Насловна / Архитектура / Министерот без соговорници за конкурсот за новата Градска болница

Министерот без соговорници за конкурсот за новата Градска болница

Останаа уште пет дена до истекот на рокот на конкурсот за Градска болница во општина Аеродром. После некои реакции во медиумите, спорадични и паушални изјави и „one man show“ настапи, по којзнае кој пат ни се повторува истата приказна.
Архитектите со децении се изложени на непочитување и омаловажување на инженерскиот труд. Ова одамна не е тајна. Архитектите веќе ништо не може да ги изненади, ентузијазмот е одамна спласнат и не може да биде критериум при изработка на проект. А знаеме дека архитектурата не е само убава слика (најчесто на хартија), нејзината крајна цел е изградениот објект и тоа е единствената вистина. Се помеѓу може да се дебатира, анализира, мислењата да се согласуваат или не, но најважен е конечниот производ. Реакцијата по повод конкурсот за Идеен проект за новата Градска болница во општина Аеродром, изнесување на ставови, а уште повеќе дебата се здрава и потребна работа за изработка на објекти, особено специфични и комплексни во својата функција и намена, а се од капитално значење за државата. Забелешките на архитектите беа во поглед на формата – рокот и цената за изработка на Идејниот проект. Но и за суштината – квалитетна и прецизна Проектна програма која е предуслов за добар проект, а тоа значи и добар објект. Ова е тоа што мора да го знаеме, но за жал не го знаат сите архитекти.

majcin1

Во се уште непроменетиот Закон за градење се вели:
Член 48-а
(1) Идеен проект е збир на меѓусебно усогласени графички прикази и документи
со кои се утврдуваат основните облици, функционалните и техничките решенија
на градбата и се прикажува поставеноста на градбата во локацијата и истиот се
изработува врз основа на изводот од урбанистичкиот план, планската
документација, односно проектот за инфраструктура.
(2) Идејниот проект во зависност од сложеноста и техничката структура на
градбата, може да содржи и други нацрти и документи од значење за изработката
на идејниот проект (опис на технолошката постапка и технолошка шема, опис на
примена на одредена технологија на градење и слично).

logo-bjn

Да не должам повеќе, идејниот проект понатаму може да се достави во општина на одобрување. Тој треба и мора да биде изработен на ниво за да претставува подлога за понатамошна разработка како би се изработил проект со сите фази кој ќе служи за изградба на објектот.
Многу пати до сега сме имале лошо искуство со распишани конкурси за капитални објекти. Понудените програми, катастрофалните урбанистички решенија и конкурси резултираа главно со 3Д рендери и направија многу проблеми при изработка на проектите за изведба и премногу анекси на проекти. Многу од овие проекти често ги менуваа проектантите, фирмите кои ги изработуваа, програмите се менуваа во тек на градба, функционалните решенија останаа недоречени. Некои објекти се изведоа, најголем дел со лош квалитет и функција и апсолутно урбанистички погрешно поставени. Проблем претставува и нивното одржување, а некои не успеаа да се донесат ни во фаза за изведување. Речиси сите објекти финансирани од државата почнаа преку слични конкурси, речиси на ниту еден од нив авторите не се проектанти на основните и изведбените проекти и сите се доработувани со анекси. Ова ни се случи со многу конкурси: Филхармонија и Турски театар, Основно училиште во општина Центар, Археолошки музеј (изработен за Градска куќа, Офицерски дом, па потоа преработен и префрлен на друга локација), болницата која требаше да биде во склоп на Клинички центар, новиот објект на НБРМ, Универзална сала и многу други.

