Насловна / Вести / Зошто во Македонија крововите се најслабиот дел од градежништвото?

Зошто во Македонија крововите се најслабиот дел од градежништвото?

Со самото тоа што покривот е најизложената површина од обвивката на објектот на атмосферските влијанија, тој е еден од најзначајните елементи на објектите и мора да обезбеди многу функции: водонепропустливост, добро одводнување, прилагодливост на температурни промени, топлинска и звучна изолација и добра воздушна запечатеност. Не ретко од покривите се бараат и специјални намени, како што се тоа рамни проодни тераси, зелени површини, базени или поставување на конструкции и дополнителни уреди, што дополнително ја усложнува работата.кровови (7)

Во мојата секојдневна пракса на дијагностицирање и решавање на проблеми кај објектите, огромното мнозинство на проблеми се токму во крововите или потекнуваат од крововите. Додека во развиените земји потпокривните простории се најатрактивни, најбарани и најскапи, кај нас тие се најнепосакувани и постигнуваат најниска цена на продажба. Оние кои живеат или работат во куќи или во потпокривни простории можат да набројат најразлични проблеми со кои се соочуваат и се поврзани со кровот. Но после читањето на овој текст, ќе констатираме дека проблемите од пропустите и грешките во кровот ги чувствуваат сите корисници на објектот, без разлика во кој дел се наоѓаат.кровови (5) кровови (2)

Со оглед на тоа што проблемите предизвикани од пропусти, грешки и оштетувања во покривните површини се најразлични и во голем број, во овој текст ќе се задржиме само на оние кои се најчести, најзначајни или предизвикуваат најголеми проблеми.

ТОПЛИНСКА ИЗОЛАЦИЈА

Важен услов за избегнување на проблеми предизвикани од покривите е топлинската изолација кон поткровниот простор. Доколку тежнееме кон високоенергетски ефикасен објект, од исклучителна важност е топлинската изолација на крововите да биде со U≤ 0,15 w/(m2K). Но и изборот на тип на изолација, како и начинот на конструирање на кровот се многу важни за задржување на топлинските изолациони вредности низ времето. Можеби најголем проблем при изолирањето на поткровните простории се топлинските мостови. Според досегашните искуства, познавањето на оваа проблематика кај македонските градежници е многу мало, па оттука бројот на топлински мостови во крововите е огромен.кровови (19)

Што се случува при лоша топлинска изолираност на покривите? Очекувањето е дека во зимските месеци треба да биде студено во поткровните простории, но заради еден друг феномен кој ќе го спомнеме во понатамошниот текст, не ретко се случува потпокривните простории да бидат најтоплите делови во објектот и во најладните периоди и покрај недоволната топлинска изолација. Недостатокот на топлинска изолација најмногу ќе се почувствува во летниот период кога доаѓа до сериозно прегревање на потпокривните простории. Вториот проблем кој се јавува, најчесто поради топлинските мостови во кровната топлинска изолација е појавата на кондензат и мувла. Не ретко сопствениците пристапуваат кон санации на покривите мислејќи дека се работи за протекување, а всушност причината е еден феномен предизвикан од недоволната изолираност на покривите или големи топлински мостови. До исти вакви или слични последици може да доведе и неправилната изведба на покривот или погрешното поставување на изолацијата. Топлинската изолација мора да биде заштитена од евентуалните протекувања низ кровот, а посебно е важно да се пресмета точката на кондензација да не се појави токму во изолацијата. Во спротивно ќе дојде до натопување на топлинската изолација и губење на декларираните својства, што повторно ќе доведе до лоша топлинска изолираност, голем број на топлински мостови и низа проблеми кои веќе погоре ги наброивме.кровови (13)

Доколку стручни лица учествуваат во проектирањето, надзорот при изведбата и се направат потребните тестови на кровната конструкција пред нејзиното предавање во употреба, овие проблеми ќе се избегнат. А што доколку веќе ги имате? Со напредокот на технологијата постојат инструменти кои можат да го измерат топлинскиот флукс на секој елемент, а преку тоа да се дојде до сознание за нивото на топлинската изолираност, местото на појава на точката на роса и констатирање на топлинските мостови. Со помош на таква апаратура, секојдневно работиме на мерење на изолационата моќ на поставената изолација, детектираме топлински мостови и даваме решенија за појавените аномалии како мувла, влага и прегревање во летните периоди.

