Насловна / Вести / Лекот е во планината

Лекот е во планината

Последниве години планинарењето во нашава држава станува сè попопуларен спорт и атрактивен дел од алтернативниот туризам, но ни оддалеку објектите во кои престојуваат планинарите не ги задоволуваат потребните стандарди. Особено постојните планинарски домови не одговараат на потребите на младите идни планинари.

27_resize

Планинарите, планинарските друштва, Федерацијата на планинарски спортови на Македонија, љубителите на природата и екологистите, сите заедно се свесни дека ситуацијата е загрижувачка. Затоа е потребна итна проектна стратегија за изградба на нови објекти со нови содржини и реконструкција на постојните објекти. Само за споредба, Австрија има околу 700 планинарски домови и планинарски куќи со највисоки стандарди, современи содржини и функции.

18_resize

Планинарењето во Австрија е фантастично, зашто е фантастична организацијата и затоа планините и планинарењето ѝ носат на Австрија една милијарда евра годишно во БДП. Во Македонија едвај некако функционираат 30 планинарски домови, кои работат главно само за викенд. Има уште петнаесетина, кои се запуштени и изгорени во пожари и со нерешена сопственост. Кога би направиле споредба со Австрија, имајќи ги предвид бројот на жителите и површината, следува дека треба да имаме некаде околу 180 објекти за сместување и за обука на планинарите.

14_resize

Со жалење може да констатираме дека сме многу далеку од тоа колку инвестира Австрија во планинарењето и како создава услови за овој масовен спорт. Нашите планинарски друштва би биле задоволни ако би ја имале поддршката на државата за масовно планинарење барем со една третина од бројот на горната споредбена бројка, односно 60 функционални и современи објекти.

11_resize

И во ваква состојба од каде би почнале? Без дилеми треба да се почне со поголема вклученост на децата во овој спорт, со всадување љубов кон планината, природата и изградба на објекти за младите. Ова треба да се стори што поскоро, ако имаме предвид што се случува околу нас.

Ако прошетаме во Скопје, во градовите низ Македонија и општинските центри ќе видиме дека од многуте игралишта и сали изградени од Владата и од Агенцијата за млади и спорт, повеќето зјаат празни. Децата и младите ги нема. Се скриле дома и играат виртуелни спортови на нивните телефони, таблети и компјутери. Се отуѓиле од спортот, околината, од родителите и блиските. И да излезат надвор, тоа е само накратко, одма влегуваат во првите кафулиња и шопинг-центри и потоа пак на интернет, кој ги убива знаењето и учењето. Од училиштето и од учењето им е преку глава, трка за оценки, стресни тестови и контроли… Ретко од нивните телефони имаат време да прочитаат некоја книга, постојано седат, лежат и повеќето добиваат прекумерна тежина. Економските кризи постојано нè следат, тешко дека сите родители можат од својот скромен буџет да издвојат за одмор и за патување на море или на езеро.

30_resize 06_resize

Лекот е во планината, таа нуди евтино патување во мајката природа, нуди љубопитност, возбуди, наместо бучава и загаден воздух, тишина и чиста средина, здравје, дружење, другарство и знаење. Планината е трезор на природните убавини и екологијата. Или најдобро за планинарењето и планината говорат мислите на Џон Мјур: „Искачете ги планините и присвојте ги нивните добри карактеристики… Илјадници уморни, потресени и прецивилизирани луѓе почнуваат да откриваат дека одењето на планини е всушност одење дома. Дивината е неопходност… Планините ме викаат и јас морам да одам“.

04_resize

Затоа е потребно најповиканите: Владата, Министерството за економија, а најмногу Агенцијата за млади и спорт конечно да сфатат дека планинарењето може да биде клучно за развој на младите и за растеж на алтернативниот туризам.

Од овие причини треба да се почне со пилот-проект, кој би можел да се вика „Имаме преубави планини за планинарење“, и тоа првично со изградба на нов современ објект – школа за млади планинари, која треба да исполнува нови вредности при обуката. Децата одат и посетуваат разни училишта и школи, но најинтересна, секако, ќе им биде оваа школа. Објектот треба да биде лоциран на соодветна локација, која ќе има автомобилски пристап во непосредната близина на градско населено место, како и на соодветна оддалеченост од постојните планинарски објекти. До локацијата треба да има потребна инфраструктура како електрична енергија, вода и сл. Капацитетот на објектот треба да има максимално 50 легла, 10 двокреветни и 10 трокреветни соби. Секоја соба треба да има засебна бања. Покрај делот за спиење треба да има заедничка трпезарија и заедничка кујна со повеќе единици електрични апарати и друга опрема. Посебно треба да се предвидат простор за дневен престој, простор за игра и забава, библиотека, остава за опрема. Простор што треба да импонира во школата е повеќенаменска сала за обука, предавања, проекции, тренинг и сл.

28_resize

21_resize

За градба на објектот е потребно да се користат локални природни материјали, дрво, камен, термоизолациски материјали и современи материјали и инсталации, кои ќе го прават објектот одржлив, како и централно сопствено греење за целиот објект или поединечно за одредени ламели и делови.

Исто така, во непосредна околина на објектот треба да има полигон за слободни активности и поголемо пространство, каде што децата што ќе ја посетуваат школата ќе садат шумски дрвца. Шумата што ќе се оформува со младите фиданки би можела да се вика шума на млади планинари.

Школата, всушност, ќе претставува републички центар за обука на млади планинари, а ќе работи под закрила на Федерацијата за планинарски спортови на Македонија и планинарските друштва. Обуката ќе ја изведуваат лиценцирани планинарски водичи, инструктори, екологисти и лекари.

08_resize

На овој начин на младите ќе им се всади љубов кон планината и планинарењето, ќе заборават на модерните алатки, но истовремено ќе научат како да ја чуваат планината, преку пешачењето ќе научат за географијата, историјата, културата, ќе бидат испровоцирани да сликаат, да фотографираат и за уште еден куп активности без да имаат стресови. Оваа школа ќе биде пример за тоа како преку игра може да се учи повеќе. Впрочем и фотографиите направени од неколкучасовен престој и обука на планина на малите деца со нивните родители ги прикажуваат нивните радости, среќа и импресионираност од планинските доживувања. Така ќе биде и во идната школа, каде што малите дечиња единствено само тука ќе може да се дружат и да учат со своите родители.

03_resize

Оваа школа нека биде само почеток, темелен никулец, а потоа нека следуваат други нови планинарски домови, кои можеби еден ден ќе имаат поголем удел во домашниот БДП како што е во Австрија.

На крајот, може да се согласиме дека наспроти современиот начин на живеење, во урбаните и во индустриските средини, потребно е бегство во планина и тоа од сообраќајниот метеж, гасовите на улиците, смогот, обезвреднетиот пејзаж, секојдневниот психолошки пресинг и на младите и на старите. Потребна ни е планината како потрага по нов свет на радост, релаксација и слобода, како нови вредности, како нова ориентација кон здравата и чиста средина и алтернативниот туризам.

Автор: Косто ГРАОРКОСКИ, дипл. инж. арх.

16_resize 29_resize 02_resize 17_resize

Еден коментар

  1. Ljubisa Taseski

    Prekrasno napisano.So tocni zaklucoci i odlicni predlozi.

Испрати коментар

Scroll To Top