Насловна / Архитектура / Сите треба да тргнеме од себе – ќе си ја турнеме ли сами заградената тераса?

Сите треба да тргнеме од себе – ќе си ја турнеме ли сами заградената тераса?

Филип Конески дипломирал на Архитектонскиот факултет, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2014 година, додека оваа година (2022) во јануари го одбрани магистерскиот труд со наслов „Враќање на животот во кастелите и утврдувањата во Македонија, преку интегрирање на современи функции и контекст во општеството“. По завршувањето на студиите посетува пракса во едно истанбулско архитектонско биро, учестува на повеќе дизајн-недели во регионот и Европа, на повеќе домашни и меѓународни работилници, додека во еден период волонтерски бил ангажиран и во SIA (Serious interests agency), под менторство на архитектот Даниел Серафимовски и на уметницата Нада Прља. Работел во Етапа Проект и Фејдом, додека последните три и пол години ги минува како архитект проектант во „Прима Инженеринг“. Основач е на порталот „МАРХ“ посветен на промоција на македонската архитектура. Неуморно се залага за вистински вредности во архитектурата и урбанизмот, а добтник е и на повеќе меѓународни и домашни награди. Значајно е да се издвојат меѓунардоните награди и признанија во Италија, Шпанија, Полска и Тајланд, додека од домашните позначајни се првите места на конкурсот „Езерце“, Градски парк, распишан во 2014 година од Општина Центар заедно со Борко Георгиев и Иво Ѓорѓиев како соработник, како и за конкурсот за скопскиот Луна парк (во тим со Димиќ, Георгиев, Патчев, Јурмовски). Последна и најзначајна е Големата годишна награда на Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ за 2021 година за објектот Детска градинка во Волково, Општина Ѓорче Петров, Скопје, каде како коавтор се јавува и арх. Даница Спасевска и Анета Мартулкова како соработник.

 Koneski Spasevska_resize

Редакцијата на Порта 3 ви ја честита оваа мошне значајна награда. Наградениот објект Детска градинка во Волково е смел концепт, кој отстапува од домашните искуства за објекти со ваква намена. Како се случи кругот?

Ви благодарам за честитките!

Во поглед на светските искуства последната деценија и појавата на исклучително смели концепти кои сериозно го третираат престојот на децата во градинките, инвеститорот насочи на размислување на обликовен јазик инспириран од потковица или круг со дополнителни можности за развој на програмата вон и над објектот. По увидот на терен, проектната програма и балансирањето на финансиските можности со вонредноста на проектот за домашните услови, пристапивме кон разработка на концепти и нивна компарација. Согласно направените архитектонски анализи, затворениот круг се потврди како соодветен и логичен, овозможувајќи еднакво растојание на средиштето, прегледност, подобро осончување и омекнато присуство во просторот. Поради достапноста на парцелата единствено од една страна, вметнувањето на внатрешен сообраќаен прстен околу објектот беше од исклучително значење за пристап за возило и задоволување на противпожарните – ППЗ-стандарди. Оттука правиот агол создава проблем во природниот тек и сообраќајната логика на свртување. Затоа круг.

Градинка Волково - 4_resize

Проектот за градинката има две варијанти. Вообичаено секогаш е подобра онаа на проектантите, првата. Зошто инвеститорот ја избра втората варијанта?

Архитектот при проектантскиот процес создава многу варијации, но една ја утврдува како финална и најдобра. Првата размислуваше да создаде дополнителна функционална и визуелна вредност, преку завиена рампа околу овошно дрво и преку неа пристап до идната кровна градина и евакуација од неа. Втората варијанта беше производ на одобрениот (помал) буџет, кој мораше да ја одвои кровната градина во замислена втора фаза. Оттука рампата повеќе го оптоваруваше финансиски проектот, додека лифтот веќе беше размислен како алтернативна можност и решение со цел да не се изгуби контактот со сега непроодната тераса (во иднина градина). Секако проектантски ни беше дозволено личното видување како тоа треба да се обликува.

Кај нас сите се „колнат“ во кровни градини, но речиси нема ниту една реализирана. Мислите ли дека сепак на крај вашата градинка ќе ја добие својата кровна градина?

Ентузијазмот кој го имаа тогаш претпоставените од Општината Ѓорче Петров, беше охрабрувачки за вакво смело решение. Зависно од интересот на новата постава во Општината, проектот секогаш може да биде довршен бидејќи и во оваа фаза, повеќето слоеви за изведба на градината се веќе поставени. Лично посакувам да се случи довршувањето на градината, но за истото пред сè е потребна желба и ангажман од инвеститорот, а дури потоа второстепено ги сметам како фактор финансиите. Мислам дека не е невозможно.

DCIM101MEDIADJI_0775.JPG

Дали вие и вашите соработници на проектот сте лично задоволни од крајниот резултат што го добивте со градинката? Си помисливте ли на крај дека можеби нешто можеше да се направи различно, подобро?

