Насловна / Вести / Браната Конско – водна акумулација за спас на земјоделските површини

Браната Конско – водна акумулација за спас на земјоделските површини

Браната  Конско е најзначаен објект на планираниот Хидромелиоративен систем „Гевгелиско Поле“. Со изградба на браната, ќе се формира водна акумулација која ќе се користи првенствено за наводнување на планирани 6.900 хектари земјоделски површини.

Првите размислувања за технички решенија на искористувањето на водите на реката Конска за наводнување на Гевгелиско Поле, датираат од седумдесеттите години.

Во 1979 година, од страна на „Мелиопроект“ – Скопје, изработен е Главен проект за Брана „Конско“.

Untitled-18_resize

Во 2011 и 2012 година, на основа постојни инженерско-геолошки подлоги и обновени хидролошки и топографски подлоги, од страна на Градежен институт„Македонија“АД Скопје, извршено е новирање на целокупната проектна документација за браната.  Изработен е нов идеен проект со кој е дефиниран оптимален тип на брана и оптимална диспозиција на придружните објекти. Согласно усвоениот Идеен проект изработен е   Основен проект и Тендерска документација. Новираната техничка документација е ревидирана од Градежен факултет, Скопје.

Техничкото решение, што е предмет на потпишаниот Договор за градба, се состои од: камено-насипна брана со асфалт-бетонска дијафрагма, возводен загат во состав на телото на браната, челен преливник, опточен тунел (кој во фаза на експлоатација ќе се користи како темелен испуст и доводен орган), зафатна кула на темелниот испуст -доводниот орган, сигурносна затворачница и излезна затворачница на темелен испуст -доводен орган.

Pregledna karta_resize

ОСНОВНИ УСЛОВИ НА ПРЕГРАДНИОТ ПРОФИЛ

Хидролошки услови; Основните хидролошки параметри за Конска Река на кои се темели проектот се: Површина на сливот до профилот Конско –F = 56 km2, Среден повеќегодишен проток -Q = 0,62 m3/s , 10 000-годишна голема вода (0,01 %) –Q = 340 m3/s, 100-годишна голема вода (1 %) –Q = 160 m3/s и 20-годишна голема вода (5 % ) -Q = 110 m3/s.

Инженерско-геолошки услови; Може да се каже дека на обете страни на преградното место и акумулацијата, застапени се габроидни карпести маси  кои се делумно или наполно препокриени со квартарните наслаги од делувијален падински материјал од разни видови на глина и глиновити дробини како продукт на површинско распаѓање на основната карпеста маса.

Целиот габроиден масив бил зафатен со интензивни повеќекратни и тектонски движења. Како резултат на овие движења, габрото е доста испукано, здробено, а на некои места и трошно. Во врска со испуканоста, констатирано е дека на преградното место интензивната испуканост до здробеност варира со длабина и до 50 м.

Хидрогеолошки услови; За преградното место и акумулацијата, согласно  инженерско-геолошките карактеристики на теренот (намалување на испуканоста во функција од длабината, непостоење ломови од ранг на раседи и сл.) се смета дека нема опасност од бегање на акумулираната вода од акумулацијата во други сливни подрачја, или губиток и во сопственото сливно подрачје кое не може да се контролира.

Untitled-10_resize

Локални градежни материјали; Од пораноизвршените геомеханички истражувања на локален градежен материјал за насипна брана, констатирано е  дека камен за изработка на потпорните тела  на браната може да се добие од акумулациониот простор, во  непосредна близина на преградното место, додека глинест  и филтерски материјал (чакал и песок) нема во близина  на профилот. Со дополнителните геотехнички истражувања на посочениот каменолом, спроведени пред градба на објектот (2017 година) и согласно добиените комплетни резултати, заклучено е дека карпестата маса габро е со добри карактеристики и може да се користи  како за камен за насипување во делот на браната така и со претходно дробење, просејување и гранулирање и како агрегат за филтерските зони во браната, агрегат за спремање бетон и агрегат за спремање асфалт-бетон. Во близина на испитаниот каменолом, со дополнителните геотехнички истражувања, откриено е  позајмиште на глиновит материјал со поволни карактеристики, кое послужи за изградба на глинениот екран на возводниот загат.

