Насловна / Вести / Скопскиот аквадукт оставен на климатските промени

Скопскиот аквадукт оставен на климатските промени

Скопјани одат да го видат аквадуктот додека се уште има што да се види. Иако на неколку години се појавуваат иницијативи и проекти за негова заштита, тој и натаму е заштитено културно наследтво среде дива депонија. Посетителите се најчесто љубопитни граѓани, авантуристи или медиумски екипи што дошле да потсетат дека и покрај ветувањата ништо не е направено.

Ѕидови со влага и мувла, понекаде дупки и паднати цигли, испишани графити и ѓубре расфрлано речиси на сите страни. Ова е првата слика што се добива од посетата на скопскиот Аквадукт. Аквадуктот е изграден во селото Визбегово. Од него се зачувани 55 сводови и тој е еден од најголемите зачувани аквадукти на територијата на поранешна Југославија. Сега може да се каже дека е оставен на времето да се справува со него. А, и времето полека полека како да крева раце од него, а климатските промени се тука за да предизвикуваат дополнителни оштетувања.

Akvadukt2

Последна најава за конзервација и реставрација на Скопскиот Аквадукт беа во 2018 година. Тогаш се најави дека се издвоени 1.100.000 денари за изработка на Проект за конзервација и реставрација на Скопскиот аквадукт. Градот тогаш најави дека ќе обезбеди соодветна инфраструктура во контактните зони со Аквадуктот и изградба на летна сцена со 600 до 1.000 седишта. Беше планирано и поставување на урбана опрема и информативни табли со цел овој локалитет да стане повторно атракција за посетителите. За тоа што од овие најави е реализирано  и дали Скопскиот Аквадукт е оставен на забот на времето и на климатските промени кои полека го доуништуваат од Градот велат дека во овој проект се вклучени повеќе институции. “Враќањето на Скопскиот Аквадукт е проект во кои се вклучени голем број на институции кои работат на различни сегменти. Во моментов Конзерваторски центар – Скопје ја подготвува документацијата за конзервација и реставрација на Скопскиот аквадукт. Постапката е во завршна фаза и се очекува овој процес да заврши до крајот на оваа година, Следната година се очекува Конзерваторски центар да почне со конзервација и реставрација на Скопскиот аквадукт. Се додека не заврши овој процес, на просторот не е дозволено да се прават интервенции. Град Скопје внимателно го следи процесот и е подготвен веднаш штом заврши процесот за конзервација и реставрација да почне со активности за уредување на просторот“, велат од Град Скопје.

Елеонора Петрова Митевска, доскорешен директор на Управата за заштита на културно наследство вели дека интенцијата на институциите треба да биде при заштитата на културното наследтво да се користат природните материјали што е поадекватен начин, а така ќе се направи и баланс со старите материјали. “Оштетувањата што ги имаме се интензивни и мора поскоро да се почне со нивна заштита. Оние објекти што се културно наследство, а се наоѓаат покрај патишта претрпуваат оштетувања од потресите од многу возила. Од загадувањето на воздухот се создаваат нови лишаи на камењата кои исто така ги оштетуваат. Имаме прекумерни врнежи од дожд кои објектите нема да може да ги издржат. Големите климатски разлики, од многу високи температури, веднаш има голем пад на многу ниски ги уништуваат материјалите“, вели Петрова Митевска додавајќи дека климатските промени во голема мера се причина за уништувањето на културното наследстсво. За Скопскиот Аквадукт, Петрова Митевска вели дека најпрво е потребно да се обезбеди физичка заштита на објектот, а потоа во рамките на градот треба да се размислува како да се обезбеди пристапот до објектот за да се овозможи негово враќање на туристичката мапа на Скопје.

Akvadukt3

НЕ Е ПОЗНАТО КАКО ЌЕ СЕ ИЗДРЖАТ ПРОМЕНИТЕ НА КЛИМАТА

Климатските промени играат важна улога при заштитата на културното наследство бидејќи сите објекти и градби се изградени во време кога временските услови биле поинакви. До сега не е истражено како тие ќе ги издржат промените во климата, особено сè почестите екстремни временски настани, како на пример поплавите.

Во нашата земја последен извештај за влијанието на климатските промени врз културното наследство е од 2013 година кога е издаден Третиот национален план за климатски промени. Во него се одговорени прашањата на кој начин, честотата и интензитетот на екстремните временски настани ќе влијае врз културните споменици и културните предели во земјата, кој пристап и методологија треба да се развие за да се оцени специфичната ранливост на различните културни споменици и културните предели под влијание на климатските промени, кои мерки за адаптација може да се преземат за да се спречат и ублажат уништувачките ефекти од климатските промени врз културното наследство, кои чекори треба прво да се преземат при изработката на национална стратегија која ќе ги земе во предвид сите закани кои ги носат климатските промени.

