Насловна / Вести / Концептите за греење на крстопат помеѓу одржливоста, сиромаштијата и политиката

Концептите за греење на крстопат помеѓу одржливоста, сиромаштијата и политиката

Резултатите од бројните истражувања покажуваат дека т.н. екстерни трошоци (екстерналии), придонесуваат производството на електрична енергија од јаглен да биде еден од најскапите начини на производство на електрична енергија. Како што објаснува Grausz (2011), екстерните трошоци во производството на електрична енергија ги претставуваат оние трошоци кои не се плаќаат од страна на сопственикот на постројката, туку се плаќаат од страна на општеството во целост, а се предизвикани од последиците врз здравјето на луѓето и штетите врз животната средина. Повеќе од 70 отсто од електричната енергија во Македонија потекнува од нискокалоричен јаглен – лигнит, односно од термоцентралите на јаглен. Токму затоа, енергетскиот сектор е најголемиот емитувач на емисии на стакленички гасови во земјата.

1.-ECOHEATCOOL

АЛТЕРНАТИВИТЕ СЕ ТУКА

Која е алтернативата и како да се фати приклучок кон енергетската транзиција? Имајќи предвид дека поради стохастичката природа на енергијата од ветерот, инсталираниот капацитет во овој вид енергија треба лесно да биде компензиран од други извори со потребната флексибилност за брза испорака на енергија на мрежа, хидрокапацитетите како и гасните електрани се добра опција во оваа смисла. Имајќи предвид дека природниот гас има три пати пониски емисии на CO2 споредено со јагленот, тој е добра опција за забрзување на енергетската транзиција на земјата и подигање на одржливоста на националниот енергетски систем. Исто така, гасот неоправдано со години се запоставува како нискоемисионен енергетски извор за крајните потрошувачи, особено во секторот домаќинства, каде за жал сè уште доминира користењето на електричната енергија за греење. За жал, непостоењето на соодветна регулатива и тарифи кои би ја обесхрабриле ваквата појава, како и третирањето на електричната енергија како социјална категорија, односно добро кое мора да биде достапно по ниска цена, активно го храни овој проблем. Спротивно на ова, користењето на топлинска енергија преку топлификациски систем е ограничено на само 10 отсто од населението (само во Скопје).

Иако гасификацијата константно се декларира како приоритет на сите досегашни македонски влади, сè уште чекаме на позначаен напредок во оваа област особено во делот на интеконекциите. Дотолку повеќе што како дел од иницијативата CESEC (Central and South-Eastern European Gas Connectivity), чија главна цел е посветеност на земјите кон обезбедување диверзификација на снабдувањето со природен гас од најмалку три независни извори, Македонија е обврзана да обезбеди диверзификација во снабдувањето со природен гас. Ова би придонело кон поголема пазарна конкурентност, односно поконкурентни цени за крајните потрошувачи.

Состојбите во однос на екстерните трошоци опишани кај енергетскиот систем, можат по истата аналогија да се пресликаат и во начинот на греење на домаќинствата, односно учеството на различни енергенти во овој сектор. За жал, цената ја плаќаме сите – со лош квалитет на живот, скратен животен век, зачестена стапка на респираторни и кардиоваскуларни заболувања, трошоци за боледување.

СВЕТСКИ ИСКУСТВА

Пред да минеме на подетална анализа за состојбите во оваа сфера кај нас, краток преглед на добри практики не само од Европа, туку и од нашето непосредно соседство со кое за жал веќе станува тешко да се споредуваме.

Систем за топлификација во Гетеборг, Шведска

Преминот на Шведска од нафта и други фосилни горива кон целосно свртување на централизирани системи за топлификација во 1990 година, можеби е најважниот поединечен фактор кој може да го објасни драстичното намалување на емисиите на стакленички гасови, како во секторот домаќинства така и во секторот услуги. Денес, има над 80 отсто од топлинската енергија за греење и топлината за санитарна топла вода во резиденцијалните објекти во Шведска.

