Насловна / Вести / Нашите инженери можат да се „носат“ со своите колеги и на странскиот пазар

Нашите инженери можат да се „носат“ со своите колеги и на странскиот пазар

Комората на овластени архитекти и инженери во рамките на одбележувањето на десетгодишниот јубилеј додели четири именувани награди за 2017 година. Носител на наградата од Одделението на градежни инженери именувана „Професор д-р Александар Цане – Ангелов“ за особени постигања во градежништвото ја доби дипломираниот градежен инженер м-р Влатко Коцевски. Коцевски е предавач на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ Колеџ – Скопје, управител и основач на Специјализирано друштво за статичко и асеизмичко проектирање објекти „СТАТИКА 001“ ДООЕЛ – Скопје. Проектант е на околу 1330 објекти од високоградба во Македонија и други земји во Европа, на 140 мостови во Македонија и во Европа и ревидент на 830 проекти од високоградба и мостоградба, како и технички надзор на над 120 објекти. Бил главен проектант во градежната компанија „ГРАНИТ“ ДОО Скопје, каде што работел на проектирање, ревизија и надзор на објекти од високоградба и мостоградба.

Sportska sala 1

Што значи за Вас добиената награда од Комората на овластени архитекти и инженери на Македонија?

- Една крунска потврда за мојот „потрошен“ 25-годишeн труд во доменот на инженерската струка.

Вообичаено кај нас „славата“ од изведените и наградени проекти ја носат проектантите – архитекти. Градежните конструктори и статичари, па и изведувачите се малку повеќе настрана. Дали е тоа вообичаена ситуација во светски рамки или е само македонски поглед на нештата?

-Мора да признаеме дека тоа понекогаш се случува и во светски рамки, но не така драстично како кај нас. Славата кај нас ја имаат (земаат) колегите архитекти, од објективни причини, бидејќи нивното дело (фасадите, ентериерот) главно е видливо и разбирливо дело за обичниот човек (инвеститорот). Додека јакоста и издржливоста на конструкциите „се подразбира дека мора да бидат на највисоко ниво“, па за нив никој не се грижи, сè до првиот посилен земјотрес, кога потоа, сите се прашуваат кој е градежниот инженер што ја испроектирал носивата конструкција и дали е тој со добро искуство. Исто така, никој не се прашува дали замислата на архитектот би била во потполност остварлива, ако конструкцијата не може да „одговори“ на тие архитектонски барања. Во последниве години, сведоци сме на голем број објекти каде конструкцијата е доминантна во однос на архитектурата, па така се соборуваат рекорди за највисоки згради (828 метри), згради увртени околу вертикална оска (торзо-згради), згради накосени под остри агли, мостови со најголеми распони (3300 метри) итн, итн.

20140123_103947

Комората на овластени архитекти и инженери требаше да биде носител на позитивните промени за статусот и положбата на фелата. Тоа сепак не се случи. Во последно време како да дуваат некои пооптимистички ветрови…

- Не е тајна, дека во последниве неколку години, јас бев еден од најголемите критичари на нашата Комора, за што отворено сум говорел во повеќе печатени медиуми од кои и во вашиот, но сè со моја единствена цел за нејзино поефикасно работење и решавање на многу напластени „горливи“ инженерски проблеми. Новото раководство од 2016 година па наваму, полека го троши времето, па веќе секој момент очекуваме и видливи резултати…

Долги години сте во приватните бизнис-води. Како голем борец, но и со големо докажано знаење, теоретско и практично се докажувате во бизнисот. Која е цената на таа макотрпна и долга борба?

- Многу изгубени приватни (домашни) часови со своето семејство и по некое бело влакно во косата.

Можеби ќе ни откриете – кој Ви е најдраг реализиран проект?

- Од високоградба, тоа е аеродромот „Aлександар Велики“, а од мостоградба тоа е железничкиот мост на Кратовска Река од коридорот К-8, Македонија – Бугарија.

01_TAV_DSCN0843

Кои се македонските, па и светски брендови од Вашата струка кои особено влијаеле на вашето усовршување?

- Од македонските фирми, не можам, а да не ја споменам и да ѝ се заблагодарам на градежната компанија Гранит, во која ги направив првите инженерски „чекори“. Од странските, можеби не како бренд, но можеби како личност, би го споменал Сантијаго Калатрава (1951), големиот шпански архитект-конструктор, заради кој, специјално сум патувал во многу градови во светот да ги видам неговите ремек-дела во мерка 1:1.

Какво е чувството сега, како предавач на факултет и пренесувач на верувам добрите практични искуства кај помладите?

- Знаете, кога долгогодишното насобрано инженерско искуство не згаснува за навек, туку го примопредавате на помладите инженери, ве обзема некое прекрасно чувство на исполнетост.

Дали сметате дека нашите инженери можат рамноправно да се „носат“ со останатите инженери во својата струка надвор на странскиот пазар?

- Па не само што сметам, туку и тврдам дека тоа е така, а за тоа најголема потврда е што мојата фирма веќе две години настапува на австриско-германскиот пазар и изработува разни проекти за инвеститори од овие две земји.

1. Аеродромот Александар Велики- Скопје го претставуваат три независни функционални целини и тоа: терминална зграда за патници, објект за карго-товари и објект за ППЗ-заштита на аеродромот.TAV 1

Секако од овие три објекти, најимпозантен од конструктивна гледна точка е токму терминалната зграда, која во основа е 201 м * 109 м, поделена на 8 осум ламели. Зградата е со подрум, приземје и кат, со максимална кота на венец од +17.30 м.

