Насловна / Архитектура / На маргините на една катастрофа: пожарот во Grenfell Tower во Лондон опоменува

На маргините на една катастрофа: пожарот во Grenfell Tower во Лондон опоменува

Среда, 14 јуни 2017 година ќе биде запомнета како еден од најцрните денови во поновата историја на Лондон и Обединетото Кралство. Неполни 351 година од Големиот пожар во Лондон (The Great London Fire, од 2 до 5 септември 1666 година), пред очите на светската јавност се одвиваше човечка трагедија од ретко видени размери. Мајка која го фрла бебето во надеж дека некој ќе успее да го прифати за да ја преживее огнената стихија, жители кои се простуваат од своите најблиски по телефон, повиците за помош од очајните жители, кои по одредено време стивнуваат и се заменети со тишина, и звукот на безмилосниот оган, а сè пред очите на безгласните и беспомошни избегани, ургентинте служби, минувачите, медиумите и светската јавност. ладински_9

Сево ова, иако наликува како во филм за катастрофи, всушност се случува во живо во петтата најбогата земја во светот според номиналниот бруто национален приход, каде само проценетата вредност на станбените објекти во Лондон е поденаква на годишниот бруто национален приход на Бразил од 2,2 трилиони долари. ладински_4

Месец дена по оваа трагедија која ја зафати 67 метри високата 24-катна Гренфел кула (Grenfell Tower) во Лондон, изградена во 1974 година со 129 станови, за повеќе години сме оддалечени од завршувањето на официјалните истраги и објавувањето на причините за оваа катастрофа. Дел од преживеаните секојдневно се прашуваат дали причините, воопшто, наполно ќе се разјаснат. Во моментов официјалниот број на загинати е околу 80, но се очекува дека вистинскиот број ќе биде обелоденет дури во 2018 година, за да се даде доволно време на форензичните екеперти да ја завршат својата работа. Исто така, сè уште не се утврдени причините за најголемиот пожар во Обединетото Кралство од почетокот на дваесеттиот век па до сега. Само се знае дека пожарот отпочнал во комбиниран фрижидер со замрзнувач на четвртиот кат, и дека противпожарната бригада отпочнала со својата интервенција по само шест минути, но дека пожарот се проширил со неверојатна брзина по фасадата на објектот. На над 200 пожарникари со 70 противпожарни возила од противпожарните станици во Лондон им биле потребни 60 часа за да го изгансат овој пожар.ладински_1

Оттука, големо внимание во моментов е посветено на реконструкцијата на фасадата на објектот завршена во 2016 година. Таа била направена за да се подобри енергетската ефикасност на објектот. Како резултат на ова, постојната фасада од 25 см дебел префабрикуван армиран бетон, според наводите во британските медиуми, била обложена од надвор со 15 см дебели цврсти термоизолациони плочи од полиисоцијанурат (Polyisocyanurate), пред кои се наоѓал 5 сантиметри воздушен простор и 3 мм завршна обработка од сендвич алуминиумски обложни плочи меѓусебно споени преку полиетиленско јадро. Полиисоцијанурат е еден вид пластичен термоизолационен материјал во пенеста форма којшто се лие во термоизолациони табли, најчесто обложени од двете страни со алуминиумска фолија. Станува збор за материјал кој гори и испушта потенцијално токсични гасови при согорувањето. ладински_5

Од презентираните информации во медиумите не е јасно дали во рамките на фасадата биле поставени задолжителните противпожарни бариери, коишто би требало да се постават најмалку хоризонтално однадвор на ниво на меѓукатната плоча и вертикално во линија на ѕидот која ги дели становите. Со оглед на тоа што реконструкцијата била изведена, се очекува дека градежната инспекција ги одобрила градежните работите врз основа на предвидени противпожарни бариери во рамките на новопроектираната фасадна конструкција. Овие бариери се исклучително важни во спречувањето на пренесувањето на пожарот од една во друга противпожарна зона. Вообичано, бариерите се направени од негорлив материјал како камена или минерална волна која со анкери од не’рѓосувачки челик се поставува, во овој случај, на оргиналната негорлива конструкција на објектот од армиран бетон.  Преку нивното поставување се прави дисконтинуитет во запаливата термичка изолација на фасадата. Во случај на фасадна облога од плочи задолжително треба да се обезбеди вентилација на овие плочи од внатрешната страна, која дополнително го комплицира спречувањето на пренос на пожар од една во друга противпожарна зона. Имено, во вакви случаи противпожарната бариера треба да биде композитна, каде основниот дел е направен од анкерисан негорлив материјал, но кој од надвор треба да има интегрална лента од интумесцентен материјал којашто во случај на пожар ќе експандира и ќе го затвори воздушниот простор зад фасадната облога. Вакви композитни противпожарни бариери се наоѓаат на пазарот на градежни материјали и тоа најчесто во две верзии за да затворат воздушни простори од 25 или 50 мм, но најголемиот број од нив обезбедуваат противпожарна заштита од само 30 минути, а многу поретко од 60 минути. Оттука, може да се постави прашањето дали и најдобриот материјал ќе овозможи соодветна сепарација во случај на пожар особено кај повисоките објекти, каде и еден час противпожарна заштита, веројатно, нема да биде соодветна.ладински_3

