Насловна / Вести / Зошто просторното однесување на корисниците е клучно кога станува збор за планирање на градот?

Зошто просторното однесување на корисниците е клучно кога станува збор за планирање на градот?

Концептот на просторно однесување, се осврнува на начините како поединците ги регулираат и користат нивните просторни средини – на микро и на макрониво. Психологијата на животната средина заинтересирана за просторно однесување се фокусира на улогата на просторните својства на околината во обликувањето и регулирањето на социјалната интеракција во секојдневните активности, односно како физичките искуства во средината се трансформираат во социјален простор. Ваквите трансформации се предмет на истражување на проксемиката, како наука која се занимава со употребата на просторот од страна на урбаните корисници.

Антропологот Едвард Т. Хол, го измислил овој термин во 1963 година, дефинирајќи ја проксемиката како влијание проксемичкото однесување (користењето на просторот) врз меѓучовечката комуникација, не само поради проучување на начините на кој луѓето комуницираат со останатите, туку и поради организацијата на просторот во нивните домови и на крајот во генерирањето на урбаната структура, специфично темелена врз културните, социјалните и демографските особености на конкретната заедница.

Постојат четири главни концепти кои го оформуваат секојдневното урбано искуство и однесување на луѓето, а тие се: територијалност, личен простор, приватност и метеж.

Човечки растојанија и како влијаат врз градската структура

Личниот простор е територијата што ја опкружува личноста и претставува нејзин своевиден регулаторен сегмент. Повеќето луѓе го ценат својот личен простор и чувствуваат непријатност, лутина или вознемиреност кога нивниот личен простор е загрозен. Дозволувањето на човек да влезе во личниот простор и влегувањето во туѓиот личен простор се показатели за различната перцепција во односот на тие луѓе.

Во современото општество, особено во градовите како олицетворенија на густината, може да биде предизвик да се одржи личниот простор, особено во преполн воз, лифт или улица. За многу луѓе, таквата физичка близина е психолошки вознемирувачка и непријатна, иако е прифатена како факт на модерното време. Во безлична, преполна ситуација, контактот со очи помеѓу корисниците има тенденција да се избегнува.

1

Личниот простор на една личност е најнеприкосновената форма на територија. Растојанието и држењето на телото, според Хол, се ненамерни реакции на сензорни флуктуации или поместувања, како што се суптилни промени во звукот и висината на гласот на една личност. Социјалното растојание меѓу луѓето е веродостојно поврзано со физичката дистанца, како и со интимната и личната дистанца. Затоа Хол воспоставува стандардизиран систем за мерење на ефектите на растојанието врз комуникацијата и како ефектот варира помеѓу културите и другите фактори на животната средина.

Интерперсонална дистанца

Хол ги опишува меѓучовечките растојанија во четири различни зони:

Интимно растојание за прегратка, допирање или шепотење

  • Блиска зона – од 0,01 м до 0,02 м
  • Далечна зона – од 0,15 м до 0,46 м

Лично растојание за интеракции меѓу добри пријатели или семејство

  • Блиска зона – од 0,46 м до 0,76 м
  • Далечна зона – од 0,76 м  до 1,22 м

Социјална дистанца за интеракции помеѓу познаници

  • Блиска зона – од 1,2 м до 2,1 м
  • Далечна зона – од 2,1 м до 3,7 м

• Јавно растојание за јавно говорење

  • Блиска зона – од 3,7 м до 7,6 м
  • Далечна зона – од 7,6 м или повеќе.

Растојанијата помеѓу овие зони се во тесна врска со културата и обичаите на заедницата, и истите варираат во однос на местоположбата, демографската структура и социолошката детерминанта на корисниците.

Средини кои претпочитаат поблизок персонален простор: Шангај, Венеција, Аман

2 aman

Средини кои претпочитаат далечен персонален простор: Стокхолм, Лондон

3 4

Различни индивидуални, групни и културни фактори го регулираат личниот простор, што има важни импликации за неколку домени на интеракцијата човек -средина. На пример, концептот на личен простор ги појаснува начинот на организација на фиксните седишта во  општествените установи, како и во доменот на јавниот транспорт. Исто така, прашањата во врска со личниот простор се вклучуваат при процесот на проектирање на јавни или на полујавни поставки (на пример, канцеларии, продавници, банки). Тие треба да обезбедат простори што ги оставаат корисниците што е можно послободно да транзитираат меѓу различните степени на посакуваната блискост. Достапни се и многу прирачници кои го опишуваат соодветното растојание во различни социјални средби. На пример, маркетинг-менаџерите се обучени за тоа како со нивните способности може да профитираат од соодветна просторна интеракција со клиентите. Прашањето за личниот простор има сериозни импликации и подлежи на правни последици: на пример, инвазијата на личниот простор е проблем во судските случаи кои се однесуваат на демнење, сексуално вознемирување и др.