кровови (4)

ВОДОНЕПРОПУСТЛИВОСТ

Кај косите покриви, протекувањата во најголемиот дел се на местата каде што има хоризонтални легнати и скриени олуци, кај разните ували и опшивки и кај споевите на хоризонталните со вертикалните олуци. Но, во секојдневното работење при дијагностицирање на проблемите, се среќаваме со најразлични, па дури често и непредвидливи ситуации. Најлесното превенирање на протекувањата кај косите кровови е уште при проектирањето. Треба да се стреми кон што е можно поедноставно решение, со отворени олуци и што помалку прекршувања. Но сепак изведбата на покривот и изборот на вистински материјали е клучен фактор во избегнувањето на протекувањата. Неретко се случува покривите да се градат од полуобучени мајстори, без присуство на стручно лице и тогаш грешките се неизбежни. Таквите грешки потоа се „крпат“ со висококвалитетни силикони, но решението е далеку од трајно. Замрзнувањето на олуците во зимските денови и топењето на снегот се редовни причинители на протекувања, но и затнувањето на вертикалните олуци од лисја или угинати птици и глодари. Спектарот на проблеми кои се јавуваат поради недоследното проектирање и изведување на покривите е огромен, но интересно е тоа што се случува протечената вода да се појави и на неколку ката подолу од кровот. Како е тоа можно? На пример, доколку лепењето на изолацијата не е направено по пропис и има воздушен слој помеѓу изолацијата и циглите, водата протечена под покривот се движи зад изолацијата и продира во објектот на местото каде ќе наиде на пречка. Некаде кај подолните катови се појавува вода, и тогаш тешко може да се даде логично објаснување од каде е тоа протекување. Истото се случува и низ разни оџачки или вентилациони канали.кровови (14) кровови (11)

Кај рамните проодни тераси, градини или базени, проблемите кои се појавуваат се малку од поразлична природа, отколку кај косите покриви. Тука клучна улога има проектираното техничко решение, слоевите за одводнување, изведбата на хидроизолацијата, обработката околу сифоните, но и изведбата на конструкција кај која нема да се случуваат статички дозволени  деформации, кои ќе ја кинат поставената хидроизолација. Значи доста комплексен пристап. Посебно треба да се внимава изборот на материјали и технологии да одговара на големите дневни температурни разлики типични за нашето климатско подрачје. И најмал пропуст доведува до микропукнатини, во кои влегува вода која замрзнува и ги шири пукнатините. Така малку по малку, се создаваат услови за појава на протекувања.кровови (18)

Заедничкото кај сите протекувања, кај сите типови на покриви е тоа што местото на протекување и местото каде водата ќе се појави во внатрешноста во објектот, најчесто воопшто не се поклопуваат. Токму затоа, дијагностицирањето на проблемот и лоцирањето на местото на протекување е многу сложена и исклучително важна работа. Не ретко покриви се санирале и по неколку пати, но проблемот не се отстранил. По направеното дијагностицирање, сме дошле до сознание дека водата продира многу подалеку од местата кои претходно се санирани. Често се случува кај рамните проодни тераси, сопствениците да ја менуваат целата изолација на покривот, наместо со помош на апаратура да се дијагностицира и определи точното место и причина за протекување. Многу потрошено време, пари и нерви за корисниците на објектите.

После направеното дијагностицирање, со помош на скенери, термални камери и длабински влагомери, многу е важно да се избере вистинската технологија и материјали за санирање на проблемите. После моето долгогодишно искуство со употребата на ваквата опрема, голем е бројот на објекти, каде на сопствениците сме им заштедиле многу време, нерви и пари.

ВОЗДУХОНЕПРОПУСТЛИВОСТ

Дојдовме до најголемото непознавање  за македонските градежници, услов кој ако не е задоволен може да доведе до навистина големи проблеми не само во потпокривните простории, туку и во другите делови на објектот. Начинот на кој се прават крововите во Македонија, воопшто не ја третира воздушната запечатеност на покривите. Ќе се обидам низ пример да објаснам, за да се добие вистинскиот впечаток за овој проблем, кој за голо око најчесто е сосема невидлив. Единствено што е впечатливо кај овој вид проблем е провевот кој се појавува, иако сите врати и прозорци се затворени.

