Насловна / Архитектура / „The Skopje Project“: Скопје како светски проект

„The Skopje Project“: Скопје како светски проект

На 24-ти април, оваа година, во прекрасниот и инспиративен амбиент на книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, беше промовирана книгата „The Skopje Project“ на која сум автор и уредник. Промоцијата се одржа во рамките на меѓународната конференција „Shaping Skopje’s Future“, што на симболичен, но и суштински начин ја поврза темата на книгата со современиот момент на градот, особено во контекст на подготовките за Скопје – Европска престолнина на културата во 2028 година. Книгата беше промовирана од проф. д-р Алесандро Армандо од Политехничкиот универзитет во Торино и од проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет при УКИМ во Скопје. Промоцијата на книгата „The Skopje Project“, објавена на англиски јазик од издавачката куќа „Арс ламина“, не беше само претставување на една нова публикација, туку и можност повторно да се отворат најважните прашања за Скопје – како го развиваме градот што го наследивме, кои процеси го обликувале во минатото и каква иднина можеме да замислиме доколку доволно сериозно го разбереме неговото минато.

Токму ова поврзување на минатото и иднината беше една од главните причини за објавувањето на книгата. Скопје е град со исклучително сложена историја, град кој повеќепати бил разурнуван, обновуван, промислуван и повторно граден. Но, во последните сто години, особено по катастрофалниот земјотрес од 1963 година, Скопје станува нешто повеќе од локален урбан феномен. Градот станува место каде што се вкрстуваат архитектонски и урбанистички идеи, политички концепти, меѓународна солидарност, институционални амбиции и човечка надеж. Затоа Скопје не може да се разбере само преку неговите згради, ниту само преку неговите планови, туку пред сè преку процесите што го обликувале.

Книгата „The Skopje Project“ е резултат на повеќегодишен истражувачки интерес за тие процеси. Таа е произлезена од потребата постземјотресната обнова на Скопје да се разгледа не само како архитектонска епизода, туку како светски проект.  Скопје, во еден исклучително драматичен историски момент, станува место каде што светското знаење било ставено во функција на изградба на еден град. Тоа е урбанистички, архитектонски, но и политички преседан, кој до денес останува речиси уникатен пример за тоа како архитектурата и урбанизмот можат да станат инструменти на меѓународна соработка, солидарност и општествена трансформација.

Генезата на книгата е поврзана со меѓународната конференција „The Skopje Project“, којашто ја организирав во јуни 2023 година на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје. Поводот беше двоен, шеесет години од скопскиот земјотрес и сто и десет години од раѓањето на Кензо Танге. Но, идејата не беше само да се одбележи една годишнина. Основната намера беше, шест децении по земјотресот, во Скопје повторно да се соберат врвни светски архитекти, истражувачи и професори, и од современа перспектива да се преиспита значењето на проектот за обнова на градот.

На конференцијата, на покана на деканот, учествуваа светски познатите архитекти Су Фуџимото од Јапонија и Рејнер де Граф од светски познатото архитектонско студио ОМА од Холандија, како и истражувачи од Универзитетот во Пенсилванија, ТУ Делфт, Атина и од други академски центри. Нивното присуство не беше само прашање на престиж. Тие помогнаа Скопје повторно да се постави во меѓународна рамка, како град преку кој можат да се читаат пошироките процеси на модерната архитектура, урбанизмот, поствоената обнова, Студената војна, неврзаноста, меѓународните институции и глобалните архитектонски дебати од втората половина на 20 век.

Од таа конференција произлезе и потребата дел од истражувањата, анализите и архивските материјали да се објават во книга. Беше јасно дека Скопје заслужува публикација која ќе ја надмине рамката на пригодно издание и ќе понуди научна, документарна и критичка основа за понатамошни истражувања. Досегашните истражувања за постземјотресната обнова на градот, особено во последните десет до петнаесет години, дадоа значаен придонес во препознавањето на архитектонското наследство на Скопје, особено во однос на бруталистичката архитектура. Тој процес е исклучително важен, бидејќи помогна многу објекти и автори повторно да влезат во јавниот и стручниот фокус. Сепак, документирањето на поединечни објекти и автори не е доволно за да се разбере целината на процесот.