Личниот простор и територијалноста се вклучени во поопштиот концепт на регулирање на приватноста. Во оваа смисла, тие можат да се гледаат како две различни стратегии кои луѓето ги користат за да ја регулираат својата приватност и преку кои луѓето се стремат кон психолошки задоволително ниво на блискост со заедницата. Суштински придонес кон дефиницијата на приватноста во енвиронменталната психологија доаѓа од Алтман (1975), кој ја дефинира како процес на селективно контролирање на пристапот до сопственото јас и предлага приватноста да се третира како дијалектички процес: односно, луѓето можат да избегнуваат или да бараат социјален контакт, во зависност од специфичната ситуација во која се наоѓаат. Важна последователна точка е тоа што поединците се чувствуваат поудобно кога им е дозволено самостојно да одлучат за интерперсоналната дистанца. Ова е поврзано и со уште едно важно прашање во енвироменталната психологија на просторното однесување, односно метежот, кој се дефинира како перцепција на премногу луѓе присутни во даден простор. Можноста за соодветна регулатива за приватност станува особено важна и исто така многу критична кога луѓето се изложени на стрес предизвикан од бучава. Всушност, психологијата на животната средина го третира метежот како специфичен стрес, слично како и загадувањето на воздухот, премногу висока или премногу ниска температура.

Психологијата на животната средина идентификувала голем број физички карактеристики кои им овозможуваат на луѓето да ја регулираат приватноста, така што концептот за приватност има многу практични импликации при проектирање на различни специфични средини како што се работни места, училишта, затвори, болници и резиденцијални комплекси. На пример, студентските домови се составени од различни станбени модули, мултиплицирани и комбинирани за да можат да промовираат формирање на мали подгрупи на станари; ова има за цел да ги ублажи можните негативни последици од бучава и пренаселеност на единица простор, во кој студентите ќе живеат и учат и ќе им се гарантира одредено ниво на приватност. Исто така, при проектирање на резиденцијални објекти (индивидуални куќи или колективни згради), архитектите треба да внимаваат на распоредот на спалните соби, бањи итн. да се оддалечени од влезот. Концептите поврзани со приватноста се применети за урбаното планирање и развојот на заедницата. На пример, јавните простори потребно е да ги охрабруваат меѓучовечките контакти (на пр., улици кои повикуваат на пешачење, улици со засенчени дрвја, ограничувања на брзината, зелени површини), и да се користат за зајакнување на релациите во заедницата и социјалните врски меѓу соседите. Општа препорака е дека физичката средина треба да биде проектирана, да им обезбеди на своите корисници можност за регулирање на приватноста, според нивните ситуациони и лични потреби и желби. Доколку ова не им се овозможи како резултат на подолга изложеност на гореспоменатите појави, кај урбаните луѓе се појавуаат физички или психички последици кои произлегуваат како резултат на неможноста на индивидуата да се справи со урбаните стресови, и тоа: психички нарушувања, кардиоваскуларни и респираторни болести и друго.

Урбано когнитивно растојание

Неодамнешните урбани истражувања нагласија дека просторното однесување е резултат на интеракцијата помеѓу две групи на еколошки променливи и когнитивни процеси на поединецот.

Урбани простори се сите приватни и јавни простори помеѓу урбаните структури. Јавните отворени простори, како мултифункционални простори, ја одразуваат културата и животниот стил на поединците, како и економската и социјалната состојба на општеството. Урбаните простори функционирале како место за интеракција на луѓето низ вековите и кореспондирале со нивните економски, политички и социокултурни прашања и барања преку нивните специфични квалитети. Во овој контекст, јавните простори се суштински компоненти на градовите во однос на можностите што ги даваат во смисла на социјализација преку нивните физички и просторни атрибути. Moughtin (1992) го идентификува плоштадот како област врамена со згради и форми, како „центар“ во градот, што е поврзан со придавки како „познат“ и „пријателски“, што упатува на човечката перцепција за животната средина.         Тие се фокусни точки на активност формирани во густи урбани простори.

Соодветно на тоа, квалитетот на урбаните јавни простори е главно поврзан со идентитетот на градот, а овој идентитет е дефиниран од урбаните елементи и активности кои се случуваат во рамките на непосредниот контекст и исто така може да станат показатели за моделите на однесување, така што луѓето реагираат на околината според нивните искуства, а исто така и податоците што им ги нуди поставката додека тие ја перципираат. Очигледно е дека дефиницијата за изградена средина е силно поврзана со човековото однесување, бидејќи Кантер (1975) ја нагласува улогата на физичката средина во обликувањето на човековото однесување и тоа е реципрочна врска, додека однесувањата влијаат и на просторот.

