Насловна / Вести / Примената на законите како императив

Примената на законите како императив

шапуриќ_2

Зоран Шапуриќ е роден во 1958 година. Дипломирал на Правниот факултет, магистрирал и докторирал на УКИМ, стекнувајќи звање доктор по политичко–правни науки. Работел како вонреден и  редовен професор на Универзитет Американ Колеџ во Скопје. Објавил 40 научно-истражувачки меѓународни трудови, индексирани во респектабилни меѓународни научни бази, од областа на животната средина и одржлив развој, Европската Унија и локалната самоуправа, од кои седум во „Web of science“, 12 во „Thomson Reuters“ и во други меѓународни научни бази. Во досегашната кариера Шапуриќ бил министер за животна средина и просторно планирање, пратеник во Собранието на Република Македонија, а се наоѓал и на други општествено-политички и образовни функции. Бил помошник-генерален директор во МЗТ комерц и заменик на генералниот директор во ЈП „Паркови и зеленило Скопје“. Со еколошката проблематика се занимава повеќе од две децении. Токму овој факт беше  повод за интервју за нашето списание.

шапуриќ_4

Се фалиме со нашата природна убавина, а од друга страна сме најзагадената земја во Европа во многу параметри. Многу влади се променија, многу планови, ветувања – реализацијата катастрофална. Сега сме на дното…

-Република Македонија, од декември 2005 година е земја кандидат и оттогаш има обврска да ги транспонира законодавството  и стандардите  од областа на животната средина  на Европската Унија во своето национално законодавство. Овој процес започна уште во 2004 година. За волја на вистината во овој дел имаме одредени резултати, донесени се Законот за животна средина, Законот за управување со отпад, Законот за заштита на природата, Законот за заштита од бучавата во животната средина, Законот за води, Законот за управување со пакување и отпад од пакување, потоа законите кои го регулираат менаџирањето со акумулатори и батерии и закони за менаџирањето со електричен и електронски отпад и  низа други закони, како и преку 200 подзаконски акти. Инаку законодавството во областа на  животната средина  е мошне комплексно и динамично и се состои од преку 300 регулативи и директиви. Проблемот настанува  со практичната имплементација на ова законодавство каде што имаме незадоволителни резултати. Ова всушност е децидно наведено и во извештаите на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во последните пет години.

Животната средина е еден од приоритетите на Владата предводена од премиерот Зоран Заев. Оваа област е мошне комплексна, мултидимензионална и мултисекторска.  Се работи за област  која е поврзана со областите транспорт, градежништво, урбанистичко просторно планирањето,  економија, енергетика,  здравство,  земјоделие, децентрализација,  геологија, хидрологија и со многу други области. Затоа Владата започна со решавање на овие проблеми. Се разбира состојбите не можат да се унапредат преку ноќ  и во континуитет  ќе  се преземаат низа краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки за подобрување на состојбите. Врвни приоритети на Владата помеѓу другото се и гасификацијата, производството на енергија од обновливи извори и подигнување на еколошките стандарди во многу еколошки сектори. Ќе се работи чекор по чекор, не постои волшебно стапче, но има силна политичка волја и кај премирот и кај целата Влада да се работи интензивно на подобрување на сите сектори на животната средина и тоа не само заради преземените обврски спрема Европската Унија, туку пред сè заради нас и нашето здравје и заради идните генерации. Познат  е еден од најважните постулати на животната средина и одржливиот развој: природата, животната средина сме ја позајмиле од идните генерации и мора да ја чуваме и унапредуваме заради овие генерации.

