Насловна / Вести / Шар Планина до крајот на 2019 година ќе стане национален парк

Шар Планина до крајот на 2019 година ќе стане национален парк

До крајот на 2019 година Шар Планина ќе биде прогласена за национален парк. Ова го најави министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки , кој е уверен дека во скоро време ќе се завршат сите постапки, со цел ова подрачје за заштитено да го прогласи собранието.

Пред да биде прогласена за национален парк, треба прво да се доработи студијата за валоризација на природните вредности на Шара, но и да се направи социоекономско истражување, посочуваат од Македонското еколошко друштво, кое заедно со неколку организации и институции се вклучени во постапката за заштита на оваа планинска област.

“Шар Планина, претставува едно од најзначајните подрачја за зачувување на природата на национално, регионално и Европско ниво. Во интерес на секоја држава е заради општествено-економски развој да поседува повеќе заштитени подрачја. Во светот е докажано дека економската моќ на секоја земја е многу поголема, доколку заштитените подрачја рационално и одржливо се користат. Македонија прави значајни напори во исполнувањето на барањата на ЕУ за заштита на природата.

sar planina

Шар Планина претставува еден најважните центри на биодивезритетот во Македонија и пошироко во Европа.

Согласно Законот за заштита на природата и Правилникот за содржина на Студијата за валоризација или ревалоризација на заштитено подрачје, Министерството за животна средина и просторно планирање, со поддршка на Глобалниот еколошки фонд ГЕФ и Канцеларијата на Обединети Нации за животна средина од Виена, УНЕП спроведуваат проект (STAR5) „Постигнувањето на заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитени подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање на користење на земјиштето“.
Досега е изработена прва нацрт верзија на Студијата за валоризација на Шар Планина. Втората фаза од оваа активност е во тек и се очекува финалната верзија на Студијата да биде завршена во текот на 2019 година.
Оваа активност се спроведува од страна на Институтот за екологија и технологија од Тетовскиот Државен Универзитет и Институтот за биологија од Природно-математичкиот факултет УКИМ Скопје.
Паралелно со оваа активност, а со поддршка на Италијанското министерство за животна средина, земјиште и море, локални партнери изработуваат Социо-економска студија за подрачјето на Шар Планина.

Со прогласувањето на Шар Планина за национален парк ќе се овозможи заштита, зачувување, унапредување, развој, промоција и афирмација на природните вредноссти на ова подрачје.

Постапката за прогласување на Шара за национален парк трае десет години. Невладините организации се надеваат дека најавата на министерот Дураки ќе се оствари. Како што рекоа секое пролонгирање на овој процес е на штета на планината, каде поради немањето контрола царува пред се дрвокрадството, кое најчесто завршува со ерозии како во 2015 година кога имаше и човечки жртви.

Доколку Шар Планина се прогласи за Национален парк, Македонија би добила четири заштитени подрачје, кои би сочинувале 12 отсто од нејзината вкупна територија. Шарпланинското подрачје од косовската страна за заштитено е прогласено пред три децении.

sar planina1

Досегашните искуствата кај нас и во светот, покажуваат дека со прогласувањето, националните паркови добиваат третман на одржлив развој, при што се зголемува грижата на државата во однос на уредувањето и хуманизацијата на просторот, заштитата и унапредувањето на природата, развој на туризмот, особено на еко-туризмот, со што националниот парк добива посебен значење и во меѓународен контекст.

Испрати коментар

Scroll To Top