Насловна / Вести / Спортско-рекреативните трети места на Скопје

Спортско-рекреативните трети места на Скопје

Tретите места се простори кои не се наш дом или работно место, а во кои слободно се среќаваат жителите на една заедница. Тука спаѓаат: културните центри, библиотеките, кината, зелените јавни површини, спортско-рекреативните површини, кафулињата и местата за одмор и прошетки. Социолозите велат дека недостигот од трети места влијае на чувството за заедништво, ја смалува културната свест, ги отуѓува луѓето од реалноста и ги прави подложни на најразлични екстремистички ставови.

6_1

Олимписки базен, Скопје

Нашиот најголем неуспех во изминатиот период е во хаотичното и неконтролирано растење на урбаното ткиво кое се излеа до степен на фавелизација, и деградира и уништи објекти и места кои ја играа улогата на трети места. Градот се претвори во непрепознатлива верзија од себе и стана мачен за живеење. Секојдневно одекнуваат лелеци од граѓаните кои сè помалку го наоѓаат своето место во него. Трендот на иселување на младата популација продолжува. И додека урбаниот развој денес во Скопје подразбира градење на станбени згради и молови условени исклучиво од диктатот на капиталот, проблемите на градот застрашувачки се таложат, а ефикасни решенија недостигаат. Во САД и во западните земји се забележува тренд на затворање на моловите и на големите трговски центри заради тоа што луѓето сè повеќе купуваат онлајн. Наспроти тоа, Скопје се натрупа со молови кои се на некој начин урбан канцер кој го уништува локалниот развој и локалната заедница. Во недостиг на соодветни трети места, во последно време се забележува појава на користење на моловите како простори за културни настани, па дури и за литии. Состојбата во градот алармантно повикува на мобилизација како последна шанса за промени.

3_1

Отворен базен под Кале, Скопје

Во целиот градежен хаос сè уште ги има оние кои не се откажуваат од љубовта кон градот и се обидуваат да поместат некои граници во невозможното. Надежи влеваат напорите на градоначалникот на Општина Кисела Вода, иницијативата на архитектот Филип Конески за пренамена и реконструкција на стари и напуштени објекти, иницијативата на „Културно ехо“ за младински хибридни центри и активностите на многу млади архитекти и активисти кои континуирано се борат за јавниот простор, зеленилото, пешачкиот сообраќај. Се чини дека работите се придвижуваат во позитивна насока, зголемена е слободата на делување и граѓанско обединување.

2_1

Отворен базен под Кале, Скопје

Кога зборуваме за трети места, неизбежна тема се местата за спорт и рекреација. Спортот и рекреацијата се многу важни за секој град, држава и заедницата. Но, кај нас е крајно запоставена и недоволно експлоатирана тема иако е често предмет на празни изборни ветувања. Градот Скопје во минатото и со многу помал број на жители имаше два стадиони, пет спортски сали, два затворени базена (спортски и олимписки), лизгалиште, отворен базен со скокалница, тениски  терени, луна парк, забавен парк во сајмиште, рекреативен комплекс „Езеро Треска“. Денес, метрополата со 800 000 жители располага со речиси истите или помали капацитети. Има градски стадион, стадионот на Шкупи, спортско-рекреативен комплекс „Борис Трајковски“ кој вклучува спортска сала, затворен базен и забавно-рекреативен дел, спортска сала „Јане Сандански“ во населба Аеродром, спортско-рекреативен комплекс „Патрик“ во населбата Аеродром неодамна отворен, спортска сала „Партизан“ во населба Карпош, реновирана неодамна, спортска сала „Форца“, карпа за спортско качување, една куглана и еден терен за скејт-борд. Дали е тоа доволно за скоро милионска популација?