Во оваа прилика ќе ги наведам активностите на новата Влада за мошне кусо време, ратификација на Договорот од Париз, кој ја потенцира решеноста за намалување на емисии од стакленички гасови и справување со глобалното затоплување и климатските промени. Република Македонија на 22 април 2016 година, во Њујорк го потпиша Договорот од Париз, но повеќе од една година овој Договор не е ратификуван. Нема некои посебно оправдувачки причини зошто Договорот не е ратификуван и покрај заложбите на повеќе институции на Европската Унија Македонија да го ратификува Договорот. Можеби ова одолговлекување беше страв на претходната влада од намалување на емисии  на стакленички гасови, пред сè  на CO2. Овде се мисли пред сè на постројките на јаглен и тоа како на оние кои произведуваат електрична енергија, така и на оние кои го користат јагленот и мазутот во своите производни процеси.  Македонија и онака има преземено  низа обврски пред меѓународната заедница за намалување на стакленички гасови пред сè преку своето национално законодавство, индустриските постројки да добијат А- интегрирани еколошки дозволи во рок кој е веќе истечен и енергетските постројки наскоро треба да ги добијат овие дозволи. Ова е утврдено со регулативата на ЕУ која и онака е транспонирана во нашето национално законодавство. Парискиот договор има можности за намалување на СО2 и други стакленички гасови освен од енергетскот сектор и од низа други сектори како што се транспортот и сообраќајот, енергетски ефикасна градба и други сектори. Владата на Република Македонија на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање на својата седницата одржана на 25 јули 2017 година ја усвои Информацијата за ратификација на Парискиот договор за климатски промени. Истовремено Владата го задолжи ова Министерство да го достави текстот за ратификација до Министерството за надворешни работи. Договорот од страна на Владата  е доставен до Собранието на Република Македонија и набрзо со закон ќе биде ратификуван овој договор.

Тековните катастрофални случувања со депониите во Струга и Тетово, само ја потврдија горната констатација. Регионалните депонии никако да почнат со реализација.

-Депониите се само еден дел односно финален дел од управувањето со отпад и најнепосакувана опција на третман на отпад, најважно е намалувањето на отпад, па потоа рециклирањето и други форми на преработка на отпадот, па реупотребата на материјалите, па дури потоа останува опцијата на оној дел на отпадот којшто не може да се преработи да се депонира и тоа се разбира на начин со примена на современи технологии. Значи главна цел е отпадот да се намали и да се рециклира, односно отпадот од еколошки проблем да се претвори во економски и еколошки бенефит. Се разбира најважна е примарната селекција, односно сегрегација на отпадот на самото место на создавање, но исто така, е важна и секундарната селекција и преработка на отпадот пред остатокот да се депонира. Во Македонија се создава повеќе од 1.000.000 тони комунален отпад од кои само околу 75 % се собира на некој организиран начин и се депонира на депонии. Во поглед на депониите мора да се напомене дека постојат 54 депонии, од кои само една, депонијата Дрисла покрај Скопје, делумно ги исполнува ЕУ и националните стандарди. Останатите се целосно несоодветни или т.н. диви.Управувањето со комунален отпад, како и неговото депонирање што е дел од ова управување е во надлежност на единиците на локалната самоуправа односно на Градот Скопје и на општините.

Управувањето со отпад е еден од најсериозните еколошки проблеми во изминативе години. Според вашето мислење што е потребно да се направи во наредниот период, посебно во поглед на случувањата со депониите?

-Во 2005 година е донесен Национален план за управување со отпад според кој е предвидена изградба на 6-7 регионални депонии на кои треба да има инсталации за селекција на отпад и негова преработка па дури остатокот што не може на друг начин да се третира да се преработи. За време на единаесетгодишното владење претходната Влада ништо не презеде, а сега најблаго речено некоректно се обидува да критикува по 11 години. Новата Влада енергично започна да се справува со диво депонираниот отпад, изгасен е пожарот од депонијата во Струга и се обезбедени околу 250.000 евра за собирање и релоцирање на диво депонираниот отпад од Струга и Тетово и веќе се започна  со реализација. На ова треба да се додадат активностите за расчистување на депонии покрај државните патишта, како што е случајот со отпадот кај преминот Стража и на некои други локации. Се разбира по 11-годишен застој ќе се отпочне со реализација на концептот на изградба на регионални депонии на кои ќе постои секундарна селекција и преработка на отпад, како и на депонирање на современ начин, на она што не може да се преработи. Се разбира ќе се работи на системски мерки и активности за развивање на примарна селекција, односно сепарација на отпадот.

