Насловна / Архитектура / Конкурсот за новата Градска болница да се повлече

Конкурсот за новата Градска болница да се повлече

Од денот кога ја прочитав Проектната програма за идејниот проект според кој треба да се изгради нова Градска болница ме јаде сомнеж како може од тие сувопарни, нафрлени болнички содржини да се создаде Идеен проект кој треба да биде база за понатамошна постапка.

logo-bjn

ПРОЕКТНА ПРОГРАМА
ЗА ИЗРАБОТКА НА ИДЕЕН ПРОЕКТ ЗА НОВА ГРАДСКА БОЛНИЦА
на локација во општина Аеродром

ВОВЕД
Системот на здравствена заштита во Република Македонија е организиран на три нивоа: примарна, секундарна и терциерна здравствена заштита. Имплементацијата на оваа функционална поделба е важен сегмент кој треба да осигура дека пациентите се згрижени на соодветно ниво на здравствена заштита. Министерството за здравство се фокусира на формулација и имплементација на здравствените политики, поставување на приоритети и следење на резултатите од работењето на здравствениот систем. Активно работи на сè вкупна реформа во здравството со цел да воспостави поедноставен и транспарентен здравствен систем.
Со цел да се обезбеди болничка заштита во дефинирана мрежа на општи и специјализирани болници и соодветно да одговори на потребите на жителите на градот Скопје, Министерството за здравство смета дека е потребно да се подигнат капацитетите на т.н. “градски болници“ и на тој начин да се намали притисокот врз терциерното здравство во постојниот клиничкиот центар. Новата Градска болница треба да понуди подобра достапност на населението на градот Скопје до потребните здравствени услуги, подобрување на квалитетот и сигурноста на пружените болнички услуги. Новата Градска болница треба да имплементира еден нов модел за пружање на амбулантска здравствена заштита и дневна хирургија со неинванзивни постапки, со цел намалување на просечната должина на болнички престој.

ЦЕЛ НА ПРОЕКТОТ
Основната цел на овој проект е да обезбеди идејно решение за функционален објект со современ и модерен изглед, кој ќе ги прати современите трендови во медицината работејќи согласно важечките прописи и стандарди.
При проектирање на овој објект неопходно е да се земе в предвид обемот и границите на локацијата. Градежната парцела предвидена за Новата Градска болница се наоѓа во општина Аеродром, формирана во рамките на Детален урбанистички план за градска четврт И 10, општина Аеродром, донесен со Одлука број 09-161/22 од 01.04.2017 година, како ГП 5.32 со основна класа на намена В2 (здравство и социјална заштита) и компатибилни класи на намена на основната класа на намена Б5, Б1, Д3 и Б4.

ЛОКАЦИЈА
Согласно добиениот Извод за ГП 5.32 број 18-сл/2 од 23.05.2018 година, од Детален урбанистички план за градска четврт И 10, општина Аеродром, донесен со Одлука број 09-161/22 од 01.04.2017 година, предвиден е објект со висина од 18 метри и катност П+4. Градежната парцела е со површина 7671 м2, површина за градење од 3728 м2, бруто развиена површина од 18640 м2, процент на изграденост од 49% и коефциент на искористеност 2,43.
Урбанистичките параметри се дефинирани во Изводот за ГП 5.32, со број 18-сл/2 од 23.05.2018 година, од Детален урбанистички план за градска четврт И 10, општина Аеродром, донесен со Одлука број 09-161/22 од 01.04.2017 година, издаден од општина Аеродром, кој е составен дел на оваа Проектна програма.

Намена на објектот
Основна класа на намена дефинирана од горенаведениот Извод е В2 – здравство и социјална заштита. Дефинирани компатибилни класи на намена се Б5 – хотелски комплекси, Б1 – мали комерцијални и деловни намени, Д3 – спорт и рекреација и Б4 – деловни простории. Максималниот дозволен процент на учество на збирот на компатибилни класи на намени во однос на основната класа на намена изнесува 40%.

Површини
Дефинирана е површина на градежна парцела ГП 5.32 од 7671 м2 и максимална површина за градење (приземје) од 3728 м2. Процентост на изграденост изнесува 49%, а коефициентот на искористеност 2,43.

Број на катови
Дефинирана катност е П+4

Максимална дозволена височина на градба
Дефинирана е максимална дозволена височина на градба до кота на заштитен венец од 18,00 м.

