Насловна / Архитектура / Кружна прошетка околу плоштадот во Скопје

Кружна прошетка околу плоштадот во Скопје

Коронавирусот и пандемијата нè натераа да се свртиме повеќе кон себе, кон најблиските и кон нашата најблиска околина. Затворени со ограничени можности за движење и патување, можевме подобро да го запознаеме и нашиот град Скопје и секое негово катче, досега недоволно видено и истражено.

Овие месеци повеќепати шетав на плоштадот „Македонија“, центарот на главниот град на државата, Скопје. Тоа е нашиот град, градот што поминал многу катастрофи, војни, низ него поминале многу освојувачи и сите оставиле понекој траг. Некој вреден да се спомене некој и не. Што има на плоштадот и како изгледа денес во 2020 година после повеќегодишно (30 години како независна држава и 57 години од катастрофалниот земјотрес) планирање, реконструирање и градење дури и на контроверзниот проект „Скопје 2014“.

DSC04828_resize

ПЛОШТАДОТ „МАКЕДОНИЈА“ ВО СКОПЈЕ

Зградата на Т-Мобиле е административно-деловна зграда градена од 2008 до 2015 година, а проектирана од архитект Јовица Стефановски (1954) 2005 – 2008 година. Изградена е на местото на поранешната Народна банка срушена во земјотресот во 1963 година. Зградата е целосно застаклена, а некои делови на фасадата се обложени со гранит. Авторот се обидел некои елементи од срушениот објект на Народната банка да ги вметне и на фасадата на новиот објект која е ориентирана кон плоштадот, како столбовите кои одат низ неколку катови пред стаклената фасада и цилиндричниот кубус на рамниот кров на зградата. Со овие елементи забележливо е настојувањето на авторот преку современа трансформација да вгради меморија на старата банка со трансценденција на архитектонскиот детал низ просторот и времето, но обидот во суштина е неуспешен. Зградата доминира со својата висина на плоштадот.

јј

Т-Мобиле, архитект Јовица Стефановски 

До административната зграда на Т-мобиле се наоѓа друга административна зграда, чиј автор е проф. Милан Злоковиќ архитект (1898 – 1965). Зградата е градена во периодот 1933 – 1935 со намена: административни простории на Стопанската комора на град Скопје. За изгледот на зградата и функцијата бил распишан архитектонски конкурс за идејно решение на кој прва награда добил арх. Милан Злоковиќ.

21-privredni-dom-skoplje_resize

Стопанската комора на град Скопје, проф. Милан Злоковиќ

Изградена била на локација со површина од 630 м2 до тогашната зграда на Народна банка со која висински била усогласена. Зградата со подрум, приземје, мезанин и три ката е со армиранобетонска конструкција и рамен кров. На модерното обликување на зградата доминира застакленото приземје и мезанинот кон плоштадот додека на катовите зградата е заоблена на аголот, а конструкцијата столб и греди е оставена видлива со што аголот е нагласен. Ова е значаен објект од времето на славниот скопски градоначалник Јосиф Михаиловиќ, кога почнува и пробивот на модерната архитектура во Македонија. Објектот се одликува со висок естетски израз, прочистен од ориентални елементи, кои биле присутни во тој период на дел од објектите. Зградата е добар пример на раната модерна. Денес, објектот е запуштен и е во лоша состојба, а фасадата речиси цела е прекриена со реклами. Фасадата на овој објект треба да се реновира со нови материјали согласно првобитниот изглед, а сите реклами да се отстранат, веднаш.

зз

Проф. Милан Злоковиќ е српски архитект, научник и професор на Архитектонскиот факултет во Белград. Тој заедно со група архитекти е основоположник на модерната архитектура на почетокот на 20 век во Србија и пошироко. Зад себе оставил 40 реализирани објекти (приватни куќи и јавни објекти), а на архитектонски конкурси добил 20 награди и 16 откупи. Во последните години од животот се занимавал со теорија за пропорцијата и модуларната координација.