Словенците во Љубљана и Цеље имаат фабрики за преработка на отпадот и од тоа прават бизнис, а Љубљана беше прогласена за најзелен град во Евопа. Што е со нашата Дрисла и кога и ние ќе имаме такви капацитети?

-Добро кажавте Љубљана е одличен пример за примарна селекција на комуналниот отпад каде што 72 проценти од комуналниот отпад е подложен на примарна селекција што е главен предуслов за рециклирањето. Скопје мора да го следи примерот на Љубљана. За жал во Скопје сè уште актуелната локална власт со поддршка на тогашната централна власт склучи мошне лош договор на 30 години за јавно-приватно партнерство со странски партнер  кој се обврза да вложи 72 милиони евра за осовременување на депонијата и во постројки за повеќе видови преработки  на отпадот. Но засега странскиот партнер не вложи ништо, а остварува голем профит. Овој договор е  огромна пречка за правилно и одржливо управување со отпадот во Скопскиот Регион.

Мора да имаме регионален пристап во изградба на депониите, односно да изградиме 6-7 регионални депонии во кои ќе се депонира само она што не може да биде опфатено со рециклирање како и други форми на преработка на отпадот. Затоа на овие депонии треба да бидат изградени и постројки за секундарна селекција на отпадот, за негова преработка како што се рециклирањето, компостирањето и други видови на преработка, а само она што нема да може да се преработи да се депонира.

Дури во последните неколку години почнавме со градење на пречистителни станици во Струмица, Радовиш, Кичево… Скопје е единствениот главен град што нема пречистителна станица. За жал  едно „Скопје 2014“ ги изеде овие животни потреби. Имаме ли оперативен план за решавање на сето ова?

Пречистителни станици во Македонија започнаа да се градат пред 15 години. Изградени се во Куманово, Берово и во неколку други градови. Сега е во завршна фаза пречистителната станица во Струмица, Радовиш, Кичево… Изградба и одржување на пречистителните станици согласно Законот за локална самоуправа и другите закони е надлежност на единиците на локалната самоуправа, односно на Град Скопје и општините. Се разбира, зависно од капацитетите на општините и согласно можностите и централната власт треба да помогне. Најголем дел од пречистителните станици се изградени со помош на странски донации при што најголем удел имаат претпристапните фондови на ЕУ. Меѓутоа, искуствата покажуваат дека за голем дел од  општините голем проблем е одржување на истите, пред сé поради недостаток на финансиски средства и одбивање да ја покачат цената на водата, бидејќи кај нас цената на одвод на вода се наплаќа истовремено со доводот на водата. Притоа, општините проценуваат дека покачувањето на цената на водата би било голем товар за граѓаните и така се вртиме во круг, бидејќи за одржување на пречистителните станици се потребни значајни средства. Од друга страна странските донатори реагираат дека донираат средства за пречистителни станици кои по нивната изградбанесевофункција. Да во право сте, Скопје е еден од ретките главни градови во Европа кој нема пречистителна станица и речиси сите отпадни води без каков било третман завршуваат најчесто во реката Вардар или директно во почвата. Само мал дел од отпадните води во Скопје се третираат преку локални пречистителни станци кои се изградени од стопанските субјекти. Преку донации од ЕУ е изработена техничка документација и изработена е тендерска документација за изградба на пречистителна станица. Ова е во надлежност на Град Скопје, но имајќи предвид дека се работи за  целосната инфраструктура и постројка за третманот на тињата, односно за третман на отпадот кој останува, се потребни  околу 180 милиони евра,  Градот Скопје не може да го поднесе целосно овој проект и потребно е и одредено кофинансирање од државата, како и напори за изнаоѓање на странски донации со кои делумно би се финансирал овој проект. Владата неодамна ја разгледа информацијата за потребата за изградба на пречистителната станица и по локалните избори ќе вложи големи напори заедно со Градот Скопје да отпочне со реализација на овој проект.

