Насловна / Архитектура / Семејни куќи како базични урбанистички елементи

Семејни куќи како базични урбанистички елементи

2 Urbani naselbi vo Amerika  Aterton California 8

Трансформација на семејната куќа. Дом како основна просторна капсула во која егзистира човекот. Отсекогаш домот е индивидуална просторна целина и се поистоветува со семејството како основна општетствена клетка на човековата заедница. Идеална слика за пријатен дом е интимен простор за развој на семејството со свои специфични белези и препознатливост во обликувањето на домот, како синоним за удобно, пријатно, топло, сигурно, свое, со што се поистоветува како семејно гнездо за сигурен развој на семејството.

1 urbana naselba 1

Населба во Kалифорнија

Семејните куќи се организирани најнапред во руралните населби, како куќи со дворови, а потоа со развојот на градовите се оформуваат и во градските нaселби. Во руралните населби просторниот развој на семејните куќи, третирани како селски стопански целини, имаат воздржан развој и диспозицијата на ткивото на куќите и дворовите е приспособено со спецификите на непосредната околина. Со развојот на индустријата и интензивирање на миграциите, се напуштаат селските огништа и се оформуваат нови живелишта во градовите. Покрај примарното домување, како потреба за поблизок контакт со природата, се одвива процес на изградба на викенд-куќи за секундарно домување за време на викенди и одмори. Трансформацијата на семејната куќа се одвива со процес на стагнација на изградба на семејни куќи во руралните населби, поинтензивен развој на семејните куќи се одвива во градовите (како паралелен процес на изградба на станови во станбени структури во градовите)  и процес на стагнација на изградба на викенд-куќи.

4 Razni semejni kukji MK1

Куќи како станбен мозаик

Од аспект на третман на програмските содржини на семејната куќа, покрај одржливо димензионирање, се согледува појава на нерационално оформување на содржини за неколку генерации, со начин на градење кој не е во корелација со реалните можности, и многу објекти остануваат недовршени, со што се создава неповолна слика на населбите со низа на необликувани фасади на куќите. Недоволниот степен на уредување е присутен на различни нивоа, од уредување на околината, преку недоволно уредените дворни места, сè до необликувани фасади на семејните куќи, кои немаат и соодветна топлинска изолација и се енергетски неефикасни објекти.

Преод од семејна куќа кон станбен мозаик. Куќата е основен елемент во системот на домување и таа е урбанистички детерминирана. Идентификацијата со куќата е едноставна и непосредна, преку нејзината индивидуалност. Кај семејното домување улицата ги поврзува куќите сочинувајќи соседство, низа на куќи како гроздови, оформувајќи го ткивото на населбите. Локациски куќата е поставена во рамки на дворот, што претставува непосредна околина на куќата, која е нераскинливо поврзана со надворешноста. Симбиоза. Куќата може да биде самостојно лоцирана, како двојна куќа, куќа во низа, како куќа со внатрешно двориште – градина, со различни можности за поврзување и формирање станбени амбиенти.

3 Tipovi semejni kukji mk1

Типови семејни куќи

Во основа, семејната куќа треба да го следи развојот на семејството преку различни просторни трансформации во текот на времето, а во рамки на дворното место. Растењето на семејната куќа е можно со доградба од една или повеќе страни, потоа со надградба со еден кат или повеќе, или комбиниран начин на зголемување на станбениот простор, во зависност од потребите, урбанистичките можности на локацијата и со почитување на соседските релации, кои во голем број случаи не се почитуваат доволно.

5 Denver USA 1

Денвер

Потребата за заградување е исконска потреба на човекот, а се поврзува со ефикасна заштита и обезбедување на сигурен дом. Со постепеното заградување на дел од дворот за станбени потреби се врши преод од самостојна семејна куќа кон куќа колаж, која е организирана како низа од станбени затворени и отворени простори. Во рамки на локацијата, а според обликот и големината на дворното место, можни се различни просторни солуции за организирање на станбените потреби за развој на семејството. Реализираните примери на семејни куќи од различни делови на светот го потврдуваат тој приод, со што се промовираат низа можности за организирање на семејните куќи. Во такви ситуации мерилото од две станбени нивоа најмногу се применува како најповолно мерило за развој на семејството, и е погодно за примена на различни волуменски композиции, според оптималните можности на секоја локација одделно и соседските релации.7 bitola 1

Битола

8 Krusevo

Крушево

Тенденции кај семејните куќи. Кога се анализира третманот на семејната куќа како најизразен урбанистички елемент во изградената средина, се констатира процес на зголемување на волуменот и добижување на куќите. Преод од габарит кон површини за градење. Најбитен сегмент при лоцирање на семејната куќа е позицијата на површината за градење во рамки на дворното место, а особено обликот и големината на површината за градење (порано габарит), во која површина е можна изградба на куќата. Се согледуваат одредбите од Правилникот за стандарди и нормативи за планирање од 1997 година и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање од 2012 година.