стоковна-куќа-нама

 стоковна куќа „НА-МА“, проф. Славко Брезовски

IMG_3076_resize

До зградата на Злоковиќ се лепи зградата на поранешната стоковна куќа „НА-МА“, денес  со иста намена, трговско-административна, наречена „Сити-галери“. Во 1954 година на повикан архитектонски конкурс професорот Славко Брезовски (1922 – 2017), добива прва награда. Во понатамошната разработка на проектот„НА-МА“ и реализација на објектот се вклучиле и архитектите Борис Чипан, Јован Ранковиќ и Љубица Маленкова. Зградата почнала да се гради во 1960 година. Со овој објект е постигнато обликовно единство со авангардниот објект од раната модерна на проф. Милан Злоковиќ, архитект и двата објекта заедно создаваат една заокружена обликовна целина.

Со проектот „Скопје 2014“ направена е нова фасада на зградата на поранешна НА-МА во стил „со многу декорации“, со што објектот е уништен, изгубена е неговата првобитна идеја и вредност. Изгубен е архитектонскиот квалитет и обликовните вредности од времето на  модерната на овој значаен објект во центарот на престолнината. Архитектот на оваа недозволива архитектонска интервенција, преобликување на постоечка фасада е непознат.

Професорот на Архитектонскиот факултет во Скопје, Брезовски е еден од доајените на македонската модерна архитектура, автор од првата генерација македонски архитекти, кој зад себе остави голем број значајни објекти и проекти, а победник е на повеќе домашни и меѓународни конкурси. Покрај други стручни и општествени признанија носител е на наградата „11 Октомври“ и на наградата „13 Ноември“.

Овој цел потег на згради од административниот објект на архитект Злоковиќ до објектот на Стопанска банка во ГТЦ неопходно е да се врати во првобитниот изглед, модерна архитектура со рамни фасади без декорации, но со нови, современи материјали.

ев_resize

административна кула на Електро-Македонија, архитект Бранко Петричиќ

Зградата на ЕВН или поранешната административна кула на Електро-Македонија, дело на архитект Бранко Петричиќ (1911 – 1984), изградена е во 1962 година. Нејзиното автентично архитектонско обликување е со стаклена фасада т.н. ѕид-завеса, дел со парапети и прозорци во низа.

Зградата последните години е со скеле и колку што може да се види, половина фасада на зградата се обновува во стилот „Скопје 2014“, а другата половина е застаклената постоечката фасада. Треба конечно да се одлучи што со оваа зграда. Треба ли да се заврши редизајнирањето на фасадата? Неопходно е скелињата што поскоро да се тргнат за просторот околу зградата да се ослободи за движење на пешаците.

евн_resize

Пред зградата на ЕВН има мини-трговски центар „Лумикс“, чија урбанистичка поставеност е дискутабилна. Автори на овој објект се професорите Минас Бакалчев (1956) и Митко Хаџи-Пуља (1957). Зградата е проектирана во 2000 година, а претставена е на 15. Биенале на македонска архитектура 2010 година, како архитектонска реализација. Зградата е со неправилна заоблена форма и пространи надворешни скали ориентирани кон плоштадот, не многу пријатни за движење. Обложена е со алуминиумски панели во две бои, а бочните фасади се застаклени.

мм

„Лумикс“, архитекти Бакалчев и Хаџи-Пуља

Професорите на Архитектонскиот факултет во Скопје, Минас Бакалчев и Митко Хаџи-Пуља се добитници на повеќе награди на БИМАС. Повеќепати учествувале на Изложбата на Венецијанското биенале за архитектура во 2006, 2008, 2010 и 2012 година. Професорот Хаџи-Пуља беше и дел од Комисијата за поставување скулптури во центарот на Скопје.

IMG_3071_resize

Зградата каде што е сместен ресторанот „Пелистер“, изградена е во 1957 година и е дело на архитект Димитар Димитров. Висината на објектот е усогласена со висините на околните згради на улица „Македонија“. И оваа зграда не успеа да се спаси, преобликувана е со фасада во стилот „Скопје 2014“. Пред ресторанот „Пелистер“ поставена е незграпната и огромна скулптура на цар Самуил на пешачка површина со што се затвораат визурите кон улица „Македонија“ и кон плоштадот.

Станбено-деловната зграда Ристиќева палата, градена е во периодот од 1925 до 1926 година, а автор е архитект Драгутин Маслаќ (1837 – 1937). Со оваа зграда се оформува важен агол меѓу две улици кои водат кон плоштадот, „Македонија“ и „Никола Вапцаров“. Зградата  е успешен објект, поставен на агол кој со својата пластика на фасадата ѝ дава мекост на целата зграда. До денес е сочувана и обновена во првобитниот изглед.