  Човек, животна средина и просторно однесување

Околината е контекст во кој луѓето го конструираат својот надворешен свет и во оваа рамка „просторната организација на урбаното општество“ го воспоставува моделот на човековото однесување; меѓусебно поврзани со искуството, културата, знаењето и чувствата. Искуствата стекнати од просторот би можеле да имаат влијание врз моделите на однесување кои се во корелација со просторниот распоред и активностите што се случуваат во околината. Во врска со ова, Вајсман прави класификација на системот за однесување во животната средина, делејќи го на три компоненти, имено општествена организација, индивидуи (нивните активности) и физичка поставеност, така што овие елементи произведуваат „атрибути“ во околината, што се однесуваат на искуствените квалитети. Начинот на кој компонентите се меѓусебно поврзани, задава евентуален ефект врз искуствените квалитети. Следствено, поединците изразуваат различни размислувања и дејствија при користењето на физичката средина поради нивните културни норми и потекло. Освен тоа, нагласено е дека дизајнот на просторот ги формира и уредува однесувањата и интеракциите што се случуваат во него и, околината се произведува и модифицира согласно на нив. Во, делото Животот меѓу зградите, Ланг тврди дека активностите на отворено се под влијание на некои фактори, меѓу нив и физичките аспекти на заедницата. Активностите на отворено на јавните простори ги дели на три групи: неопходни, факултативни и општествени активности. Потребните активности опфаќаат секојдневни задачи, и помалку или повеќе се извршуваат задолжително. Факултативните активности ги вклучуваат оние што се случуваат кога надворешните услови се оптимални, а социјалните активности се однесуваат на присуството на други луѓе на јавни простори и се индиректно поддржани секогаш кога на другите две групи им се дава предност во јавниот простор.

Основни принципи на одговорна средина

Впрочем, квалитетот на урбаниот простор е повеќедимензионален поим кој се добива преку  меѓусебно поврзани аспекти, кои се единствени за секоја заедница со оглед на нејзините карактеристики и може да се однесуваат на две гледишта; едната е социјалната димензија, а другата се однесува на физичките атрибути и просторната поставеност на околината. Физичките аспекти и изгледот играат клучна улога во разбирањето и согледувањето на местото. „Иконичните“ места ќе им помогнат на жителите да создадат живописна и точна слика за некое место. Во оваа рамка, квалитетот на животната средина е анализиран од Бентли во неговата книга „Одговорни средини“ (1993), дискутирајќи дека за да се оптимизира квалитетот на урбаните средини, треба да постојат специфични принципи при нивно генерирање, и тоа:

Пропустливост; се однесува на состојбата на пристап, физички или визуелно, за граѓаните и е релевантна за бројот на алтернативни правци што минуваат низ поставката.

Мултифункционалност; конкретно во смисла на „разновидност на употреба“ и укажува на разновидноста на просторните искуства во однос на еколошките квалитети на поставката бидејќи различните активности, форми и луѓе обезбедуваат богата перцептивна средина и различни корисници различно го толкуваат местото.

Јасност; дискутира за состојбата дека е разбирлив распоредот на еколошката средина и прашањето е истражено на две нивоа; физичка форма и шеми на активност. Овој параметар е во корелација со петте клучни физички елементи на Линч во сликата на градот (1960).

Квалитативност; се однесува на квалитет на место кое е повеќенаменско и нуди повеќе избор на активности и прашањето е позначајно на јавните простори поради нивната „јавна“ природа на активности и тенденции за социјализација.

Визуелно присвојување; се поврзува со толкувањата на луѓето за местото и значењата што му ги придаваат. Предметот може повеќе да се следи на јавни простори каде што повеќе го посетуваат поширока група на корисници со различно потекло.

Сетилност; ја опфаќа вистинитоста на сетилните искуства, квалитетот на местото што одговара на голем опсег на очекувања и е поврзано со сетилата на корисниците, особено со визуелните сетила.

Персонализација; се однесува на учеството на корисниците на места и чувството за персонализирање на постоечката средина.

5 6 7

Поимање на градската структура преку анализа на движењето на корисниците

Многу истражувања посветени на урбаниот дизајн и планирање се занимаваат со односот помеѓу градската форма и однесувањето на пешаците на јавен простор преку креирање различни теории, пристапи и методологии. Истражувана е просторната конфигурација на уличните мрежи во изградената средина и нејзиниот потенцијал да влијае на искуството, однесувањето и природното движење. Методологијата на просторната синтакса е една од нив која беше користена како алатка во 1970-тите за да се анализира урбанистичкото планирање и распределбата на однесувањето на пешаците. Студиите покажаа дека променливите за просторна конфигурација што се користат во анализата на синтаксата на просторот се важни детерминанти на движењето на пешаците. Оваа методологија го поддржува испитувањето на односот помеѓу факторот на пристапност и интеграцијата на улиците во однос на градот, соседството и историското јадро за да се проценат активностите при пешачење и да се утврди обемот на пешаците.

