Насловна / Архитектура / По колку години архитектот е архитект, а инженерот инженер!?

По колку години архитектот е архитект, а инженерот инженер!?

Овие, веројатно се едни од многубројните прашања коишто произлегуваат од Предлог-законот за градење кој минува низ вообичаените процедури во моментов.  Преку овој предлог-закон, на 104 страници, се иницира цела низа на можни промени во рамките на оваа правна регулатива, а при што само дел од нив се предмет на разгледување во овој текст.

Веројатно како најголема новина е предложеното воведување државен стручен испит како предуслов за стекнување овластување.  При ова, како одговорно, се посочува министерството надлежно за уредување на просторот, со тоа да спроведувањето на испитот би било доверено на Комората на овластени архитекти и овластени инженери во соработка со јавна високообразовна научна и стручна установа којашто има единици на соодветните стручни области согласно на законот.  Според предложеното, испитот би се полагал усно пред мешовита комисија од седум члена составена од професори на јавна високообразовна научна и стручна установа од соодветната област, и инженери со повеќе од 15 години професионално искуство (по стекнување на овластувањето) од редовите на членовите на Комората.

1_resize

Предложеното воведување на државниот стручен испит може да се оцени како позитивно со оглед дека ќе се овозможи проверка на релевантните обединети стручни знаења потребни за самостојно и одговорно вршење на работите во делокругот на овластувањето.  Дополнително, преку ова ќе се воведе пракса којашто е вообичаена во многу земји низ светот, но којашто и постоела во земјата во период по Втората светска војна и подоцна, кога определбата за полагање посебен стручен испит била предвидена и со Законот за изградба на инвестициони објекти од 1983 година, и тоа како барање за стекнување овластување за проектирање сложени и специфични инвестициони објекти и работи.

Генерално, според предлогот, принципот на овластување А (за повеќе сложени градби) и Б (за помалку сложени градби) останува за различни категории како на пример, за изработка на проектна документација, за ревизија на проектна документација, за надзорен инженер и за изведба.  За да се стекне овластување покрај основната квалификација од 300 кредити според ЕКТС-системот, ќе бидат потребни и три години работно искуство за овластување Б, односно пет години работно искуство за овластување А и положен државен стручен испит. За оние коишто ќе се стекнат со овластување Б, а сакаат да се стекнат и со овластување А ќе им бидат потребни уште три години работно искуство на повеќе сложени градби, значи вкупно шест.

5_resize

Потенцијалните предизвици

Дел од потенцијалните предизвици со предложеното решение веќе почнуваат тука, со оглед дека веројатно се предлага да се има еден државен стручен испит, а две овластувања: А („целосно“) и Б („делумно“).  Барањата да се стекне „целосното“ овластување А во однос на комбинација на должина на студии (пет години) и должина на минимално работно искуство (пет години), значи вкупно 10 години, плус државниот стручен испит веројатно ќе ја стави Северна Македонија како „лидер“ во светот во оваа смисла.  Во моментот, се смета дека приматот припаѓа на САД и Кина каде комбинираната должина на студии и пракса пред да се пристапи на полагање на стручниот испит е осум години, период, коишто според предлогот, во Северна Македонија ќе води само кон „делумното“ овластување.

8_resize

Се разбира, прашање е на националното законодавство како ќе се реши стекнувањето на овластување и пристапот до струката во рамките на една земја, но веројатно е потребо да не се заборават и потенцијално далекусежните последици од предложениот систем во однос на идната меѓународна положба на овластените архитекти и инженери од Северна Македонија, особено кога ќе се земат предвид европските амбиции на земјата и мобилноста на струките коишто би требало да произлезат од идното членство во Европската Унија. Есенцијално, веројатно во најголемиот број случаи архитектите и инженерите од другите земји на Унијата ќе се стекнат со целосно овластување во струката барем две-три години порано од нивните колеги од Северна Македонија.

Како резултат на ова веројатно може да се постави дури и прашањето, дали и во која мерка предложениот пристап можеби ќе придонесе за намалување на довербата во образовниот и стручниот систем во земјата барем во согледувањата на состојбата однадвор – ако ние самите не ѝ веруваме на струката, како може да очекуваме некој однадвор да ни верува?

4_resize

Резултат на промената во образовниот систем

Веројатно може да се каже дека ваквиот пристап не е нешто ново, туку нешто коешто од независноста на земјата и без некое поголемо образложение се провлекува во изминатите три децении. Почнувајќи од наводите дека петгодишните студии коишто водат до квалификацијата дипломиран инженер (по старо) траеле наводно „само“ девет семестри или пак дека кредитната вредност на оваа квалификација е само 240 ЕКТС, а не 300 ЕКТС-кредити, иако матичниот факултет каде што лицето дипломирано може да издаде документ според кој се потврдува дека дипломата е со вредност од 300 ЕКТС-кредити и слично!?

Дури и, веројатно, во една од најконзервативните земји во светот, Велика Британија, со веројатно најстарата професионална организација на архитектите во светот, Кралскиот институт на британските архитекти основан во 1834 година, транзицијата во новиот образовен систем со примена на принципите на Болоњската декларација помина само со промена на името на квалификациите, но не и на статусот или вреднувањето, така бечелорите по архитектура или дипломите по архитектура „по старо“ станаа мастери по архитектура „по ново“. Таму, за разлика од други земји во Европа, не може да отидете до Вашиот факултет и Вашата стара диплома да ја замените со нова на која ќе се водите како мастер, но статусот во струката на старите квалификации не е променет како резултат на промената во образовниот систем.

