Насловна / Вести / Ако сакате нешто да градите, градете слободно и потоа поднесете барање за легализација

Ако сакате нешто да градите, градете слободно и потоа поднесете барање за легализација

Македонија е земја со сиромашни граѓани, како материјално, така и со дух. Се вели „сиромав човек жив ѓавол“, па така оваа „ѓаволштината“ доведе до многу „снаоѓања“ за место за живот под сонцето. Чекајќи со децении системско решение државата да се справи со економијата, а со тоа да се подобри и стандардот на населението и да се воведе правна држава што функционира, жителите почнаа да се снаоѓаат. Прво срамежливо, формирајќи населби на периферијата на градовите во супстандардни услови, без потребна инфраструктура. Мора да се признае дека животот во овие населби не е лесен, одвреме-навреме ќе се најдеа во фокусот на јавното сожалување, но брзо исчезнуваа од хоризнотот, препуштени сами на себе со својот јад. Суштината на нивната неволја и катастрофа може да се сведе на два грди збора „дива градба“.

припор-сопиште-7

Потоа сè помасовно, не само од нужност поради сиромаштија, туку и од лакомост да се земе било што џабе, кога веќе се може, и сè побезобразно со голема миграција кон главниот град, освојувајќи територии во околината, како Европејците кога ја освојувале Америка. Кој најбрзо трча најдалеку стигнува и до кај ќе забоде знаме до таму е негово, по пат правејќи геноцид на староседелците. Е сега за среќа кај нас геноцид врз населението нема, но сè повеќе приближувајќи му се на градот има геноцид врз објектите, но и врз градските навики и градскиот начин на живот. Не случајно се вели „Ако си во Рим, живеј на римски начин…“, но тоа нам не ни се случи. Се случи токму спротивното, почнаа да се градат и објекти во градот на локации и простори кои се „освоиле“. Зградите почнаа да се доградуваат и надградуваат, рака на срце за голем дел предвидено и со урбанистички планови. Но, и кујните станаа соби, а балконите кујни, терасите на кафе-баровите „колиби“, над рамните кровови се изградија куќи, а косите кровови стана стан, најчесто на оној  на последниот кат, мезанините деловен простор,гаражите фотокопирници, сутерените адвокатски канцеларии, пасажите пекари…

dogradbi-nadgradbi6

Сè ова во најразлични форми и материјали, видливи со голо око како тоа ние „малку си доградивме“. И сè ова на очиглед на надлежните го направија луѓе кои во немоќта на решавање на станбено прашање склепале кров над глава или малку си го прошириле станот или „успешни бизнисмени“ на кои просторот не им е ништо друго освен плен. Разновидноста и масовноста на дивата градба укажува на тоа дека и едните и другите и кои било трети, кои прибегнуваат кон овие просторни апсурди, тоа не би можеле да го прават ако системот тоа не им го овозможува, а и поттикнува. Погледот на нашите градови на секој чекор ја дава вистинската слика на реалноста на системот, институциите и на град по мерка на поедини жители.

dogradbi-nadgradbi8

Во целата оваа какафонија неколку работи се повеќе од јасни: државата нема увид на диво изградениот простор кој се градел со децении, што е резултат на лошо планирање или непланирање и непочитување на закони на што свесно или уште пострашно од незаинтересираност, се замижувало на едно око. А нелегалните објекти немаат можност да се спроведе купопродажба (освен ако некој до појавата на легализацијата бил доволно луд  да даде пари за објект без имотен лист), ниту недвижноста може да се наследи, што меѓудругото значи дека и на банките не им одговара, не можат да запишат хипотека на недвижноста.

dogradbi-nadgradbi1

И така еден дожлив ден во февруари 2011 година, државата решава да се справи со дивите градби и носи Закон за постапување со бесправно изградени објекти, популарно наречен – Закон за легализација на дивоградби.  Наместо државата да санкционира крадење за што и кривично се одговара, со овој закон ги оштетува сите граѓани кои на легален начин со плаќање на сите пропишани давачки, изградиле куќа или купиле стан, а ги привилегира сите оние што нелегално изградиле, со што одземале и простор и средства од државата и граѓаните.