Воздухот во Скопје, Тетово, Битола… е најзагаден во Европа. Последиците од тоа се катастрофални по здравјето на сите граѓани. На тоа се будиме само кога ќе дојде зимскиот период и кога загаденоста се мери во енормни проценти. И сé си продолжува по старо. Од презатрупаноста со градби, увоз на стари автомобили, сомнително загревање на домовите…

Загадувањето на воздухот во урбаните средини особено во овие градови е огромен проблем. Причините се познати, а тие се наоѓаат во греењето со фосилни горива, во сообраќајот, особено поради увоз на голем број стари возила, поради нехуманата и неодржливата градба и уништувањето на зеленилото, индустриското загадување и загадувањето од градежните објекти. Потребни се низа долгорочни, среднорочни и краткорочни мерки и активности за намалување на аерозагадувањето. Владата заедно со општините и Градот Скопје ќе преземе активности за гасификација, стимулирање на намалување на греење на дрва и на јаглен, изградба на подземни сообраќајници, усвојување на регулатива која ќе го спречи нехуманото градење  и масовното уништување на зеленилото.

Сте биле пратеник, градоначалник, на Кисела Вода 1994-1998, министер за животна средина и просторно планирање 2004-2006. Дали тие политички, но и оперативни улоги оставија позитивен белег или само горчина дека сте се труделе и обиделе, но без трајни резултати.

Максимално се трудев да работам во интерес на граѓаните и мислам дека оставив забележлива трага на моето делување. Голем дел на граѓани ми приоѓаат често и ми нагласуваат дека паметат она што сум го направил како пратеник, градоначалник и министер. Па дури и нивните деца кои тогаш биле мали ми приоѓаат на ист начин поради тоа што нивните родители им го кажувале. Веројатно звучи нескромоно, но тоа е вистина, на многу граѓани сум им помогал никому не сум одмогнал. Немам ниту една дамка во мојата кариера, дури ниту пријава за сообраќаен или каков било друг прекршок. Сигурно гледано од денешна перспектива и со поголемо искуство согледувам дека сум можел и  уште подобро некои работи да ги направам.

Го следите ли списанието и порталот Порта 3 и ќе може ли да сметаме на оперативна соработка, во информирањето на стручната фела, но и пошироко, со идните предизвици што се и наша преокупација?

Да, подолго време не само што го следам туку и редовно и детално го читам вашето ценето списание кое има мошне корисни содржини од областа на екологијата, одржливиот развој, архитектурата и дизајнот, градежништвото, просторното планирање и многу други корисни и интересни содржини. Како и досега можете да сметате на целосна поддршка и соработка од моја страна како и пошироко од целата засегната стручна фела и пошироката јавност.

шапуриќ_7

 Јас сум цел живот во Аеродром каде живеете и Вие. Во еден реон, стар Аеродром, на таа, секако најубава станбена населба изградена во „лошиот социјализам“ во последните години забрзано се гради нов град „касарна“ со нови преку 25 000 жители од кои повеќе од 70 % ќе бидат доселеници од внатрешноста. Последиците од тој урбан хаос наскоро ќе се осетат. Како натаму. Има ли крај на ова безредие во кое градоначалникот гледа на „единствена можност за собирање пари за фонтани, асфалтирање на улици, финансирање на спортски клуб“ и слично…

И јас живеам од 1985 година во Аеродром. Во Аеродром се донесени катастрофални детални урбанистички планови кои овозможија прекумерна и нехумана градба и уништување на зеленилото, спречување на циркулација на воздухот и низа други проблеми. Населувањето на нови жители во новите 44 десетокатници, а се планираат и нови доведе до недостаок на паркинг-места и вистински метеж во сообраќајот со еден збор вистински хаос што го претвори Аеродром во неподнослива општина за живеење. Последиците од ова не можат да се отстранат и тие се трајни. Но мора да се спречи натамошна хаотична градба, мора да се пристапи кон изградба на паркинг-места, проширување на улици, како и изградба на подземни сообраќајници, што ќе доведе до попроточен сообраќај, како и до масовно подигање на зелени површини и масовно садење на зимзелени и листопадни дрва. Со ова само делумно ќе се ублажи проблемот, а инаку да повторам последиците се трајни.

Испрати коментар

Scroll To Top