Покривите кај нас никогаш не се херметизирани и воздухонепропусни, па тоа значи дека е овозможено слободно мешање на воздухот одвнатре и однадвор. Со оглед на тоа што таваните на крововите обично се  завршени со гипскартонски плочи или некоја друга облога, сепак постои некакво мало херметизирање на просторот и тоа е доволно сè додека температурите надвор и внатре се приближно исти. Во зима, кога објектот се грее, топлиот воздух се движи нагоре. Колку е објектот повисок, или со повеќе катови, или со поголеми димензии, поголема количина воздух од долните нивоа се движи нагоре. Топлиот воздух продира низ скалишните простори, низ лифтовските јадра, низ разни вентилациони канали, околу врати, но неизбежно се движи нагоре. Со тоа во потпокривот се создава зголемен притисок, кој се нарекува STACK PRESSURE и тогаш веќе гипскартонските плочи или сличната обработка на поткровните површини не се доволни да го задржат покривот херметизиран. Топлиот воздух кој стигнува до потпокривните простории го напушта објектот, и се создава негативен притисок во ниските делови на објектот или во долните катови од зградата. Во тие делови се повлекува студен и загаден воздух низ разните пукнатини, околу вратите и прозорците и низ разни отвори за инсталации кон подрумите. Ова е оној феномен кој го споменавме погоре, дека и покрај лошата изолираност, не ретко потпокривните простории во зима се прегреани. Во ваквите случаи, доколку корисниците на потпокривните простории отворат прозорци, бидејки температурите можат да бидат и доста високи, проблемот неколкукратно се зголемува. Така се случува да имате студени ниски делови од објектот, или студени станови во ниските катови и прегреани станови во повисоките катови, а посебно во потпокривните делови. Трошоците за затоплување на ниските делови на објектите се големи.

Но ова не е единствениот проблем предизвикан од лошата херметизација на крововите. Како што заклучивме, неизбежно е топлиот и веќе влажен искористен воздух да продира низ покривот и тој полека се лади. На местото каде ќе ја достигне температурата на точката на роса, доаѓа до кондензација. Колку за илустрација, пукнатина од еден метар должина низ која топлиот воздух излегува може да кондензира и до 350 грама вода за еден ден, а колку е тоа за една сезона може секој да пресмета. Оваа кондензирана вода ја мокри топлинската изолација и ги уништува нејзините својства, но и се појавува во поткровните простории многу слично на протекување. Не ретко се санираат цели покриви против протекување, а всушност проблемот бил токму во лошата воздухонепропустливост на кровот. Проблемот останува и после санацијата.

Во дијагностицирањето на ваквите проблеми се користат таканаречените Blower Door Test и Air Leakage Inspection, кои во моето секојдневно работење даваат одлични резултати и се од голема помош на оние кои се соочуваат со ваквите проблеми. Санирањето е едноставно, но секако, после точно поставената дијагноза. Инаку, наједноставно е, ваквите тестови да се направат уште во текот на градењето, со што ќе се избегнат сите понатамошни проблеми.

ТРАЈНОСТ

Трајноста на покривите е една од најдискутираните теми во последно време. Најчесто изведувачите даваат гаранција од една или две години и токму кога ќе помине гарантниот период почнуваат проблемите. Зошто? Причините се најразлични.

Многу од нас биле сведоци при отворање на кровови на куќи стари и по 100 и повеќе години и просто е чудно, но дрвената конструкција е сосема здрава и без црвојадина. А сум бил сведок на кровни конструкции кои биле наполно иструлени и само после 10 години од вградувањето. Тајната е во вентилирањето. Доколку е возможно на дрвото да му се обезбеди идеално стабилна влажност (значи одлична воздухонепропустливост на кровната површина), тогаш вентилирањето не е услов за долготрајност на кровната конструкција. Но во случаи како кај нас, кога не постојат никакви мерки за херметизација на крововите и влажноста на воздухот околу дрвената конструкција постојано се менува, неопходно е да се обезбеди природна вентилација на кровот. Но, од непознати причини, тоа што нашите предци го правеле пред многу векови, денешните градежници не го прават. Дрвената конструкција најчесто не е вентилирана, а и ако е, изолацијата е поставена преку дрвените греди и го спречува вентилирањето. Ваквите грешки доведуваат до краток век на кровните конструкции, но и до искривувања кои влијаат на кровниот покривач и олуците и често се причина за протекувања. (Продолжува)

Пишува: м-р Андреј Андреев, дипл. град. инж.

Еден коментар

  1. Ристо Мијаковски, imeil: mizografi@yahoo.com

    Ве молам, до која најголема висина може да се подигне кровот, за подобра ВОЗДУШНА ИЗОЛАЦИЈА, а да се смета за кров/таван, а не спрат – поткровје ?

Испрати коментар

Scroll To Top