Насловна / Вести / Мал ринг – мала бара многу крокодили

Мал ринг – мала бара многу крокодили

Во просториите на Општина Центар се одржа јавната презентација по Предлог – детален урбанистички план Градска четврт Ц 01 – Мал ринг 1, Општина Центар – Скопје, плански период 2019 – 2024. Мал ринг, повторно ја бранува јавноста и повторно е изработен од истата планерска куќа „ИНПУМА“, како и сите претходни скандалозни мали рингови.

Приказната започна во далечната 1993 година со распишување конкурс трагајќи по идентитетот на градот и завршува со недоделување на првата награда, туку на втора и трета. Второнаградениот труд во 1997 година се изработува како ДУП за кој постојат и тогаш полемики во стручната јавност. Голем дел од површините за градење се вклучени во наредните планови. А наредните планови во период од пет години (2007 – 2012 година)  со разни измени и дополни се изработени ни помалку ни повеќе девет, од кои три само во 2012 година. Во меѓувреме се направени и законски измени за да може да се реализира целиот ужас на проектот „Скопје 2014“, да биде легализиран криминалот и на крај да се најдеме во оваа состојба, наизглед безизлезна.

mal_r2_resize

1993

Предлог-ДУП Мал ринг повторно ја бранува јавноста. Советничката Јана Белчева-Андреевска, достави до градоначалникот на Општината, до Комисијата за урбанизам и до Советот на Општина Центар, барање ДУП „Мал ринг“ да биде повлечен, одново стручно разгледан, а анкетата пред јавноста да биде одложена за периодот по септември 2020. Белчева-Андреевска изјави: „Ќе ги набројам само кусо објектите за кои се отворени постапки и дискусии, но сè уште се дел од планот. Тоа се: „Шпански скали“, меморијалниот објект „Мајка Тереза“, катната гаража во зеленилото зад Собранието, сите споменици од „Скопје 2014“, објектите во коритото на Вардар, па дури и онаа спорна ќебапчилница пред хотел „Холидеј Ин“.

Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ испрати писмо до градоначалникот и до претсетадателката на Советот на Општината, каде меѓудругото се вели: „ААМ бара да се повлече и преработи предлог-планот каде се планирани истите објекти кои беа спорни и во претходниот криминален  план со кој беше овозможена изградба на објектите од таканаречениот проект „Скопје 2014“. Во прилог на писмото е и Декларацијата на ААМ од март 2010 година за проектот „Скопје 2014“.

Во планот суштински не е многу променето – да се сруши „Скопје 2014“, но за ваков радикален потег очигледно е дека расположение нема. За да се случи тоа треба Владата, удобно сместена во преобликуван објект, да заземе став (став нема) и решително да застане зад таа одлука.  Но и според она што го велат од Општина нема ни правна можност. Овој проект е веќе легализиран криминал и уништување на градот. Останува дилемата што е она што може да се спаси, бидејќи, како сега стојат работите очигледно е дека проектот „Скопје 2014“ ќе ни остане. Очигледно е дека има недоверба меѓу граѓаните, струката, институциите, а и дека Општината е заглавена во институционалните и правни лавиринти. Градоначалникот вели дека сите само зборуваат, а не прават ништо. Тој изјави: „Токму затоа и инсистираме на јавна расправа за предлог-планот и дадовме можност да се отворат дискусии, токму затоа што сите се прават мутави“ и додава „се формираа комисии, но никој не става потпис, никој не носи правен акт“. Тој вели дека успеал да го поништи одобрението за „Шпански скали”, поднесени се до ОЈО 29 кривични пријави поврзани со проектот „Скопје 2014“ и покренати се обвиненија и додава: „Во фиоки со години се чувале предмети, и откако кажав дали треба градоначалникот да се самозапали за некој да реагира, тогаш ме викнаа во Обвинителство, ајде да го отвориме тој предмет. Намерно го употребив тој збор оти сите седат, држат предмети во фиока, а никој не презема ништо“. Највеќе бура предизвикува градежната парцела за „Шпанските скали“ и започнатиот споменик на „Мајка Тереза“. Градоначалникот вели дека за градежната парцела се води судски спор и само доколку е тој завршен и решението е правосилно може од ДУП да се избрише површината за градење, сè дотогаш таа површина мора да остане во планот.

