Насловна / Архитектура / На Пресветата Мудрост се ѝ е јасно

На Пресветата Мудрост се ѝ е јасно

Петнаесет векови старото христијанско светилиште, црквата на Пресветата Мудрост во Истанбул никако да го најде својот мир. Сместена е веројатно на најубавото место, единствениот град на светот кој се простира на два континента, град кој предизвикува стравопочит и воодушевување, кој заробува и заведува кога прв пат ќе го видите, кој поседува магија и ве тера секогаш да му се враќате, повторно и повторно, нудејќи ви сè повеќе и повеќе. Но, човек да се запраша дали овој величествен и прекрасен град кој отсекогаш сите посакувале да е нивни, па макар и потајно, за Аја Софија е предност, или некој вид проклетство на убавината?

2.7.Haghia-Sophia_resize

Црквите ги следат, како сенка, судбините на градовите, па така и на луѓето. Низ историјата, случувањата и превирањата, подемите и падовите, победите и поразите, среќата и тагата, одат рака под рака со судбините на црквите. Црквата на Пресветата Мудрост, сместена на најпосакуваното место на светот, во градот кој многумина го чувствуваат свој е можеби најизразениот пример. Аја Софија стамено стои повеќе од 1500 години, нè набљудува, живее со нас, сочувствува, се радува и тагува, достоинствено ги поднесува сите напади и со сета своја мудрост и наталожено искуство се чуди на човековата глупост. На Пресветата Мудрост се ѝ е јасно, таа знае дека повторно ќе биде искористена во политички цели, но знае дека луѓето се минливи, а таа е тука засекогаш. Затоа е толку голема, таа е и тука кога и нас нема да не биде.

18-Hagia-Sophia-750x536_resize

Мудрата Аја Софија знае дека е направена да биде христијанска базилика и дека е бисер роден во Византиското Царство или Источното Римско Царство, термин кој се користи да се опише хеленизираното поделено Римско Царство. Византијците себеси се сметале за Ромејци, зборувале грчки јазик, кој бил доминантен во регионот уште од времето на хеленизмот. Во тек на средниот век развиле сопствена култура базирана на трите основни столба, класично античко наследство, христијанска религија и грчки јазик. Царството доживеало многу подеми и падови, а и Аја Софија заедно со него. Од времето на завршување на градбата 537 па сè до 1453 година, служела како православна соборна црква, освен помеѓу 1204 и 1261 година, кога е претворена во католичка црква за време на Латинското Царство. Значи Аја Софија е навикната да ѝ ја менуваат намената и мудрата црква не е изненадена. Таа својата космополитска улога ја знае, истата онаа која секогаш ја имала, ги собира луѓето, ги прима во своите пазуви, ги ориентира, штити и го сочувала и го предава своето духовно наследство на сите народи.

Hagia Sophia and visitors

Последната христијанска молитва во Аја Софија почнала веднаш по залезот на сонцето, во понеделник, 28 мај 1453 година. Тогашниот цар на Византија, Константин IX Драгаш им се обратил на војниците, бранителите на Константинопол: „Постои време кога човек мора да биде спремен да се бори за својата вера, држава, семејство или суверен. Денес, сите четири причини се присутни. Вие, моите поданици кои сте потомци на Грци и Римјани, мора да ги надминете своите предци. Мора да се борите и жртвувате без страв, бидејќи живеевте во голем град и сега ќе загинете бранејќи го“. Царот, кој ја симнал царската одора, освен пурпурните чизми, и облекол војничко одело, стигнал во Аја Софија час пред полноќ и се молел за спас на царството. Но, молитвите не помогнале и утредента, 29 мај, Мехмед Освојувачот јавајќи на коњ влегол во Аја Софија со својата војска и наредил да се погубат верниците и црквата да се претвори во џамија. Еден муслимански духовник го изговорил шехадетот: „Нема друг Бог кој е достоен да се обожува освен Алах и Мухамед е Божјиот роб и пратеник“. Со тоа отпочнал процесот на конверзија на ова Јустинијаново наследство од соборен храм во исламски верски објект. Султанот Мехмед доградил и едно минаре и во неа лично се молел на Алах. Биле тоа ѕвездени моменти на младиот султан. Уништувајќи го Византиското Царство, станал „господар на светот“ со тукушто наполнета 21 година. Тој бил борбен, храбар и мошне образован, веднаш ја видел вредноста на Аја Софија. Импресиониран од величественоста на храмот, султанот долго замислено чекорел по пустите одаи. Видно инспириран рецитирал во храмот персиска поезија. Го сфатил значењето и вредноста на Аја Софија и претворајќи ја во џамија сакал уште повеќе да ја покаже својата моќ.

640px-Benjamin-Constant-The_Entry_of_Mahomet_II_into_Constantinople-1876_resize

Оттогаш во Аја Софија муслиманите полни девет века се поклонувале на Алах, сè додека на власт не дошол Мустафа Кемал Ататурк. Најголемиот реформатор во исламскиот свет веднаш сфатил дека не може да се доближи на Западна Европа со тој средновековен багаж. Ја поправил историската грешка, но и тој не се осмелил да биде чесен до крај, бидејќи се плашел од реакциите на домашните исламисти. Смислил компромис и на 24 ноември 1934 година Аја Софија ја претворил во музеј. Многумина Турци тоа и ден денес не му го простиле и го обвинуваат за национално предавство.