Гордон Кален презентира важни истражувања во однос на разбирањето на движењето на пешаците и перцепцијата на градот на концептуална основа. Тој тврди дека различни елементи влијаат на неговата перцепција за градот. Овие елементи се направени од три главни концепти: сликовитост, место и содржина.

  • Сликовитост; станува збор за уживањето на луѓето во филмската слика, движењето, убавите секвенци и визуелните елементи на градската структура.
  • Место: се однесува на квалитетот на урбаните простори кои можат да дадат чувство внатре или надвор од околината.
  • Содржина; се состои од детали за урбаните простори како што се бојата и текстурата.

Според теоријата на Кален, поединецот ги согледува промените преку движењето во градот. Кален тврди дека различни параметри влијаат на начинот на перцепција на градот при субјективното искуство. Овие параметри може да се наведат како уникатен пејзаж, простор создаден да го изрази наративот кои го сочинуваат урбаните структури, вибрантоста за одвојување од оската на градот и истакнувањето на различните искуства меѓу местата. Овие фактори се нагласени како заеднички ефекти за кои се признава дека ја содржат оригиналноста на градовите.

Искуствата, врските, интеракциите и учеството на луѓето во урбаниот простор се трансформираат и модифицираат поради зголемените стапки на урбанизација и менувањето на секојдневните животни практики. Ритмичкиот тек за време на движењето на пешаците во урбаните средини поради одвојување тело-време-простор, содржи истовремено физичко, естетско, креативно и просторно искуство. Физичкото движење на телото е начин да се истражува и трансформира градот во исто време. Тоа е перцептивен процес на умот.

Урбаната форма и просторната конфигурација играат многу силна улога во обликувањето на однесувањето на поединецот. Процесот на движење на поединецот во градот се доживува кинестетички во вид на секвенци на урбани простори. Томас Гордон Кален (1914–1994) разви голем број хипотези за тоа како луѓето ги перципираат урбаните области. Кален ја поврзува перцепцијата на околината со визуелната перцепција. Покрај тоа, тој нагласува како покрај емоциите, се активираат сетилото за вид, сеќавањата и индивидуалните искуства.

Сликовитоста се однесува на серија слики генерирани низ перцепцијата на градот од движењето на пешаците низ урбаната структура. Додека одат, пешаците различно ги доживуваат елементите на урбаните средини, и како резултат на тоа, нивната „сериска визија“ варира во зависност од нивната брзина на одење и индивидуалните перцепции. Различни урбани елементи и пејзажи може да го привлечат вниманието на луѓето кои одат со иста брзина на иста патека за пешачење во истиот урбан простор, а кај секој набљудувач може да се појават сосема различни емоции. Кален тврди дека главната цел на „сериската визија“, која се менува од набљудувач до набљудувач, е да влијае на емоциите. Па според тоа урбаниот дизајн, всушност претставува „уметност на односот“ меѓу различните физички аспекти на урбаниот пејзаж. Тоа е вештината на спојување на „сите елементи кои ја сочинуваат изградената средина: згради, дрвја, природа, сообраќај “. Овој метод на визуелно претставување може да се користи за да се процени моменталното искуство во движење низ простор, да се развијат алтернативи и да се понуди нов дизајн. Поради неможноста, истражувачите да ја фотографираат секоја сцена во урбаниот простор, треба внимателно да се избере соодветна патека – репер.

Емоцијата на набљудувачот во врска со природниот контекст се нарекува чувство за место. Следствено, доживеаните емоции се производ на природните интеракции на телото со околината па затоа, разумно е да се дизајнираат градови кои како главен принцип при генерирање на урбаните јадра претставува движењето на пешаците.

8

Теоријата на просторна синтакса ги опишува резултатите од активностите на пешаците, како што се пешачкиот тек и користењето на земјиштето, преку анализа на аксијална линија на патните правци. Тоа е еден вид просторен јазик кој може да ја објасни врската помеѓу просторните и бихевиоралните димензии. Теоријата на просторната синтакса и нејзините аналитички методи се применети на морфолошки анализи на архитектонски дизајн и урбаните форми, а се однесуваат на степенот на пристапност и интегрираност на урбаниот простор.

Иако однесувањето на пешаците зависи од повеќе варијабили (изборот на патеката, естетиката, безбедноста, времето на патување и други фактори), истражувањата покажуваат дека просторната синтакса во голема мера може да ја предвиди концентрацијата на пешаците, а со тоа да придонесе при креирање на јавни простори кои поттикнуваат социјална интеграција, физичка активност, и на крај на корисниците им нуди лесно достапни, кратки и совладливи алтернативи.

Испрати коментар

Scroll To Top