Насловна / Вести / Холидеј Ин: Прекумерна градба во центарот на градот, која се одвива без јасен концепт за развој

Холидеј Ин: Прекумерна градба во центарот на градот, која се одвива без јасен концепт за развој

Откако се обзнани дека се вршат припреми за отпочнување на градбата на првата фаза од предвидениот комплекс на локацијата кај Холидеј Ин, јавноста повторно се вознемири. Навистина постои Одобрение за градење, но едновремено постои и Решение во Општина Центар за суспензија на Деталниот урбанистички план за тој простор кој не е усогласен со Генералниот план на Град Скопје како акт од повисок ранг. Поради овој факт Државната комисија за спречување корупција има поднесено Иницијатива за кривично гонење за злоупотреба на службена должност за сите учесници во донесување на спорниот план, донесен во декември 2012 година, како и за градоначалниците кои до ден денешен се оглушиле на потребата истиот да биде усогласен, утврдувајќи дека неговата неусогласеност го нарушува јавниот интерес.

1.1_resize 1_resize

ДРЖАВАТА СЕ ОДЛУЧУВА ДА ГО ПРОДАДЕ СВОЕТО ЗЕМЈИШТЕ НА ПРИВАТЕН ИНВЕСТИТОР

Реакциите на јавноста се движат во два правца. Едните жестоко реагираат на отуѓувањето државно земјиште од 9.048 квадратни метри по цена од 300 евра/м2, која е далеку пониска од реалната пазарна цена. Продажбата на земјиштето е извршена поради дооформување на градежната парцела согласно спорниот ДУП на инвеститор кој во моментот на продажбата поседувал само 30 отсто од земјиштето. Овие сознанија отворија сиасет прашања, што сè се случувало на овој простор после земјотресот во доменот на имотно-правните односи, простор останат како црна дупка во централното градско подрачје, некогашно Ново Маало. Целиот овој простор е ограничен во планските документи како Градска четврт Ц08 и има вкупна површина од 8,9 ха (89.000 м2). Пред почетокот на неговата распродажба 48 отсто од земјиштето е во државна сопственост.

По  донесување на Законот за државно земјиште, целиот овој период жителите на  Ново Маало си ја регулираат својата реална сопственост или преку Законот за денационализација или преку Законот за приватизација на градежно земјиште. За жал, тие остануваат да живеат пола век во своите истрошени домови, без право на градба заради јавниот карактер на тој простор. Државата се одлучува да го продаде своето земјиште на приватен инвеститор, под мотото на брзо оформување на овој запуштен простор, заменувајќи ја доминантната јавна намена со доминантна намена домување преку промена на Урбанистичкиот план. Во оваа одлука и жителите на Ново Маало си го гледаат решението на својот проблем и покрај тоа што е евидентно дека ќе треба уште да почекаат додека се најде инвеститор кој ќе ги задоволи нивните пазарни барања.

сопственост_resize

Сопственост на катастарски парцели во рамки на регулациони линии на Градска четврт Ц08

Овој пат многу гласни беа и реакциите на стручната јавност која е многу сензитивна на прекумерната градба во центарот на Скопје, која се одвива без јасен концепт за развој на градот и со анахрони ад хок решенија. На оваа локација, која се сметаше за идентитетско прашање за градот, се очекуваше преку натпревар на идеи да се оформат програмските барања на новонастанатите услови во развојот на Скопје и неговите незадоволени потреби од јавен интерес. Се очекуваше на овој простор да  се изгради нов градски центар кој ќе му ги залечи нанесените рани на градот во изминатиот период на брза и воглавном необмислена градба.

