Насловна / Градежништво / ПЛ плочите – градежен материјал на иднината

ПЛ плочите – градежен материјал на иднината

Попречно ламелираните плочи ПЛП (Cross-Laminated Timber CLT) се нов и иновативен градежен материјал. Тие за прв пат се појавуваат во почетокот на 90-тите години на минатиот век во Австрија и Германија. Во тој период, Австрија започнува проект, кој ја инволвира академската елита и индустријата, за развивање на новиот производ и техногијата за негово производство. Во почетните години од неговото комерцијално експлоатирање, неговата популарност не била многу голема, но на почетокот на новиот век, популарноста нагло расте како резултат на сè поголемиот замав на зелената архитектура, но исто така и заради подобрената технологија на производство, подобрените својства и поактивниот маркетинг и дистрибуција.

Со овој производ се променува перцепцијата за дрвените конструкции како лесни конструктивни системи, каде што ПЛП може целосно да ги замени конвенцијалните градежни материјали, како што се бетонот и ѕидаријата што масовно се користат при градење на станбени објекти во Европа.

drvoto-silen-konkurent-2

МАСИВНА ДРВНА СТРУКТУРА

Популарноста на ПЛП најмногу порасна во последните неколку години во Европа. Бројот на изградени објекти со овие плочи константно се зголемува, а тоа претставува доказ за одличните својства на материјалот и можностите што ги нуди во градежниот сектор. Едноставната монтажа, високиот степен на префабрикување и брзото подигнување на објектот, претставуваат едни од главните карактеристики на овој тип на градба, особено при изградба на средно високи објекти со 5-8 ката.

Останатите својства како добра термичка и звучна изолација, голема отпорност при пожари, се само дополнителен бенефит. Наведените својства на ПЛП произлегуваат како резултат на масивноста на дрвната структура. Како продукт, неговата примена е најголема во Европа. Но, во последните години, карактеристиките на ПЛП детално се истражуваат и анализираат од страна на експертите на Северноамериканскиот континент, особено во Канада и САД, а се со цел нивна примена и на овие простори. ПЛ плочите можат да се дефинираат како материјал составен од неколку слоеви, залепени попречно под 90 степени.

Секој од слоевите е изработен од бичени елементи, залепени по подолгата страна, формирајќи плоча. Плочите, зависно од дебелината, се изработуваат во непарен број на слоеви со цел горниот и долниот слој да бидат поставени во иста насока. Во посебни случаи, плочите се изработуваат и со лепење на два истонасочни слоеви за да се постигнат поспецифични конструктивни својства. Дебелината на секој од бичените елементи изнесува од 10 до 50 мм, додека нивната ширина изнесува од 60 до 240 мм. Ограничувањата во однос на должината и ширината на ПЛ плочите, ги одредува технологијата на производство, поточно пресата на секој производител посебно. Најчесто, габаритите на овие плочи се движат: за дебелина до 50 см, ширина до 5,0 м, додека должината може да достигне до 20,0 м. Сепак, еден од најголемите лимитирачки фактори за габаритот на ПЛП, е секако нивниот транспорт. Попречното лепење на плочите значително ги подобрува карактеристиките на дрвото во однос на носивоста и димензионалната стабилност, со што овозможува изработка на големи префабрикувани елементи кои премостуваат големи распони (на пример подни плочи) и можат да преградат големи простори (на пример долги преградни ѕидови).

 

Исто така, овој процес на лепење придонесува кон високите јакосни својства истовремено и на притисок и на затегнување, споредливо со армирано-бетонските плочи. Кај ѕидните елементи, насоката на дрвните влакна кај првиот и последниот слој е паралелна со насоката на надворешните тровари, додека пак кај хоризонталните ПЛП елементи, насоката на дрвните влакна, исто кај надворешните слоеви, се поклопува со насоката на поголемиот распон.

ПРОТИВПОЖАРНА ОТПОРНОСТ

ПЛ плочите имаат потенцијал да овозможат одлична противпожарна отпорност, која може да се споредува со типична масивна конструкција од незапаливи материјали. Ова се должи на природата на масивното дрво, кое има својство бавно да тлее со предвидлива стапка на горливост, и со тоа масивните дрвни конструктивни системи имаат можност да ја одржат својата стабилност одреден временски период доволен за евакуација. Предвидливата стапка на горливост кај овие системи овозможува лесна калкулација на нивната противпожарна отпорност.

drvoto-silen-konkurent-4

Производниот прцес на ПЛ плочите генерално се сведуваат на следните фази:

• Селекција на бичени елементи

• Редење и групирање

• Апликација на лепило

• Поставување на слоевите и нивно пресување

• Режење

• Маркирање и пакување

Клучот за успешно производство на ПЛ плочите е во континуитетот на изборот на квалитетно дрво и строга контрола на параметрите во процесот на лепење и пресување. Строги контролни тестови на готовите производи се задолжителни како гаранција за квалитет и функционалност.

drvoto-silen-konkurent-3

ЖИВОТНА СРЕДИНА

Еколошките карактеристики на ПЛ плочите се често дискутирана тема во сите истражувања. Овие плочи имаат многу предности во однос на останатите градежни материјали. Влијанието на материјалот врз животната средина се пресметува со таканаречена Анализа на животниот циклус (Life Cycle Analysis LCA). Оваа анализа го зема предвид целокупниот животен циклус на градежните материјали, а пак за дрвото таа анализа започнува при неговото растење, притоа прочистувајќи ја атмосферата од јаглеродниот диоксид. Ова својство на дрвото му овозможува анализата за животниот циклус на материјалот да ја започне со негативен биланс.

Покрај тоа, производството на материјали од дрво како ПЛ плочите ангажира значително помалку ресурси и енергија, а со тоа и помалку ја загадува животната средина, во споредба со производството на бетон или челик. Покрај сите овие квалитети мора да се спомне и незаменливиот естетски квалитет кој го нуди дрвото. Неговата разновидна и привлечна текстура ги инспирира дизајнерите и архитектите да го употребуваат со цел да го оплеменат просторот. Исто така, дрвото значително го подобрува квалитетот на воздухот бидејќи е хигроскопична материја и дејствува како природен регулатор на влагата во просторијата. Затоа честопати архитектите при проектирање на конструкциите со ПЛП, внатрешните делови на објектите ги оставаат необложени со цел дрвото да блесне со сиот свој сјај.

 

Испрати коментар

Scroll To Top