Насловна / Вести / Уметници од регионот на изложба и конференција во Солун

Уметници од регионот на изложба и конференција во Солун

Почнувајќи од денес па до недела (9-11 октомври) во Солун, а во организација на Универзитетот во Солун – Оддел за балкански, славистички и ориентални студии, уметници и теоретичари од Грција, Албанија, Косово, Србија и од Македонија, заеднички ќе учествуваат на изложба и конференција која се однесува на соочување и размена на регионална теорија, активизам и уметнички практики.проект во солун

Проектот е противтежа на постојните политички тенденции преку ангажирање на активисти за рушење на социјалните последици од популарниот национализам.

По првиот настан „Автономија/Ослободување“, одржан во април во Скопје во Младинскиот културен центар, и „Нација/Еманација“, одржан во јуни во Белград во Музејот на историјата на Југославија, „Рефлективната носталгија и нејзината секојдневна естетика“ е третиот настан од проектот за регионална соработка „Nationless“, заеднички труд на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје, ДАМ-ДАШ/Шкарт – Белград и Универзитетот во Солун – Оддел за балкански, славистички и ориентални студии, кој свое заокружување ќе има во декември во Скопје.

Македонски учесници во изложбата, која ќе биде отворена во Музејот на современа уметност во Солун, се – Нада Прља, Ѓорѓе Јовановиќ, Филип Јовановски и Владимир Јанчевски. На конференцијата, која ќе се одржи во Музејот на фотографија, свое обраќање ќе имаат Елена Вељановска и Артан Садику.

Ѓорѓе Јовановиќ

Покрај изложбата и конференцијата во соработка со Солунскиот филмски фестивал ќе бидат прикажана и селекција од филмови кои се занимаваат и го проблематизираат национализмот на Балканот.

„Проектот ’Nationless‘ цели да отвори простор за уметничка интервенција, промислување и пре-промислување на проблемот на национализмот и неговата општествена репродуктивна моќ во рамките на специфичен фокус на прекинатата комуникација и скоро целосното отсуство на соработка меѓу регионалните уметници и интелектуалци.

Целта, сепак, не е да се надмине овој проблем на недостаток на соработка туку, попрво, преку уметнички интервенции да се предизвикаат конкурентните национализми вo различните земји преку уметничко-политички и теоретски истражувања на идејата за ’нацијата‘. Политичкиот статус на ’националноста‘ е главниот столб на сите останати политички и социјални категории и процеси во овие три земји. Тој го детерминира културниот капитал на националноста и националното потекло што понатаму врши влијание врз економските процеси и можностите за општествена мобилизација и солидарност.

Затоа, целта на овој проект е проблематизирањето на национал(ните)истичките идентитетски политики што се ’инклузивни‘ за едните, а секогаш ’ексклузивни‘ за другите и ја парализираат сета политика што ја разобличува светоста на етничкиот принцип на општествена мобилизација.

Исто така, проектот претставува иновативен и интердисциплинарен приод кон развивање на алатки преку произведувачки процес и претставува придонес кон генералната современа практика во уметноста и теоријата во балканскиот регион. Овие алатки се отворени за понатамошна апликација, модификација и адаптација, а со тоа ќе овозможат пројавување на новата трансформативна практика врз основа на овој проект“, соопштија организаторите на проектот.

Испрати коментар

Scroll To Top