Насловна / Арт и дизајн / Позитивни настани полни со ведрина, енергија и искрена среќа и радост

Позитивни настани полни со ведрина, енергија и искрена среќа и радост

Во време на глобална пандемија од нечуени размери, во нашите меѓусебни разговори и од социјалните коментатори, слушаме дека, откако ќе ја пребродиме кризата со корона вирусот Ковид 19, ништо нема да биде исто. Нема да бидат исти блиските контакти меѓу саканите и пријателите, нема да биде ист нашиот однос кон природата, нема да биде ист економскиот поредок поради очекуваната светска рецесија, нема да биде иста нашата верба односно недоверба кон властите. Според некои мислења светот ќе биде поограничен, помалку слободен и ќе владее недоверба. Други пак сметаат дека ќе го преиспитаме нашиот однос кон нашата цивилизација, а пред сè кон планетата Земја. Но, секојдневно сè повеќе станува јасно дека приоритетите се менуваат и дека времето поминато со најблиските и секојдневните разговори со пријателите макар и на далечина се бесценети. Најважно од сè е дека ѝ дадовме на природата малку време да се одмори од нас. Нивото на загаденост во големите градови драстично се намали, а дивиот свет се врати таму каде најмалку се очекуваше.

Eliason_resize

Со две неодамнешни изложби во Лондон, Антони Гормли и Олафур Елијасон, големи имиња во светската современа уметност, пророчки се осврнаа на некои од овие прашања во изложбените простории на Ројал Академи (21 септември – 3 декември 2019) и Тејт Модерн (11 јули 2019 – 5 јануари 2020).

Мајсторот на монументални скулптури, Британецот Антони Гормли целиот свој опус го базира на интроспекцијата кон сопственото тело и позиционирањето на човекот во односот на просторот. Наспроти него Данецот со исландско потекло Олафур Елијасон во своите дела ја рефлектира природата и односот на индивидуата, како и нејзината перцепција на надворешниот простор и отвореното пространство.

Антони Гормли – неговата најамбициозна изложба во последните 10 години

Од британското крајбрежје до покривите на Менхетен, скулптурите на Антони Гормли се препознаваат ширум светот. Работата од неговата 45-годишна кариера заедно со нови инсталации беа презентирани во Ројал Академи во Лондон, на неговата најамбициозна изложба во последните години.

bebe_gromely_resize

„Железно бебе“

Повеќето од изложените дела на Гормли се интимни автопортрети бидејќи се изливи од неговото сопствено тело, практика што ја применува уште од самите почетоци на творештвото. Тие ја комуницираат неговата намера да го истражи физичкиот простор кој го зазема телото како „сад на чувства“. Гормли самиот го опишува телото како „место“ на доживување, на емоции, на свесност, на меморија и на имагинација. Неколку дела привлекуваат внимание, возбудуваат и создаваат бура на емоции. „Железно бебе“ од 1999 година е одливок на минуциозното 6-дневно тело на ќерката на Гормли и ја претставува маленкоста и ништожноста на човештвото наспроти величината на универзумот.

citrina_gromely_resize

„Чистина 7“ 

Мое омилено дело во оваа изложба е „Чистина 7“ од 2019 година, пред сè заради повеќезначноста, но и постоењето на истото во илјадници итерации секоја одново нова и единствена. Делото се состои од 8 км алуминиумска жица која е завиткана во континуирани кружници – калеми кои се одвиткуваат онолку колку дозволува волуменот на собата во која е изложено делото. Самиот автор го нарекува „цртеж во простор“, а на едно ниво може да се интерпретира невино, како детски шкрабаници, но во истовреме ја содржи и суштината на микрокосмосот на молекуларно ниво преку репрезентација на орбитата на електронот. Низ „чистината“ се движиме, ја прескокнуваме, се наведнуваме, ја избегнуваме, го пополнуваме празниот простор и стануваме дел од динамичкото – живо дело.

horizonti_gromely_resize

„Изгубен хоризонт 1“

„Изгубен хоризонт 1“ од 2008 година е курирано дело на повеќе „антониеви“, челични актови позиционирани по оската x, y и z, кои го рушат физичкиот простор и живеат и престојуваат секаде само не во хоризонталната рамнина која беше толку карактеристична за неговите телесни инсталации надвор од галериските простори. „Пештера“ од 2019 година е силна, моќна инсталација со гигантски пропорции. Таа е репрезентација на внатрешноста на човечкото тело преку прекршени архитектонски структури низ кои патуваме немо и без сетилото за вид, движејќи се тактилно со помош на допирот што е метафора на патувањето на човештвото во времето и во вселената.

