Насловна / Вести / Зголемување на отпорноста на виталната инфраструктура во доменот на природните и од човек предизвикани опасности

Зголемување на отпорноста на виталната инфраструктура во доменот на природните и од човек предизвикани опасности

Едно општество се смета за отпорно ако кај него постои капацитет кај поединците, организациите, институциите, стопанството и кај другите системи да преживеат, се адаптираат и продолжат да функционираат во услови на различни типови на повторливи и ненадејни опасности. Градењето на таквиот капацитет треба да е врвен приоритет на сите современи држави, посебно заради фактот што современото живеење налага просторна концентрација на човекови ресурси и материјални добра, правејќи ги современите општества сè повеќе и повеќе повредливи.

IZIIS1

Инфраструктурните системи се витален дел од општественото функционирање. Нивната отпорност е од примарно значење, посебно во периодите после случувањето на која било природна или од човек предизвикана опасност. Во средина изложена на чести природни опасности (земјотреси, поплави, шумски пожари, свлечишта…), но и од човек предизвикани опасности (конфликти, технолошки хаварии…), како што е нашата, од особено значење е отпорноста на виталната инфраструктура, со посебно внимание на нејзиното одржување, имајќи ги предвид опасностите кои произлегуваат од стареењето/детериорацијата на материјалот.

На почетокот на 2018 година, почна со реализација двогодишен проект кој треба да опфати методологија и план за зголемување на отпорноста на дел од виталната инфраструктура (Проект: Инфра-НАТ). Проектот беше предложен од три партнер- земји/институции: Италија/EUCENTRE, С. Македонија/Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (УКИМ-ИЗИИС) и Израел/Yaron Offir Engineers Ltd., до Европската комисија, сектор за Европска цивилна заштита и операции за хуманитарна помош. Предлогот е одобрен и финансиски поддржан со Договор број  783298–INFRA-NAT–UCPM-2017-PP, од 2017 година.

IZIIS

Конкретната цел на Инфра-НАТ е создавање на сеопфатна рамка за следење на повредливоста на мостовската инфраструктура во регионот на партнер-земјите (сеизмичката опасност и ефектите од старееење/детериорација како приоритетни опасности), со посебен осврт на мостовите кои се наоѓаат по должина на главните патни правци од витално општествено значење, а преку реализирање на следните проектни цели:

  • Комбинирање на сите постојни модели за опасности во регионот (природни и од човек предизвикани);
  • Прибирање и хармонизирање на  сите релевантни податоци за мостовската инфраструктура со цел создавање на веродостоен модел на изложеност;
  • Одредување на директната физичка повредливост и индиректни загуби за различни сценарија на опасности; и
  • Интегрирање на сите податоци и методологии во web-базирана платформа, која ќе ги идентификува критичните делови на инфраструктурната мрежа, и заедно со процената на загуби ќе придонесе за оптимално алоцирање на ресурси од релевантните јавни и приватни претпријатија.

IZIIS2

Во рамките на досегашните проектни активности, за територијата на Северна Македонија, е усвоен и адаптиран најсовремен модел на сеизмичка опасност и се дефинирани најверодостојни временски истории за анализа на мостовските конструкции, во зависност од расположливите податоци за нивото на сеизмичката опасност и типовите на тло.

Создадена е база на податоци за изложеност на мостовските конструкции од 679 моста, кои доминантно се наоѓаат на автопатите и главните патни правци заради нивното големо државно и регионално значење.

IZIIS3

Врз основа на создадената база на податоци, направена е и типолошка класификација на мостовите, како основа за изработка на аналитички модели за дефинирање на повредливоста и ризикот кај различните мостовски типологии.

Проектните активности во моментов се насочени кон рафинирање на моделите на повредливост и креирање на web-базираната платформа за следење на ризикот.

За текот и прогресот на проектните активности, на 3 октомври 2019 година во рамките на 19-тиот Меѓународен симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија (2-5 октомври 2019 година, Охрид), ќе биде одржана работилница на која со свои излагања ќе присуствуваат домашни и странски експерти од областа, и воедно ќе бидат поканети сите релевантни институции и агенции инволвирани во проектирањето, изградбата и одржувањето на мостовската инфраструктура во Северна Македонија.

http://www.infra-nat.eu/

Автори на текстот:

проф. д-р Влатко Шешов

доц. д-р Радмила Шалиќ

доц. д-р Марија Витанова

вонр. проф. д-р Кемал Едип

дипл. ел. инж. Слободан Мицајков

асист. м-р Борјан Петрески

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top