Untitled-11_resize

ХРОНОЛОГИЈА ОД ДОСЕГАШНАТА ИЗГРАДБА НА ОБЈЕКТОТ

Под инвеститорство на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, изградбата на браната Конско со придружните објекти е доверена на Турскиот конзорциум „SERKA TAAHHUT INSAAT A.S./ AK-ELI INSAAT TICARET – Tурција и KOLO WEIDEKE – Норвешка,  како подизведувач на асфалт-бетонската дијафрагма. Договорената инвестициона вредност на браната Конско со придружните објеки изнесува околу 40 милиони евра.

За надзор на работите, инвеститорот го одбра  Градежен институт „Македонија“ АД , Скопје. Поради доцнење на Одобрението за градба, почетокот на градбата на браната беше  одолжен за  повеќе од една година.

Untitled-8_resize

На почетокот на 2017 година почнаа договорените работи на браната Конско со придружните објекти. Согласно динамичниот план на градба, се почна со изведба на подготвителните работи (пристапни патишта, девијација на регионален пат, градилишна населба, стопански двор и дополнителни геотехнички истражни работи). Изведувањето на дополнителните геотехнички истражувања, е дел од договорените активности на изведувачот. Со нив беа опфатени опточниот тунел, речното корито под телото на браната, преливниот објект, зафатниот објект, девијација на регионалниот пат и низводниот траен пристап со мост. Врз основа на резултатите од дополнителните геотехнички истражувања и реалните геодетски подлоги, од страна на изведувачот направени се изведбени проекти за секој објект, со соодветни промени и усогласувања на техничките решенија.

Девијација на регионалниот пат Гевгелија – Ски-центар Кожуф;  Паралелно со изведување на подготвителните работи, се изведоа дополнителните геотехнички истраги на локацијата на девијацијата, на чија основа се обнови Основниот проект и се направи времена девијација за несметано одвивање на сообраќајот на регионалниот пат и работа на градилиштето на брана Конско. Поради проблемите со документацијата од Урбанистичко-плански аспект, конечната изградба на девијацијата е во мирување.

Poprechen presek_Brana Konsko_resize

Обиколна галерија;  Изградена наместо планираниот опточен тунел. Оваа промена е направена по предлог на изведувачот, а врз основа на утврдени полоши инженерско-геолошки услови од прогнозираните во решението со опточен тунел  во Основниот проект. Оваа промена овозможи рационализација на првобитното решение, односно, 10 отсто помало чинење, полесна градба и  пократко време на градење. Промената на решението е одобрена од проектантот на Основниот проект, надзорот и инвеститорот. Тоа е проследено и со соодветна промена на Одобрението за градба. По завршената градба на обиколната галерија, водите од Конска Река се насочија да течат во неа со што се создадоа услови за фундирање и градење на возводниот загат.

Возводен загат;  Овој  загат треба да овозможи задржување на водите од Конска Река, нивно насочување во Обиколната галерија и заштита на темелната јама на браната и контролно-инекционата галерија. Според местоположбата, загатот е вклопен во телото на браната, тој е предвиден  како камено-насипна брана, со максимална висина од речното корито од 10 метри, со глинен возводен екран – како водозаптивно тело. Круната на загатот е предвидена  со ширина од  пет метри со наклони  1:3 на возводната страна и 1:1,5 на низводната страна.  Изградбата на загатот се изврши на основа  на Изведбен проект за загатот. По изградбата на загатот се создадоа комплетни услови за фундирање на контолно-инекционата галерија и потпорните тела на браната.

Untitled-14_resize

завршена прва фаза од изградба на телото на браната

Тело на браната;  Предвидено да се прави од  нафрлен камен, на соодветен начин експлоатиран од наоѓалиштето (каменоломот) на габро, лоцирано на ~500 m возводно од преградното место, на левиот брег на Конска Река. Наклоните на низводната и возводната косина се 1:1,8. Водонепропусноста на браната е обезбедена со централна асфалт-бетонска дијафрагма со константна ширина од 60 сантиметри. Возводно и низводно до дијафрагмата се предвидени соодветни филтерски (преодни) зони, широки по 1,45 метри. На косините на телото на браната, со ширина 1,5 метри се предвидува  заштита  од крупен дробен камен. Вкупната градежна висина на браната изнесува околу 78 метри, вкупната кубатура околу 1.375.000 кубни метри  и должината на круната околу 330 метри. По завршените дополнителни геотехнички истражувања, изработен е Изведбен проект на браната, во кој се внесени сите прилагодувања и усогласувања со контролно-инекционата галерија. Досега извршено е само фундирање на потпорните тела на браната и изработка на неколку слоја на насипот, до круната на контролната галерија во речното корито. Во моментот се одвиваат припремните работи за почеток на градба на асфалт-бетонската дијафрагма и паралелно продолжување со насипување на потпорните тела на браната.