рр_resize

Ристиќева палата, архитект Драгутин Маслаќ

Хотелот „Мериот“, дел од проектот „Скопје 2014“, проектиран е од архитект од Австрија. Зградата ги надминува висините на околните објекти и доминира на плоштадот. Зградата е со заоблена фасада кон плоштадот, а второстепената пластика e плитка, изработена како „чипка“. Целиот волумен на објектот е многу голем, со несоодветна димензија во просторот во кој е сместен и непотребно пренагласен во споредба со окoлните објекти.

DSC04816_resize

DSC04818_resize

Споменикот на Мајка Тереза е несреќно и погрешно поставен. Овој споменик и градилиштето околу него го оневозможуваат и пешачкиот пристап до просториите на Комерцијална банка АД Скопје. Ако сакате да поминете низ тој дел ќе се движите како низ лавиринт меѓу оградите од градилиштата. Овој  споменик е поставен на погрешно место, попогрешно не може да биде, ги запира пешачките текови од улицата „Орце Николов“, оневозможен е пристап за ПП-возило, возило на Итна помош, а го стеснува и просторот пред главниот влез на Комерцијална банка. Споменикот на Мајка Тереза, секако треба да се сруши и  урбанистичкиот хаос на тој простор да се среди.

DSC04826_resize

Зградата за хотел и зградата за градска куќа се во изградба. Со години гледаме градилиште, некои грозни лимени огради со кои е оградено градилиштето и објекти оставени во карабина. Што со овие објекти? Ако е прекината градбата поради причини кои се во судски процеси, објектите во градба треба да се конзервираат, да се прекријат фасадите со некое платно и да се постави пристојна ограда која го оградува просторот за градење. Овие објекти треба да се завршат, фасадите да се редизајнираат и плоштадот да престане да биде вечно градилиште.

Од плоштадот се симнуваме кон кејот на реката Вардар. После земјотресот коритото е регулирано за да се спречат идни поплави. Кејот на реката Вардар е архитектонско-урбанистички обликуван од архитект Рафаил В’лчевски. Денес пристапот до коритото од плоштадот е сè уште возможен, но лево и десно, односно кон исток и запад кејот не е прооден поради вечните градилишта и нерасчистување на истиот, а поставена е и џиновската незграпна скулптура на цар Јустинијан.

DSC04825_resize

За галиите во Вардар секој ден чекаме, како што вети градоначалникот Шилегов, да се тргнат од коритото. А што ќе се случи со жалните врби во коритото, пожално не може да изгледаат и го собираат околу себе ѓубрето од реката?

За големиот број скулптури поставени на плоштадот, кои се меѓу другото и дивоградби, Владата треба веќе да има решение што со нив. Или тоа ќе остане да го решаваат некои идни градоначалници и идни генерации? Вака поставени само го нагрдуваат плоштадот со нивните сомнителни уметнички и естетски квалитети.

IMG_3078_resize

ХАОСОТ МОРА ДА СЕ СРЕДИ

Изградбата на капитални објекти во центарот на градот е за поздравување. Но, проектот „Скопје 2014“, покажа дека е кампањски изработен, недоволно подготвен, необмислен, непрофесионален, лошо изграден и нетранспарентен. Кога се гради во центарот на градовите објектите се бираат на архитектонски конкурси, анонимни или повикани. А повиканите архитекти секогаш се стручни и афирмирани, секако не се анонимни и почетници.

DSC04827_resize

Пред реализација на „Скопје 2014“ плоштадот беше недооформен со неколку слободни локации, останати после катастрофалниот земјотрес. Денес имаме плоштад премногу изграден, урбанистички хаос, јавни површини узурпирани, многу зелени површини уништени, објекти нефункционални, обликувани со евтин кич.

DSC04843_resize

Овој хаос мора да се среди, конечно да се покаже желба, идеја и визија како сакаме да ни изгледа центарот на главниот град. Што е културно наследство, кои објекти имаат значење и треба да се сочуваат во првобитниот изглед исто така е прашање на кое треба да се одговори. Многу прашања, а малку одговори. Каков центар и плоштад сакаме?

Автор: Натка ЌОСЕВА, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top