Насловна / Архитектура / Наградата „Мис“: Архитектура на претстојната немаштина и новиот колективизам

Наградата „Мис“: Архитектура на претстојната немаштина и новиот колективизам

Секоја втора година, овој пат поради пандемијата по три, Европската Унија и Фондацијата „Мис ван дер Рое“ од Барселона доделуваат награди за најдобра европска архитектура. Има поголеми и постари светски награди од „Мис“, но позначајни и попрестижни во самата Европа не. „Мис“ е наш, европски, во целосна смисла, затоа што за него се натпреваруваат и балкански архитекти. Тој е пресек на состојбата, покажува во која станбена идеологија, во кој митолошки концепт на покрив над глава Европејците актуелно се вселуваат. Во овој момент тоа се репрезентативни форми на ресурси кои се топат во природата ранета од негрижа, војна и останати форми на лош менаџмент.

Виенскиот архитектонски центар штотуку отворената изложба ја посвети на финалистите на „Мис“ 2022 година.

пр

Добитниците на архитектонската награда беа прогласени минатиот април во Брисел, а наградите им беа доделени на церемонија во Павилјонот „Мис ван дер Рое“ во Барселона на 12 мај. Виенската изложбата во Архитектонскиот центар според името, а всушност градски архитектонски музеј по функција, затоа не е новост, туку анализа и коментар. Како да се гради? За кого, со кого, против кого? Што се цени и наградува, што останува рангирано на петто место?

Од 1988 година, кога е востановена наградата „Мис“, се доделуваат две награди – за архитектура и за нова (emerging) архитектура. Во првиот случај, за добри стандарди и креативни моменти во постојните вообичаени стандарди, во вториот случај, за дизајн, материјалите и концептите кои штотуку се појавуваат на хоризонтот. Метафорично кажано, „Мис“ прави разлика меѓу патишта и патокази.

01_resize

Добитници на двете први награди годинава се даблинското „Grafton studio“ за „возрасна“, архитектура, односно за патот по кој се движи современата архитектура; за онаа другата како патоказ, неочекувана креација, склоп што само тукушто изронува од духот на идното време, „Studio Lacol“ од Барселона.

Ниту едно српско архитектонско студио никогаш не добило „Мис“ за архитектурата на овој момент, но ја доби еден српски архитект за emerging архитектура, онаа што го покажува патот.Тоа е Васа Перовиќ (1965 година, Белград) од љубљанското студиото „Бевк Перовиќ“. Во конкуренцијата од 2007 година „Бевк Перовиќ“ победија со дизајнот за надградба на Факултетотот за физика и математика во Љубљана. Две години подоцна, во истата категорија, emerging architecture, победи хрватското „Studio Up“ (Леа Пеливан, Тома Плејиќ ) со зградата на гимназијата во Копривница.

пре

Факултетотот за физика и математика во Љубљана,  „Бевк Перовиќ“ 

Тоа би било отприлика се што се однесува на официјалните победи на архитектите од поранешните југословенски простори. Не победувале, но влегувале во потесниот избор. Васа Перовиќ и Матија Бевк сега повторно беа во потесниот избор, овој пат за средновековната тврдина во Wiener Neustadt, која ја адаптирале во простор за култура.

Колку агли, толку лакти

Според бројките „Мис 2022“ изгледа вака: Во официјалната конкуренција пријавени се 532 дела од 41 земја. Од нив жирито избра 40 за потесниот круг, а од тоа седум финалисти – пет за „возрасна“ архитектура, две за онаа што само расте.

Жирито е исто така приказна за себе. Не како српскиот идиом „приказна за себе“, да ја открие иронијата дека „сепак се е наместено“, затоа што не е. Не е наместено, само малку навиено. Се прошетува зад аголот од кој тешко се забележува архитектурата на некои географски широчини. Меѓутоа неспорно е дека, во одлуките за „Мис“ од година во година владее извесна преференција за архитектура од Барселона, Шпанија, генерално од романскните култури.

Претседател на жирито сега беше Татјана Билбао, мексиканска архитектка од втора генерација шпански емигранти. Од останатите шест членови, тројца се архитекти од Шведска (Миа Хаг), Австрија (Георг Пендл) и фламанска Белгија (Марсел Сметс). Потоа, тука е естонската историчарка на уметност Трин Ојари, директорка на Архитектонскиот музеј во Талин. Последните двајца членови на жирито се од областа на маркетингот – Британката Франческа Фергусон од културен и Сприос Пенгас, заменик градоначалник на Солун, од туристички маркетинг.

Можеби овде има наведени премногу имиња за еден текст, но архитектурата, одлучувањето за архитектурата, промовирањето и претпочитањето дизајни, материјали и решенија е многу лична работа. Неспорно е дека во краен случај одлучува духот на времето, но во негово име некои луѓе кои не само што носат сопствено знаење и вкус, туку се запишуваат на симболична матрица која физички ќе биде присутна стотици години.

