Насловна / Архитектура / Балкришна Доши – добитник на Кралскиот златен медал за 2022

Балкришна Доши – добитник на Кралскиот златен медал за 2022

Нa 9.12.2021 Кралскиот институт на британските архитекти (Royal Institute of British Architects) објави дека Балкришна Витхалдас Доши (Balkrishna Vithaldas Doshi) е добитник на Кралскиот златен медал (Royal Gold Medal) за 2022 година. Со оваа награда, лично одобрена од Нејзиното Височество кралицата Елизабета Втора, се оддава признание за животното дело на поединец или на група лица коишто дале значаен придонес за развојот на архитектурата. Кралскиот златен медал кој се доделува од 1848 година се смета за едно од највисоките признанија во светот во доменот на архитектура, и ќе му биде доделена на лауреатот на специјална церемонија идната година.

Aranya-Low-Cost-Housing-Balkrishna-Doshi-Indore-1989_resize

Арања, домување за лица со ниски примања

Со оглед дека станува збор за награда која се доделува за животно дело, со истата, во случајот на Балкришна Доши ќе се одбележи неговата 70 години долга професионална кариера и над 100 реализирани проекти низ кои лауреатот извршил значително влијание врз архитектурата преку својата пракса и образовна дејност како во Индија така и пошироко. Неговите реализирани објекти претставуваат своевидна фузија на раниот модернизам со вернакуларното, поткрепени од длабокото почитување на традицијата на архитектурата на Индија, климата, локалната култура и занаетите.

discover_resize

Влијанието на раниот модернизам во неговото творештво датира од почетоците на неговата кариера, кон средината на минатиот век, и е одбележано од неговата  соработка со великаните на архитектурата од тој период,  Ле Корбијзе (Le Corbusier)  и Луис Кан (Louis Kahn). По студиите на најстариот и еден од најеминентните факултети за архитектура во Индија, Сер Џ Џ школата за архитектура (Sir J J School of Architecture) во тогашен Бомбај, денес Мумбај, Доши работел четири години (1951 -1954) како постар проектант во бирото на Ле Корбизје во Париз пред да ја продолжи соработката за уште четири години во Индија, за да ја надледува реализацијата на проектите на бирото во Ахмедабад. Тој исто така работел и како соработник на Луис Кан при изградбата на Индискиот институт за менаџмент (Indian Institute of Management) во Ахмедабад, со кој продолжил да соработува повеќе од една деценија.

ob_383f2a_le-corbusier-and-balkrishna-doshi_resize

Корбизје и Доши

Вернакуларното, почитувањето на традицијата на локалната архитектура, климата,   културата и занаетите се поврзуваат не само со неговата татковина Индија, каде што е роден во Пуне во 1927 година, туку и со фактот дека поширокото семејство вклучувало и две генерации производители на мебел. Последново се смета дека веројатно придонело тој од најраната возраст да покажува интерес за уметност и разбирање за пропорција, склоности коишто дополнително биле поткрепени со вовед во архитектурата за време на неговото основно и средно образование.

Тој го основал своето проектантско биро Вастушилпа (Vastushilpa) во 1956 година со уште двајца архитекти за исто да прерасне во мултидисциплинарна пракса со пет партнери од три различни генерации и 60 вработени. Пристапот на бирото останува единствен, со оглед дека повикува на дијалог, а филозофијата за проактивна партиципација дури се однесува и на деловниот простор на бирото кое работи според принципот на „отворена врата“ и ги повикува минувачите да го посетат.

biro_negovo_Sangath_resize

Неговото биро Сангат (Sangath) во Васту Шилпа 

Творештво на Доши опфаќа административни и културни објекти, станбени комплекси и згради за домување, но неговото меѓународно реноме произлегува и од визионерско урбанистичко планирање и од проектите за социјално домување. Во образовната дејност тој се истакнува како професор во Индија и гостин професот на универзитетите низ светот. Така, тој во периодот од 1966 до 2012 година, бил основачот, поранешен директор и поранешен претседавач на Школата за архитектура и планирање (School of Architecture and Planning) (од 2002 година преименувана во ЦЕПТ универзитет – CEPT University) во Ахмедабад, каде сè уште е декан емеритус.

