Насловна / Арт и дизајн / Наталија Гончарова – една од најзначајните авангардни уметници на 20 век

Наталија Гончарова – една од најзначајните авангардни уметници на 20 век

На 6-ти јуни се наврши една година од отворањето на ретроспективната лондонска изложба на Наталија Сергеевна-Гончарова (Ната́лья Серге́евна Гончаро́ва,1881 провинција Тула, Русија -1962 Париз, Франција) една од најзначајните руски уметници. Во време на отсуство на нови изложби и прашањето на опстанокот или реобмислувањето на физичкиот музејски и галериски простор, поради пандемијата, би сакала да се навратaм на оваа авангардна уметница. Гончарова е плоден автор со раскошен репертоар кој опфаќа: сликарство, графика, илустрации, моден дизајн и костимографија.  Лондонската ретроспектива која се одржа лани во Тејт Модерн, Лондон од 6-ти јуни до 8-ми септември,  вклучуваше слики од сите периоди на нејзиниот творечки опус, но исто така и графички дела, постери и костими од балетски и оперски претстави.

Natalia_Goncharova_02_resize

Родена во осиромашено аристократско семејство, во роднински врски со Пушкин, таа од малечка била импресионирана од животот на село: од обработувањето на земјата, сеењето и жнеењето. Таа исто така била запознаена и ангажирана во сите фази на изработувањето на текстил, од стрижењето на овците до ткаењето, па до валањето и декорирањето на ткаенините. Поради тоа уште од својата рана кариера, Гончарова обработува рурални теми и се идентификува со луѓето и културите на земјоделска Русија. Во текот на целиот свој живот влече инспирација од боите и стилизираните форми на традиционалните руски уметности и занаети. Овие земјоделски активности се чести теми во нејзините рани дела. Гончарова собирала и изложувала икони, популарни графики и сликани послужавници и активно се залагала за зачувување на традиционалните уметнички форми. Како ќерка на аристократ, радикална уметница и жена, таа секогаш отскокнувала од средината.

Natalia_Goncharova_and_Mikhail_Larionov,_Moscow,_1913_resize

Гончарова и Ларионов 

Во 1901 година се запишува на московската школа, Институт за сликарство, скулптура и архитектура, каде учи скулптура под покровителство на вајарот Павел Трубецкој. Таму го среќава Михаил Ларионов, нејзиниот животен партнер. Првите децении на 20 век Москва е едно од најдобрите места во светот каде може да се види и доживее одблиску модерното европско сликарство. Двајца индустријалци – Сергеј Шчукин и Иван Морозов, создале и посакувале да ги покажат во јавност своите богати уметнички колекции кои содржеле меѓу другите и дела од Пол Сезан, Пол Гоген, Пабло Пикасо и Анри Матис, но и вредните збирки на традиционалната руска уметност. Овие од народната руска уметност повлијаени дела, содржат многу карактеристики што ги одликуваат раните модерни дела – јаки бои, минимални форми, дводимензионални сплоснати површини. Гончарова и Ларионов не само што биле едни од првите руски уметници присутни во салоните на овие мецени кои одблиску се запознавале со најновите европски уметнички правци, туку и биле едни од првите млади руски уметници чии дела земале рамноправно место во колекцијата на Морозов.

peasants-picking-apples-1911-968x1024_resize

„Селани берат јаболка“

Во септември 1913 во Уметничкиот салон „Михаилова“ во Москва била отворена ретроспективна изложба на младата Наталија, која била исклучително плоден творец и вклучувала повеќе од 800 дела, од кои 350 биле слики на платно. Импресивна бројка, која имено ја покажува амбицијата на уметницата која имала само 32 години. Гончарова продуцирала хетерогени дела во повеќе стилови и влијанија. Изложбата вклучувала слики, цртежи, костими за театар, текстил и модни дизајни, како и тапети и постери и графики. Овие рани дела го покажуваат влијанието од францускиот импресионизам, но вклучуваат и дела инспирирани од руските икони и народната уметност, дела инспирирани од селото и провинцијата, но и индустријализираните, механизирани градови. На изложбата биле вклучени и дела од мал формат, но и големиот полиптих од платна наречен „Жетва“ од 1911 година.

balet_rus_resize image (2)_resize

костимите за балет Рус

Гончарова не само што била уметник во студиото, туку била уметник и на улица. Секогаш облечена во екстравагантни костими и ишарано лице и со нејзиниот единствен стил, имала големо влијание во боемските уметнички кругови на предреволуционерна Москва. Модата ќе биде нејзина животна преокупација и преку текстилниот дизајн и дизајните на костимите за балет Рус, но и како емигрант во егзил во Париз кога ќе соработува со тогашните големи модни куќи.