И Барселона како седиште на фондацијата „Миес ван дер Рое“ е симбол. Повеќе од тоа, цел семантички светилник на модернизмот! Германско-американскиот архитект Лудвиг Ван дер Рое (1886-1969) никогаш не живеел во Барселона. Неговиот единствен придонес бил Германскиот павилјон за светската изложба во тој град во 1929 година. И тоа е сè, би рекол некој – кога во европските култури не би постоела континуирана рецепција и восхит, дури и во критиката, за павилјонот во Барселона „Миес ван дер Рое“. Дури и тогаш кога се констатира дека модернистичката архитектура е „надмината“, сепак секој оди на аџилак, со дух или со тело, до тој култен маркер на модернизмот.

ммм

Германскиот павилјон за светската изложба во Барселона во 1929 година

Павилјонот е урнат веднаш по затворањето на изложбата во 1929 година, а деловите биле продадени наоколу како градежен материјал. Најголеми дел, како реликвија на зграда -маченичка, вграден е во локалното саксонско собрание во Дрезден. Останатото, кој знае. Во почетокот на осумдесетти, градот повторно го подигнал павилјонот, еден на еден, според оригиналниот проект и во историските материјали. Тоа бил вовед во создавањето на наградата „Миес ван дер Рое“ во 1988 година, зад која, покрај барселонската фондацијата, стојат Европската комисија и Парламентот со грантови од 80.000 евра.

Наградата „Мис“ е чест и слава. Но, повеќе од сè, тоа е погон на норми, пари, дизајн и естетика. И уште нешто, неостварливо и флуидно, арбитрарна одлука за границата меѓу центарот и периферијата во европската архитектура.

Less is more? Less is bore?

„Grafton studio“ од Даблин ја доби првата награда за Градска куќа (Town House) на лондонскиот Кингстон универзитет. Тоа е „демократски отворен простор“, како што вели австрискиот членот на жирито Георг Пендл на пресконференцијата во Виена минатата среда. Библиотека, сали за танц, ритмика, читање, креативни лаборатории, перформанс, предавања, се под еден покрив.

Атрибутот „демократски“ употребен како опис на архитектурата на ова време има повеќе социолошко и психолошко значење, отколку политичко. Повеќе значи дека на корисниците со измама им е укунато чувството на исклучителност карактеристично за епохата на индивидуализмот, отколку дека на користење добиле објект што е во спротивност со општествената стратификација. Попрво се мисли на креативната лабораторија на новиот колективизам, отколку на топосот на неодамнешниот индивидуализам.

Макетата од изложбата во Виена ја демонстрира сета кршливост и сила на оригиналот од стварноста. Внатре просторот е инфраструктурно неопределен, без бариери, се „отклучува“ вертикално, како што би се рекло за визуелна инклузија на целината. Внатрешноста е лавиринт од волумени кои се отвораат еден од друг како весела стереометрија и никогаш не стануваат независни.

гр1

 „Town House“ во Лондон

Бетонот е сеприсутен, но за разлика од годините на директен брутализам, естетски е сведен на построен полк од столбови и греди. Целата конструкција е обвиткана во транспарентна стаклена мембрана, поради што зградата изгледа како да се претопува со околината.

Колективизам во Барселона

Првата награда во категоријата архитектура која доаѓа ја доби „Lacol studio“ за станбената зграда La Borda во Барселона. Станува збор за проект на збиена, трезвена колективност во која одекнува угодност на младински хостели.

28 станбените единици, организирани се во квадрати од 40, 60 и 75. Становите се поголеми по дух отколку што изгледаат, бидејќи некои функции се дислоцирани во заеднички простории со варијабилна намена, како трпезарија, перална, соби за гости, за спорт, сето тоа прошарано со низа отворени и полуотворени модули за градини, колективни тераси и паркинг за велосипеди. Генерално, велосипедите се растечки елемент во архитектурата. Порано се зборуваше за складишта за велосипеди, сега е дојдено до паркинг за велосипеди. Иднината веројатно се гаражи на повеќе нивоа.

Конструкцијата на La Borda е од дрво, CLT/Cross Laminated Timber, што е градежен подвиг за шесткатна зграда, поради што во медиумите се споменува за рекорд, како највисока дрвена зграда во Шпанија. Делува лесно, како аквариум, попрво за птици отколку за луѓе. Во La Borda трошоците за греење се практично нула, а има уште еден плус – зградата е изградена на општинско земјиште, со цена од 840 евра за метар квадратен.

7

 La Borda, Барселона

Колективизмот како идеологија неспорно стои зад La Borda. Не треба да се заборави, зградата е наградена како патоказ што ја навестува идната архитектура. „Промоцијата на комуналниот модел, во опозиција кон потрадиционалното јавно или приватно, овозможи да се надминат некои ограничувања наметнати на денешната архитектура“, објаснува жирито.

