Насловна / Градежништво / Редефинирање на критериумите за „добро“ училиште

Редефинирање на критериумите за „добро“ училиште

redefiniranje-na-kriteriumite-1.jpgТрендот на изградба на едукативни единици со низок буџет и
стандардизирана конструкција го зафати светот, а не нè одмина ниту нас.
Последните години во Македонија беа изградени, можеби не нови училишта,
но спортските сали во состав на основните и средните училишта ширум
нашата земја, беа изведени како унифицирани објекти, со исти димензии и
дизајн. Со овој начин се заштедуваат пари и време на изработката на
проектите и нивно физичко имплементирање со веќе разработена
методологија на градба.

Кога станува збор за Велика Британија, на оваа тема има многу што да понуди. Размислувајќи во насока на поедноставување и поевтинување на проектот "нови училишта", проектантите во оваа земја осмислија школо кое всушност претставува хала со модуларни, движечки училници наречени "PodSolve". Покрај придобивката во смисла на рационализација на конструкцијата, со овој проект се добива една нова интригантна алтернатива на образовна институција која за прв пат беше изведена во градот Лидс, Западен Јоркшир (Leeds, West Yorkshire).

redefiniranje-na-kriteriumite-1.jpg

 

Решението "PodSolve", за разлика од конвенционалните неподвижни рамкови системи, се состои од независни простории изработени од челични рамки кои лесно можат да бидат преместени, составени или демонтирани, а се со цел креирање на целосно флексибилна средина за одржување на наставата. Круцијален е податокот дека секој од модулите е самостојно носечки систем, кој е целосно изолиран од обвивката во која е сместен. Од економски аспект, овој систем на градба е поевтин и побрз за изградба во однос на конвенционалното градење на школи.

Како пример би ја зеле изградбата на академијата во Лидс, изработена како пилот проект на системот "PodSolve", чија изградба чинеше 5 милиони фунти помалку во однос на првично разработениот проект од пред три години, додека времето на изградба е скратено за 20 недели. Воедно, буџетот за изградба на оваа образовна институција е помал отколку алтернативата: реконструкција и проширување со доградување на постоечки школски објект од шеесеттите години кој е во фаза на распаѓање. Од аспект на конструкција, овој модел е со димензии 100 м х 60 м, поделен на три сектори.

 redefiniranje-na-kriteriumite-2.jpg

Првиот сектор, северниот дел од објектот, е резервиран за изведба на големи спортски терени и студија за играње. Средниот, најтесен сектор е наменет за канцеларии и изведба на високо опремени лаборатории и ИТ одделот. Овие два дела се во склоп на костурот на зградата, како стандардни двокатни челични рамки. Крајната и најголема секција го претставува всушност модуларниот концепт, каде во просторот со двојна висина се монтираат движечките модули, секој како посебна училница, со меѓупростор наречен "улица" кој се протега по целата должина од објектот. Самите модули претставуваат еднокатни метални четвороаголни кутии со површина од 54 м2 до 100 м2.

 

 

Иако тие не можат да бидат позиционирани еден врз друг, сепак постои опција за нивно лоцирање едни до други, задна со задна страна. Модулите се конструирани како едноставен сет од материјали кои вклучуваат челични и акустични ѕидни панели, двојно застаклени прозорци, сервисни табли со можност за лесна демонтажа во случај на дефект во доводот на струја, тавански систем панели, како и вентилациони панели кои овозможуваат функционирање на вентилациониот систем и системот за ладење.

redefiniranje-na-kriteriumite-3.jpg

Целокупното електрично построение е лоцирано на таванот од главната конструкција, додека дистрибуција на струја се врши со напојување на секој модул посебно, преку таванот во секоја училница. Кога станува збор за осветлувањето, кај овој вид на модел тоа е целосно задоволено. Факторот на дневна светлина во секој модул е 2, додека северниот дел од самиот објект со помош на формираниот шед кров, достигнува фактор на дневна светлина од дури 5,5. Целосната конструкција на модулите е изработена од квалитетни метални панели кои се отпорни и долготрајни, а се со цел поголема одржливост во опкружувањето од ученици. Сепак металните површини, и покрај изнесената цел за долготрајност, по сугестија на претставници од образовниот систем, се обложени со дрвени плочи. Флексибилноста е суштината на креирањето на овој тип на систем. Воедно, модулите можат да бидат склопени во само четири дена, додека нивната демонтажа трае еден ден.

 

Со ова, училишната управа може да додава или отстранува училници во согласност со моменталните потреби од простор за учење. Во случај на поголема побарувачка на простор, самата челична конструкција од главниот објект има можност за екстензија, со што на прилично едноставен начин се врши зголемување на објектот, без притоа да е нарушен примарниот комодитет. Кога станува збор за стандардизација на градбата, сепак овде е задржана и индивидуалноста и посебните потреби и барања на секој од предметните професори. Значи, секој од модулите е изведен од стандардни елементи, но со можност за составување во разнообразни форми и димензии во зависност од конкретните услови, со што се создава можност за уникатност и разиграност на просторот.

 

redefiniranje-na-kriteriumite-4.jpg

Дополнително е разработен и водоотпорен модел на модули кои по потреба имаат можност да бидат преместени и надвор од затворениот објект, еден вид на настава во природа. Што се однесува до одржливоста, ваквиот тип на градба има долгорочна примена. Во случај по одреден период од 30 или 40 години, овој објект нема примена во образовниот процес, може да се изврши негова пренамена. Со демонтажа на модулите се добива пространа хала која може да послужи како складиште, канцеларии или пак фабрика. Со ова се добива долгорочна инкорпорирана флексибилност на објектот. Интересен е фактот што визуелната и структуралната поделеност на внатрешниот и надворешниот простор оддава чувство дека се работи за некој изложбен центар или можеби стоковна куќа, а не образовна институција. Всушност оваа независност на внатрешните модули од надворешниот објект овозможува оформување на фасада која е разиграна, без притоа да се доведе во прашање функционалноста на внатрешниот простор.

 

Со стандардниот модел на училишни згради ова не е овозможено. Секако, воедно со ова е овозможена промена на распоредот во внатрешноста на просторот без предизвикување на дополнителни трошоци во однос на целокупниот објект. Предностите на системот "PadSolve" се очигледни и непобитни, со што се предизвикува експертската јавност да ги редефинира функционалните, финансиските и естетските критериуми за изградба на "добро" училиште. Како додаток на предностите на овој тип на модерна образовна институција е пасивниот надзор над учениците, кој е овозможен од отворениот дизајн на внатрешноста на објектот, а е клучен за воведување на дисциплина и безбедност кај младиот свет. Па нели и примарна улога во едукативниот систем е токму ова?!

 

Биљана Стојановиќ, дипл.град.инж.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top