Насловна / Вести / Зошто земјотресите во Турција и Сирија се толку смртоносни?

Зошто земјотресите во Турција и Сирија се толку смртоносни?

Расте бројот на жртвите од катастрофалниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија.

Првиот силен земјотрес се случи во близина на Газиантеп, во ноќта меѓу неделата и понеделникот, околу четири часот по локално време, проценет на 7,8 степени според Рихтеровата скала.

По серијата послаби земјотреси, нов силен земјотрес се случи во понеделникот и околу 13 часот и 30 минути. Епицентарот бил во јужната турска провинција Кахраманмарас, а јачината на земјотресот била 7,6 степени.

t3

Иако експертите велат дека во овој регион немало земјотреси повеќе од 200 години, тие нагласуваат дека тука се спојуваат три тектонски плочи – анадолска, африканска и арапска и дека тоа е причина за силни земјотреси.

Катастрофалниот потрес е десетти силен земјотрес во Турција од 1930 година. Најмногу жртви однесе земјотресот во декември 1939 година, кога загинаа речиси 33.000 луѓе.

Тлото се уште се тресе, а сеизмолозите велат дека областа е геолошки подложна на земјотреси. Турција е многу ризична област. Во земјотрес во 1999 година, загинале 18.000 луѓе.

Експертите велат дека според статистичките податоци обично се случува еден силен земјотрес, а потоа се смирува тлото.

„Една од причините зошто бројот на жртви е толку голем е лошиот квалитет на зградите“, изјави за Ал Џезира Мустафа Ердик, професор на Опсерваторијата Кандили на Универзитетот Богазичи и Институтот за истражување на земјотреси во Истанбул.

По земјотресот во 1999 година, турските институции ја препознаа итната потреба за намалување на ризикот во земјата подложна на земјотреси, а следната година е одобрен закон за спроведување на задолжителни градежни проверки и градежни инспекции на сите згради.

Сепак, зградите изградени според прописите отпорни на земјотреси сè уште се во помал број.

„Оние што се урнати датираат од пред 2000 година“, вели Ердик.

t1

Друга причина е и брзата и нерегулирана урбанизација што ги прави градовите „критично ранливи“ на природните опасности.

Крис Елдерс, професор на австралискиот Универзитет Картин, вели дека почетната длабочина на земјотресот од околу 18 километри исто така помогнала да биде особено разорен.

На мала длабочина, вели тој, „енергијата ослободена од земјотресот ќе се почувствува многу блиску до површината со многу поголем интензитет отколку кога би била подлабоко во земјината кора“.

Начи Горур, сеизмолог од Турската академија на науките, ги повика локалните власти веднаш да проверат дали има пукнатини на браните во регионот за да се спречат потенцијални катастрофални поплави.

t2

Во соседна Сирија, зградите се урнаа во појасот долж турската граница, кој се протега од Алепо и Хама до турскиот град Дијарбакир, на повеќе од 330 километри североисточно.

Тања Еванс, директорка на Меѓународниот комитет за спасување за Сирија, вели дека земјотресот е „уште еден разурнувачки удар за многу ранливото население кое веќе се бори да преживее по години војна“.

Првичните извештаи на нејзиниот персонал на терен, покажаа дека влијанието на земјотресот е разорно во областите каде што живеат голем број раселени и загрозени семејства, и тоа токму кога снежното невреме ја погоди земјата и температурите паднаа.

Испрати коментар

Scroll To Top