Архитектурата на постземјотресно Скопје не може да се разбере без политичкиот, институционалниот, теоретскиот и меѓународниот контекст во кој таа настанала. Не може да се разбере проектот на Танге без да се разберат дебатите за метаболизмот, мегаструктурата, модерниот град и новите форми на колективно живеење. Не може да се разбере улогата на Доксијадис без да се земат предвид неговите идеи за екстистиката и неговиот интерес за системско планирање, ниту пак да се разбере Бакема без поширокиот контекст на Team 10 и критиката на догматскиот модернизам. Притоа, особено важна е улогата на Обединетите нации за да се разбере политичката ситуација во 1963 година, позицијата на Југославија и исклучителната симболичка моќ на Скопје како град на солидарноста. Токму затоа книгата е објавена на англиски јазик. Таа одлука беше суштинска, бидејќи Скопје не е само локална тема. Постземјотресната обнова на Скопје е дел од светската историја на архитектурата и урбанизмот, но и дел од историјата на Обединетите нации, на меѓународната солидарност и на големите идеи за градот во 20 век. Со објавувањето на книгата на англиски јазик сакавме оваа приказна да стане достапна за поширока меѓународна научна, архитектонска и културна јавност. На тој начин, Скопје повторно може да биде препознаено не како настан на маргините на светската историја, туку како еден од значајните урбани проекти на модерната епоха.

Книгата е структурирана во два дела. Првиот дел содржи авторски текстови на истражувачи кои се занимаваат со клучните личности, идеи и процеси поврзани со обновата на Скопје. Таа започнува со мојот текст „The Skopje Project“, во кој се претставува идејата за постземјотресната обнова како светски проект. Потоа следуваат текстови посветени на Морис Ротивал, Константинос Доксијадис, Кензо Танге, Јап Бакема и на други автори и концепти кои директно или индиректно учествувале во обликувањето на плановите за Скопје. Овој дел од книгата е особено важен затоа што не ја претставува обновата како едноставна и романтизирана приказна за успех. Напротив, тој покажува дека Скопје било простор на сложени преговори, натпревари, политички конфронтации, теоретски разлики и архитектонски амбиции. Во книгата може да се прочита за бројни контроверзии, за разочарувања од степенот на реализација на проектот на Танге, за недоследности во неговата реализација, но и за специфичностите на пристапите на Доксијадис, Бакема и на другите автори. Ова е исклучително важно, бидејќи читањето на историјата не треба да создава митови, па макар и архитектонски, туку да отвора прашања.

Вториот дел од книгата е избор од исклучително богатата фотографска архива на Киро Георгиевски, официјален фотограф на Советот на Град Скопје во времето на земјотресот и потоа за време на неговата обнова. Оваа архива се чува во Скопското одделение на Државниот архив на Северна Македонија и со нивна поддршка за првпат е објавена во ваков формат. Фотографиите прикажуваат потресни, но и историски непроценливи моменти, првите денови по земјотресот, урнатините на градот, посетите на светски политичари и претставници на кралски семејства, работата на меѓународниот борд на експерти предводен од Ернест Вајсман, како и претставувањето на проектите на Танге и на другите архитекти. Одлуката овие фотографии да бидат објавени во нивната оригинална форма, без дополнителна обработка и без прекумерно толкување, произлезе од желбата овој материјал да биде јавно достапен и да им овозможи на идните истражувачи, студенти и читатели самите да продолжат со своите истражувања и да ги поставуваат прашањата. Верувам дека токму овој документарен дел од книгата ќе биде основа за нови истражувања, изложби, студентски проекти и јавни дебати.

Основната идеја што ја промовира книгата е дека разбирањето на градот мора да започне со разбирање на процесите што го создале. Скопје не е само физичка структура. Тоа е резултат на идеи, институции, вредности, конфликти, очекувања, компромиси и недовршени визии. Ако сакаме да зборуваме за иднината на градот, мораме да знаеме како бил замислен, кој го замислувал, под кои услови, со какви цели и со какви последици. Само така можеме да разбереме кои вредности се вградени во градот и кои вредности денес ги губиме, занемаруваме или имаме обврска повторно да ги активираме. Во оваа смисла, „The Skopje Project“ не е книга само за минатото. Таа е книга за иднината на Скопје. Постземјотресната обнова не е завршена тема, бидејќи нејзините последици, нејзините простори, нејзините идеи и нејзините недовршености сè уште го обликуваат современиот град. Многу од денешните проблеми на Скопје, како фрагментацијата на јавниот простор, конфликтите околу урбанистичкото планирање, недоволната грижа за модерното наследство, губењето на довербата во институциите и во можноста градот да се планира како јавен интерес, можат подобро да се разберат ако се погледнат низ долгиот континуитет на неговиот урбан развој.

