Насловна / Архитектура / Експериментален „жив“ стан

Експериментален „жив“ стан

Во светот во кој живееме, опкружени сме со голем број организми кои не можеме да ги видиме со голо око. Микробите се дел од светот и тоа е факт, но исто така и дека тие живеат во нашите организми. Како влијаат на здравјето на нашите организми зависи од многу фактори, а за целите на тоа истражување, научниците создадоа „стан“ во форма на многуаголник каде ќе ја испитаат оваа врска. Овој експериментален стан наречен „Оме“ ќе се наоѓа на кампусот во рамките на Универзитетот Њукасл.

stan

Целта на проектот е да се истражи влијанието на микробите врз човечкото тело и да се создаде генерација на поодржливи згради што можат да се градат од „живи“ материјали. Истражувачите од Универзитетот Њукасл со колегите од Универзитетот Нортамбрија ќе работат  на проучување во надеж дека резултатите ќе послужат како насоки за создавање на поодржливи згради. Сепак, не само што е поодржливо во смисла на намалување на емисиите на јаглерод диоксид, туку и со цел да се создаде биолошко опкружување кое на долгорочен план му користи на човековото здравје.

Станот „Оме“ ќе се наоѓа над истражувачката лабораторија. Тој е дизајниран така што внатрешните и надворешните sидни панели можат да се отстранат и заменат за да се тестираат различни примероци од материјалите од кои се направени и кои ќе се одгледуваат од микроби. Истражувањата се во рана фаза, но без оглед на тоа, научниците напредуваат со создавање и модификација на бактерии кои произведуваат минерали и полимери. Ова ќе биде слично на студијата од 2019 година, во која е направена бактеријата ешерихија коли со цел да се создадат варовнички честички.

stan1

Тестовите најпрво ќе се вршат во лабораторија и после тоа ќе бидат преместени за понатамошно истражување во станот, т.е. полигон на спратот. Исто така, ќе бидат спроведени процеси за претворање на отпадот од тоалети, храна и слично во гориво и електрична енергија. Во меѓувреме, тимот ќе го проучи животот на микробите во станот со цел да открие како различните материјали и системите за вентилација влијаат на бактериската заедница што живее во неа. Целта е да се истражат ефектите што овие организми ги имаат врз здравјето на луѓето.

Овој „жив“ стан и лабораторија се дел од поголем комплекс во рамките на Универзитетот Њукасл и се наоѓаат во рамките на HBBE (Центар за биотехнологија во изградената околина) кој се фокусира на развој на биотехнологија и одржливи „живи“ згради. Изградбата на овој истражувачки стан се очекува да заврши на пролет оваа година.

Испрати коментар

Scroll To Top