Според најновите информации, се потенцира дека линијата на прозорците била сменета во рамките на реконструкцијата на фасадата. Тие оргинално биле лоцирани во рамките на 25 см дебелите ѕидови од префабрикуван армиран бетон. При реконструкцијата на фасадата, тие биле релоцирани и заменети со нови во линијата на новопоставената термозилоција. Преживеаните посочуваат дека димот почнал да влегува во становите од внатрешната страна на прозорците, што наведува на можноста за постоење на мали отвори помеѓу оргиналниот армирано-бетонски ѕид и новопоставената термичка изолација, кои послужиле како медиум за пренесување на чадот. Ова е навистина необично, со оглед на тоа што според британските градежни прописи околу отворите на фасадите треба да се постават противпожарни бариери кои ќе ги заштитат прозорците од евентуален пожар.

Дополнително се наведува дека објектот бил приклучен на локалната гасоводна мрежа и дека цевките за гас оделе по фасадата на објектот. Тие требало да бидат заштитени со обвивка од потешко запалив материјал, но со оглед на тоа што вакви инсталации за водење на цевки за гас мора да бидат вентилирани, најверојатно иситите имале вентилациони отвори. Дали и во која мера ова придонело за пожарот, допрва ќе треба да се утврди.ладински_6

Постојниот објект, изграден пред 43 години, потенцијално имал свои слабости како резултат на важечките прописи од тоа време. Па така кулата има само едни скали и нема противпожрни скали. Становите биле заштитени кон скалишниот простор со 30-минути отпорни противпожарни врати, но се спомнува дека некои од станарите можеби ги имаат заменото со ПВЦ врати или пак дури и со застаклени врати, коешто доколку е навистина точно, можеби има дополнително придонесено за ширењето на чадот и пожарот низ објектот.

Се разбира, ова се само некои од аспектите свразни со овој објект и чиешто потенцијално влијание врз пожарот допрва ќе треба да се разјасни. Она што е застрашувачко во сето ова, е дека ова се има случено во една од најразвиените земји во светот со релативно строги градежни прописи и градежна инспекција која ги проверува клучните аспекти на објектот. Ваквата катастрофа не е само поттик за преиспитување на градежната регулатива во Обединетото Кралство, туку и низ светот. Во овој контекст, надлежните служби во Република Македонија треба да извлечат соодветни поуки од оваа трагедија и да го насочат своето дејствување кон зголемување на противпожарната заштита на постоечките и новоизградените објекти. Во изминатиот период, сведоци сме на загрижувачки промени: облагање на постоечки фасади со негорлива конструкција со запаливи термоизолациони материјали, честопати без соодветни противпожарни бариери, креирање на воздушни простори зад горлива изолација без механизми за спречување на преносот на пожарот; дополнително оптоварување на фасадите со декоративни облоги и сл. Сите како по малку да забораваме дека слободниот капацитет во носивата конструкција придонесува за зголемување на противпожарната отпорност на објектот. Вратите во становите сè почесто се заменуваат со противпровални врати. Дали сте провериле кои противпожарни карактеристки ги имаат овие врати, или можеби и немаат?ладински_2

За разлика од становите во Британија, каде секоја соба треба преку противпожарна врата да излезе на противпожарно заштитен коридор кој води кон вратата од станот, ние немаме слични прописи во Македонија, како резултат на тоа само становите помеѓу себе би требало да бидат заштитени од пожар, но не и евакуационата рута во рамките на станот. Притоа, не треба да заборавиме на нивото на изграденост, особено во централните градски подрачја со ограничен пристап за противпожарните возила и недоволен простот околу објектот за тие да можат да бидат ефективно ангажирани. Во минатото, во повеќето објекти ги немаше противпожарните црева за да можат да се приклучат на хидрантите. Исто така се разлабавија урбанистичките прописи преку кои се дозволи градење на објекти повисоки од 8 ката, лимит којшто беше воспоставен во Скопје преку измените и дополните на урбанистичкиот план во 80-тите години, а со цел висината на објектите да се лимитира на висина на која противпожарната скала може да достапи до највисокиот кат на објектот. Дополнително, голем дел на постојните обејкти преку надградбите ги имаат изгубено алтернативните евакуациони рути коишто преку терасите ги поврзуваа различните влезови во еден објект и сл. Истовремено, сведоци сме на сè поголема примена на фасадни облоги и панели коишто до колку не се соодветно испроектирани и изведени, веројатно можат да го зголемат ризикот од пожар. Ризикот од пожар дополнително може да се зголеми преку спроведувањето на гасификацијата, особено со оглед на тоа што Македонија се наоѓа во сеизмички регион.ладински_7

При пожарот во Гренфел кулата, на над 200 пожарникари и 70 противпожарни возила им требаше 60 часа да го изгаснат пожарот во оваа 24-катна станбена кула лоцирана во престолнината на една од најразвиените земји во светот. Веројатно треба сите да се размислиме и реално да процениме во која мерка противпожарните служби во Република Македонија би биле во можност да одговорат во случај на повеќе пожари, да речеме, во случај на некој посилен земјотрес!

Испрати коментар

Scroll To Top