Во статичка смисла, секоја од ламелите претставува армирано-бетонска скелетна конструкција, покриена со челична просторна решетка од цевасти профили над основата на самиот објект и челична конзолна конструкција со распон од 10.00 м како натстрешница над самиот влез на објектот. Модуларната мрежа на а.б. конструкцијата е 9 * 9 м, додека таа на челичната е 18 * 18 м. Фундирањето е спроведено со армирано-бетонска темелна плоча со контрафори.TAV 2

02_TAV Aerodrom TAV Nadtresnica

За вака проектираната конструкција на објектот, спроведена е анализа со гравитациски и сеизмички товари согласно важечките технички прописи и тоа: статичка тродимензионална анализа на објектот, како и квазидинамичка анализа на носивиот конструктивен систем за реални сеизмички дејства за дадената локација на село Петровец. Аеродромот е димензиониран да издржи земјотрес со амплитуда од 10 степени според Меркалиевата скала.

2. Спортскиот центар Јане Сандански во Скопје е со вкупна бруто-површина од околу 30.000,00 м2 и го претставуваат неколку објекти и тоа: голема спортска арена, мала спортска сала, гаражи за паркирање и хотел „Русија“.20140123_100703

Се подразбира дека и овде од овие неколку објекти, најеминентна е големата спортска арена. Таа во основа е 87 м * 66 м и е со максимална висина од +15.80 м. Трибините за седење и пропратните содржини на салата се изведени како армирано-бетонски конструкции, додека покривачот на спортската сала е изведен од лачни решеткасти носачи со триаголнест попречен пресек со страни од 3 м.20140827_113040

20140827_125036

Интересно за овој објект е да се потенцира извонредното техничко решение, каде резервоарите за ППЗ-заштита на објектот се вкопани под самиот терен за играње во спортската сала.

3. Административен објект на државни институции: Уставен суд, Државен архив и Археолошки музеј на РМ – Скопје. Овие три државни институции се сместени низ неколку катови во овој објект. Тој е со вкупна бруто-површина од околу 18.000,00 м2. Зградата, пак од конструктивна гледна точка, е поделена на три ламели. Првата и третата ламела се со кружен пресек во основа со дијаметар од 17 м, додека втората ламела е со правоаголен пресек со малку конкавни подолжни страни со димензии 64 м * 20 м. Сите ламели се со два подрума, приземје и 9 ката со максимална кота на слеме на конструкција од +39.2 м и максимална кота на врв на челичниот јарбол од +48 м.

Ustaven sud 1_5_01_2010

Како конструкција, за двете кули е специфично тоа што тие немаат средишни столбни места, туку само ободни (фасадни), па така се добива меѓукатна конструкција со кружна форма во основа со дијаметар од 17 м, која е потпрена само на нејзините контури.

Средната ламела, пак е армирано-бетонски полубезгредов систем со негова должина без температурна дилатација од 64 м. Неговите фасадни столбови се со висина од 22 м и истите се со кружен прстенест попречен пресек со надворешен дијаметар од 2 м. Врз нив налегнува огромен тимпанон, чија тежина изнесува 12 тони.

Фундирањето на објектот е извршено врз а.б. темелна плоча со дебелина од 100 см.

4. Станбено-деловен комплекс Хипо Центар“ - Виница. Се наоѓа во строгиот центар на градот Виница. Овој објект е со „Г“ форма во основата, со максимални димензии на краците од 107 м и 53 м. Комплексот е поделен на 4 ламели, има 2 подрума, приземје и максимум 8 ката. Нивната вкупна бруто-површина изнесува околу 12.000,00 м2.Hipo centar 1

Кај сите овие 4 ламели, конструктивниот систем е „класичен“ армирано – бетонски систем од рамки ортогонално поврзани меѓу себе, но од друга страна секоја ламела сама по себе, се одликува со доста различна геометрија, како во нивната основа, така и по висина, односно по бројот на катовите, како би можеле истите идеално да одговорат на убанистичко-архитектонските, но и инвестициските побарувања.

5. Православен храм Св. Константин и Елена. Се наоѓа на улица „Македонија“ и во моментов е во завршна фаза на изградба. Овој храм е со бруто-површина од околу 2.000,00 м2 и е досега најголемиот изграден православен храм во Македонија.Crkva 1_

Храмот го сочинуваат истоимената црква „Св. Константин и Елена“, како и нејзината камбанарија.

Црквата е со „мешовит“ конструктивен систем и има една главна централна армирано-бетонска купола со дијаметар од 11.00 м која е со дебелина од 20 см и други 4 помали куполи со дијаметар од 8.00 м и нивна дебелина од 15 см. Најголемата висина на црквата во внатрешноста е 30 м.

Под платото на црквата, постои и подрум, кој ќе биде музеј на Македонската православна црква, па затоа приземната меѓукатна плоча под црквата е изведена како армирано-бетонска касетирана конструкција со распони 13 м * 13 м.

Камбанаријата на цркавата, сама по себе, е исто така специфична како конструкција, затоа што нејзините пропорции на базисот во однос на висината се 5:1 и гледано од конструктивна гледна точка, истата е доста флексибилна конструкција, подложна на извивање од хоризонталните земјотресни сили и силите на ветрот.

Камбанаријата се одликува исто така и со исклучително сложена геометрија, затоа што во приземјето таа започнува во основа како квадрат со страни 7 м * 7 м, па потоа како се зголемува нејзината висина, овој квадрат преминува во еден неправилен петаголник, па потоа во неправилен шестаголник и седумаголник, за да финално на кота +43.00 м, камбанаријата заврши во еден правилен осумаголник. Згора на сè, врвот на камбанаријата е оптоварен со товар од едно главно и повеќе помали камбанариски ѕвона со нивна севкупна тежина од 16.5 тона, кое оптоварување од сеизмички аспект познато како „клатно“, претставува најнеповолно можно сценарио за еден објект.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top