Франческо Читро – Имаме многу бои, нè има многу, а нè спојуваат мноштво идеи. Освојувачи сме на просторот!“
Натпреварувањето за ЕКСПО 2015 започнува тука на плоштадот Дуомо, каде што архитектот Ренцо Пиано предложи да посади неколку дрвца, со цел да се даде јасен знак дека нештата се менуваат, дека ни е потребен позелен живот и позелено место за живеење.
Милано е град со многу лица: од една страна е главен град на модата и дизајнот што е рефлектирано во естетиката на зградите во центарот на градот, но од друга страна тој е индустриски центар за одличноста, град кој ги опишува годините на италијанскиот економски раст, и чија потреба за изградба на згради за домување го проширува од сите граници. Новите модерни маала се блиски до потребите на минатото и сега: повеќе јавни простори по глава на жител и многу позелени. Но, она што може да се види во Милано, како и во многу други градови од полуостровот, е присуството на аморфни простори, домови на илјадници луѓе на кои им недостасува поврзаност, домови кои не можат да помогнат во социјализацијата, во запознавањето на луѓето едни со други. Морето од бетон ја поплави земјата, се здружи со индиферентноста и невидливото историско и изворно јадро, селата, руралните средини, селските куќи, инфраструктурата, природата и знаците на растечкиот раздвижен процес на населување во областа. Дури и нередот во градот се развива по одредена шема: историскиот центар на градот, во кој урбаните простори се дизајнирани да бидат архитектонски способни да го изразат чувството на „место“, прикладно за социјализација.
ПРАЗНИНИ
Надворешноста на градот (Надвор од градот) се карактеризира со отсуството на традиционални урбани средини во кои преовладуваат „празни“ површини: празнини кои искажуваат индивидуализам, а во вакви услови е тешко индивидуата да се социјализира поради отсуството на соодветни јавни простори, дури е уште потешко кога човекот нема пријатен поглед од малата површина на куќата, речиси секогаш поставена во кошници од кондоминиумски комплекси, и фактот што надворешните простори (дворовите) кои ја опколуваат куќата се тотално отсутни. Многу често, овие популарни маала биле предмет на внимателно планирање, но чисто идеолошки, и методолошки сиромашни, а тоа е причината за неуспехот на многу архитектонски достигнувања, затоа што не успеале да обрнат вистинско внимание на проблемите и потребите на домашната димензија на животот. Но, овие неуспеси се поврзуваат со архитектонската криза и катастрофата создадена од неселктивниот раст на современиот град, по мое мислење, недостаток на идентитет. Тие се формирани како резидентни (домашни) области изградени како резултат на „екстензивно истражување“ кое ги зафати умовите на генерации архитекти, кои беа жестоко критикувани од корисниците, непризнаени од јавноста како соодветни модели за живеалишта. Никој не сака да живее во „кошница“. Овој концентричен и радијален град, кој е без форма и се шири постојано и недефинирано, води кон кризата на двете главни уредувања: градот и селото. Од една страна, оваа состојба ги зголемува трошоците што се поврзани со обезбедување на услуги на граѓаните, така што луѓето можат да стигнат до најдалечните работни места, задирајќи во џебовите на даночните обврзници со цел да се обезбеди нивно поголемо задоволство. Од друга страна, личи на „рак рана“ која се стреми да ги измачува луѓето што со неа се соочени и влезени во забрзан процес, кој треба да го регулира дневното движење на масите кон центарот на градот. Значи, она што треба да се разбере е дека на човекот лошо делува да биде сместен во „фиока“: таа треба да се разбере како стан (кошници кои ги спомнавме претходно), како дел од глобалниот механизам… Лично, јас мислам дека сè што е спротивно на социјализацијата е против човековата природа. Многу дизајнери забораваат дека иако живееме во ерата на технологијата и машините, овие работи треба да ни служат како субјекти на нас, луѓето, да нè поддржуваат или да нè заменуваат во одредени работи, но никогаш не смее ние да станеме машини. Да ги потврдиме овие хипотези, ајде да одиме на пат до Барона вечер.
