Насловна / Архитектура / Врвни автори со различен пристап во архитектурата

Врвни автори со различен пристап во архитектурата

denovi-na-oris-vrvni-avtori-thumb.jpg"Денови на Орис" во Белград беа можност за посетителите, во најголем број студенти, да се запознаат со архитектурата на српскиот архитект Срѓан Јовановиќ Вајс, кој веќе петнаест години живее во Соединетите Американски Држави, на архитектонското биро "2 Архитекта" од Загреб, на шпанскиот архитект Алберто Кампо Баеза и на архитектот кој дојде од Австрија, Борис Подрека. Четворицата предавачи имаат поинакви, но и автентични погледи кон архитектурата, а она што ги поврзува е неспорниот квалитет во приодот кон секој архитектонски проблем со кој се соочуваат во текот на својата работа.

На некогашниот плоштад "Маркс и Енгелс" во Белград се наоѓа зградата на Домот на синдикатите. Таа се користела првенствено како седиште на различни синдикални организации, но и за различни културни настани, затоа што во неа се наоѓаат четири сали. Најголемата сала, Сала 1 има капацитет од 1.600 места и спаѓа во една од најголемите киносали. Меѓународниот филмски фестивал ФЕСТ се одржувал токму овде. Домот на синдикатите е многу значаен културен простор на Белград, каде што освен филмски проекции се одржуваат и концерти, конференции, саеми и состаноци. 

denovi-na-oris-vrvni-avtori-1.jpg

 
Еден од тие настани е и конференцијата "Денови на Орис", архитектонска конференција во организација на хрватското списание "Орис". После Загреб и Љубљана, Белград стана трет град во кој еднаш годишно се организира архитектонската конференција со гости од регионот и странство. Оваа година "Орис" е организиран по трети пат во Белград, а своето видување на архитектурата го изложија српскиот архитект Срѓан Јовановиќ Вајс, кој веќе петнаесет години живее во САД, архитектонското биро "2 Архитекта" од Загреб, шпанскиот архитект Алберто Кампо Баеза (Alberto Campo Baeza) и архитектот Борис Подрека (Boris Podrecca) кој дојде од Австрија. 

denovi-na-oris-vrvni-avtori-2.jpg

 
Организаторот се потруди сè да помине во најдобар ред. Пред самата конференција, на штандовите пред големата сала, псетителите можеа да ги купат броевите на списанието "Орис" или некоја од многубројните книги од светот на архитектурата, и да се запознаат со производите што ги изложија покровителите и спонзорите на целиот настан. Со голема желба и труд "Орис" успеа во кризни времиња да направи одлична конференција, поканувајќи интересни предавачи со различен пристап во архитектурата. Посетителите можеа да видат каква идеја за архитектурата има секој од предавачите, а и да се запознаат со изградените дела и со некои проекти кои се во план. 

