Насловна / Вести / Дали граѓаните на Скопје штедат енергија и вложуваат во енергетска ефикасност?

Дали граѓаните на Скопје штедат енергија и вложуваат во енергетска ефикасност?

Заштедата на енергија и енергетската ефикасност во домаќинствата се важни за остварување на пониски трошоци за енергија и заштеди во домашниот буџет. Денес ова е важно повеќе од кога било поради енергетската криза, инфлацијата и недостатокот од енергенти. Домаќинствата учествуваат со 25 % во структурата на финалната потрошувачка на енергија во земјава, според податоците од 2019 година. Само сообраќајот е поголем потрошувач со 40 % удел во вкупната потрошувачка, додека индустријата учествува со 23 %. Според тоа, категоријата домаќинства иако има поединечна релативно ниска потрошувачка, остварува значителна вкупна потрошувачка на енергија. Од друга страна, овој сектор е погоден за инвестиции за подобрување на енергетската ефикасност и користење на обновливи извори на енергија (ОИЕ), бидејќи станува збор за мали поединечни инвестиции со низок ризик и со релативно краток рок на враќање на инвестицијата. Тоа резултира во значителен кумулативен ефект изразен во енергетска заштеда, со оглед на уделот на оваа категорија потрошувачи во финалната енергетска потрошувачка.

311314945_477785471047894_3753060963414028506_n_resize

ЕНЕРГЕТСКАТА СИРОМАШТИЈА ВО МАКЕДОНИЈА Е 33 ОТСТО

Но, мора да се истакне дека за подобрување на состојбите, односно за примена на мерки за енергетска ефикасност и ОИЕ, домаќинствата се соочуваат со повеќе бариери меѓу кои и ограничената финансиска моќ за инвестирање. Имено, енергетската сиромаштија значително влијае врз подготвеноста за инвестирање во енергетски ефикасни мерки, бидејќи енергетски сиромашните граѓани се соочуваат со сериозни проблеми да се справат со тековните трошоци за енергија, така што за инвестиции не може да стане ниту збор. Енергетската заедница врз основа на проценка утврдила дека енергетската сиромаштија во Македонија е 33 %, односно тоа е процент од вкупниот број на домаќинства кои не можат адекватно да ги затоплуваат своите домови во текот на зимата. Вредноста од 33 % е една од повисоките во регионот на Западен Балкан. За споредба, на ниво на земји членки на ЕУ, просечната вредност на овој индикатор е околу 10 %. Во регионот на Западен Балкан, во полоша состојба се Косово и во Албанија, додека Црна Гора и Србија се со пониски вредности на овој индикатор, односно се поблиску до просекот на земјите членки во ЕУ. Но, не е инвестирањето единствен проблем. Недостасуваат и информации за можностите за инвестирање, како и субвенционирање на мерки зе енергетска ефикасност. Секако, потребно е и подигање на свеста кај потрошувачите, како и зголемување на видливоста на самата потрошувачка во рамките на домаќинството.

енергетска сиромаштија_resize

ПРОЕКТ ФОКУСИРАН КОН НАВИКИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ ЗА ШТЕДЕЊЕ

Неодамна направена е анализа на навиките за штедење во домаќинствата во град Скопје, со цел да се утврди актуелната ситуација во однос на тоа колкава е видливоста за потрошувачката на енергија во домаќинствата, колкав е степенот на нивната информираност за енергетската потрошувачка, како и подготвеноста да направат промени за подобрување на ЕЕ и користење на ОИЕ. Анкетата е спроведена од страна на Центарот за климатски промени, а во склоп на проектот за Справување со загадувањето на воздухот во град Скопје, кој е финансиран од Шведска, а е имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и Град Скопје.