mal_r_resize

Предлог план 2020

Искрено не гледам што многу ќе се спаси доколку овие два споменати објекта ги нема во планот, а другото сè остане исто. Во меѓувреме и Град Скопје изработил физибилити студија, доставена од раководно лице во Градот, кое претходно беше началник за урбанизам во Општина Центар и го спроведуваше планот за „Скопје 2014“. Замислете, студијата предлага од сите улички кои водат кон плоштадот со рампи ќе се влегува во подземен паркинг, а во меѓувреме за подземниот паркинг под зградата на Телеком, како и во моментов, ќе се вози по „Кеј 13 ноември“.

Предлог-планот прави измени, поповолни од претходните, но козметички, нежни, онаму каде не се задира во отстранување на објектите и спомениците. И тоа, ќе повторам, Општината не може да го направи сама, без поддршка од државата.

Дали Општина Центар сака на мала врата да ни го протне и потврди проектот „Скопје 2014“ јас не знам. Бев една од четирите архитекти на јавната расправа и мојот впечаток е дека се обидува нешто да направи, но повеќе од ова не може. И да се префрлеше јавната расправа, како што е барано во септември, не гледам разлика, дека нешто драматично ќе се променеше. Дека Општината требаше да организира расправи и дискусии пред да објави јавна расправа, со архитектите и сите институции кои се дел од процесот, вклучувајќи го и судот, да, требаше. И дека Мал ринг треба да се изземе од останатите планови и третира посебно, треба. И треба да се дискутира онолку колку е потребно да се дојде до решение. Мал Ринг, а и останатите планови кои се од прв до последен спорни, не може и понатаму да бидат дел од јавна набавка и изработувани, ревидирани и одобрувани од истите луѓе кои ги создале, речиси непремостливите проблеми. Она што во моментов е важно да се знае е дали е државата спремна да го реши радикално проблемот со „Скопје 2014“? Ако не е, а изгледа дека не е, тогаш овој предлог-план „џабе кречи“.  Изработка на нови планови може да прави само внимателно избран обемен тим од планери, архитекти и останати инжери со единствена задача, изработка на планови и рок за нивно завршување. Во меѓувреме мора да се разговара и да се отворат сите карти. Од лично искуство, како поранешен претседател на ААМ знам колку е тешко и невозможен е резултатот кога не се разговара со институциите, кога на апели остануваат глуви, а повици за разговор се игнорираат. Единствено позитивно од овој план е што се поттикна дискусија, бидејќи досега се молчеше. Разговарањето можеби нема да придонесе за подобар план, сугестиите од стручната јавност нема да се земат во предвид, можеби е само парада на надлежните, можеби е задоцнето. Но, со неразговарање тоа никогаш нема да го дознаеме, ноншалантното игнорирање, „нема за што да разговараме“, сигурно не дава резултат. Има многу за што да се разговара, сите дофрлања од далечина и препукувања остануваат само на претпоставки, а коментарите се произволни, недоречени, паушални, необмислени. Распишување меѓународен конкурс е нешто што го прави цивилизираниот свет, но за да може да се спроведе потребно е да се добие цивилизирана подлога, имотно- правно расчистена, проектна програма која прецизно ќе каже што е она што сакаме да го добиеме во центарот на државата. Сè дотогаш сè е само парола. Искрено се надевам дека овој предлог-план ќе ја размати малата бара со многу крокодили, досега мудро се молчеше и кукавички чекаше да помине време, веројатно со надеж дека „Скопје 2014“ ќе го подзаборавиме, во меѓувреме ќе се навикнеме и секогаш ќе имаме поважни проблеми за решавање, за на крај да станеме рамнодушни, да ни биде сеедно и го прифатиме единственото понудено, да ни остане.

Испрати коментар

Scroll To Top