4_1

Спортска сала Кале, Скопје

Не треба да се чека ГУП-от за да се направи пресметка колкава површина и колку содржини за спортско-рекреативни активности се потребни за да се задоволат потребите на сегашната популација на градот. Според мое видување состојбата е повеќе од незадоволителна, да не речам катастрофална. Спортската сала Борис Трајковски служи како повеќенаменски објект. Откако се сруши објектот на Сајмиште таа се користи за саеми, концерти, конгресен центар, разни други собири, па дури и за вакцинација. Тоа значи дека градот нема соодветни објекти за сите набројани намени, па преклопува сè во едно. Спортската сала „Расадник“ е руинирана и не е во функција. Спортската сала во универзитетскиот  кампус  е во градба и е недовршена. Рекреативниот комплекс „Езеро Треска“ веќе не постои и доби друга намена. Детско-забавниот Луна-парк  е затворен и неизвесно е кога ќе биде завршено градењето. Олимпискиот базен долго време е затворен заради реновирање.

7_1

Олимписки базен, Скопје

Скопје години наназад има само еден затворен базен, а отворен воопшто и нема. Од сите спортски објекти најголема носталгија ми буди  лизгалиштето кое беше радост и атракција за многу генерации во зимскиот период. Тој простор, со  детален урбанистички план беше дефиниран како спортско-рекреативен комплекс со следниве содржини: лизгалиште за рекреативно, уметничко лизгање и хокеј, отворен базен со скокалница, сала за ракомет и кошарка, тениски терени и терени за мали спортови. Денес во функција се само тениските терени и ракометната сала. Сè останато од комплексот е претворено во руина и препуштено на забот на времето.

1_1

Скопско лизгалиште

Не сакам да набројувам колку од училиштата имаат соодветни спортски сали и колку современо уредени детски игралишта има по населбите, но знам дека е далеку од задоволително. Зелениот спортски кеј од Ѓорче Петров до Долно Лисиче што беше најавуван во предизборната кампања на градоначалничката Данела Арсовска се чини дека е потполно заборавен. Ова што градот денес го нуди е повеќе од скромно. Во меѓувреме во светот се појавија и нови спортови, а во Скопје не можеме да обезбедиме пристојни услови за спортување ниту во стандардните добро познати спортови. Покрај подобрување на капацитетите за стандардните спортови, во најскоро време неопходно е да се обезбедат објекти, простори и услови кои ќе овозможат тренирање и рекреативно практикување на следниве спортови: хокеј, уметничко лизгање, скејт-бордање, возење ролери, уметничка гимнастика, велосипедизам на трака, баскет 3х3, одбојка на песок, сквош, падел,  пиклбол, рекетбол, бадминтон, мечување итн. Младата популација која си оди од земјата сево ова го наоѓа и консумира во други земји. На Олимписките игри праќаме главно борачи, главно со дадени шасоши, а државата има и талент и неискористен потенцијал за да изнедри и други спортови. За жал морам да констатирам дека проблемот ги надминува границите на Скопје. И она што државата го имаше како потенцијал е крајно запоставено: кајак на диви води, кајак и веслање на мирни води, како и зимските спортови и натпреварувања на Попова Шапка и Маврово. Најубавата планина Шара која има голем потенцијал и можности наместо да ја претвориме во модерен ски-центар, ја наполнивме со предимензионирани куќи викендички, згради и верски обележја. Матка, можеби најатрактивната туристичка и спортска дестинација во околината на Скопје, функционира со некакви диви кајаци и чамци со мотори кои загадуваат, додека течението на реката е исполнето со диви платформи.

5_1

Спортска сала Кале, Скопје

Третите места може да бидат катализатор на хаосот што на градот му се случува. Спортско-рекреативните простори  се тоа што на младата популација треба да ѝ се понуди за здрав живот, забава и дружење. Ако досега не можевме да изградиме нови капитални објекти, освен што ги срушивме постојните, барем да се обидеме да ги зачуваме, обновиме и ставиме во функција оние што постојат. Станбената експанзија мора да запре, а развојот мора да се насочи кон поквалитетен живот на граѓаните. Но, очигледно е дека политиката продолжува да ништи, иако според сите демократски принципи треба да биде иницијатор и поддржувач на промени. Скопјаните продолжуваат да живеат во неартикулирана средина, полна со хаос и судири.

Автор: Душанка ШУЛОВИЌ, дипл. инж. арх.

Фото: Киро ПОПОВ

Испрати коментар

Scroll To Top