Сигурно „промоција на комуналниот модел“ може да значи многу работи, меѓудругото и фактот дека објектот е на општинско земјиште, или дека купувачите се штитат од неразумните цени на инвеститорите. Меѓутоа, колективизмот, идеологијата на скромност, штедење и откажување од конструкциите на гордоста и пркосот на гравитацијата неспорно одекнуваат од таа реченица.

Поетика на лего коцки

Какви се останатите пет финалисти? Што е најважно и тие израснуваат од идеологијата на скромноста и новиот колективизам.

Во финалето беше, а како инаку, уште еден тим архитекти од Барселона, „Studio peris+toral.arquitectes“. Нивната зграда има необично име, „85 живеалишта, 543 простори, 2172 агли“. Или, станови: 85; соби: 543, агли: 2172.

Ако барселонската La Borda е аквариум, барселонската 85-543-2172 е кошница. Десет илјади квадратни метри на пет нивоа, изградени со 8 и пол илјади квадратни метри дрво од Баскија. Структурата е одредена со ритамот од 3,60x 3,60 метри, колкави што се димензиите на СИТЕ соби без разлика, распоредени како растер без ходници и коридори. Тесниот прстен од заеднички тераси околу централниот двор служи со обиколување, трчање и добро помнење да се пронајде патот до сопственото „живеалиште“, т.е. станот. Трошоците за енергија се ниски, но идеолошката цена висока. Не велам дека идеологијата зад аквариумот и кошницата е лоша, само дека поетиката на лего-коцки е радикално нова кога има намера да ја елиминира осаменоста веќе преку основата. Покрај тоа, таа одбива да го изговори зборот „стан“, и наместо тоа бара синоними од времето на сојаници.

Град во град

„Frizz23“ е проект на берлинското архитектонско студио „Deadline“ (Britta Jürgens + Matthew Griffin). Станува збор за три згради со прекршени волумени поврзани со светкави оплати од црни ленти од јагленосан ариш. Објектот има мешовита намена, во кооперативен однос ги поврзува архитектите-инвеститори и корисниците. Корисници се 32 мали фирми и непрофитни организации кои ја користат зградата како заеднички комерцијален и културен простор.

Резултатот е „град во град“, се вели во образложението на жирито. Јајце во јајце во јајце. Тоа е уште една идеолошка карактеристика што се цени, барем формално, од жирито и панелот. Но, импликацијата е таа, дека сè мора да биде начин на живот, веќе ништо не е само предуслов за живот. „Зградата е во постојан дијалог со корисниците“, смета жирито. Звучи уверливо, единствено што тој дијалог наликува на партиски состаноци во комунизмот.

Во рикверц

„Железничка фарма“ во Париз е проект на архитектонскиот тим Гранд Хуит и Мелани Древет. Солидарна урбана фарма, создадена врз принципите на пермакултура, самодоволен еко-дизајн во затворен круг на производство, пазар и рециклирање. Покрај еколошката функција, објектот поседува уште посилна општествена, бидејќи е наменета за ранети од современиот живот – сиромашни, бездомници, студенти без средства, поранешни наркомани и алкохоличари.

Градежната конструкција е бриколаж (специјалистички термин за „што ќе најдеш“), ѕидовите се изолирани со слама, крововите се направени од необработено дрво. Секој од станарите работи и придонесува според сопствените можности. Имаат оранжерии, продаваат компост, служат како квартовски сервис за поправки.

Звучи идеално и утописки, со тоа што не води напред, туку назад. Тоа е ретроградна револуција која го евоцира периодот на селските старешини и ги распаѓа градовите во концептот на полис и оикос. „Клучните зборови се штедливо, трезвено, технички неразвиено, но затоа иновативно и перформативно“, смета жирито.

„Перформативно“ овде не значи перформанс, туку многу физичка работа.

103 тули

Остварувањето на архитектката Франческа Торзо „Z33“ е  Куќата на современа уметност, дизајн и архитектура во Хаселт, Белгија. Тоа е серија галерии изградени во областа на стариот бегински двор. „Бегини“ од средниот век биле жени во лаички заедници посветени на традиционалните должности на калуѓерките – грижа за болните, сиромашните и гладните. Формално „бегините“ не биле замонашени, но неформално во се го следеле монашкиот живот. Во конкретниот случај таа традиција се чита во високите затворени ѕидови свртени кон улицата, кои кон внатре се разбиваат со мрежа од поголеми и помали градини, „тајни градини“ и неочекувани простори.

„Град во град“ се споменува во образложението на жирито и за Z33. Тулите се распарени поради ефектот opus reticolatum, римска техника на градење со оплати, која оставала декоративни ромбоидни релјефи на ѕидовите. Глина, вар, кал и тули се спојуваат во хибрид со нова зграда од бетон.