denovi-na-oris-vrvni-avtori-3.jpg

 
Срѓан Јовановиќ Вајс говореше за својот поглед на архитектурата и проектите што ги работи последниве петнаесетина години. Тој рече дека е убаво да се биде дома и дека му е мило што неговите родители се присутни. Вајс зборуваше за концептот на балканизација во архитектурата како позитивен процес за разлика од поимот балканизација што има негативен контекст. Балканот и социјалистичката архитектура претставуваат едно од полињата на интересирање на овој архитект. Заедно со фотографот Амин Линк, Вајс ја објави книгата "Социјалистичка архитектура, акт на исчезнување" (Socialist Architecture: the vanishing act), каде е истражена моменталната состојба на одредени зданија од социјалистичкиот период како Операта во Скопје, Музејот на воздухопловство во Белград или Политичката школа во Кумровец. Тој ги претстави проектите на кои работел како архитект истражувач во студиото "Херцог и Де Меурон" (Herzog and De Meuron) во Базел, како што се проектот "Триаголник" во Париз, Музејот на Пикасо во Малага, каде според зборовите на Вајс, вредноста на осум слики од Пикасо е како осум изградени згради. Вајс работел и на конкурсот за новата управна зграда на рускиот "Газпром" од Санкт Петербург. Еден од најинтересните проекти е и вилата во местото Ордос во Кина. Тоа е еден конкурс на повик од големиот кинески уметник Аи Веивеи, познат како уметник кој соработувал на изработка на решението за олимпискиот стадион "Птичје гнездо" за Олимписките игри во Пекинг во 2008 година. На конкурсот биле повикани одреден број архитекти кои требало да направат проекти на станбени вили во местото што се создава на северот на Кина. Се работи за идна станбена населба која ќе претставува колекција на архитектурата, голема уметничка колекција на отворено. Проектот на архитектот Вајс се создава со идеја за простор во кој ќе се наоѓа идната вила со песочен, пустински простор во северна Кина. 
Објектот по целата должина на фасадата има елементи кои потсеќаат на полици, каде заради силниот ветер и песочниот терен секогаш ќе се таложи песок, а со самото тоа и изгледот на фасадата никогаш нема да биде едноличен. На крај, архитектот Вајс го претстави својот проект на модуларен намештај Модул З (Z-blocks), решение за лесен модуларен намештај во облик на латиничната буква З. Тие модули можат да се користат на различни начини, комбинирајќи се мегусебно. 
Томислав Џурковиќ од студиото "2 Архитекта" од Загреб, го почна своето излагање со приказната како настанало нивното студио. Во предвечерјето на распадот на бившата држава, двајца архитекти Иван Џурковиќ и Зоран Зидариќ одлучиле да основаат архитектонско студио и исто така да го наречат – "2 Архитекта". Во почетокот нивната работа се сведува на изведба на ентериери со примеси на неопластицизам. 

denovi-na-oris-vrvni-avtori-4.jpg

Денес, проектите што најмогу говорат за нивната работа се семејните куќи во Загреб и останатите делови на Хрватска. Беа претставени станбените куќи Подфушчак во Загреб, куќите во Ровињ, Вараждин и во западна Херцеговина, и повеќестанбени куќи во Истарска улица и на Пантовчак во Загреб. Нивниот пристап е рационален, со јасно изразена форма на објектите, каде често експериментираат со правилна геометрија на кубусот што е засечен во објектот или излегува од него. Колку и да е почетниот пристап на секој објект сличен, каде што на основното кубусно геометриско тело се додаваат објекти или се одземаат помали кубусни елементи, толку е пристапот на разработка на секој објект различен.
Навидум, објектите имаат слична форма, но секој за себе е различен. Покрај ова, пристапот на изработка на детали и селекцијата на материјали за секој објект е посебен. Така, можеа да се видат објекти кои имаат рационален и есенцијален карактер во вид на бел кубус со отвори за прозорци и врати, згради каде со фасадата доминира камен како локален материјал, или згради со вешто вклопени елементи и бои. Она што ја одликува работата на студио "2 Архитекта" е потребата на архитектите покрај исклучително рационалниот пристап кон архитектурата да не го сведат станбениот простор на минимализам каде што ќе се осети недостаток на архитектонски елементи, туку низ внимателно проектирање на детали, осветлување и отвори кон надворешниот свет да создадат квалитетен простор како од естетска така и од функционална гледна точка. 
 