ОВОЈ ГРАДСКИ КВАРТ СЕКОГАШ СЕ КОРИСТЕЛ КАКО ЈАВЕН ПРОСТОР

Овој градски кварт покрај реката Вардар секогаш се користел како јавен простор. Пред Втората светска војна на тоа место имало јавна бања наречена Вардар бања, која користела вода од реката Вардар. По војната со модернизација на градот со планот од 1948 година се нагласува јавниот интерес на овој простор и му се дава културен, политички и образовен карактер. Во тој период се гради грамадната физичка структура во интернационален стил со комбинирана содржина од јавен и управен карактер. Тука бил сместен Правниот, Филолошкиот и Филозофскиот факултет, во рамките на објектот бил Ректоратот на новоформираниот Универзитет, како и администрацијата на МВР. Поради големи оштетувања од земјотресот од 1963 година, објектот се руши и просторот останува празен до денишни дни.

2_resize

Ректорат

Во меморијата на постарите колеги длабоко е врежан постземјотресниот концепт за овој простор од планот на Кензо Танге вграден во ДУП-от од 1967 година. Според тој план предвидена е изградба на Републички центар кој ги инкорпорира тогашните потреби на државната  администрација, на Парламентот, Претседателска палата и на други јавни и деловни функции. Концептот на таканаречениот Републички плоштад имал за цел да ја вклучи реката Вардар во структурата на градот и да ги соедини двата брега со пешачки мост. Како „соединувач“ на двата брега, просторот е обрабен со ниски физички структури високи 12 метри и со познатата нагласена вертикала на десниот брег со деловен објект од приземје и 24 ката, што во тоа време се сметаше за екстремна висина.

Предвидената густина на градбата се смета дека е мала (0,4 к) за централно градско подрачје.

tange_resize

Републичкиот центар во планот на Танге

fd5f6cc3-eeb9-4861-8155-009dc0290408_resize

КОНКУРС ЗА АРХИТЕКТОНСКО РЕШЕНИЕ – СОЕДИНУВАЊЕ НА ДВАТА БРЕГА

По долга пауза, овој напуштен простор влегува во центарот на интерес во 1994 година со распишување Конкурс за идејно-архитектонско решение, овој пат во изменети општествено-политички околности, во самостојна Република Македонија.

На учесниците на конкурсот им се даваат одредени програмски насоки за оформување на новиот Републички центар кој треба да содржи парламент со претседателска палата, хотелски комплекс, црква, мултинаменски бизнис-центар…, но истовремено им се остава слобода за нови идеи, со напомена со идеите што ќе се предложат да се создадат предуслови за брза реализација и целосно оформување на просторот. Според тоа се наѕира намерата, решенијата од овој конкурс да бидат употребени за ревизија на постоечкиот ДУП.

SKM_C25821122409590

Конкурс за комплексот Републичкиот центар: трета награда – Зоран Штаклев

Наградените конкурсни решенија не отстапуваат од првобитната идеја на Танге на соединување на двата брега, но сепак се очитуваат големи разлики во концептите, архитектонското обликување и микрогрупирањето на атрактивните градски содржини. Едни нудат „Градско сити“ со воспоставување амбиенти според европски морфосинтаксички принципи, тоа е време на постмодерната, со згуснување на предвидената изграденост, формирајќи отворени и затворени плоштади, континуирани кејови, пјацети со секундарни елементи како споменици и фонтани.

SKM_C25821122409591

Конкурс за комплексот Републичкиот центар: трета награда – В.П. Коробар, М. Грчев и Ј. Силјановска

Други го поддржуваат доцномодерниот принцип на два отворени плоштади кон реката со слободностоечки атрактивни објекти.

Додека трети, можното решение го бараат во смели идеи со проширување на речното корито, пуштање на реката која навлегува подлабоко во центарот и со  обогатување на нови амбиенти на кејот.

SKM_C25821122409591

Конкурс за комплексот Републичкиот центар: трета награда – М. и О. Мојсови

За жал, идеите и од овој конкурс останаа на хартија и не ги раздвижија активностите за брзо обликување на овој недозволиво запоставен простор во центарот на градот.  Новомаалци останаа во нивните трошни куќи, кои со напливот на новото време почнаа да ги користат за сервисни услуги, перење автомобили, вулканизери, мали приватни фирми, а слободниот простор градот го користеше како хаотичен паркинг со дивоформирана автобуска станица на туристичките агенции.