Секако дека сме задоволни и среќни, но секогаш останува малата дамка која ве „голицка“ за променетите, навидум ситни работи. Од нив дел беа променети самостојно од инвеститорот, некои од Министерството, други поради недостатокот на домашниот пазар на материјали. Зависноста на процесите од многуте чинители и македонските навики, ги прави потешко остварливи total design решенијата. Таквата позиција често ве води кон мислата колку можеше полошо некои работи да се изведат, па оттука доаѓа и рациото дека сепак градинката го задржа сопствениот костур кој може да се носи и со измените. Дали можеше подобро? – Веројатно!

Градинка Волково - 3_resize

Покрај со проектирање се занимавате и со раководење на порталот „МАРХ“, на кој сте и основач. Колку е значајно да се пишува, говори за архитектура и урбанизам и да се презентира архитектура и сè тоа  достапно за пошироката публика?

Мислам дека е премногу значајно да се одржува јавно и гласно темата за домашната архитектонска сцена, бидејќи македонската интелегенција е поприлично летаргична (чест на оние кои не се), дури и во времето на социјалните мрежи, каде многу лесно може да сте видливи, а со тоа и влијателни во процесите. Најзначајно е константно да се говори и коментира од аспект на лично, но сепак професионално видување, со послободен речник, каде поширокиот аудиториум лесно ќе ве разбере. Најсреќен сум за едукативниот придонес што МАРХ го чини, кој вроди и инспирира многу процеси на домашната скриена сцена. Истовремено сум пресреќен што кај заинтересираните граѓани влијанието и резултатите се одлични, но за рамнотежа сум помалку тажен дека кремот на фелата воопшто не ја користи самоиницијативно платформата МАРХ. Се надевам дека тоа ќе се промени како поуспешно заеднички ќе влијаеме на борбата на долгите стази која секогаш се добива преку масовна едукација.

DCIM101MEDIADJI_0758.JPG

Еднаш напишавте дека од уредено и организирано живеење на некогаш средната класа, постепено преминавме во деградирано живеење. Што ни се случи?

Ни се случи соучество во криминалот, изблив на лажна демократија и борба за личното право над колективното. Кога постојат правила создадени од професијата и за нивно спроведување постои ред, но кога злоупотребената политика сака да ги отвори вратите за сопствените бизнис-интереси, таа мора да му даде на народот нешто во форма на гратис за вниманието ќе биде одвлечено. Па така додека никнуваа згради кај што може и не може, нам – на рајата, ни беше овозможено да си доградиме тераси, да си преградиме балкони, да затвориме проодни кровни тераси, да си ја продадеме семејната куќа за два стана, да купиме земјиште за едно евро и како круна на хаосот, да си изградиме дивоградба за потоа некој да ни ја легализира. Паралелно со народните трошки што се испотепавме да ги исколваме како гладни птици, не видовме дека зградите се на некој близок до претпоставените, па на нашите семејни куќи некои направија милиони, на местото на нашето градителско наследство некој дрско му се наметна и го деградира, додека на нашите исклучително внимателно размислени градови (секако со добри и лоши страни), им се случи скоро губење на идентитетот. Сега очекуваме промени од граѓанството, но како кога сите треба да тргнеме од себе – ќе си ја турнеме ли сами заградената тераса или ќе се откажеме ли од отпад-возилата увезени од Европа за да дишеме почист воздух?! Физичката немаштија ни го осиромаши и духот.

DCIM101MEDIADJI_0741.JPG

Уште во 2016 година во склоп на БИМАС, под наслов „Скопје – невидлив урбанизам“ презентиравте еден процес на деградиран станбен објект. Ја реконструиравте оригиналната слика на објектот преку остатоците од оригиналните сегменти, и движејќи се од последната интервенција наназад кон оригиналот можеа да се детектираат сите промени. Владее општо незадоволство за изгледот на населбите, но зошто процесот на деградација сè уште продолжува?

Да, тоа беше проект кој го реализиравме на покана на тогашниот водечки тим на БИМАС, кој го работевме со тимот на МАРХ македонска архитектура. Проектот ја претстави транзицијата во капитализам, кој ги деградира заедничките вредности претставени преку дневникот на една зграда во населбата 11 Октомври.

Владеењето на општото незадоволство е бидејќи сите се чувствуваат измамени од долгата транзиција. Паралелно владее страшна необразованост за она што значи куќа, објект за колективно домување, град, урбанизам, а со тоа се изгуби културата на живеење. Притоа гладниот стомак и завидливите очи кон оние што изминатите децении направија империи, создаде менталитет на барање дупки во законот, или врски во системот, како сопствениот мал удел во хаосот не би ни го доживеале како нешто сериозно. Тоа е како да учествувате во грабеж на банка, во кој вие сте земале само едно снопче пари, додека другиот заминал со торби. Никогаш со тој став нема да разбереме дека сите сме соучесници – помалку или повеќе. Ние не резонираме дека нашите лични навики се дел од ова општествено живеење. За жал не можам поинаку да објаснам сликовито, ако не направам паралела со едноставните работи и примери – сите одиме со валкани чевли врз тепихот, во еден момент застануваме и погледнуваме наназад, но никој не може да си ги препознае сопствените стапки во севкупниот ефект на екстремно валканиот тепих кој на сите ни боде очи.