Untitled-12_resize

средишен дел на контролна галерија

Контролно-инекциона галерија; Местоположбата на галеријата е предвидена во средишниот дел од телото на браната односно поместена низводно за 1,85 метри од оската на браната и асфалтната дијафрагма. Обликот и димензиите на галеријата се прилагодени за успешно вршење на својата функција, прифаќање на товарот и негово предавање на карпата како и примена на современа  лизгачка оплата за нејзино изведување. Дебелината на ѕидовите на галеријата се менува во зависност од оптоварувањето, применети се три различни типа. Врз основа на реалната геодетска ситуација и резултатите од дополнителните геотехнички истражувања беше изработен Изведбен проект по кој почна изведувањето на објектот. Согласно стварната  положба на здрава карпеста средина во речното корито, во Изведбениот проект, се овозможи контролната галерија во дното да се постави за околу четри метри повисоко. По свртување на реката, се изврши фундирање на галеријата во речното корито. Во боковите изградбата на галеријата се одвиваше паралелно на двете страни. Изградбата на контролната галерија е во завршна фаза, останата е изградба на пристапите од двете страни на профилот.

Untitled-16_resize

изработка на инекциона завеса

 

Инекциони работи; Основна цел на инекционите работи е да се обезбеди вододржливост во карпестите маси во темелот на браната,  вододржливост на двата бока во длабини во кои тоа е економски прифатливо и компактност на придружните објекти со карпестата средина.

Изведбениот  проект за инекционите работи на брана Конско и придружните објекти, по кој се вршат работите,  е изработен главно врз основа на изработениот Изведбен проект за контролно-инекционата галерија. Досега, за инекционата завеса, завршено е основното инектирање и контрола на инектирањето. Со анализа на резултатите од контролата на инектирањето, се заклучува дека во поедини делови на завесата, не се целосно задоволени проектните барања и затоа  за нив ќе следува дополнително инектирање.

Untitled-17_resize

брзоток од преливен објект

Челен преливник; Преливникот е сместен на левиот брег на реката  со задача да изврши безбедна евакуација на поплавните води над нормалното ниво (546 mnv)  во акумулацијата.  Тој е составен од: влезен дел, преливен праг, преоден дел, одводен дел (брзоток) и завршен дел ски-отскот. Капацитетот на преливникот изнесува 148 m3/s, што претставува ретензирана 10 илјадигодишна голема вода. Изградбата на овој објект се одвива согласно Изведбен проект, кој е направен со прилагодување на решението од Основниот проект со резултатите од дополнителните геотехнички истражувања и реалната геодетска подлога. Паралелно со останатите придружни објекти се гради и преливникот, истиот е во завршна фаза. Останува да се изгради пристапниот мост над преливниот канал, преливниот праг, влезните крилни ѕидови и предвиденото консолидационото инектирање.

Темелен испуст – зафатна градба; Според концептот на Основниот проект, по завршувањето на изградбата на браната, обиколната галерија се адаптира во темелен испуст и објект за  зафаќање и спроведување на водата до корисниците (доводен орган).

Карактеристично за овој објект е што е сменет начинот на зафаќање на водата, имено на локацијата на кула зафатот утврдени се полоши инженерско-геолошки услови од прогнозираните во решението,  така што усвоен е предлогот на изведувачот за зафат во вид на коса пруга. Со ова одобрено решение задржани се проектантските услови за зафаќање топла површинска вода, кота на влезниот праг и капацитет (15 m3/s) на темелниот испуст, што го прави еднакво функционално како првобитното решение со кула зафат. Во целина гледано ова променето решение, покрај прилагодувањето на реалните геолошки услови, практично значи и рационализација на решението односно истото се очекува, во конечна реализација да биде поевтино за околу 25 отсто. Усвоеното ново решение ги содржи следните делови: зафатна градба – коса пруга со затворачница, приклучен дел на обиколна галерија со преден бетонски чеп, тунелски дел – претходна обиколна галерија, средишен бетонски чеп, челичен цевковод, сигурносна затворачница со потребна опрема, излезна затворачница со потребна опрема, слапиште и канал за поврзување со речното корито.

