Насловна / Вести / Геотехнички истражувања и испитувања за утврдување на причините за настанати деформации во фаза на експлоатација на линиски објекти

Геотехнички истражувања и испитувања за утврдување на причините за настанати деформации во фаза на експлоатација на линиски објекти

Геотехничките истражувања и испитувања за линиски објекти-патишта, придонесуваат за нивно правилно проектирање, а со тоа спречување на несакани појави до кои може да дојде во текот на експлоатација на објектот.

Геотехничките истражувања се основна алатка за осознавање и собирање на релевантни податоци за теренот не само пред изведба на некој инженерски објект, туку и осознавање на појавите што довеле до девијации и нарушување на „компактноста“ на теренот и самата градба во периодот на негова експлоатација.

Во продолжение кратко ќе биде презентиран обемот и видот на истражувања и испитувања направени за линиски објект кој во текот на неговиот период на експлоатација во голема мера се деформирал, а со цел утврдување на причините што довеле до тие појави, како и одредување на мерки за санација.

Проект

Елаборат од геотехнички истражувања со димензионирање на коловозна конструкција на ниво на основен проект за санација и рехабилитација на патниот правец А1, делница Неготино – Демир Капија (во двата правци)

Реализирани теренски активности

- Геодетско снимање на теренот

- Инженерско-геолошко картирање на теренот

- Изведба на истражни дупнатини и бунари

- Сечење на асфалтната конструкција

- Изведба на опити на стандардна динамичка пенетрација (SPT)

- Определување модул на стисливост со динамичка кружна плоча

- Определување на природна влажност на самото место

- Определување на волуменска тежина – метод со калибриран песок

- Геотехничко картирање на материјалот од дупнатините, бунарите и истражните места

- Земање на оптимален број примероци за лабораториски испитувања

- Вадење кернови од постоечки асфалт

Геотехнички карактеристики на теренот

Истражуваната секција се протегa во близина на с. Тремник до непосредна близина на Демир Капија и има ге­не­ра­лен правец на протегање северозапад – југоисток.

Теренот на истражуваната секција, според обликот генерално е рамничарски, но во одредени делови од трасата се јавува и ридест терен. Поради ваквата морфологија на теренот при изведба на автопатот изведени се голем број расеци, засеци и насипи.

Според литолошкиот состав, теренот во двата правци е изграден од флишни седименти со серија од глинци, песочници и лапорци со најразлична нивна застапеност во зависност од морфологијата на теренот.

Песочниците се вообичаено во слоеви со поголема моќност, имаат лапоровито цврсто врзиво и како крута маса се испукани нормално на слоевитоста, при што се фомираат призматични блокови. Глинците и лапорците се во тенки слоеви, тенкоплочасти до ситно луспести и претставуваат понеотпорна средина, лесно се распаѓаат во ситна дробина, па дури до потполно распаѓање во глиновита материја.

Истражни дупнатини

Со теренските истражни работи извршено е истражно дупчење на 18 (осумнаесет) дупнатини со поединечна длабочина од 3,00 – 8,00 m’. Истражните дупнатини се изведени во брзата лента на коловозната конструкција во двата правци на автопатот.

Slika 1. Slika 1.1

Слика бр. 1 Изведба на истражни дупнатини

Истражни бунари

Извршен е рачен ископ на 10 истражни бунари со поединечна длабочина од 1,00 – 2,40 m. Истражните бунари се вршени од десната страна на автопатот во двата правци. Во истражните бунари вршени се и испитувања со динамичка кружна плоча како и определување на волуменска тежина со метод на калибриран песок.

Истражни места

Во рамки на теренските истражни работи, извршено е сечење на асфалтната конструкција на 9 истражни места во запирната лента на двата правци. По остранување на асфалтот, вршени се испитувања по метод на кружна плоча, определување на волуменска тежина со калибриран песок и определување на природна влажност на самото место со сушење на материјалот. Овие испитувања се правени на секoja промена на материјал или на секои 0,30 m во однос на длабочина.

Slika 2

Слика бр. 2 Сечење на асфалтна конструкција и испитување модул на стисливост со in situ испитувања

Преку извршените детални теренски и лабораториски истражувања и испитувања, добиени се податоци за видот и начинот на вградени материјали при формирање на трупот на патот и утврдени се причините што довеле до појава на деформациите.

Најголемиот број деформации се регистрирани во доловите и расеците, каде атмосферските и отпадните води се инфилтрираат во трупот на патот.

Флишните седименти во постојан контакт со вода ги губат своите јакосно деформабилни карактеристики поради што е дојдено до деформации на трупот од патот, кои се рефлектираат на горниот строј од возниот абечки коловоз и се причина за произлезената состојба.

Интерпретација на податоци

Видот и количината на истражувањата и испитувањата се одредува според настанатите деформации како и типот на линискиот објект.

Според добиените податоци од извршените теренски и лабораториски истражувања и испитувања е изработен Геотехнички елаборат за санација на предметната секција од автопатот Неготино-Демир Капија.

Во геотехничкиот елаборат се опфатени сите геомеханички и инженерско-геолошки аспекти со нивните влијанија на истражуваниот терен, со интерпретација и анализа на податоците, кои се база за дадените препораки за санација на автопатот.

Како заклучок можеме да кажеме дека соодветно дефинираните геотехнички истражувања и испитувања се база за одредување на причините за настанатите деформации во фаза на експлоатација на линиските објекти и истите се неопходни за одредување на мерки за санација.

Подготвиле: Благоја Филиповски, дипл.инж.геотехника, Борче Руменовски, дипл.инж.геотехника (ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др. ДОО, Скопје)

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top