Насловна / Архитектура / Како е возможно да се оствари единство на град и градина?

Како е возможно да се оствари единство на град и градина?

Проектот „Градина – Облак“ беше награден како најдобар проект во второт циклус на студиите на Архитектонскиот Факултет при УКИМ – Скопје. Комисијата која ги оценуваше проектите беше во состав од арх. Мартин Гулески, арх. Доминика Бошкова и арх. Константин Трпеноски.

Проектот е работен во IX семестар 2018/2019 , под раководство на доц. д-р Слободан Велевски и проф. д-р Марија Мано-Велевска и арх. Никола Ѓоргиевски.

Model

Работата на интегративното студио „Образци на раст / Ослободување на просторот“ се состоеше од аналитички период и проектантски период. Во состав на аналитичкиот период, покрај темелната анализа на бројни локални и интернационални проекти, беше остварено и патување во Венеција и посета на Венециското биенале, каде бевме во можност да ги осознаеме најсовремените текови во теоријата на архитектурата. Посетата на биеналето за нас претставуваше синхронизација, синхронизација на нашите размислувања и работата што ни претстоеше со тоа што значи современо размислување.

Во проектантскиот период ги тестиравме различните пристапи на проблемот: Како е возможно да се оствари единство на град и градина?

Model

Основа на приземје

Локацијата која е зададена е дворот на Министерството за култура, кој излегува на две фреквентни улици. Моментално просторот е користен како паркинг и парк и притоа е ограден со масивна ограда која означува дека тој припаѓа исклучиво на вработените во Министерството. Задачата на студиото беше да се измени карактерот на просторот, односно просторот кој е сега речиси целосно приватен, да стане полујавен. Полујавниот простор имплицира на различна фреквентност од јавните површини во градот и претпоставува дека карактерот на просторот ќе има доволно приватност тој да биде користен од одреден број на луѓе на подолг период од денот.

Model

Пресек 1-1

Решението кое го изложуваме се базира на човековата потреба да го уреди она што го чувствува како свое, односно одговорноста на уредување на сопствениот двор. Следствено, повеќе корисници се способни да уредат голем простор доколку има лична потреба и лична иницијатива да се уреди конкретниот простор. Со таа цел, намените кои ги предвидуваме во нашиот предлог се со карактер на специфичен долготраен престој: камп простор кој е од потреба на градот; хостел за туристи и уметници во резиденција; лабораторија за истражување на вегетација. Но, ваквите намени даваат исклучиво приватен тип на користење на просторот и со цел да се оствари фреквентност и јавна намена на локацијата се предвидуваат и намени кои се од времен, социјален карактер: кафе во склоп на Министерството за култура кое гледа кон локацијата, амфитеатар кој може да е во функција на Министерството, Архитектонскиот факултет, приватни организации; како и отворен театар за неформални аматерски, но и професионални перформанси. Театарот е во склоп на плоштад кој е поставен покрај улицата.

Иако најголемиот број од населението во главниот град живее во колективни станбени згради, без привилегијата на приватно земјиште, потребата на луѓето за сопствено зеленило, за свој дел од светот е вечно присутна. Таа потреба е реална и вистинска и при формирањето на концептот ја земавме како сериозен фактор во начинот на кој ќе ја третираме архтектурата и паралелно, градината.

Model

Основа-Хостел

Другиот дел од спектрумот на проблемот е зелената површина. Во пошироката околина на локацијата не е присутно ниту едно парцелирано зеленило што го прави овој простор „единствен слободен остров“ во Дебар Маало. Централното јадро на културата во градот – Дебар Маало е хиперизградена урбана зона. Недостигот на јавен зелен простор во овој дел од градот не е само просторен проблем, туку претставува и еколошки проблем.

Проектот „Градина – Облак“ е концепт на хипервегетирање. На целата површина на парцелата поставуваме правилна модуларна мрежа 3х3 метри која претставува метод по кој се спроведува проектирањето на градината и изградените објекти. Мрежата станува мнозинство на правилно распоредени бели брези (Bettula Pendula) кои поставуваат визуелен и концептуален ред на јавниот простор. Густината на поставувањето на брезите го менува карактерот на просторот, одеднаш во густата урбана морфологија се јавува шумска површина.

Model

Пресек-Хостел

Вегетацијата користена во овој проект е од висок и низок тип. Високата вегетација е белата бреза која расте на висина од 15 до 25 метри. Ниската вегетација е мешавина од диви ниски растенија, папрати, мовови, високи треви, ниски овошки и други грмушести растенија кои виреат под крошните на високата вегетација. Тие ги формираат границите на различните намени во рамките на парцелата. Разновидната вегетација освен различните микроклиматски услови кои ги овозможува, формира и мал независен екосистем на птици, животни и инсекти кои живеат во симбиоза со овој склоп на растенија. Овој ефект на проектот на потесниот и поширок контекст е од незаменливо значење.

Иновативноста во користењето на природната атмосфера како алат на архитектите се препознава во апликацијата на голем број на истородни растенија на мало растојание (феномен кој може да се препознае само во дивата средина), во еден различен контекст, контекстот на строгиот центар на културниот живот на еден град. Дивата природа како решение за недостаток на каква  било природа.

Model

Секоја од намените се проектирани во посебни архитектонски тела. Амфитеатарот е проектиран на +8.50 м со тоа што приземјето останува слободно и тука е сместен јавниот театар и плоштадот. До амфитеатарот се пристигнува со помош на скалишно и лифт јадро. Објектите се предвидени да се изведат во комбинација на бетонска и челична конструкција со фасада од фино обработен пигментиран бетон кој комуницира визуелно со вегетацијата која ги опкружува.

Хостелот е проектиран во два посебни волумени со заеднички двор на кота -3.00 м, на истото ниво каде се јавува и кампот. Вдлабените површини ги сигнализираат сите исклучиво приватни зони и во одредена смисла го означува доменот на грижата што групите на корисници ја имаат. Така се стратифицираат јавните површини (патеките за фреквентните поминувачи).

Како дел од предвидените зафати на овој проект е и пробивање на пасаж низ приземјето на Министерството за култура и пренамена на дел од приземјето и подрумот за потребите на новата кафетерија која ќе биде за општа употреба. Тоа ќе ја зајакне фреквентноста на поминувачи од другата страна на блокот и претставува нова пешачка рута која индиректно ја поврзува една од најфреквентните раскрсници (меѓу ул. Аминта Трети и бул. Партизански одреди) со регионот на Библиотеката, Архитектонскиот факултет, новите кафулиња на Дебар Маало.

Целата парцела е додатно оградена со висока и естетска ограда која е визуелно поврзана со венецот на Министерството (кота +12.5 м) додека во приземјето поминувачите можат да влегуваат и излегуваат слободно.

Model

Значајноста на овој проект е во иновативниот пристап во програмирањето на парцела во густата морфологија на централното градско ткиво, препознавањето на вистинска потреба од зеленило кое поради депривацијата од слични слободни површини мора да задоволи различни потреби, предвидувањето нов тип на градина, колективна градина, која ќе биде достапна за сите, но приватна во својот карактер.

Автори: Сашо АНДРИЈЕВСКИ, Урош НИКОЛОСКИ, Љубен ТРАЈАНОСКИ

Студенти на Архитектонскиот факултет при УКИМ

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top