Техничката документација за променетото решение е во завршна фаза и за истата, слично како за обиколната галерија, ќе се бара корекција во Одобрението за градба за овој објект.

Brana Konsko1_resize

Техничко набљудување на браната; Техничкото набљудување на браната Конско е проектирано со цел да се контролира однесувањето на браната во текот на градбата, при  првото полнење на акумулацијата и во времето на експлоатација на објектот. Предвидено е да се набљудува: општото однесување на браната и придружните објекти, поместувањата и притисокот во контактот брана-фундамент, филтрационите појави, сеизмички појави итн.  Деталите околу изборот и распоредот на уредите за  планираното техничко набљудување на браната, придружните објекти, боковите и акумулацијата се дадени во Изведбениот проект, според кој и ќе се изведуваат работите. Набавката и монтажата на овие специфични уреди ќе се врши од познати светски фирми и тоа:  SISGEO-Италија преку  LANS-Белград, GTC Kappelmeyier-Германија и KINEMETRICS-Швајцарија. Во изборот и монтажата на сеизмичките оскултациони уреди има договорно учество и  ИЗИИС-Скопје.

БИЛАНСНИ ПОДАТОЦИ ОД ДОСЕГАШНАТА ИЗГРАДБА И МОЖНО ФИНАЛИЗИРАЊЕ НА ОБЈЕКТОТ

Согласно физичкиот обем на извршени работи, финансиската реализација е околу 50 отсто од договорената вкупна цена со изведувачот, што е во рамките на предвидените и договорени чинења. Досега посебни поголеми изненадувања за зголемување на чинењето на одредени делови од објектот не се појавени. Со усвоените  рационализации на обиколната галерија и темелниот испуст – зафатен објект, се очекува, финално објектот да се заврши  во рамките  на очекуваната договорена цена.

Временски гледано, објектот се гради со зголемено време на реализација, предизвикано во најголема мера од усложнетата законска регулатива за добивање одобрение за градба, одобрение за промени во текот на градбата како и од тромоста на државната администрацијата за вршење на своите обврски во процесот пред и за време на градба  на овој инвестиционен проект.

Brana Konsko_resize

Околу 60 отсто од изградбата е завршена

Изградбата на браната е почната пред две години и досега согласно договорот со изведувачот, околу 60 отсто од изградбата е завршена. Се очекува до крајот на оваа година да заврши целосната изградба на браната. Овој капитален проект е финансиран од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од Програмата за рурален развој и од буџетот за таа намена се издвоени 40 милиони евра.

Браната „Конско“ е од исклучително значење за наводнувањето на земјоделските површини од овој регион, но оваа брана истовремено има мултифункционална намена.

Untitled-1a_resize

изведувачи и надзори

Со изградбата на браната, ќе се обезбеди редовно снабдување со квалитетна вода за пиење, за наводнување на земјоделските површини, за производство на електрична енергија, но ќе значи и обезбедена вода за дотур за спас на Дојранското Езеро. Браната „Конско“ ќе обезбеди вода за наводнување на нови осум илјади хектари земјоделски површини, со што наводнуваните земјоделски површини ги зголемуваме за пет пати. Дополнително, вештачкото езеро на браната „Конско“ кое се наоѓа веднаш под излетничко-рекреативниот локалитет Смрдлива Вода на Кожув, на само 20-тина километри оддалеченост од градот, претставува нова содржина во локалната туристичка понуда на Гевгелија.

Глобално, ова ќе значи зголемување на економскиот раст, животниот стандард на населението, унапредување на здравјето и квалитетот на живот на граѓаните од целиот овој крај и развој на Општина Гевгелија на повеќе нивоа.

Водостопанството како стопанска гранка е една од клучните области, низ чиј развој се реализираат сите стратешки планови за напредок. Браните со акумулации обезбедуваат повеќенаменско искористување на водите, придонесуваат за енергетска стабилност и безбедност на храната на национално и регионално ниво и токму затоа претставуваат едни од најзначајните приоритетни инвестиции на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство наменети за развој на земјоделството.

Автори: Славчо МИХАЈЛОВСКИ, дипл. град. инж.

Игор НИКОЛОСКИ, дипл. град. инж.

Градежен институт МАКЕДОНИЈА АД, Скопје

 

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top