БАРОНА
Барона е маало во предградието на Милано, и е карактеристично бидејќи претставува линија помеѓу селото и градот. Кога се шеташ во Барона, поминуваш по една голема авенија, каде можеш да видиш големи блокови на згради, типични за историскиот период на модерната архитектура. Тие згради мораат да гарантираат комфор, токму поради добрите патишта, паркинзите и другите услуги, но на крајот, барем оние што не живеат во оваа област, можат да ја забележат изолацијата и осаменоста. Сепак, постојат и други луѓе кои сакаат да се изразат себеси. Тука, младите умови се собираат да обезбедат алтернативи на големите имиња презентирани на новото ЕКСПО. Ние ги предложуваме нивните идеи, откако добро ќе ја истражиме историјата на областа. Всушност, тие згради, посебно оние историски згради, кои биле дел од старото рурално село, се крвотокот. На овој аџилак ме придружуваа двајца млади дизајнери, Марта Гризо и Валерија Кодара. Тие покажаа како ова маало, како и многу други, има силна концентрација на човечка енергија. Се движиме по улиците со нивниот изум – „движечкото игло“, посебно интересен социолошки експеримент. Мобилно засолниште, шатор кој прераснува во навика: аџијска маска, симбол на идентитетот во истражување и трансформација, која се случува преку меѓусебен контакт, преку разменување на идеи… , која води до можно повторно раѓање на единката. Во „бетонската шума“ живеат поетски слики, прекумерни звуци и празен аудиториум. Иглото е начин да се влезе во меѓусебна врска со територијата, медиум кој ќе ги поттикне социјалните контакти и новата визија на градот. Во талкањето по соседството, во потрага по „социјален контакт“, среќаваме друг млад дизајнер, Џулио Кросара, кој преку своите слики ми дава повеќе објаснувања во врска со можните решенија со кои како предизвик ќе се соочиме за идното Милано. Со понатамошно истражување тој се обидува да создаде нов вид на продуктивна размена со реалноста во соседството. Посебно ми е интересен проектот како што е Конзорциум „La Cordata” и оној за урбани зеленчукови градини. Наоѓам дека овие проекти предизвикуваат силен пресврт и за дизајнерите и за луѓето што живеат на тие места. Конзорциумот е општествена заедница која делува во градското подрачје на Милано, која како најважна цел го има принципот на „добре дојдовте“. Градските зеленчукови градини, на иста линија со Конзорциумот, претставуваат најнов тренд во Милано, но исто така, и во останатите големи градови. Тоа е проект кој ги опфаќа сите потреби на луѓето. Градскиот живот заморува, делува на нас и не ни остава никаква можност да се запознаеме едни со други. Па, што беше измислено? Еден вид земјишен процеп помеѓу градбите. Луѓето одат таму после работа, а најголем број од нив се професионалци како лекари, банкарски менаџери, деловни луѓе и многу други. Благодарејќи им на овие успешни идеи и трендови, со последниот референдум одржан во средината на јуни оваа година, градот одлучи да продолжи два клучни проекти: Светска градина и Патот на земјата и водата.
РАЗЛИКИ
Оваа операција е фокусирана на промоцијата на вреднувањето на разликите, формите и процесите на интеграција во логична супстанцијалност помеѓу различни учесници вклучени во насока на креирање на заедничко добро на овој град. Победничката идеја на ЕКСПО 2015 е голема градина со сите плодови на планетата, која симболично се стреми да ги нахрани сите жители. На Миланското ЕКСПО 2015 ќе има простор за целата планетарна биомаса (мешавина на билошки видови) низ која ќе поминуваат нови велосипедски патеки, каде што ќе можете да ги видите, помирисате и вкусите сите плодови од далечните земји. ЕКСПО ќе биде една огромна планетарна ботаничка градина отворена за граѓаните на Милано и од светот. Место за свеж состанок помеѓу земјоделството и градовите, кој буквално ќе го нахрани Милано, духовно и интелектуално. Ќе биде поставен голем производствен парк за преработка на храна, на ортогонална решетка, опкружен со водни канали и прошаран со бројни архитектонски пејзажи. Павилјонот ќе биде домаќин за експериментални земјоделски полиња, овоштарници, градини, стакленици, преработка на храна каде што посетителите ќе можат непосредно да го набљудуваат процесот (и да го пробаат финалниот продукт) на целиот животен циклус на прехрамбените производи. Многуте национални павилјони ќе бидат групирани според нивните гео-климатски услови. На крајот, покрај периметарот на просторот, големи биоклиматски стакленици, дизајнирани да ја обноват главната планетарна биомаса (тропска шума, тундра, медитерански пејзаж, екстремни клими од половите, пустина… ) ќе биде почетна точка, честичка култивирана од страна на различни земји, а секако и единствена атракција за посетителите во 2015 година во Милано, со цел да се покаже и почувствува природниот пејзаж и климатските услови на планетата, заедно со нејзината биолошка различност и растенија чија дивина во иднина би требало да се почитува. Овие промени не само што ќе влијаат на градините туку и на околината што ќе биде дел од останатите два проекти, Водниот пат и Патот на Земјата.
Милано сака да ја обнови старата врска со водата, правејќи ги пловни каналите, каде што во минатото поминувале главните трговските рути. Овој проект треба да го обнови стариот начин на транспорт: од овие канали ќе произлезат нови транспортни системи, нови места за социјализација и „Нова Венеција“. Во текот на годините на експериметирање со социјално домување, можеби забораваме дека сè уште сме луѓе, дека мораме да создадеме услови за живеење во нашето опкружување, каде што има пристап до повеќето работи кои ни се потребни секој ден, со посилна врска со основните елементи на земјата, водата и зеленото. Тие создаваат внатрешно чувство на комфор, една идилична благосостојба која се одразува однадвор. Живеејќи во таква релаксирана средина, ќе бидеме отворени кон светот, спознавајќи се себеси, барајќи нови знаења и истите ќе ги пренесуваме и практикуваме. Од Милано-Експо се очекува многу, и веројатно со концептот „град – зеленчукова градина – градина“ ќе започне нова линија на дизајн во која ќе се инвестира во годините по 2015.