Насловна / Вести / Младиот овчар, боровинки и спокој на Шара

Младиот овчар, боровинки и спокој на Шара

Од другата страна на градот има поинаква реалност, за која многумина не се ни свесни дека постои. Ако за некои секојдневие е седење во кафулиња, одење на работа низ сообраќаен метеж, шетање низ скопските улици, за други е терање стада овци на 2.000 метри надморска височина, пиење изворска вода и јадење диви плодови. Скоро осумдесет проценти од територијата на Македонија е покриена со планини, со стотици врвови над 2.000 метри надморска височина. На колку од нив сте биле вие? Искрено, јас не на многу, сега почнувам да ја откривам земјава. Мора да признаам дека секогаш кога ќе се најдам пред некој неверојатен планински пејзаж, стојам засрамено што досега го немам видено. Без никакви наметнувања, секој од својата перспектива за тоа што е убаво, но за мене, Македонија нема да има смисла без откривањето на планините. Затоа решив да раскажам за еден таков ден на планина, една недела пред да стапи во сила забраната за движење низ шумите.

011_resize

Шест часот наутро, Скопје е празно, улиците чисти, а ние одиме во правец на Тетово со цел да го искачиме Бистрички врв на Шар Планина. Шара е една од најголемите и највисоките планински масиви во Македонија, сместена во северозападниот дел на земјата, а од неодамна и со статус на национален парк. Пред нас имаме предизвик – врв од 2.657 метри надморска височина и околу 28 километри или повеќе од 8 часа пешачење. За физички поспремните ќе биде некој час помалку одење, во секој случај, тура која не е за потценување.

05_resize

Поминуваме низ неколку тетовски села, и веднаш по село Лешок стигнуваме до село Брезно, кое е на 938 метри надморска височина и од каде почнува нашата тура.  Живописно мало село, камени куќи и фантастичен поглед. Мојот сопатник Миле, кој е во одлична форма за качување, на прсти ја знае Шара и е водич на оваа мала експедиција. Вели дека последен пат бил на истава тура пред многу години и со радост се сеќава на тоа што нè чека. Почетокот е питом, минуваме низ шума и длабока сенка, идеално за загревање. Имам чувство дека сум во тропска шума, извори ечат од сите страни. Папрати, кантарион и мајчина душица има секаде.

06_resize

Врвот го добил името Бистричин бидејќи се наоѓа во подножјето на Бистричка Река, која се влева во уште една река – Чаушица. Спојот на овие две реки е всушнот крајот на рамниот шумски терен. Оттука почнува тешкиот дел – искачувањето. Патот е широк и очигледно пробиен до првото бачило. Миле се сеќава дека вака не било пред неколку години. Двајцата се сложуваме дека е штета што дел од коритото на Чаушица е поткопано, а очигледно е дека има и сеча на дрвја. Продолжуваме трпеливо, а сонцето станува сè посилно.

09_resize

Уморот ме совладува, ама не се давам, правам кратки паузи и му верувам на Миле кога ќе рече имаме „уште малку“ до бачилата. И конечно сме таму – не пречекува љубезното лице на овчарот и нè нуди со ладна изворска вода и храна. Тој вели дека има стотици овци пуштени по падините на Шара, за некој час, ќе оди да ги собере. Ние продолжуваме, сакаме да стигнеме до целта побрзо. Второто бачило не е на големо растојание од првото и не сум сигурна на која надморска височина е, ама оттука почнуваат падините со боровинки.

010_resize

По пат береме и јадеме колку што ни дозволува времето. Почнува да станува стрмно, до врвот има уште многу. Миле е веќе видно побрз од мене и за него врвот е „уште малку“. Се тешам дека е така. Целта се гледа, не ни преостанува ништо друго освен да одиме, молчиме и тивко да се радуваме што сме тука – во овој сосема друг, спокоен, неизвалкан свет, каде сè функционира во совршена хармонија. Конечно врвот Бистрички! Има неколку други планинари од Косово, кои дошле од косовска страна. Меѓу нив и  десетгодишно момче, останатите му аплаудираат. Јас сум изморена и веднаш заспивам. Нема поубава дремка од дремка на 2.657 надморска височина. Во меѓувреме, Миле качи уште еден врв – Пескови на 2.601 надморска висина. Веднаш потоа се спуштаме надолу, одиме брзо. Пред нас огромно стадо овци и кучиња во придружба на Петрит од село Теарце. Вели дека има 12 години и дека работи како овчар.

07_resize

„Работам летно време и имам месечна плата. Терам стадо од 500 овци. Убаво ми е. Вака му помагам на моето семсјтво“ – вели Петрит, а јас не можам а да не помислам на сите негови врсници кои се постојано на социјалните мрежи ослободени од секакви обврски. Петрит е искрен и мил, ни покажа точно каде се наоѓаат најубавите боровинки за да набереме за дома.

02_resize

Радосно се отпоздравуваме и продолжуваме. Симнувањето е секогаш полесно од качувањето, барем за мене. Со милина во срцата се спуштаме надолу и мислиме на едно – каде има највкусна храна во овој крај. Миле ги знае сите кафеани и рибни ресторани во тетовските села. Одиме во правец на село Беловиште, среќни што зад себе имаме ваков ден, ден што ќе се памети.

04_resize

08_resize

03_resize

013_resize

 

Испрати коментар

Scroll To Top