Насловна / Вести / Полска термоелектрана на јаглен мора да ја санира штетата по живиот свет на реката Висла

Полска термоелектрана на јаглен мора да ја санира штетата по живиот свет на реката Висла

Полската компанија Enea Wytwarzanie, оператор на термоелектраната Kozienice, добила рок од 60 дена да предложи мерки за санација на штетата нанесена на екосистемот на реката Висла. Според наводите на еколошките организации кои ја покренале постапката, ова е прв случај во Полска во кој надлежниот орган формално бара санација на еколошката штета поврзана со работата на една електрана.

Висла е најдолгата река во Полска и дел е од мрежата Natura 2000. Термоелектраната Kozienice, со која управува компанијата  Enea Wytwarzanie, сместена е околу 100 километри од Варшава, токму на крајбрежјето на оваа река. Enea Wytwarzanie е во доминантна државна сопственост. Електраната е втора по големина во земјата, а најголема која користи антрацит. Има 11 блокови: осум по 200MW, два од по 500MW и новиот B11, со моќност од 1,08GW. Тој е пуштен во работа во 2017 година. Сите блокови освен B11 користат проточен систем на ладење, зафаќајќи вода директно од Висла. И покрај заштитните решетки, многу организми страдаат низ инсталацијата за ладење. Еколошките организации меѓу кои се Towarzystwo na rzecz Ziemi (Општеството за Земјата), Eko-Unia, Fundacja Greenmind и Wspólna Ziemia (Заедничка Земја), укажуваат на овој проблем уште од 2021 година. Тогаш тие поднеле пријава до Регионалната дирекција за заштита на животната средина (RDOŚ), по што е покрената постапка.

Пет години подоцна, на 28-ми мај 2026 година, RDOŚ издава формално барање со ро од 60 дена за претставување на план за санација на екосистемите на реката Висла. Доколку операторот не го стори тоа, дирекцијата ќе издаде обврзувачки налог со список мерки кои треба да се превземат.

Резултатите од повеќегодишното истражување кое го водел ихтиологот Томаш Миколајчик, покажуваат дека проточниот систем на термоелектраната секоја година усмртува примероци од вкупно 23 видови риби, вклучувајќи и шест заштитени видови. Од еколошките организации како краткорочна мерка предлагаат Enea Wytwarzanie да го намали производството во текот на ноќта во периодот од април до јули, кога ларвите плутаат низ реката. Но, Enea тврди дека старите блокови имаат технички минимум под кој не смее да се оди.

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top