Шпанското
архитектонско студио
„АРТЕКС Архитектура“
дизајнираше парк во
медитеранското место
Ла Пинеда, кој покрај
својата функционална
и естетска функција,
има и едукативна
улога во однос на
еколошката свест.
Со цел да го сврти
вниманието на јавноста кон
проблемот со крајбрежjето
на Медитеранот, шпанското
архитектонско студио „АРТЕКС
Архитектура“ осмисли мошне
необичен проект за уредување на
јавниот простор во Ла Пинеда,
мало гратче во непосредна
близина на Тарагона во Шпанија.
Паркот „Pinar de Perruquеt“
се простира на 28.000 м², а е
замислен како уметничка реплика
на шумата на медитеранскиот
бор. Свесни за еколошкиот
проблем на загадување и
одумирање на боровите и другите
растенија, авторите од ова студио
дизајнирале и реализирале еден
вид уметничка инсталација
во форма на пергола. Тие
веруваат дека на овој начин ќе ја
поттикнат пошироката јавност на
размислување за овој проблем.
Значи, проект во јавен простор,
вреден три милиони евра, кој
покрај својата функционална и
естетска, има и едукативна улога.
Главните обележја на
натсрешникот се столбовите и
покривот. Во прашање е метална
конструкција која симболично
асоцира на дрвја, односно еден
вид медитерански бор. Овој тип
на бор е карактеристичен по
своето благо навалено стебло, кое
авторите дизајнерски го пренеле и
на столбовите на самата метална
конструкција. Кај изведбата,
архитектите посебно внимание
обрнале на специфичното
втемелување на столбовите, кое
морало да биде многу сигурно,
стабилно и еластично за време
на силните морски ветрови.
Благодарение на флексибилните
метални споеви, структурата
успешно ги прима оптоварувањата
од хоризонталната сила на
ветерот, и бавно се ниша.
Основата на натстрешникот
е решена како хексагонална
мрежа. Стилизираните крошни
на металните реплики на
медитеранскиот бор се направени
од фиберглас отпорен на
влијанијата и нагризувањата
од морската сол, која во оваа
средина е мошне агресивна.
Дејан Буѓевац.