навики за штедење_resize

Проектот е фокусиран кон навиките на граѓаните за штедење енергија токму преку зголемување на видливоста на потрошувачката на електрична енергија, но и поттикнување акција за преземање мерки кои не бараат никакви инвестиции. Тоа е направено со посредство на сетови за штедење енергија во домаќинствата, кои им се понудени на 16 домаќинства за период од две недели. Притоа, тие имаа можност одделно да ја следат и регистрираат потрошувачката на поединечни апарати во домаќинството. Па така дојдоа до сознанија дека перцепцијата дека машина за перење троши многу енергија не е точна, бојлерот е еден од најголемите потрошувачи. Се потврди дека ваквиот пристап влијае врз промената на навиките, односно граѓаните се труделе да ги користат најголемите потрошувачи во ниска тарифа, да внимаваат на подесената температура кај клима-уредите и сл. Секако станува збор за мали заштеди со оглед дека не се прави никаква промена во смисла на инвестиција, но сепак е значаен придонес имајќи предвид дека станува збор за голем удел во финалната потрошувачка на енергија. Имено, во Македонија има над 700.000 потрошувачи на електрична енергија во категоријата домаќинства, кои само во 2021 година потрошиле над 3.300 GWh електрична енергија. Речиси една третина од оваа потрошувачка отпаѓа на Скопскиот Регион.

292399225_23850960342000135_6864866516140123563_n

Во анализата беа опфатени граѓаните на подрачјето на општините во град Скопје, но најголем интерес да одговорат на анкетата имаше кај жителите на општините Аеродром, Карпош, Центар и Кисела Вода. Прашањата беа фокусирани на видовите енергенти кoи се користат, месечните трошоци за енергија во лето и во зима, како и посочување на најголемите потрошувачи на електрична енергија меѓу апаратите кои ги користат во домаќинството. Притоа, интересно е да се спомене дека жените биле поподготвени да учествуваат, односно да ја пополнат анкетата, бидејќи 63 % од испитаниците се жени. Според анкетата, мнозинството не знаат кој апарат во нивното домаќинство има најголема инсталирана моќност, нуту кој е најголемиот потрошувач на енергија (58 %). Од друга страна, радува фактот дека 65 % од испитаниците изразиле подготвеност да направат промени со цел подобрување на енергетската ефикасност во нивниот дом. Но, мал е процентот на испитаниците (10 %) кои досега се пријавиле на некој повик за доделување субвенции за имплементирање на мерки за подобрување на енергетската ефикасност или за ОИЕ. Дел од нив се изјасниле дека немаат доволно информации во врска со објавените повици за доделување субвенции, дел сметаат дека субвенционирањето е недоволно, додека некои од нив се сомневаат во транспарентноста на постапката. При купување нови апарати во домаќинството, 36 % од испитаниците ја преферираат најдобрата енергетска класа, додека 29 % се одлучиле за најниската цена што е прилично висок процент. Најчесто посочуваните мерки за пoдобрување на енергетската ефикасност и ОИЕ, се: инсталирање фотоволтаици на покривите, инсталирање соларни термални колектори за топла вода и поставување топлинска изолација по надворешната обвивка на објектите.

критериуми за нови апарати

ГОЛЕМА РАЗЛИКА МЕЃУ ЗИМСКИОТ И ЛЕТНИОТ ПЕРИОД

Што се однесува до трошоците на домаќинствата за електрична енергија, разбирливо има голема разлика помеѓу зимскиот и летниот период. Имено, согласно анкетата најзастапени се домаќинствата чии месечни сметки во летните месеци се во опсегот од 2.001 до 3000 денари (38 %) и во опсегот од 1.201 до 2.000 денари (33 %). И покрај тоа што речиси сите поседуваат клима-уред, најчесто тој се користи кратко време во текот на денот, односно се прават заштеди на сметка на влошени услови на комфор. Во зима, ваква отстапка односно заштеда не е прифатлива, а потребите од енергија се повисоки што се гледа и од висината на сметките.  Имено, 39 % од испитаниците имаат месечни сметки во опсегот од 1.201 до 3.000 денари, а 22 % во опсегот од 3.001 до 6.000 денари. Интересен е фактот дека сите испитаници со месечни сметки од над 10.000 денари во зимските месеци, користат електрична енергија за греење. Греењето со електрична енергија со користење електрични греалки е исклучително неефикасно и скапо. Опцијата со инвертер е енергетски ефикасна, особено доколку вредноста на т.н. COP (Coefficient of Performance) на инвертерот е повисока. Во последните години примената на инвертерите е во пораст, но за жал недоволно се застапени многу други решенија кои нашето поднебје ги нуди – соларен термален систем како поддршка на основниот систем за греење, топлински пумпи чиј извор е почва, подземна вода и сл.