Во текот на 15-годишниот период се констатира тенденција за зголемување на волуменот на семејната куќа низ следните параметри:  зголемување на процентот на изграденост на локацијата од 60%  на 70% (според Правилникот од 1997 и од 2012);  зголемување на височината на куќата од вообичаените приземје и кат на приземје и два ката и поткровје (10,2 метри); двојно зголемување на коефициентот на искористеност на земјиштето за семејни куќи од 1,4 на 2,8; намалување на минималното растојание на соседни станбени куќи од 6 метри (3 метри од граница на парцела)  на 1,2 метри од граница на парцела, што сè заедно означува видно зголемување на станбениот волумен, со што се намалува индивидуалноста на куќите и се намалуваат оптималните релации на соседските објекти. 6 Kibuk Sha Izrael 1

Израел

Секако, треба да се потенцира дека најголемиот квалитет на семејното домување е токму индивидуалноста на куќата, а ако таа се намали, се намалуваат квалитетите на семејното домување. Тоа е процес кој се менува и со зголемување на апетитите на инвестоторите и со трансформирање на семејните куќи во повеќесемејни куќи со вклучување и на други семејства, се намалува или се губи првобитниот мотив за обликување на семејните куќи и се намалува изворниот квалитет на домувањето.

Ефикасното организирање на семејните куќи е постојан предизвик и постојано ќе се усогасува со современите тенденции на живеењето. Нама урбанистички, архитектонски и обликувани модели кои се неменливи, туку има само суштинска потреба за современ дом за развој на семејството, организиран во различни просторни, природни и општествени услови. И во тоа е предизвикот за архитектите, да креираат оптимална архитектура за хумано домување. Архитектите, преку своите истражувања и проекти, дизајнираат виртуелна иднина, а со реализација на нивните проекти се обликува реалната иднина. Вечен креативен предизвик доближувајќи ја виртуелноста и реалноста.10 urbana naselba vo Danska

Урбана населба во Данска

Соседски односи. Интересни за опсервација се соседските односи кај организирање на семејните куќи, со изразени релации кај традицијата, кога со купување на земјиште за изградба на куќа се пропишувал и односот со соседите и максималните волуменски релации и инфрастуктурни поврзувања. Во зависност од гледната точка, се јавуваат различни гледишта кога се работи на сопствена и соседна парцела и семејна куќа. Двојниот однос е изразен со максимално зголемување на волуменот и близината до соседот кога се работи за сопствената локација на семејната куќа, и барање за минимален волумен и поголема оддалеченост кога се работи за куќата на соседот. Парадокс во однесувањето. Различни позиции и различни постапки. Кога ние градиме сакаме да биде колку е можно поголемо,  а кога гради соседот бараме да биде колку е можно помало. Таквата перцепција мора да се менува во насока на подеднаков третман, без разлика за која локација се однесува. Предизвик кој треба да се реализира.11 urbana naselba vo Amerika

Урбана населба во САД

Процес на урбана обнова. Искуствата од примената на процесот на урбана обнова покажуваат дека таа е многу изразена во земјите на Западна Европа, особено во Франција, Данска, Германија, Велика Британија, Белгија, Холандија и во други земји каде се врши обнова на цели урбани модули и блокови, градени во поранешниот период. Вообичаено се врши обнова со внесување на нови содржини, обликување на дворните места и околината, редизјнирање на фасадата со современи материјали и со примена на еколошки и енергетски прифатливи системи. Се применува комбиниран систем на обнова со внесување на најсовремени технолошки достигнувања според принципите на одржлив развој. Обновувањето на населбите со семејни куќи е постојан процес, како на самите куќи со процес на доградби и надградби, така и на сообраќајниците и инфраструктурата, со цел да се обликува соодветна хумана средина. Таквиот пристап подразбира посебна грижа за секој објект, групација на објекти и амбиенти. Со примена на различни архитектонски концепти ќе се овозможи креативен пристап кон секоја куќа одделно, со различни архитектонски проекти, што во основа одговара на индивидуалниот карактер на семејното домување. Промовирање на различност на идеи.9 Kukjata na Racin vo Veles 1

Куќата на Кочо Рацин во Велес

Хуманизација на семејното домување. Почитувајќи го традиционалното искуство, се сугерира надоградување на органскиот концепт на архитектурата и урбанизмот, кој е близок до менталитетот на луѓето и затоа улогата на креаторите на урбанистичко-архитектонскиот простор е да ја промовираат и практицираат традицијата на мало мерило, блиско до човекот, со изразен квалитет на просторот. Мерилото нема потреба да се зголемува, а акцентот да се насочи кон квалитетот на станбената куќа и оптимално организирање на градината како активен сегмент и составен дел на семејната куќа. Тоа е мисија која треба да се вткае како македонски придонес во мозаикот на европски вредности, со што ќе се одбележи како континуитет на хуманата архитектура која е нагласена од голем број истражувачи и архитекти во текот на минатиот период, со натамошно обликување на хумани урбано архитектонски амбенти, како одлика на овие простори.

Активности за  зголемување на квалитетот  на семејното домување:

–         унапредување на индивидулноста како изворен квалитет на семејното домување;

–         поефикасна изработка на детални урбанистички планови на станбени населби со семејни куќи, со суштинско вклучување на граѓаните и оптимално респектирање на соседските релации и спроведување на планските решенија со примена на принципот на оптимален волумен на семејните куќи;

–         промовирање на различни видови домување во семејни куќи, со акцент на зголемување на квалитетот на семејната куќа и уредување на градината;

–         перманентен процес на обновување и модернизирање на семејните куќи, со примена на доградба и надградба и квалитетно организирање на дворните места како и станбените населби во целина;

–         почитување на архитектонската традицијата на семејните куќи, со примена на идеите на традицијата во современа станбена архитектура.

(Слики од урбани населби со куќи 10 Данска и 11 Америка)

(Продолжува)

Испрати коментар

Scroll To Top