Централизираното снабдување со топлинска енергија за греење, во исто време значи и поголема можност за поодржливи и почисти форми на горива кои ќе се користат во централната постројка. Многу топлани користат и отпадна топлина од индустриите во близина и на тој начин се рекуперира топлинска енергија која инаку би завршила во атмосферата.

Гетеборг е втор по големина град во Шведска, кој има вкупна должина на дистрибутивната топлификациска мрежа од 1.200 километри и која покрива со енергија за греење над 90 отсто од вкупниот резиденцијален потенцијален конзум во градот. Градот е еден од водечките партнери во иницијативата FED (Fossil Free Energy Districts) почната во јули 2017.

Виена – далечински систем за греење и ладење

Spittelau postrojka za sogoruvanje otpad Viena

Покрај топлификацискиот систем, голем број јавни објекти во Виена се приклучени на системот за далечинско ладење, кој користи отпадна топлина. Оваа отпадна топлина (во најголем дел обезбедена преку постројка за согорување отпад – Spittelau), со помош на апсорпциони ладилни машини се трансформира во енергија за ладење со помош на водата како медиум за обезбедување на далечинското ладење. На овој начин, се обезбедува ефективна и ефикасна климатизација во текот на целата година, без непотребно трошење на електрична енергија. Од друга страна пак, запазена е и естетиката преку архитектонската и уметничка креација на самиот објект. Win-win од економски, еколошки и социјален аспект.

Љубљана – интегриран пристап на топлификација и управување со отпад

Јавната енергетска компанија „Енергетика Љубљана“, која е одговорна за снабдувањето на градот со топлинска енергија за греење, произведува истовремено електрична и топлинска енергија преку когенерација во комбиниран циклус. На тој начин, се овозможува висок степен на ефикасност на процесот на производство.  Во моментот 74 отсто од домаќинствата во Љубљана се приклучени на топлификацискиот систем за греење. На овој начин, загадувањето на воздухот со сулфурен диоксид е дури 40 пати пониско отколку пред 20 години. Дополнително, природниот гас е одамна достапен енергент како за бизнис-секторот така и за резиденцијалниот сектор. Со користењето на гасот кој се создава преку третман на биолошкиот отпад, компанијата „RCERO Ljubljana“ произведува 17.000 MWh електрична енергија и 36.000 MWh топлинска енергија. Биогасот, во овој случај се создава по пат на анаеробна ферментација на биоразградлив отпад.  Во депонијата Barje, јавната компанија за управување со отпад Snaga го зафаќа во резервоари отпадниот гас кој се генерира во процесот на распаѓање  на отпадот. Главно, гасот  се состои  од метан и јаглерод диоксид. Биогасот се насочува кон постројка за производство на енергија и се користи за производство на електрична енергија. Постројката за третман на отпад во Љубљана е една од најмодерните во Европа.

Копенхаген – најстар, најголем и најуспешен систем за топлификација

Топлификацискиот систем на Копенхаген, покрај тоа што е еден од најголемите и најстарите, тој е истовремено и еден од најефикасните во светски рамки. Овој систем обезбедува чиста, доверлива и достапна енергија за греење за над 97 отсто од жителите на градот. Овој иновативен систем ја зафаќа отпадната топлина која се генерира при производството на електрична енергија  и на тој начин придонесува за намалување на емисиите на стакленички гасови во Копенхаген за 665.000 тони (CO2eq). Попрецизно кажано, топлификацискиот систем на Копенхаген ја користи отпадната топлина од постројки за спалување на отпад, односно комбинирани постројка за производство на електрична и топлинска енергија (CHP – Combined Heat and Power Plant). Процесот е истовремено енергетски ефикасен и ја заштитува животната средина. Дистрибутивниот топлификациски систем има должина од 1.300 километри, обединува пет општини, а како топлински извори се користат четири когенеративни постројки (CHP), четири постројки за спалување на отпад и повеќе од 50 котли за покривање на врвното оптоварување. Вкупно генерираната топлинска енергија на годишно ниво е околу 8.300.000 MWh. Овде треба да се истакне дека когенеративните постројки користат исклучиво природен гас или пак биогориво базирано на биогас или биомаса од слама и дрвен отпад.

