Насловна / Вести / Лет во место или нова надеж за Скопје

Лет во место или нова надеж за Скопје

Во минатиот број темата беше за капиталните инфраструктурни проекти во државата. Овој пат ќе се задржам на градежните проекти во Скопскиот Регион, како најдинамичен и економски најинтересен за секој инвеститор, домашен или странски. Што се гради и што ќе се гради во идниот период. И секако колку сме ние како градежна фела способни да ги реализираме квалитетно и навреме големите проекти кои следуваат во главниот град.

Но пред тоа еден мал вовед, што се случуваше со Скопје во минатите децении.

Скопје -  приказна за себе. За сите овие години не успеавме да најдеме решение,  за според мене, еден од најголемите проблеми за севкупен развој на државата -  прекумерниот и неконтролиран во секој поглед, раст на главниот град во станбени единици и градби, а за сметка на забрзаното исчезнување на провинцијата. Урбанизмот во Скопје е одамна мртов, а особено со затворањето на Градскиот завод за урбанизам, кој во свое време ја имаше главната проектанска, независна и  регулаторна дејност. Дозволивме тоа да го преземат приватните фирми и фирмички, кои во содруштво со политичките – партиски  елити и сомнителни бизнис-интереси, го  нападнаа секој слободен и зелен простор особено во централниот дел/ Центар, Карпош, Аеродром, Кисела Вода /. Сè беше подредено на станбената градба, без задоволување на основните услови за урбано живеење.

4H5A9482

Пред неколку години се појави убава надеж кога градоначалникот на Центар со Мораториумот се обиде да ја стопира изведбата по старите и нехумани урбанистички планови. Новопечените градежни фирми, кои изникнаа како печурки по дожд во десетлетието пред тоа, одеднаш се расплакаа над својата „тажна судбина“ и заборавија што сè сторија против градот и урбанизмот во него – станбените населби од типот на „касарни“/ Стар Аеродром /, комплексите низ  Кисела Вода, Водно, Капиштец, Дебар Маало и Карпош…/, со непоправлива штета за урбаното живеење во големиот град.

Како да единственото можно и исплатливо градилиште во државата е централното подрачје на Скопје. За жал добрата намера на градоначалникот пребавно се реализира, што придонесе повеќе проекти во централното подрачје да застанат, што секако не беше добро за градежниците. Со одлука на Уставен суд се укина и Мораториумот и се отворија старо-новите рани на можно градење без усул. Сепак се надевам, со зголемен притисок на пред сè стручната, но и на пошироката  јавност, дека ќе се најде заедничко решение со инвеститорите, за да наредните урбанистички решенија бидат за доброто на сите, сè со цел да се обезбеди хумана и здрава средина за живеење во  постојниот урбан хаос на Скопје…

IMG_20210522_110018

Во последните неколку години, а особено во последните 2 – 3, забележлив е рапидниот изведбен елан што го форсира актуелната градска управа, во изведбата на сите нови булеварски решенија и обнова на постојните, како и многубројните помали улици од локален карактер. Мора да се признае дека притоа проектанските идеи, /а можеби и изведбата/, се на високо ниво со сите потребни инфраструктурни, пропратни содржини, што ги задоволуваат потребите на граѓаните, како возачи и особено како велосипедисти и пешаци, со поприлични зелени површини и нови садници. Сообраќајниот хаос во Скопје тешко се поправа, но сепак на повидок се надежни –  постапни решенија за истиот.

Кога ќе се погледне пак списокот на фирми што изведуваат проекти од нискоградбата,  улици, булевари низ Скопје, а тоа се десетина, испаѓа дека секој може да биде изведувач. Па кај се сега тука тие критериуми и услови за тендерски учества. А после година,  две се чудиме како е можно да ни се јавуваат аномалии по булеварите и улиците, па повторно да се поправаат итн. Или можеби овој пат ќе згрешам во негативното претчувство, што позитивно би ме изненадило. Во секој случај и во идните планови за развој на Скопје се планираат главно нови и обнова на постојните градски и приградски булевари, што полека градот го прават и поевропски и најважно – сè позелен.

ГОЛЕМИ ПРОЕКТИ КОИ ПРЕТСТОЈАТ

Нов Клинички центар, Пречистителна станица, Брза автобуска линија… парцелата кај  „Холидеј Ин“, старата локација на фабриката Треска, езерото Треска, неколку нови станбени населби

Нов Клинички центар – Еден од проектите кој се планира десетина години наназад и сè досега е едно големо НИШТО. Дали ќе го биде сега.