Изложбата е курирана од Мартин Кајгер-Смит, со Сара Леа, кустос во Ројал Академи.

pestera_gromely_resize

„Пештера“

Олафур Eлиасон – „Во реалниот живот“

Изложбата „Во реалниот живот“ на Олафур Eлиасон во Тејт Модерн во Лондон е организирана во соработка со Гугенхајм Музејот во Билбао.

За Олафур Eлиасон доживувањето е во сржта на секоја негова творба. Во неговата уметност нагласената реалност е есенцијална за перцепцијата на делото, при што уметникот нè повикува да се внесеме со сите наши сетила и да го видиме, допреме, чуеме, мириснеме и почувствуваме делото и на тој начин да се поврземе со извориштето на тоа дело во природата. Во средината на 90-тите Олафур ѝ се претстави на меѓународната уметничка сцена со дела во кои проектираната светлина и рекреирањето на природни феномени имаа главна улога. Во 1999 година, Елиасон документираше 45 глечери на Исланд правејќи фотографска серија. Дваесет години подоцна – наносекунда во геолошко време – тој повторно се врати да ги фотографира. Серијалот за топење на глечерите 1999 – 2019 година, рамо до рамо, објавува фотографии од 30 глечери од 1999 и 2019 година, откривајќи ги драматичните промени што се случиле.

glecer99_eliason_resize

глечери на Исланд, 1999 година

glecer19_eliason_resize

глечери на Исланд, 2019 година

Тој и денес продолжува да се занимава со овие феномени и креира обвивни инсталации, скулптури, фотографии, а поретко и слики во три интересни сфери: преокупација со природата, задлабочување во геометријата и оптиката и истражување на светот околу нас. „Биг Бенг фонтана“ 2014 година е едно навидум тактилно дело, а всушност оптички ефект кое ве остава вчудоневидени. Создадено со помош на потполно мрачна просторија во чиј центар се наоѓа пулсирачки млаз вода осветлена само за момент со стробо светлина, таа (фонтаната) креира непредвидливи и единствени скулптурални форми со нестварна, но енергична убавина.

ELIASON_big_ben_resize

„Биг Бенг фонтана“

ELIASON_glacijalnistrui_resize

„Глацијални струи (жолто, окер)“

„Глацијални струи (црно, зелено)“ и „Глацијални струи (жолто, окер)“ 2018 година се акварели чија идеја и егзекуција е толку едноставна, но резултатот е бледа нестварна убавина која сепак има егзистенцијална димензија. За мене пораката на бронзената скулптура „Присуството на отсутното“ 2019 година е длабока и далекусежна.

ELIASON_prisustvo_otsustvo_resize

„Присуството на отсутното“

Создадена со помош на отисокот од парче глечер, кое во истопена контекстуална форма живее во бронзата единствено како меморија, ова уметничко дело е трогателно потсетување на секојдневното неповратно губење на природните екосистеми. „Твојот планетарен прозорец“ 2019 година, пак е сложен калеидоскоп кој ја рефлектира сликата од надворешната средина, но во истовреме фрагментираниот одблесок на непосредната околина постојано се рефокусира и репозиционира во однос на движењето на набљудувачот. Во тој момент нагласената свесност за себе и за другите околу тебе создава ново чувство на одговорност.

Eliason_5_resize Eliason_6_resize

„Твојот планетарен прозорец“

Фокусот на Гормли е врз човекот и неговото секојдневно преиспитување на потребата за егзистирање. Оптимистичката идеја и желба на Елијасон е човекот да живее во склад и во дослух со природата. И двете изложби беа позитивни настани кои го оставаат посетителот полн со ведрина, енергија и искрена среќа и радост. Да се надеваме дека овие емоции ќе доминираат во месеците кои доаѓаат.

Изложба курирана од Марк Годфри, постар куратор и Ема Луис, асистент куратор во Тејт Модерн.

Автор: д-р Петрула КОСТОВСКА, историчар на уметност

 

(специјално за Порта 3 од Лондон)

Испрати коментар

Scroll To Top