ЗОШТО ДРЖАВАТА ШЕСТ ДЕЦЕНИИ ЉУБОМОРНО ГО ЧУВАЛА ОВА ЗЕМЈИШТЕ?

Нејасно останува зошто државата шест децении љубоморно го чувала ова земјиште со јавна намена (администрација, управа, парламент, претседателска палата…) и покрај очигледната потреба од ваков вид на функции кои често се одвиваа во времени објекти изградени после земјотресот. Потребата од овие јавни функции се зголемува особено после осамостојувањето на Републиката.

Дел од овие потреби масовно се реализираа преку градби во рамките на проектот  „Скопје 2014“, користејќи државно земјиште низ центарот на градот, веќе озеленето како парковска површина, се поставуваа објекти врз воспоставени улични коридори и кејови, избегнувајќи да се чепне во овој простор, кој бараше труд и државен влог за расчистување на имотно-правните односи.

Во 2012 година со брза постапка, без посериозно вклучување на јавноста се донесува нов ДУП кој сериозно ги игнорира параметрите од постојниот ГУП. Сметајќи на променетото време, во услови на либерална пазарна економија, Градот и Општината се откажуваат од јавниот карактер на просторот, а со тоа и од јавниот интерес и се прави значајна промена на неговата намена, воведувајќи на мала врата   домување и комерцијални содржини. Се очекува  дека така најлесно ќе се реализира градбата на тој простор со едновремена  можност за остварување значаен профит (личен).

Со ревидираниот ДУП од 2012 година се предвидуваат фамозни 600.000 квадратни метри новоизграден надземен изграден простор со висини од 20, 40 и 180 метри, со што енормно се зголемува густината на населеност до можни новонаселени, неверојатни 10.000 жители. Згора на сè, без да се чепне во постојната сообраќајна мрежа која и во овој момент е преоптоварена.

Се напушта идејата за поврзување на двата брега на реката, овој план го третира само десниот брег на Вардар, вртејќи ѝ грб на реката и на содржините на левиот брег.

3_resize

ЗАЛОЖНИЦИ НА ИНТЕРЕСИТЕ НА ИНВЕСТИТОРИТЕ

Што губат градот и државата, а што граѓаните со продажбата на државното земјиште и со реализацијата на спорниот ДУП?

Државата и  градот губат 25.000 квадратни метри земјиште во своја сопственост и наместо овој значаен ресурс да го употребат за јавни цели со јавно-приватно партнерство, по примерот на „Белград на вода“, и да остварат своја добивка и можност за расчистување на локацијата, покажувајќи грижа за своите граѓани во Ново Маало и добивајќи свој дел, чиста локација за креативно реализирање на објекти и слободни површини од јавен карактер (мултимедијален центар, концертна сала и други потреби на градот, неоптоварувајќи го просторот со енормен број на нови жители.

Граѓаните дефинитивно го губат овој простор како јавен простор и стануваат заложници на интересите на инвеститорите, кои доколку ги реализираат сите можности што им ги нуди планот ќе го загрозат нормалното функционирање на сообраќајот во центарот, ќе се зголеми загадувањето на воздухот, се попречува  природното струење од реката и ќе се отвори проблемот на инфраструктурната мрежа која не е димензионирана за новопредвидените капацитети.

02_resize

Актуелниот ДУП е стар 9 години. Сериозните укажувања на стручната фела со анализите од Одделението за урбанизам на Општина Центар за суспендирање на планот, реакциите на граѓаните и на многубројни здруженија е сериозен сигнал дека тој треба во нормална и ефикасна процедура да се ревидира и да се создадат услови за функционален простор, поврзувајќи ги двата брега со нагласено идентитетско значење, што е многу потребно во понатамошното обликување на градот.

Ревизија на планот и негово краткорочно суспендирање на нереалната, нестручна варијанта, ако има политичка волја, граѓанска волја и тоа како постои.

Автор: Билјана ФИЛИПОВСКА, дипл. инж. арх.

Еден коментар

  1. Levajkovic Toni

    Bravo Biljana,
    Vakvi luge i se potrebni na Makedonija

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top