Градинка Волково - 5_resize

На доделувањето бевте почестен, возбуден, среќен, можеби помалку и збунет. Ја очекувавте ли наградата, што ви значи таа?

На доделувањето бев почестен и благодарен, бидејќи во една состојба на веќе умореност (иако релативно млад) од сериозните искушенија дали сè уште треба да се води борбата за професијата која е потценета, понижена и деградирана, фелата одлучува да ви даде морална поткрепа и признание. За жал, периодот пред доделувањето на личен план беше многу тежок во моето семејство, што не дозволи поголема радост и прослава освен островот од 40-тина минути додека траеше свечениот чин. За уште поголема иронија и соочување со македонската реалност веќе во понеделникот добив отказ со директно решение, поради јавната одбрана на сопственото професионално достоинство и според мене достоинството на бирото за кое работев, што ја стави наградата во тежок временски сендвич на случувања од неубави состојки и реперкусии. Но во една таква каша, наградата беше единствениот морален светилник, а тоа ве крепи да продолжите понатаму. Мислам дека моментот беше тежок да се биде вистински присутен, но во иднина навраќањето на наградата ќе биде еден прекрасен спомен на потврден чекор напред.

33_resize

Што значи кај нас да се живее за архитектура, особено проектирање архитектура?

Тоа значи свесно да се впуштите во светот на малку возможното. Доброто живеење од архитектура за среќа почна да се случува кај поединци и помали бироа, но општата слика сè уште е далеку од добра. Проектантите се потценети, а преоптоварени со работа во кратки рокови поради неконтролираните апетити на инвеститорите. Во еден бизнис на инвазија од станбени објекти кои носат милиони евра заработка, проектантите чие дело се реализира едвај добиваат просечна македонска плата. Тоа укажува на слаба организираност на професијата да го одбрани својот труд. Со тековниот тренд на градба, архитектите и останатите проектанти треба да уживаат плати и удобства паралелно на тоа што се случува во IT-индустријата во Македонија.

Зависно од личните идеали и како себе се замислуваме во овој свет, архитектурата нуди многу професионални форми на делување. Но, доколку се залагате за општествена одговорност, вистинска архитектура, почитување на историјата и контекстот, залагање за смел напредок и реализација, истражување и притоа нула криминал во процесот, тогаш сте се впуштиле во тешка борба за преживување. Доколку сте вистински решени во ова, успехот секако ќе дојде, но можеби не во времето кое вие би посакале – секогаш е подоцна од тоа.

Градинка Волково 12_resize

* * * * *

Детска градинка во Волково

Објектот е проектиран на две нивоа, приземје и сутерен. Предвидени се два главни влезови раздвоени меѓусебно со аула – повеќенаменски простор, од кој со едниот се стигнува до администрацијата и јаслите, додека со другиот до занималните. Во склоп на едната групација предвидени се три занимални од кои една за група деца од 6 до 18 месеци и две за групи деца од 18 до 24 месеци. Поставеноста на занималните е со ориентација – исток овозможувајќи максимална инсолација во утринските часови. Од предвидениот влез за јасли, делот за вработени – административен хол е издвоен со двоен ходник. Тука функционално се надоврзува блокот во кој се организирани простории за вработените. Групата на занимални за деца од 2 до 6 години ја сочинуваат четири занимални кои се функционално организирани преку вториот влез до аулата. Поставеноста на занималните – просториите за престој на деца е со ориентација исток – југ – запад овозможувајќи нивна максимална инсолација. За секоја група предвидени се санитарии и гардероба од која се излегува на отворените простори, атриумот и кон детските реквизити на кровната градина. Повеќенаменскиот простор/аулата истовремено има улога на сала за спортски активности, приредби како и простор наменет за креативни катчиња.

Сутеренскиот дел кој е поставен во идеална позиција да се надмине разликата во нагибот на теренот, претставува и линија на дилатација на конструкцијата на објектот. Во економскиот блок се предвидени дистрибутивна кујна со капацитет од 150 до 180 оброка со потребните придружни простории.

Во крајниот дел на сутеренот е проектирана повеќенаменска занимална која треба да овозможи катче за музицирање. Со физичкото поместување од приземје кон сутерен се постигнува подобра звучна изолација и директна врска со дворот. Градинката е проектирана за 150 деца или за 175 деца во случај да е потребно, каде оваа сутеренска занимална за дополнителни активности се пренаменува во класична.

Фото: Борис ЈУРМОВСКИ, дипл. инг. арх.

j_MG_1806_resize

мк

*Текстот е поддржан од Минситерство за култура на РС Македонија

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top