Посебен куриозитет: за проектот се користени 103 видови тули.

Тие доаѓаат

Во категоријата архитектура која доаѓа, имаше само уште еден финалист покрај La Borda, училиштето „Енрико Ферми“ од Торино, адаптација и доградба во изведба на архитектонското биро BDR.

Во принцип, новиот дизајн го „издупчил“ приземјето со низа влезови, го отворил и го направил пропусно кон непосредното соседство, притоа преместувајќи ги училниците на кат. Освен функционалните прилагодувања, специфичноста на проектот е финишот на фасадата и ѕидот, кој е изведен во обоен малтер од нееднакво зрно. Таквата завршница не дозволува мазен ефект на единство, туку испраќа порака за скршено, нерамно, нестандардно, на крајот домашно, скромно и прирачно.

Земјата преферира ортогонално

Архитектурата е конфронтативна дејност. Архитектите се индивидуалисти со осуетени божествени амбиции. Затоа е секогаш важно прашањето во кој тренд се гради сега, бидејќи градбите поседуваат временски тоталитет, стран на другите продукти на човековите култури. Идеите, верувањата и куќите се заекогаш, живеат со векови и милениуми, што доаѓа на исто. Во споредба со нив, се друго е сезонско овошје и зеленчук.

Но, колку е „Мис“ поуздан како orakel за архитектурата на иднината? Има и поголеми и постари награди, како што е архитектонскиот Оскар „Прицкер“, или Златните медали на IUA (Меѓународна унија на архитекти), AIA (Американски институт за архитектура) и RIBA (Кралски институт на британски архитекти). Во најмала рака барем е репрезентативен овде за нас во Европа.

„Мис“ е автентичен, освен кога делува како ехо. „Grafton studio“, на пример, за делата што ја вклучуваат и неодамна наградената „Town House“ во Лондон, веќе доби „Прицкер“, „архитектонски Оскар“, пред две години.

граф

 „Town House“ во Лондон

Со изборот на победниците и финалистите, овогодинешниот „Мис“ покажува дека помина времето на визионерската архитектура која дубеше на глава, се виткаше како серпентина, се сложуваше во фалти, продираше и пенетрираше, како тобоган се спушташе по рампи. Беа тоа проекти за глобално општество на индивидуалисти на планетата со неограничени ресурси.

Сега е друго. На расфрланиот куп стереометрија и геометрија, како што е био-музејот на Френк Гери во Панама, веќе чистењето на фасадата се претвора во херојски чин, а до плаќање сметка за енергија сè уште не се ни стигнало!

„Мис“ покажува дека резиденциите стануваат локални, скромни, однапред подготвени за немаштина, штедење и прекаријат. Се јавува нов колективизам, отворен квартовски само кон првото соседство, во суштина затворен и самодоволен. Да се ​​каже дека овие трендови доаѓаат од архитектурата би било неправедно, затоа што денешните архитекти немаат помала смелост и визија од претходните генерации. Добрите архитекти на секоја епоха се секогаш врвни, разликата е само во тоа во која идеолошка основа им е допуштено да создаваат, во кој митски систем духот на времето ги држи како заложници.

Духот на актуелната епохе не сака ново, туку хибриди и адаптации. Тој наредува скромност, демонтажа на индивидуализмот и нов колективизам.

пар

„Железничка фарма“ во Париз 

Знаците одамна стојат на ѕидот. Светот почна да се стеснува и да се собира и пред војната во Украина. Годината 1999., од позиција на глобалистите беше златно доба на глобализмот, со катарзичен момент во бомбардирањето на Србија. НАТО од тоа извлече многу мудар заклучок, како и во свет без глобализам останува потребата од глобалистички контролор.

Тогаш Русија се вознемири. Потоа дојде мигрантската криза како директна последица на глобализмот, бидејќи, ако се е исто, зошто луѓето не би дошле таму каде што е подобро? За да се запре миграцијата, доволно беше некој да каже дека не е се исто, но во ЕУ немаше кој да го каже тоа. Климата на Земјата почна да се менува. Потоа дојде Крим, па пандемијата, па војната во Украина.

Потоа, постапокалиптичен проект, фарма во напуштена железничка станица во Париз, каде што губитниците на глобализацијата продаваат брокули, печурки и компост за да преживеат, замалку да ја добие највисоката европска награда за архитектура.

И навистина ми е жал што не ја доби. Тоа сознание одекнува како плочите што паѓаат од 45 степени закосената фасада на Заха Хадид во кампусот на виенскиот Економски факултет.

Планетата Земја преферира ортогонална архитектура.

Автор: Весна КНЕЖЕВИЌ

Извор: РТС

Испрати коментар

Scroll To Top