверзен настан во доменот на архитектурата и урбанизмот. Имено, градоначалникот на Лондон, Садик Кан (Sadiq Khan), не ја одобри изградбата на 305,3 метри високиот облакодер „Лале“ (Тулип / The Tulip) на Фостер и Партнерс (Foster + Partners) иако изградбата претходно била одобрена од локалните власти. Новиот облакодер од кој некои очекувале да стане идниот симбол на Лондон требало да биде лоциран веднаш до високонаградениот облакодер познат под прекарот „Корнишон“ (The Gerkin), исто така испроектиран од Фостер и Партнерс. Без сомневање една ваква одлука носи со себе безброј прашања и не секогаш доволно одговори, а истовремено ги вознемирува инвеститорите, проектантите и градежниците коишто чекаат во моментов во долгиот ред од 541 идни градители на облакодери во Лондон.

gettyimages-865767272-2048x2048

Садик Кан и Норман Фостер

Веројатно едно од првите прашања коишто можат да се постават е како градоначалникот на Лондон може да ја поништи одлуката на локалната власт која веќе дала урбанистичка согласност за изградба на „Лалето“.

Градоначалникот на Лондон е извршен раководител на административниот регион и церемонијалната грофовија Грејтер Лондон (The Greater London), кој се состои од 33 околии: 32 окрузи (London Boroughs) и градот Лондон (City of London), и опфаќа површина од 1,572 м2, а во 2011 година имал над 8 милиони жители.

london-skyline-south-bank-2364-col4

Ингеренциите на градоначалникот на Лондон ги вклучуваат следните функции:
• Стратешко планирање, вклучително со домување, раководење со отпадот, животната средина и изработката на Планот на Лондон;
• Одбивање или одобрување на урбанистичка согласност од стратешки причини;
• Сообраќајна политика;
• Планирање за заштита од пожар и вонредни состојби;
• Политика за заштита од криминал и полициски активности;
• Економски развој; и
• Право да создаде корпорации за развој.

mda-2x1

Оттука може да се види дека неговата одлука била во рамките на неговите овластувања. Во некоја рака ова е и среќна околност со оглед дека во други случаи локалните власти во Велика Британија морале да поминат низ многу понепријатни искушенија. Имено, во јануари 2010 година, лидерот на Кембриџ сити канцил (Cambridge City Council) повел судска постапка за да се ревидира одлуката на урбанистичката служба издадена од Советот на Градот со којшто тој раководи. Во овој случај службеник на урбанистичката служба одобрил промени на проект според правилата за мали промени на урбанистичката согласност, коишто се решаваат без пошироки консултации според делегираните права на урбанистичката служба. По издавањето на одобрението се утврдило дека промените значително го нарушуваат квалитетот на проектот. И покрај тоа што со судската одлука е поништено одобрението за промени, и проектантите се имаат согласено да се придржуваат на претходно одобрениот проект, Кембриџ го доби највисокиот и веројатно најконтроверзниот објект, десеткатницата Марка (The Marque). Во 2014 година реализираниот објект влезе во најтесниот избор за националната награда за најгрд објект во земјата на списанието Билдинг дизајн (Building Design Carbuncle Cup).

CAM180557_09

десеткатницата Марка, Кембриџ

Во 2017 година во слична непријатна ситуација се има најдено и Саут Кембриџешаја дистрикт концил (South Cambridgeshire District Council) каде службеник на урбанистичката служба по грешка издал урбанистичка согласност за изградба на седум куќи во рамките на заштитениот зелен појас во местото Хаслингфилд (Haslingfield). Во овој случај на заменикот лидер на Советот паднала непријатната задача да поведе судска постапка за ревизија на одлуката на Околискиот совет кон кој тој припаѓа.

Со слична но нешто поинаква контроверзна состојба во моментов се соочува градоначалникот на Ватфорд (Watford), којшто бара од државата да се измени дел од Законот за урбанистичко планирање, а којшто се однесува на дозволената пренамена на деловни во станбени објекти. Според овие одредби инвеститорот само треба да ја информира локалната власт за својата намера, без потреба да добие урбанистичка согласност. Во овој случај станува збор за пренамена на поранешна работилница за тапацирање во 15 мали станови со површина од 16,5 до 22 м2, и покрај тоа што според националните стандарди за минимална површина на становите најмалата препoрачана (но не и задолжителна) површина на станбена единица е 37 м2. Покрај големината на становите, локалната власт била загрижна и во однос на несоодветното природно осветлување и вентилација на предложениот објект. Локалната власт се обидела да ја спречи пренамената на објектот, но Државниот инспекторат за урбанизам го отфрлил нивното барање и ја дозволил истата.

london-skyline-2364-col

Сите овие примери укажуваат на дел од проблемите во доменот на урбанистичкото планирање, каде локалната власт можеби не донела најсоодветна одлука во однос на регионот, каде лошата интерпретација на законската регулатива резултирала важни одлуки да се донесат врз основа на делегираните права без соодветни консултации, каде најверојатно како резултат на човечка грешка била одобрена изградба во заштитена зона, или пак каде законодавецот веројатно направил пропуст во регулативата којшто овозможил проектот, којшто локалната власт го оценила како несоодветен, да може да се реализира. Преку овие неколку примери може да се види покрај неопходноста и важноста во рамките на системското решение да се остави можност за ревизија на првостепената локална одлука во случаи кога истата потенцијално ги нарушува стратешките приоритети на заедницата. За разлика од трите примери на помали градови и околија во Англија, единствен механизам бил или функционер на локалната власт да поднесе постапка против одлуката на својата организација, или пак да се бара промена на законот за да се заштитат интересите на заедницата. Се чини дека, мудро, ваквиот механизам на заштита и интерна ревизија од самиот почеток бил вграден во надлежностите на градоначалникот на Лондон.