IMG

На околу 100 илјади квадратни метри во месноста Веле Поле во Општина Ѓорче Петров, до обиколницата, со првична проценка на вредност од 500 милиони евра. По завршените квалификациони процедури во игра останаа две големи европски фирми. Француската БУИГ и Германската / Австриско претставништво / ВАМЕТ, со можно заедничко договарање, со поделба на градежен и медицински дел, со условување големо учество на наша градежна оператива. Но по наш стар обичај веќе и во овој проект од насушна потреба за нашето руинирано здравство, се замешаа партиските условувања  со неразбирливи негирања и противречности. Одамна стручната јавност, а пред сè мислам на градежно-архитектонската го кажа својот експлицитен став – стариот Клинички центар е невозможна локација за нов, пред сè од сообраќајна, инфраструктурна и еколошка  страна. Новопредложеното решение со локацијата, која многу долго се истражуваше се покажа со сите анализи за најсоодветна. Клиничкиот центар со сите потребни содржини на едно место и под еден кров МОРА ДА СЕ ГРАДИ. Заради сите нас во државата, еднаш за наредните десетици години. Пандемијата многу добро нè опомена што ни значи здравството за севкупното живеење. И од нас од фелата повик, не го кочете градењето. Да се издигнеме еднаш над проклетството дека  „сиромавиот секогаш двапати плаќа“ и да се искористат поволните финансиски услови што ни се нудат за овој проект во овој период.

Пречистителна станица –  Конечно и Скопје како главен град на Северна Македонија е на пат да добие Пречиститена станица за отпадни води, веројатно како последни во Европа. И да, да го видиме нашиот сакан Вардар чист, како некогаш во нашето детство!!!

precistitelna stanica 1

Предвидена локација – покрај реката Вардар кај селото Јурумлери… вредност – 170 милиони евра со поволни кредити од  Еуро инвест банка и Европската банка за обнова и развој. Постапката е во фаза на тендерирање.

Брза автобуска линија, / Bus Rapid Transport /

BRT Skopje

Линија 1 / исток – запад / – од Ново Лисиче до Ѓорче Петров од 12,81 километри и Линија 2 / север – југ / од булеварот „Борис Трајковски“ до булеварот „Босна и Херцеговина“ од 10,4 километри. Двете линии се преклопуваат во Центар. Вкупната вредност е од околу 70 милиони евра. Проектот е финансиран од ЕБРД, со рок на отплата од 15 години. Во тек е изработка на техничка документација за договор за набавка, а потоа и тендерска постапка за изведба на овој зелен проект, кој освен брз транспорт ќе има и голем ефект на намалување на загадувањето на воздухот, како еден од најголемите екопроблеми во Скопје.

Гасификација – Во очекување сме и на почеток на реализацијата на еден од најзначајните енергетско-еколошки проекти, гасификација на централниот и на особено важниот приградски дел на градот.

Тендерската постапка е во завршна фаза на избор на изведувач, односно избор на една од двете  фирми од Турција, кои го минаа досегашниот филтер. Почетокот би требало да биде до крајот на 2021 година.

Во очекување сме и на разрешницата на неколку големи проекти од високоградбата:

Просторот кај „Холидеј Ин“, Станбениот блок кај фабриката Треска, Туристичкиот комплекс кај езерото Треска… Сите со крајно сомнителни урбанистички решенија за кои сè уште се водат големи дискусии. Да се надеваме дека покрај финансискиот интерес, овојпат ќе се задоволат и основните параметри за подобри урбанистичко- архитектонски  решенија од сегашните предложени од инвеститорите.

И да, да не го заборавиме тековниот бој за новиот Закон за легализација на дивоградбите, со можен компромис или уште едно легализирано диво месо во градскиот регион и рушење на сите принципи на правото и урбанизмот / ГУП; ДУП../. Севкупната јавност, а особено стручната архитектонско-урбанистичка, е остро против првиот закон, а и претседателот го врати во Собрание.

Се плашам дека градежништвото е веќе длабоко навлезено во исклучиво бизнис-интереси. Ќе се најдат ли јунаци тоа да биде и во интерес на жителите на Скопје, а се разбира со истата судбина и на сите урбани места во Македонија. Да се надеваме дека овој пат сите ќе бидат попаметни и нема да се дозволи ИСКЛУЧИВО  ПРОФИТОТ да биде интерес за градба. За тоа да се случи ќе мора и самите градежни компании да се воздигнат над своите досегашни краткогледи амбиции и со поголеми вложувања во техничко-технолошка смисла и пред сè во подигање на релативно ниското ниво на сопствените кадровски потенцијали, да бидат поконкурентни во острата борба со странската конкуренција.  СЕПАК ДО НАС ЌЕ ТРЕБА ДА Е, ПРЕД СÈ. Во спротивно и оваа надежна епизода во реализацијата на капиталните инвестиции, за нашите градежни компании, може да помине во веќе видениот долгогодишен ЛЕТ ВО МЕСТО.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top