evangelistite_resize

Евангелистите

Во април 1914 Гончарова и Ларионов за првпат пристигнуваат во Париз, повикани од Дјаѓилев да изработат костими и сценографија за балетот „Златното петле“, но во исто време тие имаат и заедничка изложба. Но, почетокот на Првата светска војна носи нови предизвици и за Ларионов, кој е повикан на фронт и за Гончарова која ќе ја започне серијата литографии „Мистичните слики од војната“, каде крилати ангели се борат со двокрилни авиони, Богородица тажи за загинатите војници и директно преземената религиозна иконографија е искористена во пропагандни цели. Традиционалното руско религиозно сликарство е централно за развитокот на руската модерна уметност, па така тоа не ја заобиколило ни Гончарова. Таа ги поттикнувала останатите руски уметници да се инспирираат од религиозната/византиската иконографија, што подоцна ќе најде силен одек во делата на Казимир Маљевич. Ова влијание е видливо уште во раното дело Евангелистите од 1910 до 1911, но и нешто подоцна во делата инспирирани од воените страдања (циклус литографии меѓу кои Архангел Михаил, св. Ѓорѓи, Ангели и авиони).

Natalja Gontsjarova, by Natalja Gontsjarova

„Автопортрет со жолти кринови“

Експериментот е централен за творештвото и развојниот пат на Гончарова и таа жедно ги впивала идеите на европските уметници, чии дела се наоѓале во колекциите на Морозов и Шчукин. Следејќи го развојниот пат на Гончарова може да го забележиме присуството на влијание на голем број современи уметнички правци, особено на француските постимпресионисти Сезан и Гоген, на фовистите како Матис и Деран, на кубистите Брак и Пикасо и футуристот Бочони. Во првата деценија на 20 век, импресионирана од живите бои на Гоген и Морис Денис ги слика „Автопортрет со жолти кринови“, „Белење на платното“ и „Селанката од Тула“.

тула_resize

„Селанката од Тула“

Под влијание на Матис создава дела каде главна улога имаат огромни фигури оградени со темни контури како „Борачите“, „Собирачи на сено“, „Селани берат јаболка“, „Црн акт“, но и на „Евангелистите“ и на триптихот „Христос спасител со ангелите“, кои се дел од нејзиниот циклус дела творени во таканаречениот руски примитивистички стил.

pusac_resize

„Пушачот“

grad_resize

„Градот“

Пејсажите пак на Сезан повлијаеле и на нејзините бројни теми и мотиви од рурална и урбана Русија („Овоштарник во есен“, „Пушач“, „Градот“). Од Пикасо ја прифатила расчленетата структура и загаситите бои, а од футуристите љубовта кон индустрискиот прогрес и брзина. За неа уметноста е постојан дијалог помеѓу Истокот и Западот, нејзиното творештво е спој на традицијата и на модерното. Но по сите впивања на европската авангарда, Гончарова во периодот 1911-1913 одлучува да отстапи од постојните уметнички практики и со Ларионов теоретски и практично го формулира рајонизмот/лучизмот („Ткајачка“, „Фабрика“, „Велосипедист“, „Орхидеи“).

Cyclist_(Goncharova,_1913)_resize

„Велосипедист“

tkajacka_(1910)_-_Natalia_Goncharova_resize

„Ткајачка“

Влијанието на рускиот футуризам е видливо во подоцнежните слики. Почнала да меша кубистички и футуристички елементи во своите дела, што довело до почеток на кубо-футуризмот.  Фракталната поделба на платното, иманента на рајонизмот и кубо-футуризмот како дистинктивни сликарски правци произлегува од радикалните експерименти во тогашните кругови на предреволуционерна Русија. Како водачи на руските футуристи Гончарова и Ларионов организирале провокативни вечери на предавања на ист начин како нивните италијански колеги.

fabrika_resize

„Фабрика“

Нејзината повеќедецениска активност и вклученоста во неколку уметнички здруженија и групи како Златното руно, Џандар Каро и Магарешката опашка, како и соработката со балетскиот импресарио Дјаѓилев, но и професионалното и приватно партнерство со нејзиниот животен сопатник Ларионов, ја позиционираат Наталија Гончарова на пиедесталот на една од најзначајните авангардни уметници на 20 век.

Автор: д-р Петрула КОСТОВСКА, историчар на уметност

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top