Сообраќаен и пешачки пристап
Сообраќајниот пристап е дефиниран од два крака и тоа: од булевар Васко Карангелески – крак и од булевар Јане Сандански – крак.
Пешачките пристапи до градежната парцела се дефинирани и ги следат булеварите и споменатите краци. При планирањето на пристапите до и во болницата да се земе в предвид дека локацијата е лесно достапна и со јавен трансорт. Пешачките пристапи во градежната парцела дополнително треба да се дефинираат со овој идеен проект. При тоа потребно е да се земат во предвид одредбите од: Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање; Правилникот за начинот на обезбедување на непречен пристап, движење (хоризонтално и вертикално), престој и работа на лица со инвалидност до и во градби со јавни и деловни намени, градби со намена домување во станбени згради, како и градби со станбено-деловна намена;, и да се создадат услови за непречено движење на лица со инвалидитет и намалена подвижност, со проектирање на континуирани пешачки патеки без скалести денивелации, и пристапни рампи до објектот димензионирани соодветно за двосмерно движење.
Дефинирано е паркирањето да се реши во рамки на сопствена парцела со почитување на потребен број на паркинг места како основен услов за изградба до максимално дозволената висина и површина за градба. Потребниот број на паркинг места се дефинира согласно Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

Урбано зеленило и озеленетост
Евентуалните слободни површини кои нема да се ангажираат со градба е потребно да се решат како зелени површини, во согласност со законската регулатива и Законот за урбано зеленило.

ПРОГРАМСКИ БАРАЊА
При проектирање на објектите од овој тип потребно е да се следат светските трендови и технолошкиот развој, од аспект на проектирање на екстериерот, ентериерот и партерното уредување, вклучувајќи ги притоа сите болнички потреби и сигурносните параметри кон животната средина и околината. Исто така потребно е да се земе в предвид дека овој објект треба да биде енергетски ефикасен и со можност за употреба на обновливи извори на енергија.
Препорака е да се користат сите соодветни стандарди и нормативи за проектирање на објект од ваков карактер, согласно позитивната законска регулатива во Република Македонија.
Проектното решение треба да биде функционално, со јасни пристапи и врски помеѓу одделенијата и да овозможи проток на пациенти, посетители и персонал. Наведените одделенија се во непосредна близина, но функционално одделени. Затоа е важно да се обезбедат кратки хоризонтални и вертикални поврзувања, но со можност за флексибилност и добар проток при движењето помеѓу поединечните одделенија. При проектирањето да се размислува и за можните промени на користењето и намената на одделенијата во текот на работењето на болницата. При проектирањето да се избере конструктивен систем и растер соодветен за овој тип на објекти.
При проектирање на болницата потребно е да се има в предвид нејзниот претпоставен капацитет: медицински лица – 280 лица, технички персонал вклучително болничари и медицински техничари – 110 лица и административен пресонал – 30 лица.

ФУНЦКИОНАЛНА ПОДЕЛБА НА СОДРЖИНИТЕ:
1. Болнички дел
2. Лабараториски дел
3. Администартивен дел и простории за персонал
4. Технички дел и магацински простории
5. Дополнителни содржини (приемен хол, аптека, чекална, кафетерија и сл.)

1. БОЛНИЧКИ ДЕЛ
1.1. Амбулантски дел:
1. Амбуланта за урологија и еходијагностика на уротракт, со просторија за уролошка ендоскопја
2. Амбуланта за пластична хирургија;
3. Амбуланта за васкуларна хирургија;
4. Амбуланта за доплер-дијагностика;
5. Амбуланта за торакална хирургија и дојка;
6. Амбуланта за детска хирургија;
7. Амбуланта за гастроскопија, колоноскопија, еходијагностика на абдомен и амбуланта за гастроентерохепатологија со просторија за интервенции, простории за абдоменална ехосонографија, горнодигестивна и долнодигестивна ендоскопија, просторија за ендоскопија и лапароскопија;
8. Интернистичка амбуланта за пациенти кои се кандидати за оперативно лекување и веќе хоспитализирани пациенти со просторија за интервенции и функционална дијагностика;
9. Анестезиолошка амбуланта и амбуланта – центар за болка;
10. Амбуланта за очни болести со просторија за интервенции и темна комора;
11. Амбуланта за ОРЛ со просторија за интервенции и функционална дијагностика;
12. Амбуланта за кожни и венерични болести;
13. Амбуланта за хематологија со просторија за цитохематологија, имунохематологија и коагулопатија;
14. Амбуланта за нефрологија со имунонефролошка лабораторија и просторија за функционално испитување на бубрези;
15. Амбуланта за ревматолошки испитувања со просторија за медицински интервенции;
16. Амбуланта за неврологија со кабинет за функционална дијагностика;
17. Амбуланта за пулмологија;
18. Амбуланта за ортопедија и трауматологија со просторија за интервенции и гипс-сала за имобилизација на повреди на екстремитети што не бараат хируршко лекување;
19. Операциона сала за згрижување на помали повреди (рани) и за мала хирургија (пациенти кои се згрижуваат амбулантски) и приемно-трајажна амбуланта (асептична хирургија);
20. Рентген дијагностика за итни случаи (повредени), и компјутерска томографија;
21. Интензивната нега за изгореници
22. Амбуланта за абдоменална хирургија
23. Амбуланта за неурохирургија
* Во болничкиот дел е потребно да се предвиди и Дневна болница за 20 пациенти за која се препорачува да се наоѓа во приземниот дел заедно со амбулантите за абдоменална хирургија, трауматологија и неурохирургија.