зима лето

СО МАЛИ ПРОМЕНИ ВО НАВИКИТЕ МОЖЕ ДА СЕ ЗАШТЕДИ

Со примена на сетовите за заштеда на енергија, се направи обид да се придонесе во поголема видливост на потрошувачката на електрична енергија во рамките на домаќинството. Се разбира, нешто што е мерливо и видливо секако е полесно и за разбирање, па граѓаните ја менуваат својата перцепција и убедување во однос на енергетската потрошувачка. Имено, перцепцијата е поразлична кога знаете кој апарат колку троши и во колкава мера влијае врз вашата месечна сметка, отколку кога на крајот на месецот добивате една (или неколку збирни податоци согласно тарифниот систем), како вкупна енергетска потрошувачка. Со комплетите за заштеда на енергија граѓаните имаат можост прецизно односно во реално време да ја следат потрошувачката на енергија кај секој поединечен потрошувач во домаќинството. Притоа може да се утврди не само кој од апаратите е доминантен потрошувач, туку и да се идентификуваат дури и одредени дефекти кај апаратите кои придонесуваат за повисока потрошувачка.

финална

Главната идеја со овој проект е да се покаже дека дури и со мали чекори, без никакви инвестиции, а само со мали промени во навиките и однесувањето може да се остварат енергетски заштеди. Од друга страна, ефектот од овие мали позитивни промени може да влијае врз промената на свеста и охрабрувањето на граѓаните да направат позначителни промени односно инвестирање во мерки за подобрување на ЕЕ и користење на ОИЕ. Во експериментот за испитување на навиките за штедење на енергија во домаќинствата учествуваа 16 домаќинства од кои 8 добија сет за заштеда на енергија на период од две недели, а потоа наредните две недели сетот го добија останатите 8 домаќинства. Притоа, вкупната потрошувачка на енергија преку броилото се следи за секое домаќинство во текот на целиот период на траење на експериментот без оглед дали домаќинството користи или не сет за заштеда на енергија.  Сетот за заштеда на енергија содржи два мерачи за потрошувачка на електрична енергија кои работат без интернет, два мерачи за електрична енергија кои работат со интернет, термометар за мерење на температура во ладилник и замрзнувач, термометар за мерење на температура и влажност во просторија, две лед светилки и фасонка, упатство за употреба и дневник за водење на евиденција за потрошувачката. Утврдено е дека онаа група домаќинства која во определен период го поседувала сетот за заштеда на енергија, остварила просечна дневна потрошувачка на електрична енергија за 16 %. Станува збор за значителна заштеда остварена само со промена на навиките и подигање на свеста, поради тоа што е обезбедена видливост на потрошувачката со помош на уредите од сетот. Ова е во корелација и со наодите од литературата кои велат дека со промена на однесувањето во домаќинствата може да се обезбеди заштеда до 20 %.

296091509_6343032301126_3260088871671775963_n

И покрај формалното завршување на анализата, Центарот за климатски промени ги става на располагање бесплатно овие сетови за заштеда на енергија, на сите заинтересирани домаќинства, на период од две недели.

Несомнено потребно е поактивно дејствување на сите чинители – академија, надлежни институции, компании, граѓани, во насока на подобрување на состојбите со ЕЕ и примената на ОИЕ. Граѓаните и компаниите мора да бидат поактивни во следењето на трендовите и во примената на мерки кои ќе им донесат енергетски и финансиски заштеди. Институциите треба да бидат поотворени и потранспарентни, но и да работат на идентификување на приоритени мерки за ЕЕ и ОИЕ со чија имплементација ќе се остварат најголеми придобивки.

сет за заштеда на енергија_resize

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top