Насловна / Архитектура / Лабораторија на иднината и Крајбрежни имагинации, Венеција 2023

Лабораторија на иднината и Крајбрежни имагинации, Венеција 2023

Отворањето на Венециското биенале ја поставува архитектурата во централната точка на глобалниот дискурс, прикажувајќи ги најновите достигнувања и трендови во областа, било на теоретско ниво, во форма на експериментална пракса или визуелен стимул. Одржано низ автентичните простори во Венеција, Биеналето собира архитекти, дизајнери, уметници и ентузијасти од целиот свет, со една единствена цел  – да ја истражат, истакнат и потенцираат трансформативната моќ на архитектурата.

1

Архитектонското биенале во Венеција во 2023 година, насловено „Лабораторија на иднината“ претставува уникатен настан што го истражува африканскиот континент како протагонист на иднината. Изложбата, која се одржува од 20-ти мај до 26-ти ноември, поставена низ националните павилјони во Џардини, линеарните Арсенале променади и други различни локации во Венеција, има за цел да го редефинира концептот „лабораторија“ и концептот „иднина“ поканувајќи архитекти  и практичари од различни креативни дисциплини да прикажат примери, творби, архивски материјали и шпекулации низ интертекстуални и визуелни презентации во форма на инсталации, изложби, филм, музика, ликовни проекции и звук.

20230521_173041

Лесли Локо, кураторката на биеналето, го нагласува значењето на Африка како лабораторија на иднината. Континентот со најмлада популација во светот и екстремно брз урбанистички залет се соочува со големи критични предизвици, но истовремено, овие предизвици претставуваат можности со потенцијал да одекнат на глобално ниво. На пример, растот и развојот на Африка, честопати непланиран и на сметка на природниот предел, директно го тангира прашањето „како ќе се справиме со последиците од климатските промени?“ – а начинот на кој Африка ќе ги решава овие проблеми значително можат да влијаат на глобално ниво. Од друга страна, и покрај тоа што е најневакцинираниот континент во светот, Африка забележа релативно помалку смртни случаи и инфекции за време на пандемијата, покажувајќи ја издржливоста на локалните заедници од кои може да научиме справување со идни глобални здравствени кризи. Конечно, тешката и мрачна историјата на присилната миграција, трансатлантската трговија со робови, продолжува да ги обликува борбите за граѓански и човекови права и социјална праведност низ светот, нагласувајќи ја нераскинливата поврзаност на расната нееднаквост и климатската правда.

20230521_172935

Биеналето ја препознава моќта на надежта и важноста да се замисли поправедно и поинклузивно општество во иднината. Архитектите, способни да синтетизираат слики, информации, замисли, потреби, праведности и чувства во идни концепти, сценарија и реалности, играат клучна улога во претворањето на овие визии во опипливи простори. Изложбата има за цел да отпатува подалеку од исклучиво репрезентативниот императив на традиционалните изложби и да навлезе во практичните аспекти на создавање разновиден и правичен свет.

Покрај националните партиципации, на Биеналето ќе се одржат колективни настани организирани од меѓународни институции. Овие настани создаваат платформа каде сите учесници имаа можност да ги покажат сопствените иницијативи и перспективи за иднината на архитектурата. Со здружување на претставници од земјите учеснички и разновидната публика, изложбата игра клучна улога во глобалниот дијалог, отворајќи ги најгорливите прашања на нашето време.

20230521_172840

Поимот лабораторија се протега надвор од научното експериментирање и опфаќа мноштво колективни „работилници“ како катализатори на нови мултиперспективни димензии на иднината. Концептот на работилница не е нов. Тргнувајќи од историски примери античките работилници во Кина и Грција, па сè до визиите на Вашингтон за постропственото образование во Америка, Биеналето се замислува себеси како работилница – слободен простор каде архитекти и практичари од различни дисциплини можат да се здружат и да ги истражат многубројните сценарија на иднината. Преку современа пракса и иновативни методи, овие учесници оркестрираат патешествие што ја поттикнува публиката, преку дијалог, соработка и размена на идеи, да замисли нови простори и неочекувани програми.

Имено, низ различните простори на Биеналето, посетителите се во директен контакт со спектар од проекти, инсталации и дискусии кои се фокусираат на итни општествени и еколошки предизвици, но и долгорочни перспективи и замисли за иднината на нашиот свет. Од иновативни стратегии за урбано планирање до стратегии за одржлив развој употребувајќи природни решенија, изложбата ја прикажува недвосмислената моќ на архитектурата да обликува поинклузивна, поправична и одржлива планета Земја.