balkrishna-doshi-vsf-aranya-low-cost-housing_resize

Арања, домување за лица со ниски примања

Веројатно едно од врвните достигнувања на професорот Доши е урбано-архитектонската структура на огромниот Арања комплекс за домување за лица со ниски примања во Индоре од 1989 година. Тука во рамките на овој „град-комплекс“ сместени се околу 80.000 лица во над 6.500 станбени единици, од индивидуални соби до големи домови, а коишто создаваат систем на куќи и дворови проткаени со лавиринт од внатрешни комуникации. Слоевите коишто меѓусебно се преклопуваат во комбинација со преодните простори промовираат флуидни и адаптабилни животни услови вообичаени за индиското општество, коишто истовремено се надоврзуваат на социјалните обврски на архитектурата, промовирани кон средината на минатиот век.  За овој објект тој е добитник на Ага Кан наградата за архитектура (Aga Khan Award for Architecture) во 1995 година.

27_VDM_Doshi_Tagore_resize

Тагоре сала и меморијален театар во Ахмедабад

Покрај оваа награда Балкришна Доши е добитник и на други признанија за неговиот исклучителен придонес кон професијата и академијата, меѓу кои се истакнуваат: Златниот медал на Француската академија за архитектура (1988), Наградата на индискиот премиер за извонредност во урбанистичкото планирање и проектирање (2000), почесен член од странство на Американската академија за уметности и литература (2002), Глобалната награда за животно достигнување во доменот на одржливата архитектура на Францускиот институт за архитектура (2007), одликувањето на Францускиот ред за уметности и литература (2011), Прицкеровата награда за архитектура (2018), наградата Падма Бушан од Владата на Индија (2020)  и други.

Ni_Gufa_detail_resize

06_VDM_Doshi_Gufa_interior_resize

Амдава ни Гуфа (Amdavad ni Gufa) кафетерија со уметничка галерија во Ахмедабад

Оваа година со Комисијата за доделување на Кралскиот златен медал за 2022 година претседавал претседателот на Кралскиот институт на британските архитекти Сајмон Алфорд, а членови биле минатогодишниот добитник на медалот, архитектот сер Дејвид Аџаје ОБЕ, Алисон Брукс, раководител и креативен директор на Алисон Брукс архитектите, архитектот Кејт Чејни, раководител на Школата за уметност, дизајн и архитектура во Лестер при Де Монфорт Универзитетот и д-р Гас Касели-Хејфорд ОБЕ, професор од пракса во Школата за ориентални и африкански студии во Лондои и основач директор на Викорија и Алберт Исток (V&A East). Во своето образложение на наградата жирито истакнува:

„Балкришна Витхалдас Доши практикувал архитектура и проектирање и реализирал исклучителни објекти и места повеќе од седумдесет години.  Образован во Мумбај, ја започнал својата пракса во Европа соработувајќи со Ле Корбизје. Се враќа во Индија во своите доцни дваесетти години за да помогне со надзорот на проектите на Корбизје во Ахмедабад пред да го основа своето биро за да работи во колаборација со Луис Кан на кампусот на Индискиот институт за менаџмент, исто така во Ахмедабад.

A5443-Case-Study-The-Institute-of-Indology-Ahmedabad-by-B.V-Doshi-Image-8_resize

Институт за индологија, Ахмедабад, Индија

Оттука неговото лично влијание како професионалец и едукатор започнало да расте. Преку својата настава и пракса тој помогнал да се дефинира патеката на архитектурата во Индија и голем дел од соседните региони. Но уште поважно, неговиот развој и промовирање на јазикот на материјална економичност и елеганција и восхитување – е уште позначаен за сите архитекти коишто работат во денешното предизвикувачко време. Доши е визионерски конструктор на идеи којшто работи со формата и светлото. Тој исто така е конструктор на соодветно вернакуларно за и од местата во кои работи. Неговите бројни прекрасни згради ги празнуваат локалните технологии и занаети, исто како и природниот хабитат, за да создадат средини кои се читливи, вредна заднина која со живост му дава дом на театарот на секојдневниот живот. Еднаш кога ќе се посетат и простудираат наскоро станува јасно дека тие исто така се прекрасни есеи во внимателната игра на формални теми и технологии. Уште поважно, објектот и природата секогаш се надополнуваат за да се создаде смела, самоуверена, и на моменти предизвикувачка архитектира со цел и восхит.  Архитектурата се јавува како заднина и предница.