1.2.Радиолошка дијагностика:
1. Мамографија и еходијагностика на дојка со сите потребни придружни простории ;
2. Компјутерска томографија и ангиографија со сите потребни придружни простории
3. Магнетна резонанца;
4. Рентген дијагностика со сите потребни придружни простории.

1.3. Оперативен блок:
Да се предвидат 8 (осум) операциони сали со сите потребни придружни содржини. Од овие 8 (осум) операциони сали, 6 (шест) би се користеле за елективна хирургија, една за „нечисти операции“ (гангрени, изгореници и др.) и една би била секогаш слободна за итни случаи.

1.4. Стерилизација:
Да се предвиди централна стерилизација и супстерилизација со сите потребни придружни простории.

1.5. Обезбедување со крв (трансфузиологија):
Да се предвиди сместување на трансфузиологија односно обезбедување со крв и крвни деривати со сите потребни простории.

1.6. Болничка здравствена заштита:
Да се предвиди сместување на 240 пациенти во соодветен број болнички одделенија со сите потребни придружни простории. Да се предвиди интензивна нега за 20 пацинети и соба за будење (recovery room) на 6 пациенти, со сите потребни придружни простории.

1.7. Патологија:
Да се предвиди оддел за хистолошка и цитолошка дијагностика со сите потребни содржини. Во склоп на болницата потребно е да се предвиди просторија за згрижување на септичките делови и ампутирани делови на човечко тело, како и просторија за починати пацинети, од каде ќе се изнесуваат истите со возила. Болницата нема да има оддел за обдукција.

1.8. Итна помош и центар за рехабилитација:
Итна помош и одделение за рехабилитација не се потребни.

2.ЛАБОРАТОРИСКИ ДЕЛ – ЛАБАРАТОРИСКА ДИЈАГНОСТИКА
2.1. Биохемиска лабораторија со сите потребни придружни простории;
2.2. Хематолошка лабораторија со сите потребни придружни простории;

3. АДМИНИСТРАТИВЕН ДЕЛ И ПРОСТОРИИ ЗА ПЕРСОНАЛ
3.1. Простории за администрација.
3.2. Голем аудиториум, во кој ќе ги собере вработените доктори (за утрински конференции и слични состаноци), кој ќе биде организиран како тип на океанска просторија со можност за поделба на просторот за поединечни состаноци по оддели;
3.3. Простории за архива за медицинска документација и документација од административното и финансиското работење;
3.4.Просторија или простории за IT (сервери), UPS системи за чувствителни апарати (магнетна резонанца и други), телефонска централа и слично;
3.5. Простории за лекари и останат медицински персонал;
3.6. Санитарии и гардероби за медицински персонал;
3.7. Простории за хигиеничарки со трокадеро;

4. ТЕХНИЧКИ ДЕЛ И МАГАЦИНСКИ ПРОСТОРИИ
4.1. Магацини за опрема и материјали;
4.2. Магацин за комунален, медицински отпад и за селектиран отпад за рециклирање (хартија, пластика и стакло);
4.3.Подстаница за компримирани гасови и за кислород, вакуум подстаница, како и помошен агрегат за електрична енергија;
4.4. Мала работилница за хаус мајстор, односно инженер;
4.5. Перална, сушара и пеглара;
4.6.Просторија или простории за IT (сервери), UPS системи за чувствителни апарати (магнетна резонанца и други), телефонска централа и слично;
4.7. Да се предвиди доволен простор за магацини за: лекови, материјали потребни во процесот на работа, репро материјали, средства за хигиена итн.