DD-COMPOSITE-GREEN-BIRD-story

Веројатно следното прашање кое може да се постави во однос на одлуката на градоначалникот на Лондон со која не се одобрува изградбата на „Лалето“ е колку тој е компетентен во доменот на архитектурата и урбанизмот кога станува збор за проект сработен од бирото на еден од врвните светски архитекти. Градоначалникот на Лондон Садик Кан е правник по професија кој работел како адвокат со специјалност во доменот на човековите права пред да ја отпочне својата политичка кариера. Оттука веројатно може да се заклучи дека неговата стручност повеќе е во доменот на правото, отколку во доменот на архитектурата и урбанизмот. Се разбира кое било лице на ваква функција не може да биде компетентно за сите аспекти во негова надлежност и компетентоста се стекнува преку стручните советници коишто ги покриваат релевантните подрачја. Во случајот на Грејтер Лондон, стручната компетентност во доменот на проектирањето произлегува и од Панелот на „адвокати“ за дизајн (Design Advocates) за Лондон кој брои 50 еминентни архитекти и дизајнери. Тие биле назначени од градоначалникот на Лондон Садик Кан во 2017 година да работат со локалните власти за да се подобри квалитетот на изградена средина во рамките на престолнината и главниот град на Велика Британија. Тие се одговорни за воспоставување и имплементација на амбициозни стандарди за проектирање за развојот на градот со цел да ѝ помогнат на регионалната власт да ја поддржува најдобрата пракса при изборот и изградбата на идните проекти. Дизајн-агендата на Лондон е поддржана и преку работата на шест организации коишто се јавуваат како дополнителни „адвокати“ за дизајн на Лондон. Оттука може да се заклучи дека градоначалникот на Лондон веројатно има доволно стручна поддршка за да може да донесе добро информирана одлука во доменот на архитектурата и урбанизмот.

DBOX_Foster-Partners_The-Tulip_Birds-Eye_2560px

„Лалето“

Секој може да формира свое лично мислење за самиот проект на „Лалето“ и дали одлуката да не се одобри урбанистичката согласност е соодветна или не, но би било несоодветно да се коментира за истото без да се знаат сите факти за проектот и одлуката на градоначалникот на Лондон. Оттука веројатно може само да се претпоставува кои можеби биле некои од аспектите коишто придонеле за еден ваков исход.

DBOX for Foster + Partners

Објектот „Лалето“ во панорамата на градот

На пример, дали навистина има недостаток на деловен простор кој би ја оправдал изградбата на овој објект. Одговорот на ова прашање веројатно е не. Во принцип Велика Британија се соочува со недостаток на станбен простор, а не толку со недостаток на деловен простор. Промената на законската регулатива во доменот на урбанистичкото планирање во 2013 година овозможи поедноставена пренамена и адаптација на деловниот во станбен простор. Тогашните проценки беа дека 12 % од севкупниот деловен простор во Велика Британија, а дури 18 % во Бирмингам, беше празен. Тоа ќе овозможеше околу 130.000 нови станбени единици релативно лесно и брзо да се добијат преку пренамена и адаптација на деловни во станбени објекти, од кои околу 40.000 во Лондон и Југоисточна Англија. За жал изминатите години не укажаа на ентузијазам во оваа насока, така што дел од расположливиот деловен простор сè уште останува празен, и тоа особено оној којшто е лоциран на не толку атрактивни локации или пак е застарен по однос на нивото на опременост и понуда. Дополнително, се очекува дека Брегзитот дополнително може да придонесе за зголемување на празниот деловен простор преку преселба на дел од мултинационалните компании од Лондон и Велика Британија во клучни комерцијални центри во Европската Унија. При ова не треба да се заборави и интересот на локалната власт која голем дел од својот приход го остварува преку собирањето на данок за имот и деловен простор. Преку ова тие веројатно се стимулирани да ја поддржат изградбата на нови објекти за да го зголемат својот приход.

london-skyline-city-hall-2364-hero-1704x959

Облакодерите отсекогаш ја фасцинирале јавноста и претставувале предизвик за клиентите, инвеститорите, архитектите и градежниците коишто честопати се натпреварувале во однос на тоа кој ќе го реализира највисокиот и најубавиот облакодер. Се чини дека овој натпревар никогаш не стивнал и веројатно никогаш нема ниту да стивне. Веројатно она што никогаш не треба да се заборави е дека кој било изграден објект треба да придонесе за една подобра изградена средина како за своите сопственици и корисници, така и за локалната заедница и пошироко. За градоначалникот на Лондон ова не е случај со „Лалето“. Според резултатите на анкетата спроведена од стручниот неделен магазин Билдинг (Building) објавена на 26.7.2019 дури 63 % од анкетираните лица одговориле со „да“ на прашањето „Дали градоначалникот на Лондон Садик Кан бил во право да не ја одобри урбанистичката согласност за кулата Лале на Фостер и Партнерс?

PRI_72096038-e1563224824587

Градоначалникот Садик Кан

Според Рем Кулхас (Rem Koolhaas): „Во Азија сè уште се доминантни облакодерите. Јас се надевам дека во европските градови тоа ќе стане тренд во опаѓање. Тие скоро никогаш не беа потребни.“

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top