Postrojka za sogoruvanje otpad i proizvodstvo an energija vo Kopenhagen

Постројка за согорување отпад и производство на енергија во Копенхаген

Топлификација Софија – најголемата компанија за топлификација на Балканот

И топлификацискиот систем на Софија е многу развиен, ефикасен и има околу 410 илјади корисници од кои 365 илјади домаќинства. Фактот што Софија има двојно повеќе жители од Скопје, а топлификациската мрежа на нашата метропола има едвај над 50 илјади корисници, доволно зборува за искористеноста на топлификацискиот систем кај нас и огромниот процент домаќинства кои се греат со разни фосилни горива (најчесто со таков квалитет кој е сериозна закана за здравјето). Должината на топлификациската мрежа на Софија е околу 900 километри.

Имајќи предвид дека отворените депонии исто така се извор на загадување на воздухот, но и почвата и подземните води, неодамна Софија со помош на европските фондови направи исчекор во оваа сфера. Проектот е завршен во 2015 година, со што овозможено е третирање на отпадот (механичко и биолошко), генерирање на гас од отпад како гориво за поддршка на постројките за топлификација на градот, и фабриките за цемент. Органската фракција од отпадот се користи за добивање на компост со кој се врши ремедијација и подобрување на квалитетот на почвите. Проектот овозможува и подобрување на локалната екомонија преку отворање на 71 директни и уште 102 индиректни нови работни места.

Неодамна, Европската комисија соопшти дека дава согласност за предлогот на владата во Софија, за поддршка на системот за високоефикасна когенерација во главниот град. Речиси целиот пакет, од вкупно 93,8 милиони евра за постројка за согорување отпад, се пари од заедничките структурни фондови на сите земји членки. Единствено три милиони евра од вкупната сума се обезбедени од страна на Општина Софија. Постројката за согорување отпад – комбинирана постројка за греење и производство на електрична енергија (Combined Heat and Power-CHP), ќе биде според правилата на Директивите за отпад на ЕУ. Имено, отпадот кој ќе се употребува за добивање на енергија во когенеративниот погон веќе претходно е третиран и не може понатаму да се рециклира. Според тоа, кога тој не би се користел за производство на енергија, би завршил на депонија. Надлежните се согласни со концептот на системот, за кој е предвидено да користи RDF – гориво добиено од отпад, со објаснување дека е во согласност со регулативата за државна помош. Локалното претпријатие за топлификација ќе управува со новиот погон. Планирано е постројката да има капацитет од 55 MWth и 10MWel. Проектот предвидува согорување на 180.000 тони отпад од домаќинствата годишно. Ќе започне со работа во 2023 година.

Изградбата на овој погон е трета фаза од програмата за третман на отпадот за подрачјето на Софија, а се финансира од европските структурни и инвестициски фондови (ESIF) и европскиот регионален фонд за развој (ERDF). Депонијата и системите за анаеробно разградување, дигестија и компостирање се завршени во 2014 година. Потоа, воведени се решенија за рециклажа и фабрика за механичко – биолошка преработка. Локалните власти сметаат на заштеда помеѓу 15 и 18 милиони евра на годишно ниво, бидејќи новиот ресурс ќе супституира 65 милиони Nm3 природен гас.

District-heating-network-management-gis

МАКЕДОНИЈА: СТРАТЕГИИ И СТУДИИ КОИ НЕ СЕ РЕАЛИЗИРААТ

Кои се нашите предизвици? Кои треба да бидат преференциите во однос на топлификациската мрежа односно природниот гас? Уште во 2008 година во Србија е направено истражување (Brkić, 2008) кое ги мапира областите со различна густина на топлинска моќност и определува која опција на греење е најисплатлива. Наместо одредување преференци по овој принцип, во 2014 година во Македонија со измени во Законот за градење се воведува обврска за задолжително поставување на гасна инсталација во секоја нова зграда. И покрај повеќедецениското постоење на инфраструктура за топлификација во Скопје, ваква мерка никогаш не е донесена за овој систем.