7_resize

Веројатно дополнителен проблем со којшто се соочуваме во земјата е веројатно и несоодветната дистинкција помеѓу завршните квалификации по старо и по ново, така што веројатно лесно може, особено кај пошироката јавност, да дојде и до забуна за тоа дали лицето има завршено само прв циклус на студии по ново или пак е дипломиран инженер по старо, а коешто веројатно не е најдобриот исход.

На кој начин ќе се регулираат или докажат правата?

За жал искушенијата не престануваат тука. Според Предлог-законот за градење се воведуваат и дополнителните видови на категории за вршење на стручните работи како на пример, главен проектант, главен ревидент, главен инженер на градилиште,  управител на градба, главен надзорен инженер итн.  При ова според предложеното, на пример, за да може да се врши функцијата на главен проектант лицето ќе треба да има седум години работно искуство од стекнување на овластувањето (значи 12 години вкупно за оние со лиценца А), 10 години работно искуство по стекнување на овластувањето за да се врши функцијата ревидент (значи 15 години вкупно за оние со лиценца А) и 15 години работно искуство по стекнувањето на овластувањето за да ја врши функцијата главен ревидент (значи најмалку 20 години работно искуство за оние со лиценца А).  Евентуалното прифаќање на предложените промени само дополнително ќе ги искомплицира работите и најверојатно ќе отвори енормна дополнителна административна работа, особено што не е баш најјасно од Предлог-законот, на кој начин ќе се регулираат или докажат правата дека еден архитект или инженер може да биде главен проектант, ревидент или главен ревидент на пример.

2_resize

При ова веројатно не треба да се отфрлат и евентуалните несакани последици за професионалниот развој на идните генерации на архитекти и инженери во земјата.  На пример, ако некој и покрај овластувањето треба да работи 10 (за оние со лиценца Б) или 12 (за оние со лиценца А) години, есенцијално, како соработник или пак како проектант на сегмент или на фаза на објект пред да може да стане главен проектант, прашањето е дали лицето ќе „заборави“ да проектира чекајќи на можноста да се стекне правото. Колку свежи и современи ќе бидат идеите и пристапот 10 – 12 години по магистрирање и без проектирање во меѓувреме?

Добивањето овластување А нема да го направи архитектот автоматски способен да проектира

Оттука, веројатно се поставува прашањето дали можеби е дојдено времето да се разврзе јазолот пред да стане толку голем за да веќе не може да се стори тоа?  Да речеме во Велика Британија, овластувањето, во тамошниот случај регистрацијата, е одраз на проценката од струката дека лицето се стекнало со минималните предуслови за самостојно и одговорно вршење на работите во доменот на струката.  Регистрираниот архитект следниот ден може да отвори свое проектантско биро и да стане директор и архитект.  Тој не мора да чека повеќе години пред да стане главен проектант или слично. Од друга страна, кај нас со добивањето на овластување А врз основа на проектирање универзитетски објект со училници за настава нема да го направат овластениот архитект автоматски способен да проектира термо или хидроцентрали или рафинерии за нафта.

6_resize

Осигурителни премии за професионална одговорност

Системот треба да бара други модалитети за средување на работите во струката без оглед на тоа дали истото ќе биде сторено преку надворешно надгледувано работно искуство до полагањето на државниот испит, развивање на совеста на архитектите дека дел од одговорното професионално однесување е да се знае да се направи самопроценка на сопствените способности и на инвеститорот отворено да му се каже дека задачата ги надминува неговите способности за нарачателот да си побара некој поискусен архитект, или пак архитектот да склучи договор за соработка со поискусен архитект кој ќе ја земе функцијата на главен извршен проектант или сл. Во оваа смисла не може да се потцени и улогата на осигурителните компании преку процесите за проценка на ризикот каде помладите овластени архитекти може да се соочат со повисоки осигурителни премии за професионална одговорност, при што прифаќањето на поголеми и поризични проекти може да ги направи економски неприфатливи за помалите бироа или пак за оние со помалку искусни вработени.  Се разбира тука добар удел може да одигра и едукацијата на идните инвеститори, затоа што за нив ќе биде најдобро да си ги заштитат своите интереси преку избор на доволно искусни овластени архитекти врз основа на специфичноста и сложеноста на објектот. Ова во голема мерка може да помогне во сегментирање на пазарот, веројатно на „пооргански“ начин отколку со примена на цел куп на овластувања и потврди за тоа што точно овластениот архитект или инженер може да работи.

9_resize

Веројатно можно сценарио би било да се преиспита листата на категории на објекти за на истата да влезат сите оние коишто во најголем број на случаи би влегле во доменот на работење на просечниот архитект. По три години соодветно организирано и надгледувано работно искуство магистрите да може да го полагаат државниот стручен испит и по успешното полагање да се стекнат со овластувањето, при што тоа би било овластување во професијата, значи без овластување А и Б.  Доколку навистина има потреба, веројатно може да се разгледа можноста за стекнување за некое специјално овластување за работа на исклучително комплексни капитални проекти за потребата на државата или слично, но врз основа на поинаков систем од сегашниот и на некој начин издвоено од примарниот систем за стекнување овластувања во струката. По углед на економската струка да се раздели ревизиската улога од основната услуга, па така да се воведе посебно звање ревидент-архитект или ревидент за проектирање коешто би било одделено од овластувањата. На ваков начин веројатно би се создала можност едновремено и да се зајакне и поедностави системот, при што спецификите на локалните законодавни барања би се издвоиле од основните принципи за стекнување овластување на архитектите и инженерите.

3_resize

Испрати коментар

Scroll To Top