Како и во времето на Византијците и Османлиите, народот не го сметал царскиот/султанскиот кандидат за легитимен суверен, доколку не обезбеди некоја престолнина или област која ќе се смета за светска моќ и престиж.  Султанот Мехмед Освојувачот тоа го постигнал со освојувањето на Цариград, а денес, претседателот на Турција, Ердоган со потпишаниот декрет да се поништи одлуката на Ататурк и „врати наследството“ на турската нација, која 86 години чека да слушне повик за молитва од доградените минариња на Света Софија. Па така 567 години по падот на Константинопол, во Аја Софија повторно е одржана молитва и повторно е прекршено правилото во овој музеј. И Султанот Мехмед и претседателот Ердоган воодушевени од убавината на Аја Софија, одлично знаејќи дека христијанството го погодуваат во срце се подзабораваат, бидејќи целта не ги бира средствата во желбата да се покаже моќта. Аја Софија, уште перед раѓањето на Мухамед (околу 570. година) и пред во пештерата да го посети ангелот Гаврил (610. година) повторувајќи му дека Бог е еден, знаела и за Гаврил, и за Бог, и за молитва, и знаела дека е божји храм. Во земја во која половина од 82 милиона жители се помлади од 30 години, оваа одлука која ја донесе Државниот совет, највисок административен суд во Турција, може да има значајно влијание на турската политика во иднина.

EdSb28oXgAUYrnO-690x1024_resize

Турција од 1972 година е потписник на Конвенцијата за светско наследство. Од УНЕСКО изјавија дека ќе извршат ревизија на статусот на Аја Софија, по нејзиното прогласување за џамија. „Жално е што одлуката на Турција не беше предмет на дијалог, ниту претходно известување. УНЕСКО ги повикува турските власти без одлагање да отворат дијалог, за да се избегне чекор наназад од единствената вредност на ова извонредно наследство, чие зачувување ќе биде предмет на ревизија на наредната седница на Комитетот за светско наследство“, се наведува во соопштението на оваа организација на ООН.

Аја Софија е пријавена во УНЕСКО и ставена на листата културно наследство од 1985 година, како дел на сериски упис, не само како Аја Софија, не како поединечно културно наследство. Деликатноста е во тоа што тој сериски упис всушност значи – историски споменици на Истанбул и невозможно е Аја Софија да се издвои посебно.

41449_resize

Од друга страна, друга деликатност на прогласување на ова наследство за џамија е во тоа што во Конвенцијата за светско наследство од 1972 година не стои намената на ниту едно наследство. Во Конвенцијата, УНЕСКО не специфицирал со која намена ќе биде некое наследство. Тоа е исклучиво право на одлучување во државата на која некое наследство ѝ припаѓа. Поради тоа и ова се случи, реакциите се прилично благи. Ова е нешто што треба да го возбуди целиот свет, имаме историско наследство кое е симбол на врската меѓу мистичниот Исток и пресметаниот Запад, кое всушност е запишано како музеј, а сега се претвора во џамија.

УНЕСКО предупреди дека овој настан ќе ја возбуди меѓународната јавност и ќе се обиде со некои механизми да ја убеди Турција да ја промени одлуката. Но тоа нема да биде лесно, законска препрека во смисла музеј да се претвори во џамија не постои. Доколку УНЕСКО би посакал да ја симне Аја Софија од листата тоа би бил скандал над скандалите – не би можел ни да ја симне само Аја Софија, бидејќи е сериски упис, постојат и други историски споменици на Истанбул кои заедно со Аја Софија се ставени на листата и тоа не може да се направи. Ова и не е прв случај на пренамена на објект. Минатата година византиската црква Хора – Светиот Спасител во Истанбул исто така е претворена во џамија. Црквата мала Аја Софија во Никеа, која исто така била музеј во 2014 година е претворена во џамија. Ова само покажува дека единствено со превентивни работи може нешто да се промени.

hagia (1)_resize

Во меѓувреме Европската Унија се однесува исто како кога требало да му  испрати помош на царот Константин во битката за Цариград, нејзините бродови никогаш не стигнале, зафатени со меѓусебните војувања. Па така министрите за надворешни работи на Европската Унија ја критикуваа Турција и изразија жалење поради промената на статусот на Аја Софија. Руската дипломатија оцени дека пренамената на Аја Софија од музеј во џамија е внатрешно прашање на земјата. Американскиот државен секретар изјави: „Ја повикуваме Владата на Турција да продолжи да ја одржува Аја Софија како музеј, како пример на нејзината посветеност на почитување на верските традиции и разновидната историја“. Папата за време на неделната молитва на Плоштадот свети Петар изјави: „Моите мисли одат во Истанбул. Мислам на Аја Софија и многу сум повреден“. Руската православна црква изрази жалење што турскиот суд не ја земал предвид нивната загриженост кога ја донел пресудата и дека таа може да доведе до уште поголеми поделби. Вселенскиот патријарх Вартоломеј вели: „Претворањето на Аја Софија во џамија ќе разочара милиони христијани ширум светот. Промената на статусот „ќе ги разбие овие два света“ во време кога на човештвото му е потребно единство повеќе од кога било поради пандемијата“. Грција е најгласна: „Ова е историска грешка и меѓународната заедница мора одлучно да реагира. Ова не е прашање меѓу Грција и Турција, ова е глобално прашање и тоа е она што непрекинато го истакнувавме, и пред и после одлуката на Ердоган“.

Consilium and Presidency of the Council - Co-branding

Турските официјални лица мислењата не ги интересираат, тие сметаат дека е тоа прашање на националниот суверенитет и велат: „Не ни треба ничиј совет, ниту препорака за нашите работи“.

Донесувањето на одлуката некогашниот христијански храм, повторно да стане џамија само го потврди и понатаму доминантното правило на колективната свест во светот – сè што е во интерес на мојот народ е правда.

Ништо ново во остварување на своите цели, верниците и војниците не почитуваат правила, ниту се осврнуваат на моралните норми. Така е откако е светот и векот.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top