мдом
И конкурсот за новата Градска болница е распишан на сличен начин. Проектната програма е непрецизна, рокот е краток, парите се малку, урбанизмот е погрешен. Првонаградениот автор евентуално ќе добие шанса да го работи Основниот проект. Најверојатно за мали пари. Или, пак, ќе го добие некоја поголема градежна компанија, која за разлика од проектантските бироа може да приложи банкарска гаранција и број на вработени архитекти и инженери, на електронска аукција каде пресудна е најниската цена. А нема да биде изненадување работата добиена на овој начин да треба и функционално и технички да се преработува. И поради проектот со кој ќе располага и поради непрецизната проектна програма и поради лошите услови на локацијата. Конкурс распишан на начин како за Градска болница евентуално може да послужи како претпроект за формирање на прецизна проектна програма, но тој за жал е распишан како конкурс за Идеен проект. И тоа на локација во станбена зона, густо населена, со пристапи преку пренатрупани паркинзи наменети за станарите, веднаш до површина за градење на станбена зграда за која грубо пресметано потребен е паркинг за минимум 250 возила и пристап за нив и згора на се, на помалку од 500 метри од спортска сала без паркинг која создава сообраќаен колапс.
Реакцијата на министерот дека е спремен за дискусија е за поздравување. По подолго време ова е прв пат да се земе предвид реакцијата на архитектите. Сите сме свесни дека средствата не се неограничени, дека објектот е скап и значаен и дека овој тип објекти се прават еднаш во 50 години. Затоа треба внимателно, стручно и мудро да се пристапи кон избор на локација со сите претходни сообраќајни анализи и изготвување на Проектната програма. Потоа откако ќе се одбере соодветна локација и ќе се прецизира каков прект е потребен ќе се разговара и за рокот и за цената на проектирање. Дали е малку 12 денари квадрат, а доволно 24 денари? Некои архитекти велат дека „не може на ист начин да се бараат вреќа компири и архитектонско решение“ и додаваат дека наградата би требало да биде околу 10.000 евра. Добро ќе беше ААМ или Комората на архитекти и инженери да формира работна група составена од архитекти, проектанти со искуство во изработка на објекти од областа на здравството, која ќе соработуваше со министерството во составување на програмата, рокот и надоместокот за проектот. А најдобро ќе беше ААМ да побараше да го организира и спроведе конкурсот. Но, Комората се однесува како ништо да не се случува, а ААМ испрати допис до министерството за продолжување на рокот и зголемување на наградниот фонд. Одговорот се исчекуваше и требаше да биде проследен до членовите, но очигледно тој изостана. А во меќувреме министерот остана бес соговорници од архитектонската фела. Вака распишан конкурс може да биде евентуално концепт, претпроект, еден вид анализа и на локацијата и помош за формирање прецизна програма и анализа за урбанистички издржана локација. Меѓу архитектите точно е дека постоеја и постојат несогласувања и различни толкувања. И тоа е разбирливо и потребно. Некои сметаат дека сега е подобро, со образложение дека барем е распишан конукрс и наградените ќе добијат можност да преговараат за понатамошна работа на проектот. Но и претходните конкурси беа распишувани на ист начин, а често проектите беа готови и пред распишување на конкурсите, разликата е само во тоа што овде не е наметнато архитектонското обликување, во останатиот дел се е исто. Наместо да ја искористиме подадената рака на министерот и бар да се обидеме да формираме работна група која ќе разговара ние и пет дена пред истекот на рокот си молчиме. Сега ни останува само да се надеваме дека нема да ни се појави некој нов Жарко Чаушевски. И дека нема да треба повторно да раегираме, а по обичај веќе ќе биде доцна.

ареод
Во меѓувреме министерот за здравство гостувајќи на” Топ тема” го избегна прашањето за соодветноста на локацијата наменета за болницата велејќи дека е така предвидено со ДУП-от , што е точно. Но главниот акцент на кампањите на сите политичари е справување со лошиот урбанизам, а и врапчињата веќе знаат дека ДУП-овите не се добри. Но тој е лекар, не може и не треба да знае архитектура. Но затоа како што самиот вели во спроведување на конурсот за болницата, активно биле вклучени членови на ААМ. Тој додаде дека средствата за наградата се релативно скромни и дека смета и на ентузијазмот на архитектите. Архитектите знаат дека сме ние сиромашна држава, но знаат и дека во справување со ваква сложена задача потребни се искусни професионалци, а не ентузијасти, за да не излезе на крај “сиромавиот два пати плаќа”.
Во истата емисија говорејќи за новата Клиничка болница изјави дека објекти од здравство се проектираат и димензионираат согласно точно утврдени постапки, економски анализи на технологии, врз основа на тоа колкав простор е потребен за услугите на пациентите, број на кревети. Вели дека тоа се објекти кои треба да служат во наредните 50 години и треба да бидат функционален апарат кој ќе биде интегриран и ќе функционира како хомогена заедница. Дека ова е процес за кој е потребно време, но вреди да се почека за да не се избрза со несоодветно решение. А јас би додала и несоодветно место. Токму истото што е неопходно и за Градската болница. Останува дилемата зошто работната група која го советувала министерот за конкурсот за Градската болница барем не препишала од она што е неопходно за Новиот клинички центар, зошто избрзала? Беше направен обид и посочено во Порта3 како се изработува проектна програма за болница, министерот изјави дека е спремен да разговара, но остана изгледа без соговорник. И уште една дилема дали ние архитектите имаме премногу путер на глава, па грешките со децении ги повторуваме, а работите никогаш не ги истеруваме до крај.

Испрати коментар

Scroll To Top