Извештајот потврдува дека за да се заштити културното наследство од ефектите на климатските промени потребни се дополнителни истражувања и превентивни активности. Без истражувања и интервенции, постои ризик спомениците на културата да се уништат и на тој начин цели културни предели да исчезнат. Додека различните елементи на екосистемите може да се регенерираат, влијанијата на климатските промени врз културното наследство може да бидат непоправливи. Поради ова, итно мора да се делува и да се идентификува конкретната ранливост на секој археолошкиот локалитет, објект или предел. Во Извештајот е утврдено дека планирањето на активностите и нивно навремено спроведување значително би ги намалило трошоците за поправки на оштетувањата предизвикани од климатските промени во иднина.

Akvadukt1

ИДЕНТИФИКУВАНИ ПРИЧИНИТЕ

Во третиот национален план за климатски промени објаснето е и за последиците врз скопскиот Аквадукт. Во Извештајот се идентификуваат главните причини за овие оштетувања, како што се изградбата на коритото на реката Серава, што ја променило заситеноста на почвата со вода во јужниот дел на локалитетот. Овие промени во нивото на подземните води предизвикале нерамна компресија на почвата под темелите на столбовите, поради што голем број од сводовите се искосени. Доколку почвата продолжи да се движи, некои од нив ќе паднат. Изградбата на коритото на реката Серава исто така го спречило одлевањето на дождовницата, поради што се формираат бари со вода за време на врнежливите периоди, што предизвикува ерозија и поголемо навлегување на водата во горните нивоа на градбата. Промените во заситеноста на почвата со вода во различни годишни времиња и навлегувањето на водата се многу важни. Поради честите циклуси на мрзнење/топење забрзан е и процесот на природно распаѓање. Во Извештајот понатаму се наведува дека предложениот проект за враќање на природниот тек на реката, иако е добредојден, сепак мора да ги земе во предвид климатските промени со цел да се избегнат дополнителни поместувања во почвата и секако треба да предвиди и зајакнување на јужните темели на аквадуктот. Покрај оштетувањата предизвикани од заситеноста на почвата со подземни води, постои и оштетување кое е предизвикано од дождот, односно задржување на површинските води. Постоечките пукнатини и структурни оштетувања дозволуваат дождот подлабоко да навлезе во нив, со што се забрзува ерозијата и на аквадуктот му се заканува распаѓање. Трета причина за оштетување е неконтролираното растење на вегетација на горните делови од аквадуктот, а корените од растенијата предизвикуваат дополнителни напукнувања.

DCIM100GOPROGOPR0616.JPG

ВЛИЈАНИЕ И ВРЗ СТАТИКАТА

Климатските промени примарно ќе влијаат врз статиката на аквадуктот, и ќе претставуваат главна закана за интегритетот на градбата. Зголемувањето на бројот на денови со циклус на мрзнење/топење, како и обилните дождови и поплави, кои предизвикуваат флуктуации во нивото на подземните води се закануваат целосно да ја уништат градбата. Причината за ова е следна: циклусите на мрзнење/топење предизвикуваат распукнување, поради што се оштетуваат циглите на горниот дел на аквадуктот, што на крајот ќе доведе до паѓање на сводовите. Обилните дождови ќе го измијат варовничкиот малтер од споевите помеѓу камењата и циглите, што ќе доведе до распаѓање на циглите. Поради обилните дождови ќе се зголемат поплавите, што ќе предизвика оштетување на темелите на столбовите. Променливите нивоа на подземните води дополнително ќе го истакнат проблемот на нерамномерна компресија на почвата, дестабилизирајќи ја градбата.

Наодите во Извештајот потврдуваат и нагласуваат дека има итна потреба за детални систематски испитувања на последиците од климатските промени врз културното наследство во Република Северна Македонија.Такви испитувања до сега не се направени.

Првичната анализа во Извештајот покажува дека оштетувањата на културното наследство никогаш не се предизвикани само од една причина, туку се резултат на комбинација на еколошки и антропогени фактори, како што се промените во употребата на земјиштето, урбанизацијата и развојот. Овие промени со текот на времето ја зголемиле ранливоста на овие стари локалитети пред последиците од климатските промени.

Во Извештајот се идентификувани три главни ограничувања кои мора да се решат со осмислување на мерки за адаптација и тоа дека нема доволно истражувања и познавања за условите на почвата, како и за подземните води потребни се повеќе информации за идните развојни планови за враќањето на реката Серава во природното корито и тоа дека е тешко да се предвиди појавата и последиците од екстремните временски настани.

Akvadukt4

ПОСТОЈАТ ПРЕПОРАКИ ЗА ИДНИ ЧЕКОРИ

Едно од главните достигнувања на Извештајот, се препораките за тоа кои се потребните идни чекори за да се подготват целосни стратегии за адаптација. Главната цел која мора да се предвиди во националните стратегии е подобрување на информираноста за сериозноста на влијанијата на климатските промени врз културното наследство и потребата да се вклучи културното наследство како приоритетна област во идните Национални планови за климатски промени кои ќе се доставуваат до Конвенцијата на ОН за климатски промени.

 

„Со овој текст, Порта3 се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.“

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top