Насловна / Вести / 55 години ИЗИИС: Континуирано градење сеизмички сигурно општество

55 години ИЗИИС: Континуирано градење сеизмички сигурно општество

На 27 мај оваа година се навршија 55 години од формирањето на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС). Голем jубилеј, проткаен со значителни успеси и достигнувања во полето на науката, образованието и применувачката дејност, препознаени на регионално и светско ниво.

1_Logo_IZIIS_55_resize

Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (првично Институт за oпшта и инженерска сеизмологија) е формиран во рамките на Универзитетот во Скопје, денешен Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје на 27 мај 1965 година со одлука на Универзитетскиот Совет (Одлука бр. 01-2/1) и по препорака на Меѓународниот консултативен одбор, одлуките на Владата на Република Македонија и градот Скопје со поддршка од UNESCO.

Почетниот мандат на Институтот бил да ја надгледува и помага во реконструкцијата и обновата на градот Скопје после катастрофалниот земјотрес од 1963 г. Како подолгорочни цели биле и континуирани истражувања во полето на сеизмологијата и земјотресното инженерство, перманентно собирање и ажурирање на сеизмолошки и други релевантни податоци и нивна имплементација во процесот на проектирање и планирање на градот. Институтот бил првата високообразовна и научна институција која на организиран начин овозможила обуки на градежни инженери, архитекти и планери со цел унапредување на планирањето, проектирањето и изведбата со примена на современи сознанија од областа на земјотресното инженерство. Во тој правец и започнуваат првите редовни магистерски и докторски студии со значителна поддршка од странски професори и експерти.

vlcsnap-2020-05-15-22h20m53s014_resize

Од своето основање во 1965 година, дејностите на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) се во насока на намалување на ризиците од катастрофи односно заштитата на населението и добрата, намалување на физичките и економските штети и заштита на социо-економските системи од дејството на земјотресите. Сите активности на ИЗИИС се во доменот на подготовка на системот, припрема на конзистентна легислатива, создавање на високо професионални човечки ресурси и градење на капацитети за сеизмички сигурно општество.

Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) е научноистражувачка и високообразовна установа, единица во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (www.iziis.ukim.edu.mk). Институтот врши високообразовна дејност од втор и трет циклус студии, научноистражувачка и применувачка дејност во научноистражувачките области земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, како и во сите научни полиња што се во врска со основната дејност на Институтот.

Согласно Статутот на ИЗИИС, основната дејност на Институтот е организирана во 6 оддели, 5 лаборатории и 1 центар за меѓународна соработка. Остварувањето и реализирањето на основната дејност е поддржано од стручната и административна служба на Институтот. Со Институтот раководи Директор со двајца заменици преку органите на Институтот: Научен совет и Институтска управа.

3_Shema_organizacija_resize

Организациона структура на ИЗИИС

Научноистражувачките активности на ИЗИИС се ориентирани кон изнаоѓање можности и утврдување на основи за намалување на сеизмичкиот ризик и ризикот од други природни катастрофи. Во текот на своето постоење Институтот реализирал голем број меѓународни, билатерални и национални научноистражувачки проекти со огромен придонес во правец на градење и јакнење на институционалните капацитети за справување со природните ризици. За време на својот 55-годишен растеж Институтот развива и перманентно одржува интензивна соработка на меѓународен план. ИЗИИС е една од водечките научни институции во државата која партиципира во рамковните програми финансирани од Европската Комисија, уште од нивниот почеток. Како резултат на активното учество Институтот е една од ретките членки на УКИМ која се јавува во улога на координатор на проект во рамките на FP7 програмата. За истакнување е учеството на Институтот во низа проекти финансирани од НАТО во рамките на програмата „Наука за мир”. Исто така, досега се реализирани поголем број на билатерални проекти со САД, Кина, Германија, Турција, Австрија, Бугарија, Албанија, Словенија, Хрватска и др., како и голем број на национални научноистражувачки проекти финансирани од Министерството за образование и наука на Република С. Македонија и Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.

4_InfraNAT_WS_resize

Работилница на европски проект Infra-NAT (септември, 2018)

5_Eksperiment_SERA_resize

Испитувања на вибро-платформа, европски проект SERA (декември, 2019)

Институтот континуирано ги применува сознанијата од научноистражувачката дејност во професионалната инженерска пракса во проектирање и градење современи конструкции отпорни на земјотрес. Со своите ангажмани , експертски и консултантски услуги, ИЗИИС има забележително присуство како во нашата држава така и на  меѓународниот пазар (Обединетите Арапски Емирати, Канада, Турција, Австрија, Германија, Велика Британија и др.). Во последната декада, ИЗИИС реализирал преку 600 апликативни проекти од кои голем број претставуваат инженерски предизвици на национално, регионално и меѓународно ниво. Плодната соработка со домашни но и со големи интернационални компании како: Limak, Max Aicher, Cevahir, Lindner, Siemens, Kinemetrics, Rade Koncar, TAV, Put Inzenjering, Irgo, Arup, Gerb, Rofix, Johnson Matthey, IDOM и др., само го потврдува реноме на ИЗИИС како проверен и респектиран партнер.

Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) како единка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, веќе 55 години врши континуирана едукација на кадри од земјата и од странство во области кои се поврзани со развојот и унапредувањето на модерната технологија за контрола и намалување на сеизмичкиот ризик. ИЗИИС денес со право може да се гордее на фактот што првите магистерски студии во Република С. Македонија биле организирани и реализирани токму на ИЗИИС во 1965 год. Овие студии од ваков тип биле и први во Европа.

Во ИЗИИС се образуваат млади научни кадри во специфични и комплексни области како што се земјотресното инженерство и инженерската сеизмологија. Овие научни области во себе интегрираат и широк спектар на инженерски под-области, како што се конструктивното инженерство, проектирање на сеизмички сигурни и стабилни објекти (згради, мостови, брани, инфраструктурни системи, специјални објекти), специфични проблеми од геотехничкото инженерство, дефинирање на сеизмичкиот хазард, подготвеноста за справување со катастрофи предизвикани од земјотресите и сл. Студиските програми од втор и трет циклус кои се реализираат на ИЗИИС се дизајнирани врз основа на сопствено искуство и искуствата на други универзитети во светот, посебно на земјите со развиено земјотресно инженерство. Овие програми се акредитирани и истите комплетно се реализираат на македонски, но и на англиски јазик.

Како потврда на континуираната заложба на Институтот за градење на сеизмички сигурно општество, ИЗИИС добива законска надлежност за вршење на контрола на објектите во фазата на проектирањето и во текот на изведба на носечката конструкција на градбата. Врз основа на овие измени во Законот за градење од крајот на 2013 година, ИЗИИС континуирано прима барања, разгледува доставена проектна документација, излегува на терен, врши увид на изведени објекти, констатира дали изведените објекти се согласно доставената проектна документација и издава Мислења за проектиран и изведен степен на механичка отпорност и сеизмичка заштита (www.msz.iziis.ukim.edu.mk). Од почетокот на воведување на овој Закон до мај 2020 г., Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија има издадено над 17.000 мислења со што преставува активен чинител во контролата на националниот сеизмички ризик.

6_MPS_karta_resize

МПС карта

Во текот на изминатите 55 години Институтот остварува континуирана меѓународна соработка со бројни институции и универзитети ширум светот. На тој начин се потврдува едно од основните начела на ИЗИИС за постојана промоција и надградување на научноистражувачките и образовните капацитети. ИЗИИС е дел од програмите за размена и мобилност на академски кадар и студенти (ERASMUS, TEMPUS, DAAD) реализирајќи соработки со мултидисциплинарна содржина со единствена цел-изградба на сеизмички сигурно општество за сегашните и идните поколенија.

Институтот во текот на своето постоење, но и денес, е член во голем број на тела, организации и асоцијации, допринесувајќи за јакнење на капацитетите на национално и светско ниво во разните сегменти на науката и праксата.

Концептот на општествена одговорност и подигањето на јавната свест претставува императив за Институтот во текот на неговото долгогодишно постоење. Едукацијата и подигнувањето на јавната свест за опасноста и справувањето со земјотресите се вкрстени компоненти каде клучните столбови се потпираат на постоењето на заеднички пристап и взаемна соработка со многу институции во текот на изминатите години. За таа цел, ИЗИИС со своето искуство и знаење реализира и спроведува активности и обуки во рамките на основните и средните училишта во земјата како една од најважните целни категории. Бројни обуки се реализирани и за вработените во разни организации и дипломатски претставништва.

7_Prezentacii_deca_resize

Со учениците од ОУ Владо Тасевски од Скопје (декември, 2019)

Институтот со свои тимови како експертска помош за проценка на штети после силни земјотреси учествувал во многу мисии на случени земјотреси ширум светот, придонесувајќи со својата докажана подготвеност и стручност. Во текот на постоењето на Институтот вакви експертски мисии се реализирани во поранешна Југославија (Бања Лука 1969, Црна Гора 1979, Копаоник 1980, Книн 1986), во Македонија (Гевгелија 1990, Битола 1994,) но, и надвор од земјата (Алжир 1980, Мексико 1985, Ерменија 1988, Иран 1996,  Турција 1999, Пакистан 2005, Италија 2009 и 2016,). ИЗИИС со свои тимови беше носител на активностите поврзани со брза оценка на безбедноста на објектите после земјотреси во Скопје 2016 г. и Охрид 2017 г. За истакнување е и учеството на Институтот во државната помош на Албанија после земјотресот од крајот на ноември 2019 г кој го погоди Драч и неговата околина.

8_Misija_Albanija_resize

Последна реализирана мисија, земјотресот во Албанија (ноември, 2019)

За достигнувањата и напорите во градењето на сеизмички сигурно општество и успешната соработка со разни институции, организации и компании, во текот на своето постоење, Институтот е добитник на бројни награди, признанија и благодарници, од кои од најистакнатите последната е Орденот за заслуги за Македонија во 2015 г.

Во името на целиот колектив на ИЗИИС сакаме да ја изразиме нашата длабока почит и огромна благодарност на сите претходни генерации на вработени во ИЗИИС кои во изминативе 55 години го дадоа својот придонес во она што е ИЗИИС денес, симбол на науката во Македонија.

Автори:

Проф. д-р Влатко Шешов

Вонр. проф. д-р Радмила Шалиќ

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top