Архитектот од Шпанија, Алберто Кампо Баеза, рече дека првпат доаѓа во Белград, дека градот многу му се допаднал, дека имал можност да прошета и во новиот дел од градот, и според неговите зборови, тој е одлично направен урбанистички, додека од архитектонска страна тоа е тешко да се каже за сè она што го видел таму. Тој раскажа интересна приказна за вонвременска архитектура, дека секогаш кога ќе го посети Пантеон во Рим е воодушевен од тој вонвременски објект. Од своите студенти бара, ако одат таму, да му испратат разгледница и само на напишат: плачев или не плачев. Баеза им раскажа на присутните дека примил многу разгледници и на сите до една пишува "плачев". Во архитектурата на Алберто Кампа Баеза е присутна едноставност во формата, материјалот и боите во најпозитивна смисла на зборот. Неговата архитектура е есенцијална, а не минималистичка од што произлегува одредена доза на монуманталност која ја поседуваат неговите дела. Тој ги претстави некои од своите најзначајни проекти, како што се куќата Олник Спану во Њујорк, станбената вила со изразена хоризонталност и едноставност, која во потполност се вклопува во природното шумско опкружување каде се наоѓа. Друг, исто така многу значаен проект е куќата Молинер во Сарагоса. Тоа е станбена куќа опкружена со бел ѕид, и според зборовите на архитектот, тоа е куќа за поетот. Таа е вертикално поделена на три дела: за умирање, за живеење и за сонување. Делот "за умирање" е приземјето на куќата, со ѕидови скриено од погледите од околината, каде што се наоѓа и делот за спиење. На првиот кат е делот "за живеење" каде што се обавуваат основни дневни активности. И делот "за сонување" е вториот кат од куќата каде што се наоѓа библиотеката на сопственикот, местото каде се размислува и сонува. Колку го почитува опкружувањето во кое гради, архитектот Баеза го покажа преку проектот Хунта (Junta) во местото Кастиља и Леон (Castilla y Léon), јавна зграда која е опкружена со ѕид кој е изѕидан од истиот камен како и катедралата што доминира со градот. Внатре во ѕидините се наоѓа едноставна бела зграда со големи стаклени површини кои на некој начин претставуваат успешен експеримент на употреба на тој материјал, бидејќи не е користен како обвивка околу конструкцијата туку како сам конструктивен елемент. Последниот проект што го претстави архитектот Баеза е историскиот музеј на Андалузија во Гренада. Зградата на музејот со својата форма отскокнува од клишето што ги следи модерните музеи. Направена е како едноставна зграда со изразена вертикална предна фасада која со висината отскокнува од габаритот на остатокот од зградата и претставува "капија на градот" и со многу интересни кружни рампи во средината на самата зграда кои претставуваат централни архитектонски елементи. 
 
На крај, својот труд го претстави и архитектот со многу интересна биографија, Борис Подрека. Тој е роден во Белград, израснал во Италија, а студирал и работи во Австрија. Тој е еден од најдобрите претставници на архитекти во подрачјето што се поврзува со Средна Европа. Борис Подрека почнал како скулптор, а дури подоцна станал архитект. Тоа е една од причините зошто тој смета дека е многу битно кога нешто се сака да се изгради, дека мора да се знае од кој материјал ќе биде изградена идната зграда. Првиот проект кој беше претставен, Павилјонот на Словенија на светската изложба во Шангај, е направен по мотив на книга, со оглед на тоа што истата година Љубљана беше европски град на книгата. Архитектот Подрека нагласи дека кога се градат павилјони многу е важно да бидат направени така што ќе се знае каде можат да се движат посетителите. 