Дански павилјон – „Крајбрежни имагинации“

20230521_173138

Данскиот павилјон на Архитектонското биенале во Венеција, 2023 година, под кураторска палка на Јосефине Мичу, зазема центар сцена со својата провокативна изложба на тема „Крајбрежни имагинации“. Павилјонот прикажува визионерски труд на данските архитекти и дизајнери кои ја истражуваа комплексноста на крајбрежното живеење долж иновативни решенија за одржлива иднина.

Поделена во повеќе сали, изложбата на данскиот павилјон го носи посетителот на патување низ неколку инсталации, интерактивни прикази и проекти што ги предизвикуваат традиционалните методи на размислување и создавање простор. Самиот дизајн на павилјонот критично го одекнува крајбрежјето, вклучувајќи елементи инспирирани од поплави, ерозии, бури и уништени екосистеми, но и идеи и визии како поинаку да се справиме со овие појави.

3

Во централниот дел на павилјонот, изложбата насловена „Островите на Копенхаген“ се фокусира на стратегии за справување со предизвиците што ги носат климатските промени и зголемувањето на нивото на морето. Пејзажното биро Schønherr прикажува визионерски проект за урбаниот развој на Копенхаген, град прогласен за УНЕСКО седиште на архитектурата во 2023-та година, каде стариот урбанистички план од 1974, познатите „прсти“ на Копенхаген, е заменет со серија на островца кои се појавуваат низ делтата од поплави предизвикани од дожд и море. Овие иновативни решенија имаа за цел да го заштитат населението, истовремено промовирајќи одржливо живеење и подобрување на врската помеѓу општеството, природниот предел и климатските промени.

Во близина на овој проект се наоѓаат придонесите од Архитектонската школа во Архус каде и јас сум дел од тимот и Кралската академија во Копенхаген. Имено, професори и истражувачи од Архус создадоа панорама од мапи кои ја прикажуваат состојбата на западното данско крајбрежје. Овој дански предел е најкритично изложен на климатски промени справувајќи се со силна ерозија, бури и поплави. До колекцијата од мапи може да се најдат три биопсии во формата на транспарентни 3Д модели кои ја покажуваат состојбата на водните тела и почвата во овој дел од Данска. Идејата зад оваа презентација е да се промени сфаќањето на концептот терен, не замислувајќи го повеќе само како површински слој туку како хибридна форма каде геолошкиот дел е во нераскинлива врска со подземните води, создавајќи нов волумен – нов идентитет. Овие модели покажуваат различни формации кои имаат за цел да ја променат перцепцијата на посетителите, но и да отворат размисла за нови проекти кои активно ќе ја земаат предвид оваа нова „состојба“. Проекциите од Кралската академија во Копенхаген ја прикажуваат моќта на студентската работна рака да замисли простори кои активно се справуваат со последиците од климатските промени, климатската неправда и недостигот на природни ресурси како вода и чист воздух. Серија од студентски проекти истражуваат простори надвор од Европа и предлагаат иновативни решенија за адаптација, ублажување и справување со последиците. Идејата зад оваа презентација е да не се занемари агенцијата на студентските трудови како катализатори на нови идеи и решенија во момент кога имагинацијата за подобро место за живеење е апсолутно потребна.

2

Последната сала во овој простор инспириран од природата истражува парадигматска промена од антропоцентричност во екоцентричност. Сценографот Кристиан Фриетлондер создаде крајбрежен пејзаж во форма на диорама наречена „Обала на сирените“. Преку звук, 3Д ефекти, динамични мурали, модели и ликовни проекции, оваа диорама драматично го прикажува односот помеѓу водата и копното, природата и културата и нивната реципроцитетна врска каде климатските промени се искусуваат во размер од 1 : 1.

За крај, ќе ја цитирам кураторката на павилјонот, Јосифне Мичу, која кажува: „Се надеваме дека посетителите ќе понесат со себе разбирање како да читаат пејзажи. Во оваа голема просторија презентираме истражувања со цел да ја информираме праксата, да зближиме повеќе дисциплини и да вмрежиме мноштво на методологии во обид да пронајдеме нови начини за живеење на оваа планета. Мораме да разговараме на овие теми, да бидеме инспирација еден на друг иако сме од различни дисциплини – да работиме заедно и гласно, а не индивидуално и во тишина.“

Истражувањето и изложбата на данскиот павилјон е колективен придонес од Данската техничка школа – ДТУ, Универзитетот од Копенхаген – КУ, Архитектонската школа од Архус – ААА, Кралската академија од Копенхаген – КАДК, пејзажното биро Ѕchønherr, сценографот Кристиан Фриедлондер, со поддршка од Данскиот архитектонски центар, Министерството за култура, Фондацијата Реалданиа и Државната фондација за уметност.

Автор: Никола ЃОРЃИЕВСКИ, м-р арх. и м-р пејз. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top