За колку опасен процес станува збор и со колкави застрашувачки  димензии, доволно зборува фактот што во земјата има пријавено за легализација преку 430.000 објекти,  а досега се легализирани 245.544. Законот прв пат се донесе во февруари 2011 година и тогашниот претседателот на Градежната комора при ССК, ни помалку ни повеќе, Сеад Кочан тогаш изјави и остана жив: „Оваа мерка значително ќе им претставува олеснителна околност на нашите граѓани преку една легална избрзана постапка да имаат можност да ги легализираат своите станови и на тој начин полесно да тргуваат на пазарот на недвижнини, да ги ставаат под хипотеки,односно да добијат еднаква шанса со останатите субјекти.“ Законот донесен тогаш, се го пролонгираше рокот два пати, се однесуваше за објекти изградени до 30 март 2011 и легализацијата на објектите од домување чинеше едно евро по квадратен метар. Според тој закон бесправниот објект треба да може да се вклопи во урбанистичко-планската документација во согласност со стандардите, а ресорниот министер ги пропишува стандардите за вклопување на бесправни објекти во урбанистичко-планската документација. Единствен документ како дел од проектна документација кој треба да се приложи е геодетски елаборат за утврдување на фактичката состојба, увид на местото врши тричлена комисија од општина или администрација, чиј еден член е градежен инженер, а доколку постојат потенцијално нестабилни зони, советот на општината е должен да донесе одлука со која ќе ги утврди границите на овие зони. Многу ме интересира советите во општините како ги утврдувале зоните.

dogradbi-nadgradbi5

И осум години подоцна, државата и понатаму не успева да се избори со дивата градба. На владина седница деновиве е ставен нов предлог-закон за легализација, кој досега јавноста го немаше на увид. Единствено што се знае е дека, верувале или не, законот ќе важи за објекти изградени до 1 октомври 2019 година, што значи дека дивоградбата цветала и изминативе години и повторно се аминува.

Најавено е дека легализацијата нема да биде за едно евро по квадрат, туку ќе мораат да се платат сите регуларни комуналии, плус одреден процент за пенали, најверојатно околу 50 отсто или половина од вредноста на комуналиите. Но не е секогаш и сè само во парите, затоа ова не значи ставање на сите граѓани во рамноправна положба.  Не станува збор само за тоа кој колку платил, поскапувањето на цената не го решава проблемот. Парите се трошат и се прават нови, затоа се и измислени, станува збор за украдениот простор кој е неповратен ресурс, а узурпираниот простор на наестручен начин е нерешлив проблем, освен ако не се урне. Секој квадрат кој е реализиран со крадењење претставува голема мака од урбанистички аспект, а урбанизмот претставува голема мака во нашиот секојдневен живот. Секој квадрат кој се легализира и станува полноправен чинител на градот, подразбира цела инфраструктура која за него не е планирана, а која мора да го опслужува. Тоа се однесува на различни просторни предизвици, како што се измислени паркинг-места, па сè до прашањата за капацитетот на училиштата, градинките, здравствените установи, јавните и зелените површини, комуналната и инфраструктурна опременост за додадените површини.

dogradbi-nadgradbi2

А во меѓувреме државата за жал го губи украдениот простор за сите времиња и ја пропушта можноста за стручно и развојно планирање на истиот. Чувството дека Скопје пука по сите шавови силно е поврзано со простиот принцип на крпење и кроење, каде единствено што е свето е борбата за квадрати, а пошироката слика на градот останува да се прилагодува на тоа. Во состојба каде лошото урбанистичко планирање ни дојде до уши и стана државен проблем, ние скоро деценија подоцна од првиот апсурден закон продолжуваме и понатаму да легализираме и ги вклопуваме дивоизградените објекти во новите урбанистички планови. И тоа не на начин да се подреди легализираниот објект на планот, туку обратно, планот се подредува на диво изградениот објект.  И она што е неверојатно е тоа дека нема никаква техничка документација за легализираните објекти, бидејќи како што веќе напоменав тоа се прави со геодетски елаборат за фактичката состојба. Па така никој не може да ја гарантира сеизмичката стабилност, носивоста на почвата, противпожарната заштита, а природни катастрофи се случуваат и се ненадејни, но според релевантните податоци и многу извесни во нашиот регион. Во ваква атмосфера овој закон и неговото продолжување најдобро е наместо легализација да се нарече „ако сакате нешто да градите, градете слободно и потоа поднесете барање за легализација, т.е. „озаконување“. И никој не споменува дека легализацијата треба да значи и одбивање на барањето, а следствено на тоа и уривање. Податок колку објекти се легализирани има, но не и колку се урнати.