Во 2014 година, со удел од 38,10 отсто, електричната енергија бил најкористениот извор на енергија  за греење во Скопје. Веднаш потоа огревното дрво (замислете во главниот град) со удел од 32,32 отсто. Само 28,79 отсто од домаќинствата во Скопје биле поврзани на топлификациската мрежа, додека капацитет од огромни 100 MWth се неактивни потрошувачи кои имаат инсталација, но се исклучиле од топлификацискиот систем. Најчесто нивниот втор избор паднал на електрична енергија или огрево дрво. Но, што се случува со дистрибутивната мрежа за електрична енергија под налетот на овој трансфер од централно топловодно кон греење на електрична енергија? Оваа појава зачести уште пред речиси десет години. Веројатно малкумина се сеќаваат на честите прекини на електрична енергија во населбата Аеродром на улица Владимир Комаров во 2012 година, кога неколку згради комплетно се откажаа од централното греење. Во ваков случај трафостаниците не можат да ги издржат новонастанатите улови, па чести се прекините во напојувањето поради преоптовареност на мрежата. Имено, во времето на проектирање на нивниот инсталиран капацитет, не е предвидена опцијата греење на електрична енергија. Сосема логично за подрачје кое е речиси во центарот на градот и кое има пристап до топлификациска мрежа. Најсвежи се сеќавањата од неодамнешните прекини во снабдувањето со електрична енерија во два последователни дена во Центар и Карпош, повторно поради преоптовареност на мрежата. Разбирливо, повторно греењето на струја е главната причина.

Godisna distribucija an PM2.5 i PM10 vo Centar vo 2014

Годишна дистрибуција на ПМ2,5 и ПМ10 во Центар во 2014

Во 2017 година направена е сеопфатна студија од страна на Машинскиот факултет во Скопје и МАЦЕФ, за определување на оптимални системи за греење на целата територија на Скопје. Генералниот заклучок од споредбената анализа покажува дека системот за централно топловодно греење претставува техно-економски оптимален тип на греење за поголем дел од објектите во условите на градот Скопје. Тоа се однесува на широк дијапазон топлински оптоварувања и концентрации на објекти во градот каде што има достапна мрежа на топловодниот систем, пред сè во урбаните делови на Скопје, како и во регионите каде што нема топловодна мрежа, а се одликуваат со голема густина на објекти со високо специфично топлинско оптоварување кои претставуваат голем топлински конзум. Овој заклучок се потврдува со Стратегијата за развој на енергетиката на Македонија до 2030 година, Програмата за енергетска ефикасност на Град Скопје 2015 – 2017 година, како и со Заклучоците на ГУП на Скопје 2012-2022 година.

Izvori na emisii na PM10 vo Skopje vo 2014 godina

Извори на емисии на ПМ10 во Скопје во 2014 година

Според тоа, ако сакаме системска борба со загадувањето, користењето на греење преку системот за централно греење, не смее да биде прашање на избор. Ваквата практика не е непозната во развиените земји. Уште во 80-тите години на минатиот век, Федералната влада на Данска има воведено даночни повластувања за горивото за постројките за производство на електрична енергија. Тие плаќаат пониски даноци за гориво доколку работат во комбиниран циклус (производство на електрична и топлинска енергија). Во некои случаи, попустот достигнува и до 50 отсто. Ова пак, од своја страна им овозможува на компаниите да ја продаваат топлинската енергија по пониски цени и да бидат конкурентни во однос на другите енергенти и технологии на греење.

Друг, исто така поттикнувачки момент се измените во законската регулатива. Уште од 1979 година, бил имплементиран нов акт за снабдувањето со топлинска енергија, со кој стартувал сериозен процес на планирање на снабдувањето со топлинска енергија во општините. Овој акт им овозможил на општините да ги испланираат зоните за греење на топлификациски систем и да им наложат на домаќинствата задолжително да се приклучат на топлификациската мрежа. На тој начин, освен придонесот за животната средина, 100 отсто искористеноста на капцитетот на топлификацискиот систем овозможила и намалување на трошоците за корисниците.

ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ИНВЕРТЕРИТЕ

Индивидуалното греење со инвертер – клима уреди и колективното станбено греење со топлински пумпи воздух – вода е во предност во регионите со релативно голема густина на објекти со мала густина на топлинско оптоварување (региони со куќи во згуснат распоред). Поради ова се препорачува примената на инверторите / топлинските пумпи да се ограничи и промовира во регионите каде што не е оправдан развојот на централен топловоден систем, односно во периферните региони на градот.

20181005082724

Те-то Скопје

Но, дали последната мерка на владата за субвенционирање инвертери ги следи овие препораки? Наспроти јасните препораки од студијата, ќе добиете средства за инвертер дури и во случај да живеете во центарот на Скопје во индивидуална куќа и се греете на дрва, а имате можност да се приклучите на централното топловодно греење. Дали ова Ви се чини оправдано? Од сите општини во Скопје, единствено би било логично вакво субвенцонирање во пооддалечните населби кои немаат топлификациска мрежа и каде нема доволна густина на топлински конзум за друга опција. Според тоа, урбаните општини Карпош, Центар и Аеродром не припаѓаат во оваа категорија. Што се однесува пак до Битола, каде исто така е предвидена оваа мерка, со жалење мора да се констатира дека уште пред десетина години престана да работи локалното претпријатие за топлификација поради значајно намалување на приклучениот конзум и покачувањето на цените. Во меѓувреме, уште од 2011 година во развој е нов проект за топлификација на градот со енергија од РЕК Битола, а и покрај ваквите планови речиси сите јавни институции во општината се греат на мазут или бараат алтернативни начини без да покажат посветеност и јасни планови за приклучување кон идната топлификациска мрежа. Доколку не се обезбеди доволен критичен конзум (првенствено од страна на јавните институции), тешко дека некој нареден обид за топлифицирање на Битола ќе има успех. Со инвертерите само ќе се зголеми потрошувачката на електрична енергија во градот, но со тоа нема да се намали штетата од загдувањето на РЕК Битола, која според последниот извештај од Секретаријатот на Енергетската заедница сè уште не ги исполнува европските директиви во однос на емисиите на прашина и сулфур диоксид. Според тоа неопходно е прецизно мапирање на типовите објекти и нивната локација за да се утврди подобноста за субвенционирање. Како и дали тоа ќе биде направено, јавноста сè уште не е запознаена.

Додека кај нас сè уште приклучувањето кон топлификациската мрежа е главен предизвик дури и за жителите на главниот град (покриеноста со топлификациска мрежа е околу 30 отсто во Скопје и само 10 отсто на ниво на целата земја), регионот сериозно ги разгледува можностите за користење на обновливи извори на енергија за потребите на далечинските системи за греење и ладење. Тоа беше тема на конференцијата која на 5-ти и 6-ти декември се одржа во Белград, во организација на EBRD и агенцијата IRENA.

naselba Lisice2

Според Paul Voss, директор на Здружението на европските топлани Euroheat and Power, користењето на енергијата од ветерните паркови веќе е реалност во ЕУ, а решенијата за одржливо далечинско греење се меѓу приоритетите на новиот состав на европската комисија. Зборувајќи за другите трендови во ЕУ, тој истакна дека сега многу повеќе се зборува за придонесот на далечинските системи за греење во декарбонизацијата, и дека веќе е видлива трансформацијата на овој сектор. Се зголемува користењето на биомаса, соларна енергија, геотермална енергија, како и на отпадната топлина. Уделот на обновливите извори на енергија во топланите во ЕУ е 19,5 отсто, во Србија само 0,37, а кај нас 0 отсто.

На крајот, сосема логично се наметнува прашањето кое сигурно треба да биде предмет на посложена анализа: Зошто политичарите, донесувачите на одлуки, креаторите на политики едноставно не ги следат насоките кои веќе се дадени во бројните стратешки документи и студии од реномирани експерти во соодветната област? Премала е цената која тие ќе ја платат преку политичката одговорност во однос на цената која ја плаќаме како општество.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top