Скопје по земјотресот беше замислено како град на солидарност, но и како град на знаење. Во него се вградија амбиции кои беа поголеми од локалниот контекст. Тие амбиции не секогаш беа реализирани, а дел од нив можеби беа и премногу големи за реалноста во која требаше да се остварат. Но, токму во таа напнатост меѓу амбицијата и реалноста се наоѓа една од најважните лекции на Скопје. Градот покажува дека големите идеи се неопходни, но и дека тие се кревки. Покажува дека архитектурата може да биде моќен инструмент на општествена промена, но и дека без институционална доследност, јавен интерес и долгорочна култура на планирање, дури и најсилните визии можат да останат недовршени.

Затоа денес, кога зборуваме за Скопје како Европска престолнина на културата во 2028 година, од особена важност е да не се сведе таа титула само на програма од настани. Проектот „Култура над поделби“ отвора можност културата да се разбере како јавна инфраструктура, како средство за социјална кохезија и како принцип на урбана трансформација. Тоа е голема и важна промена. Културата не треба да биде скап украс на општеството, туку долгорочна инвестиција во квалитетот на урбаното живеење, во инклузивноста, во јавниот простор и во европската перспектива на градот. Поврзувањето на книгата „The Skopje Project“ со конференцијата „Shaping Skopje’s Future“ затоа не е случајно. Напротив, тоа е обид да се воспостави континуитет меѓу едно големо историско искуство и една нова развојна можност. Скопје веќе еднаш било град во кој светот инвестирал знаење, солидарност и надеж. Денес, повторно имаме потреба од знаење, од солидарност и од верба дека градот може да биде подобар. Разликата е во тоа што денес таа обврска не може да ја очекуваме само однадвор. Таа мора да произлезе од нас, од институциите, од професијата, од културната сцена, од академската заедница и од граѓаните.

Оттука, книгата „The Skopje Project“ може да биде почеток на еден подолгорочен процес. Во иднина, природно би било знаењата и информациите од оваа публикација да бидат основа за некои идни изложби, јавни предавања, дебати, нови истражувачки проекти и посебни студии за одделни автори, објекти, планови и урбанистички концепти. Особено важно би било архивскиот материјал поврзан со постземјотресната обнова да стане подостапен за јавноста и за меѓународните истражувачи. Скопје има архиви кои сè уште не се доволно истражени, а во нив се наоѓаат документи што можат значително да го променат нашето разбирање за градот. Книгата може да биде и основа за поинаков однос кон модерното архитектонско наследство на Скопје. Тоа наследство не треба да се гледа само како стилска појава, ниту само како предмет на носталгија. Тоа е материјален доказ за еден историски момент во кој градот бил замислуван како јавен, солидарен и современ простор. Доколку сакаме да го заштитиме тоа наследство, мораме прво да го разбереме. А разбирањето не значи некритичко славење, туку напротив, значи внимателно читање на неговите вредности, слабости, противречности и потенцијали.

Затоа, „The Skopje Project“ е повеќе од книга. Таа е обид да се потсетиме дека Скопје некогаш било место на големи идеи, но и да се прашаме дали денес имаме храброст повторно да мислиме големо, одговорно и долгорочно. Не за да го повториме минатото, туку за да научиме од него. Не за да создадеме нов мит за Скопје, туку за да создадеме подобро разбирање на градот. И не за да се задржиме во историјата, туку за да изградиме посериозна основа за иднината. На крајот, најважната придобивка од книгата би била ако таа придонесе Скопје повторно да стане тема на сериозен разговор, не само меѓу архитектите и урбанистите, туку и меѓу граѓаните, институциите, културните работници, студентите и сите оние кои веруваат дека градот е заеднички проект. Во таа смисла, „The Skopje Project“ е покана за ново читање на градот, но и покана за нова одговорност кон него. Минатото на Скопје ни покажува дека градот може да биде замислен како простор на солидарност, знаење и надеж. Нашата задача денес е да покажеме дека тие вредности не се само историска меморија, туку можат повторно да станат неговата иднина.

Автор: проф. д-р Огнен МАРИНА, професор на Архитектонски факултет при УКИМ во Скопје

 

 

 

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top