5. ДОПОЛНИТЕЛНИ СОДРЖИНИ
5.1. Влезна партија
Главен влезен хол со рецепција за прием кои ќе ги спроведува пациентите до шалтерите на соодветните амбуланти, чекални со клупи (столици), седечки и лежечки колички.
Во приземјето треба да има повеќе влезови (задни и странични) за достава на материјали, лекови, крвни деривати во трансфузиологија, храна (кетеринг).

5.2. Болничка аптека
Да се предвиди аптека за обезбедување со лекови и санитетски материјал, како и инфузивни раствори и лекови кои се изготвуваат по асептична постапка со сите потребни придружни простории.

5.3. Подготовка на храна и пијалоци:
Болницата нема да има кујна за подготовка на оброци туку истите ќе бидат обезбедени со кетеринг, што подразбира само прирачна кујна.

5.4. Санитарии за посетители;
5.5. Кафетерија за посетители и вработени со капацитет за 30 луѓе.

Да се предвидат доволен број на чекални и санитарии за посетители, простории за одмор на медицинскиот персонал (чајна кујна), гардероби и санитарии за вработени, лифтови и скали согласно важечката регулатива. Да се предвиди паркинг, со посебен влез и излез, пред сè за сопствени санитетски возила, за брза помош и за возила со кои доаѓаат пациенти.

2

За среќа во текстот објавен вчера на сајтот на Порта 3 наидов на маестрално, стручно образложение, срочено во прашања и објаснување како треба да се направи Проектна програма за да се одговори на комплексноста на содржините за една Градска болница. Фактографски напишано од архитект Невена Георгиевска, експерт за програмирање и управување со здраствени објекти. Лично и честитам.

Во исто време ААМ бара пролонгирање на рокот!? Со ваква програма ни една година не е доволно долг рок да се направи квалитетен, функционален и технички издржан проект, кој ќе ја оправда инвестицијата и ќе одговори на својата намена! Најдобронамерно пепорачувам на распишувачот, поради сопствениот дигнитет, конкурсот да се повлече.

majcin1

Крајно време е конечно да се почне со стручност во КАНОНСКА ПРОЦЕДУРА, да се изработи предпрограма која треба да се верифицира со предидеен проект во кој ќе се утврдат и усогласат, медицинската постапка со технологијата при тријажата на пациентите. Медицинската технологија и опрема МОРА да кореспондира со термотехничките инсталации, медицинските гасови и ресурси. Да не делам памет во она за што во светот се знае како се работи! ААМ ДА СЕ ПОГРИЖИ ДА ГИ ИМФОРМИРА НАДЛЕЖНИТЕ ВО КАКВА НЕЗАВИДНА СИТУАЦИЈА ЌЕ СЕ ДОВЕДАТ АКО КОНКУРСОТ ПРОДОЛЖИ СО ЗГОЛЕМЕН РОК И ПОКАЧЕН ИЗНОС НА НАГРАДИ. АРХИТЕКТОНСКАТА НАУКА КОНЕЧНО ТРЕБА ДА СЕ ПОЧИТУВА, а нестручни да не се нафаќаат да пишуваат квази програми.

Го заложувам сопствениот архитектонски авторитет да ги бранам моите ставови пред било кого и било каде! НЕМА СЕЧЕЊЕ ПАНДЕЛКИ ДОДЕКА СТРУКАТА НЕ КАЖЕ ДЕКА МОЖЕ ДА СЕ СЕЧАТ!!!!

Автор: ВЛАДИМИР ПОТА, дипл.инж.арх.
*авторот го исполнува минимални услови за утврдување способност на учесниците на Конкурсот, поседува овластување А за изработка на проектна документација.

Еден коментар

  1. Najmalku shto moze da se napravi e odlaganje na konkursot a vo dobienoto vreme seriozno redefiniranje na odlukata (minister za zdravstvo) i izgotvuvanje na programa za realizacija na ovoj izvonredno vazen proekt pocnuvajki od preispituvanje na urbanistickata postavenost i soobrakajnite pobaruvanja, postavuvanje na standardi i kriteriumi, organizacija na strucni koordinativni tela so heterogen sostav (AAM, Komora, APP, Grad Sk, Opshtina Aerodrom…)

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top