Насловна / Екологија / Колку е висока еколошката свест во Македонија?

Колку е висока еколошката свест во Македонија?

слика-6

Во последните неколку години, екологијата како наука започнува се повеќе да се развива како резултат на големиот број нарушувања предизвикани од човекот врз планетата Земја. Брзиот начин на живот и развојот на технологијата предизвикаа човекот се понесовесно да се однесува кон својата околина и да заборави на одредени важни фактори кои придонесуваат за поздрав живот и поздрава животна средина. Поради тоа, насекаде низ светот започнаа да се појавуваат голем број организации и здруженија посветени на подигнување на еколошката свест на човекот. Меѓутоа, каде се наоѓа Македонија на мапата на еколошки развиени земји?

Според последните истражувања, Македонија е на дното на листата според нивото на еколошка свест, односно таа е 73 место на листата на еколошки најчисти земји во светот од вкупно 149 држави. Во рамките на Европа, Македонија го зазема третото место на листата од позади, односно рангирана е на 37 место од вкупно 40 држави, а зад нас се само Романија, Украина и Молдавија. Водечко место на листата за најчиста земја во Европа зафаќа Швајцарија, додека од регионот на високо место се котираат Словенија на 15 место, Хрватска на 20  и Албанија на 25 место. Додатно на ова, главниот град Скопје минатата година беше прогласен за втор најзагаден град во Европа, што претставува застрашувачки факт.

слика-7

Според горенаведеното, може да се заклучи дека граѓаниите на Република Македонија имаат ниско развиена еколошка свест. Останува само да се постави прашањето дали тоа се појавува како резултат на недоволната информираност во врска со екологијата и еколошките постапки коишто треба да се преземат или пак на неодговорноста на самите граѓани во врска со одржување на чиста животна средина?

слика-8

слика-2

Живееме во средина каде што никој не води грижа каде го фрла ѓубрето, односно тоа често се наоѓа до контејнерот за отпадоци или фрлено на улица, директно од автомобилот додека се возиме. Исто така, во последните неколку години се поголем број дрвја беа исечени поради потребата да се изградат нови објекти, како што беше случајот со дрвјата кај хотел „Бристол“, дрвјата во строгиот центар на градот поради реализација на проектот „Скопје 2014“ и дрвјата на Водно што постепено исчезнуваат поради изградбата на станбени објекти. Како еден од посериозните проблеми се појавува недостигот на еколошки дозволи и еколошки стандарди на фабриките, како едни од најголемите загадувачи на воздухот, потоа се поголемиот број на автомобили во градовите, прозводството на храна во еколошки загадени околини итн. Македонија претставува неразвиена земја во однос на енергетската ефикасност, односно има голем потенцијал за развој на зелени самоодржливи технологии преку искористувањето на потенцијалот на големиот број сончеви денови, брзите реки, големи ливади со силен ветер итн., меѓутоа, засега на тоа поле не се случува некој поголем развој.

слика-9

слика-4

Република Македонија неколку години наназад започна да спроведува одредни акции со цел подигнување на еколошката свест кај граѓаните, како што се акцијата „Ден на дрвото“ којашто за првпат се појави во 2007 година со цел пошумена Македонија, организирани акции за чистење во помалите општини, поставување на контејнери за селекција на ѓубрето, се појавија различни здруженија и организации, меѓутоа, очигледно, потребно ни е многу повеќе. Треба да се стави поголем акцент на едуцирањето на луѓето во врска со еколошките постапки кои се преземаат бидејќи постојат многу поголем број фактори кои негативно влијаат врз околината од оние што се погоре наведени, а сето тоа ќе придонесе за почиста средина и поголем развој на државата.

Еден коментар

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top