Насловна / Вести / Дроновите – нов модел на испорака во градот

Дроновите – нов модел на испорака во градот

За време на моите прекрасно поминати двегодишни магистерски студии на Политехнико ди Милано во Италија имав можност да бидам дел од студиото за технолошки иновации предводено од визитинг-професорот Хектор Фернандез Елорза од Шпанија. Тој, како главен професор, заедно со професорот Јакопо Леверато од Италија, ни помагаа и ни ги насочуваа нашите идеи во времетраење од еден семестар (септември 2018 – јануари 2019). Тие имаа за цел да ни ја прошират имагинацијата, но во исто време да истражуваме и да ги користиме најновите технолошки иновации. Програмата беше насочена кон еден главен потег – булеварот Пасео де Кастелана во Мадрид, Шпанија. Всушност, за време на тој семестар, ние студентите имавме задача да работиме на три специфични локации – Кралската ботаничка градина да биде пренаменета во простор за одвивање на музички концерт, потоа Плаза де Колон, каде наша задача беше да ја промениме целата атмосфера на плоштадот, и третиот дел беше Плаза де Кастиља – која претставува сообраќаен „чвор“ на превозните средства како автомобили, автобуси, метро и возови и од нас се бараше да се подготви подетална програма за транзит и логистичка размена. Мадрид беше и моменталниот град на живеење на професорот Елорза, па така тој ни организираше работилница и презентација пред архитектот Алберто Кампо Баеза, а воедно и посета на градот, архитектонските знаменитости, музеите, и секако, посета на трите наши локации. Во тој период од четири дена, целата група од 40 луѓе се запознавме повеќе и се почувствувавме како тим, заеднички обидувајќи се да дојдеме до идејни решенија преку дискусии, вежби и примери зададени од професорот. Сепак, бевме поделени во 10 групи по четири студенти, а јас работев со Сања Гогиќ, Тамара Стефановиќ и Ивана Џида. Веќе имавме претходно работено на друг проект, па морам да признаам дека работата ни одеше одлично, а склучувањето договори не предизвикуваше никакви проблеми.

Model

„РОЛ МОДЕЛ“ ЗА ИДНИТЕ ГРАДОВИ
Овој пат ќе зборувам повеќе за нашиот трет проект на кој ние му го зададовме името „Амазон Дрон-Порт“. Програмата која ја добивме на почетокот гласеше: „Амазон, како фирма која секојдневно се проширува сè повеќе и повеќе, одлучува да ја заземе Норте транзит станицата во Мадрид. Сака да експериментира инвестирајќи во нов модел на испорака во градот, притоа да ги земе во предност инфраструктурите за транспорт и да стане ’рол модел‘ за идните градови“.

2
Се запознавме и со „Last Mile Problem“, односно поим кој се користи во планирањето при транспортот за да се опише движењето на луѓето и добрата од центарот за транспорт до финалната дестинација – домот. Професорите нè насочуваа кон комбинирањето на двете (луѓето и добрата, транзитот и логистиката) во само една инфраструктура. По добивањето на задачата, почнавме со истражување на клиентот и дојдовме до следните податоци:
– 165 милиони, тотална количина на продадени производи во 2017 во Шпанија (преземена информација од документ со статистики за продажбата на Амазон)
– Се предвидува пораст на продажбата за 57,38 отсто до 2020, што би значело 259 милиони производи по година (преземена информација од берзата NASDAQ)
– Од вкупната потрошувачка, 35 отсто се дигитални производи како музика, компјутерски игри итн. што наведува дека останатите 65 отсто се производи кои ги испорачуваат како физичка верзија. Под тоа спаѓаат 168,35 милиони производи секоја година. (преземена информација од веб-страницата на Амазон)

– Понатаму, луѓето кои живеат во градот Мадрид претставуваат 14 отсто од вкупната популација во Шпанија, што значи дека во Мадрид стигнуваат 23,57 милиони производи по година

-25 отсто од тие производи се испраќаат во магацини надвор од Мадрид, што би значело дека во градот пристигнуваат 17,67 милиони пакети по година
– Среден број на производи кои се испорачуваат секој ден е 48.410
– Од целокупниот број, 20 отсто се производи кои се преземаат физички (9.380), а 80 отсто се производи кои се доставуваат до домот (38.730) секојдневно
Заклучокот е дека секој човек од 135 во Мадрид прави порачка секојдневно.