denovi-na-oris-vrvni-avtori-5.jpg

После тоа го претстави објектот направен во градот Конељано во Италија, деловна зграда на компанијата "Зануси" (Zanussi) со издржана тексура на фасадата. Во прашање е историскиот контекст на градот и тука еден бел објект би бил туѓ, а бидејќи историјата е многу присутна во италијанските градови, кулата на црквата е вклопена во композијата на самата зграда, така што може да се види низ неговата зграда. Многу значаен проект е деловната зграда на градежното претпријатие "Приморје" од Словенија. Како мотив за решение на објектот е користен камен. Подрека вели дека на некој начин е вљубеник во каменот, камениот предел Крас во Словенија е место кое тој го чувствува како свој центар, затоа што секој човек мора да има центар, "кравата нема центар, таа оди таму каде што тревата е најдобра, но човекот го има". Каменот во тој предел има фантастични пукнатини, кои Подрека ги нарекува "мала архитектура". Деловната зграда на "Приморје" го користи обликот на тие пукнатини за да се дефинираат отворите на самата зграда која како целина претставува идеја на тој камен. Следниот претставен проект беше реконструкцијата на хотелот Велмар Лакром во Дубровник. Подрека истакна дека потребата на Дубровник е, како некогаш, самиот амбиент да биде монохром, а луѓето што се наоѓаат таму да бидат полихроми, додека состојбата денес е обратна. Историјата на објектот што е реконструиран е многу интересна, хотелот е направен по проект на архитектот Валтер Гропиус за еден хотел во Мексико. Југославија ги купувала тие проекти по ниски цени и градела хотели кои изгледале "како да паднале од Марс". Објектот бил многу оштетен во текот на војните дејствија во деведесеттите години. Според новиот проект, објектот е ревитализиран да ја задржи архитектонската вредност, но и проширен со нов дел, камена фасада и темнозелени прозорци кои претставуваат модерен изглед на традиционалните приморски згради од тој простор. Новиот дел на хотелот е исклучително низок со изразена хоризонталност и перцепција на перспективата кон хоризонтот, што според зборовите на архитектот, е најиндивидуална работа на секој човек "затоа што мојот хоризонт никогаш не може да биде ист". Успехот со хотели е продолжен и во следниот проект, големиот туристички комплекс во Задар, кој претставува победничко решение на конкурс. Комплексот има хотел, турско купатило, шопинг центар, училиште и претставува еден мал град. Според замислата на архитектот, сенката лете мора да има иста вредност како и сонцето зиме, а хоризонтот и погледот кон морето претставува основен елемент при проектирањето на самиот хотел. Од секоја соба ќе биде можно да се види морето и хоризонтот. За разлика од објектите што се наоѓаат самостојно во опкружувањето, проектот "Цветен пасаж" во Загреб претставува симбиоза на урбанистички проект на јавен објект, јавна површина и станбена градба. Тоа е еден пасаж во центарот на градот со комерцијална содржина, кој на својот кров има парк, низ чии отвори поминува зенитално светло кое ги осветлува трите ката подолу и отвора можност за визуелна комуникација помеѓу улицата и паркот. Над паркот се наоѓаат станбени единици, чиј парк е интегрален дел, нешто како модерен двор кој го гледаме помеѓу станбените згради на средноевропските градови. 

denovi-na-oris-vrvni-avtori-6.jpg

Квалитетот на самиот проект ја дополнува фасадата што гледа кон Цветниот плоштад бидејќи има изразена динамика преку металните подвижни ролетни, кои прават фасадата никогаш да не изгледа идентично. Архитектурата на Борис Подрека е карактеристична заради посебниот пристап кон секој објект и простор каде што се наоѓа тој објект. 
 
"Денови на Орис" во Белград беше иделна можност за посетителите, од кои повеќето беа студенти, да се запознаат со архитектурата на овие четворица предавачи кои имаат поинакви, но и автентични погледи на архитектурата, она што ги врзува е неоспорниот квалитет во пристапот кон секој архитектонски проблем со кој се соочуваат во текот на својата работа. Треба да се нагласи дека организаторите се потрудија овој настан, освен тоа што беше интересен поради самите предавачи, да биде исклучително посетен и добро организиран. "Денови на Орис" полека, но сигурно станува еден од позначајните архитектонски настани во Белград, а секако и еден од најубавите и најинтересните што зданието на денешниот плоштад "Димитрија Туцовиќ", а некогашниот плоштад "Маркс и Енгелс" имало можност да биде домаќин оваа пролет. 
 
м-р Ѓорѓе ЈОКИЌ, дипл.инж.арх. (СРБИЈА)

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top