Tetovo_Tetovo_Tetov-_-_street

Со носење на овој закон нанесена му е голема штета на просторот, а дивата градба зема замав. Од стручен аспект, не постои легализација, постои само урбанизација. Министерството за транспорт се обрати за мислење и до Комората на овластени архитекти и инженери КОАИ, Одделението на архитекти одржа состанок на оваа тема и ги достави следните заклучоци:

- Законот да се повлече како таков и да се преработи како дел во Законот за градба

- Овој закон би направил додатни проблеми во урбанистичкото планирање

- Со легализацијата на уште бесправни згради, тотално се занемарува еколошкиот аспект во поглед на загаденоста на воздухот,

- Законот уште повеќе поттикнува градба на бесправни градби, со неконтролирани габарити, висини

- Законот создава нееднаквост на граѓаните, бидејќи во нивното соседство може да се изгради каков било објект, без да постои обврска да бидат известени, ниту дава можност за реакција, а со тоа може и нивниот имот да биде девалвиран од повеќе аспекти.

Во развиените земји поимот дива градба не постои, а не верувам дека новиот закон ќе донесе нешто ново, бидејќи проблемот е секогаш ист, законите кои ги имаме не ги спроведуваме. Да работеа службите според закон немаше да имаме дивоградби, барем не во толкав број.

dogradbi-nadgradbi

Останува нејасно, а за мене несфатливо, зошто се продолжува рокот и на објекти изградени до октомври 2019 година. За да некој не помисли дека е лесно да се зборува и се ова се знае, а решение не се нуди, еве вака. Точно е дека е лесно да се зборува, но не и најлесно. Најлесно е да се легализира. Проблемот е застрашувачки, решението е сложено и радикално, а со самото тоа и болно. Бидејќи очигледно сме се определиле за легализирање, наместо за уривање неопходно е да се направат неколку работи. Како прво недозволиво е да се легализираат објекти само со геодетски елаборат, а да не се изработи комплетна техничка документација која ќе содржи проект за архитектура и сите останати фази, каде ќе има и стручно мислење за сеизмичката стабилност на објектите, елаборат за противпожарна заштита и извештај за геомеханички испитувања. Второ, мора да се знае што значи приклучување на овие објекти или простори на постоечката инфраструктура, бидејќи за истите таа не е предвидена. Трето, но не и најмалку важно, не смее новите урбанистички планови да се прилагодуваат на дивоизградените објекти, на тој начин не постои планирање, а од градовите се создаваат заложници. Се задржуваат само оние објекти кои ги задоволуваат прописите, не го нарушуваат планираниот развој и се вклопуваат во плановите, останатите се уриваат. Ова подразбира и соодветна катност на објектите. Четврто, овој закон мора да се усогласи и повикува на Законот за просторно и урбанистичко планирање, Законот за градење, Законот за сопственост, Законот за животна средина, Законот за катастар на недвижности, Законот за градежно земјиште, Законот за данок на имот како и Кривичен законик.

Со новиот закон државата треба веројатно да покаже дека се справува со дивоградбите и ги става граѓаните во порамноправна положба качувајќи ја цената. Но очигледно е дека државата нема идеја, нема стратегија и план за развој на нашите градови, државата само си купува мир, бидејќи правда нема.

dogradbi-nadgradbi12

* Министерот за транспорт и врски Сугарески очекува  високата цена за легализација со новиот закон да придонесе да престане градењето на диво. При дефинирањето на законот вели дека се разгледува и барањето од архитектите да се дозволи легализација само ако објектот е сеизмички изграден. Тој изјави: „Сакам да ги отфрлам сите шпекулации дека со новиот закон ќе се направел тотален урбанистички хаос. Тоа не е точно и стојам зад тоа тврдење затоа што ќе има дел одредби што апсолутно го регулираат тој дел. Ако ги гледаме сите аспекти од 2017 година наваму драстично е намален бројот на изградба и со ова треба да биде расчистена дилемата за утврдување на правниот статус на објектите, или ќе се легализираат  тие што ги исполнуваат условите или ќе се уриваат. Нема секој  секаде да може да легализира, таа теза со индигнација ја отфрлам. Тоа нема да се случи. Даваме можност онаму каде што тоа е дозволиво согласно со урбанистичките планови и затоа се правени усогласувања со министерствата за животна средина, за економија, за култура“. Но не знам дали министерот има сознанија во тоа кога се изработуваат ДУП-овите со кои проблеми се соочуваат поради овој закон. Бидејќи веќе напоменав дека плановите се подредуваат на дивоизградените објекти, а не обратно.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top