23_VDM_Doshi_Premabhai_hall_resize

Тагоре сала и меморијален театар во  Ахмедабад

Доши, сега во деведесеттите години на својот живот, работи секој ден и останува толку плоден колку и инспиративен. Живо сведоштво за потенцијалот на архитектонска историја на идеи, пренесени преку праксата и образованието од една до следната генерација. Архитектура која секогаш еволуира за да помогне да се дефинира подобра иднина.“

envaerment_tehnologu_resize

По веста дека ќе го добие Кралскиот златен медал во 2022 година Балкришна Доши изјавил: „Јас сум пријатно изненаден и длабоко почестен да го добијам Кралскиот златен медал од кралицата на Англија. Каква голема чест!  Веста за наградата ги врати сеќавањата на мојата работа со Ле Корбизје во 1953 година, кога тој ја прими веста дека ќе го добие Кралскиот златен медал. Јас добро се сеќавам на неговата возбуденост да ја добие ова почест од Нејзиното Височество.  Тој ми кажа метафорично: „Јас се прашувам колку голем и тежок ќе биде овој медал“.  Денес, шест децении подоцна јас навистина се чувствувам возбудено зашто ќе бидам награден со истата награда како и мојот гуру, Ле Корбизје – со која се одбележуваат моите шест децении пракса. Јас би сакал да им ја искажам мојата благодарност од сè срце на сопругата, на моите ќерки, и најмногу на мојот тим и на соработниците во моето биро во Сангат.“

tagore_hall_resize

Тагоре сала и меморијален театар

Претседателот на Кралскиот институт на британските архитекти Сајмон Алфорд изјави: „Беше чест и задоволство да претседавам со Комисијата која го избра Балкришна Доши за добитник ка Кралскиот златен медал за 2022 година. На 94-годишна возраст тој има извршено влијание врз генерации архитекти преку својата особено корисна архитектура.  И покрај влијанието на неговата работа на бирото на Ле Корбизје, неговото творештво е творештво на оригинален и независен мислител – способен да поништи нешто, да преработи нешто и да еволуира. Во дваесеттиот век, кога технологијата им овозможи на многу архитекти да градат независно од локалната клима и традицијата, Балкришна остана тесно поврзан со своето опкружување и локалната клима, со новите и старите технологии и занаети.

Исклучителниот придонес на Балкришна Доши кон уметноста на архитектурата, умешноста на градењето и праксата на урбаниот дизајн го воспоставија како заслужен добитник на оваа награда и јас навистина нестрпливо очекувам да му го предадам овој медал идната година.“

envaerment_resize

Школата за архитектура во Ахмедабад 

Навистина е прекрасно да се види дека Кралскиот златен медал за 2022 година му се доделува на Балкришна Доши, еден од ретките архитекти коишто во секоја смисла го поврзуваат минатото и сегашноста на архитектурата, а кои преку своето творештво и образовна дејност не само што се надоврзуваат туку и ги промовираат социјалните обврски на архитектурата од средината на минатиот век.  За ова најверојатно може да посведочат најмалку 80.000 жители на урбано-станбениот комплекс Арања во Индоре.

Doshi_Kamala_house_negova_resize

Kamala House

Како негови најзначајни реализирани проекти се јавуваат:

• Кампусот на сеопфатното училиште Шрејас (Shreyas Comprehensive School Campus) во Ахмедабад, (1958 – 1963);

• Гостинската куќа Атира (Atira Guest House), домување за лица со ниски примања во Ахмедабад (1958);

• Институтот за индиологија (Institute of Indology), архив за ретки документи во Ахмедабад (1962);

• Школата за архитектура во Ахмедабад (Ahmedabad School of Architecture) (1966, со доградби до 2012);

• Тагоре сала и меморијален театар (Tagore Hall and Memorial Theatre), која  вклучува аудиторикум со капацитет од 700 места во Ахмедабад (1967);

• Премабхаи салата (Premabhai Hall), поранешен театар и аудиториум во Ахмедабад (1976);

• Индискиот институт за менаџмент, бизнис-школата во Бангалоре (Indian Institute of Management in Bangalore) (1977 – 1992);

• Неговото биро Сангат (Sangath) во Васту Шилпа  (Vastu Shilpa) (1981);

• Канорија центарот за уметности (Kanoria Centre for Arts),  (1984);

• Aрања домување за лица со ниски примања (Aranya Low Cost Housing) во Индоре (Indore), (1989);

• Амдава ни Гуфа (Amdavad ni Gufa) кафетерија со уметничка галерија во која се излагаат делата на уметникот Макбол Фида Хусеин (Maqbool Fida Husain) во Ахмедабад  (1994).

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top