Насловна / Архитектура / (Не)реализирана утопија на една држава и нејзиниот народ во њујоршка МоМА

(Не)реализирана утопија на една држава и нејзиниот народ во њујоршка МоМА

Во њујоршката МоМА на 15 јули годинава се отвори изложбата „Toward a Concrete Utopia – Architecture in Yugoslavia 1948-1980“, наслов кој е двосмислен, но не саркастичен, може да значи и бетонска и конкретна утопија, а двата поими заедно може да претставуваат реализирана утопија која вистински ја живееше една цела држава и нејзиниот народ, Изложбата ќе трае до 13 јануари идната година и е прво опсежно излагање на архитектурата од подрачјето на поранешна Југославија во Соединетите Американски Држави. Ова е значајно за нас и затоа што нашата архитектура е претставена, вреднувана, а сме ја имале привилегијата да ја живееме, а некој од нас и да ја создаваат. Значајна е дека вреднува, но опасно и нè опоменува, каде бевме, а каде сме сега.
За проектот кој е огромен по обем и организациски исклучително сложен, МоМА формира таканареченo кураторско советодавно тело (curatorial advisory board), во кое беа поканети десетина истражувачи од просторот на поранешна Југославија, кои веќе години наназад се занимаваат со собирање, истражување, толкување, вреднување…, а во некои случаи и извлекување од заборавот на вредните архитектонски реализации и нивната документација. Во ова тело од Македонија беа вклучени – Владимир Десков, Ана Ивановска Дескова и Јован Ивановски, архитектите со кои разговараме за оваа значајна изложба,
Во овој број на Порта 3 ви го пренесуваме првиот дел од обемното интервју со нив.

MoMA izlozba (4)

Кураторско советодавно тел, истражувачи од просторот на поранешна Југославија

Мартино Стиерли од 2015 година е главен кустос на Одделот за архитектура и дизајн на њујоршкиот Музеј на модерна уметност (МоМА). Но кој е всушност Мартино Стиерли?

Да, од март 2015 година Мартино Стиерли ja презема улогата на главен куратор на Филип Џонсон, Одделот за архитектура и дизајн во МоМА и е задолжен за широкa програмa на специјализирани изложби, инсталации, како и проширување на колекцијата на артефакти во сопственост на Одделот за архитектура и дизајн.
Инаку Мартино Стиерли е швајцарец, историчар на архитектура и уметност кој студиите по историја на архитектура и уметност, како и германска и компаративна книжевност ги завршил на Универзитетот во Цирих во Швајцарија. Магистрирал во 2003 година и докторирал во 2008 година на ЕТХ во Цирих, каде подоцна работи како професор на Институтот за историја на уметност.

Во 2010 година Стиерли го објавува својот докторат: Las Vegas in the Rearview Mirror: The City in Theory, Photography, and Film, по што следува книга за Роберт Вентури и неговиот престој на Американската академија во Рим кон средината на 1950-тите години. Неодамна од печат излезе и неговата последна книга: Montage and the Metropolis: Architecture, Modernity and the Representation of space (2018).
Во 2014 година учествувал на Биеналето за аритектура во Венеција со проектот: The Architecture of Hedonism: Three Villas in the Island of Capri. Во меѓувреме организира и е кокуратор на бројни изложби.

За академската работа Стиерли е наградуван; веројатно позначајни се медалот од ЕТХ за истражувачки труд во 2008 година и швајцарската наградата за архитектонска критика во 2011 година.

от

Прес конференција: директорот на МоМА, Глен Лоури со

Кулиќ и Стиерли

Во едно свое интервју Стиерли вели дека во неговиот дел од светот за архитектурата создадена во поранешна Југославија многу малку се знаело. Дека се запознал со нашата архитектура преку новоиздадени публикации на Запад и преку социјалните мрежи и дека едноставно созреало времето за да се занимаваат со оваа тема. Мислите ли дека многу време им било потребно за да ја осознаат нашата архитектура?

Тоа и не е за изненадување. Архитектурата од поранешните југословенски простори отсуствува од познатите истории на архитектура, на сличен начин како што отсуствувала и архитектурата создадена во Латинска Америка, како што извесен период отсуствувала и руската авангарда. Во таа смисла, човек и не можел случајно да налета на неа прелистувајќи општи истории на модерната архитектура и патем да се запознае. Од друга страна, до неодамна отсуствуваа и меѓународно достапни публикации кои попродлабочено се занимаваат со темата, а во голема мера и сè уште недостасува соодветно локално вреднување на оваа архитектура. Во таа смисла, освен преку темелно патување низ поранешните југословенски простори како резултат на некаков индивидуален истражувачки напор, како и контакт со локални архитекти и познавачи на овој период и архитектура не гледам како поинаку би биле информирани.