Model

ДРОНОВИТЕ БИ ОДЛЕТУВАЛЕ И ДОЛЕТУВАЛЕ СО ПАКЕТОТ
Преку подетално истражување за компанијата, заклучивме дека се исклучителни за достава на најбрз начин, и притоа дека имаат веќе пробано неколку пати да доставуваат со дронови во Америка, наречено Amazon Prime Air. Така, преку дискусија решивме да се фокусираме на дроновите како средство за најбрзо доставување, и сметавме дека за таа локација е потребна решеткаста структура која ќе функционира како Дрон-Порт, каде дроновите би одлетувале со пакетот и би долетувале.
Во однос на бројот на полиња потребни за структурата, започнавме од тоа колку дронови ни се всушност потребни. Според статистиките кои ги најдовме, утврдивме дека во 24 часа, еден дрон работи осум часа, па исто толку часови одмора, па повторно осум часа работи, а пренесува 12 пакети. Тоа нè наведе на бројката од 3.227 дронови кои би ни биле потребни вкупно за да работат во нашата структура.
Според пресметките кои претходно ги направивме во однос на тоа колку дронови и пакети се потребни за доставувањето, но и колкави се димензиите на пакетите, стигнавме до финална бројка за вкупната површина на Дрон-Портот – 2.113 квадратни метри, со ширина од 20 метри, должина од 106 метри и дебелина од 2 метри.

4

Во однос на пакетите кои би ги пренесувале, би стигнувале од трите Амазон магацини близу Мадрид,  кои би функционирале на тој начин што би се пренесувале во кутии преку возните и метро станиците М1, М9 и М10. Кутиите би биле во три димензии, според стандардните димензии на Амазон шкафчињата – 34х36 сантиметри, 34х23 сантиметри и 34х11 сантиметри. Најмалите би можеле да се вметнат во поголемите, односно да се искористи просторот и да се пратат повеќе пакети во една кутија.
Магацините на Амазон вклучуваат голем процент на роботи кои работат и ги сортираат полесно производите, па така идејата ни беше да постојат роботи кои би ги земале порачките и би ги носеле до метро станицата во посебен Амазон вагон. Понатаму би патувале заедно до нашата локација каде сите три метро станици се вкрстуваат.
Кога би пристигнале, роботите би ги прикачиле кутиите за структурата на секој до трите нивоа.

Model
Пред да продолжат уште погоре кон површината на земјата, има можност доколку човекот порачал преземање на производот од самата локација, истото да биде возможно. Но, доколку човекот порачал достава до својот дом, тогаш производите продолжуваат по структурата.
Движењето на самите пакети во структурата се одвива во два слоја, притоа користејќи магнети кои ги менуваат половите од позитивни во негативни јони постојано. Инспирација за оваа технологија ни беа брзите возови Маглев.

7
Кога кутиите ќе ја достигнат својата ќелија, тие се преземаат од страна на дроновите и се носат директно во домовите, на обележана локација. Потоа се враќаат со празна кутија и истата се враќа назад во структурата, по патот по којшто дошла, сè до магацинот каде повторно се полни. На тој начин сакавме да обезбедиме циркулација и повторна употреба.
Идејата е од самиот клик-до-пристигнувањето дома да поминат не повеќе од 30 минути.

8
Покрај дрон паркингот, предвидовме и репрезентативна продавница во која може да се види најновата технологија која Амазон ја користи за производство на своите производи, но и во која има простор за работилници и состаноци. Сето тоа се наоѓа вкопано во -1 ниво од нивото на земјата, со цел луѓето кои излегуваат и влегуваат во метрото, да поминат најпрво низ зелениот плоштад, а потоа второстепено и да имаат можност да се запознаат повеќе со Амазон.
На самата локација имаше постоечка автобуска станица која ние ја задржавме, но ја редизајниравме и смисливме кровна конструкција со транспарентни панели. Така не би се попречувал погледот на минувачите на улицата кон останатиот дел од проектот – главната структура.

Model

Во однос на структурата, би била изведена од челични профили и по изведените статички пресметки во програмата Tower со стручно лице, дојдовме до заклучок за целосно укрутување на долниот дел од структурата во земјата преку анкерување на двете скалишни јадра. Во горниот дел од структурата, профилите би биле со дебелина од 15 сантиметри, додека скалишните јадра би биле со дебелина од 5 метри.

Автор: Сара КОЦЕВСКА, постдипломец на Политехнико ди Милано

Испрати коментар

Scroll To Top