Откако историјата на „Западот“ е веќе напишана, денес во круговите на истражувачите сѐ повеќе расте интересот за помалку познатите и истражени подрачја. Паралелно на ова и модернизмот на повоените години минува низ еден процес на (пре)вреднување. По некогашната силна критика, по која следува трагање по нови патишта, историјата се зафаќа со вреднување и одредување на вистинската позиција особено на архитектурата на 1960-тите и 1970-тите години. Сведоци сме на сеприсутната фасцинација со бетонските, т.н. „бруталистички“ градби кои полека добиваат иконичен статус. На социјалните мрежи и преку различните групи на љубители на архитектура сѐ почесто се појавуваат слики од Нов Белград, Скопје, спомениците од НОВ и сл. Веројатно во истото интервју кое го наведувате, Мартино Стиерли говори за неговиот интерес за бруталистичката архитектура (која апсолутно не недостасува на овие простори), како и за впечатливите слики од спомениците кои го привлекле неговото внимание. Поттикнат од ваквиот интерес, тој се зафаќа да ја гради мрежата од луѓе кои истражувале различни аспекти на архитектурата од поранешните југословенски простори.

Дали им било потребно многу време за да ја осознаат „нашата“ архитектура? Би рекле не, со оглед на тоа дека и за нас тешко може да се каже дека сме ја осознале архитектурата од поранешните југословенски простори. Се надевам дека вреднувањето кое доаѓа однадвор, од институција која учествувала во испишувањето на архитектонската историја, конечно ќе нè убеди во вредноста на оваа архитектура и ќе придонесе во иднина на поинаков начин да се однесуваме со ова наследство.

genex

Генекс, Белград

Покрај Мартино Стиерли изложбата ја потпишува и Владимир Кулиќ кој предава на архитектонската школа на Флорида и Ана Катс од МоМА. Дали Кулиќ, бидејќи е белградски ученик, има влијание на одлуката да се реализира токму оваа изложба?

Идејата за претставување на архитектурата на поранешна Југославија потекнува од Мартино Стиерли; интересно е дека токму оваа изложба е неговиот прв голем проект по доаѓањето на позицијата во МоМА.
Првичниот концепт за изложбата во тек на работата се менуваше и значително се прошири под влијание на Владимир Кулиќ и останатите членови на тимот. Секако, позицијата на Владимир Кулиќ како кокуратор на поставката воопшто не е случајна; тој е еден од најголемите познавачи на архитектурата на територијата на поранешна Југославија и на процесите кои воделе до нејзиното создавање. Почнувајќи од неговата докторска дисертација: Land of the in-between: Modern Architecture and the State in Socialist Yugoslavia (2009), преку истражувачкиот проект Unfinished Modernizations: Between Utopia and Pragmatism (2012) кој го води заедно со Мароје Мрдуљаш, теоретичар и критичар на архитектура од Загреб, книгата Modernism In-Between (2012), повторно заедно со Мрдуљаш, како и бројни објавени трудови.

Во едно интервју на архитект Драгољуб Бакиќ, тој вели „интересно е како сега има љубопитност за она што го направивме во ерата на социјализмот. Ова откритие започна со Рем Колхас, кој го видел она што го изградил „Енергопроект“ во Лагос, Нигерија. Има ли Колхас некое влијание за да се случи оваа изложба?

Дел од истражувањата на Колхас честопати одат и во насока на истражување на неистраженото, на она што западната историја го пропуштила (случајно или намерно) да го појасни и вреднува. Познат е неговиот интерес за делата на руската авангарда; а по објавувањето на книгата „Project Japan, Metabolism talks“ се чини дека светското внимание го заврте кон јапонскиот метаболизам и неговите протагонисти и одново на сцената ги врати нивните цртежи и текстови.

Темата на југословенскиот „експорт“ во земјите од т.н. „Трет свет“, а особено на градежниот гигант „Енергопроект“ е интересна од повеќе аспекти; не само поради проектите и архитектонските реализации (кои и не секогаш се успешни или особено чувствителни кон локалниот контекст), туку и поради политичката позадина врз која се развиваат. Работата на „Енергопроект“ може да послужи како илустрација за специфичната позиција на Југославија на меѓународната политичка сцена, за движењето на „неврзаните“ и релациите кои се воспоставувани во рамки на самото движење, за создавањето на инфраструктура која директно влијаела врз геополитичкиот развој на помалку развиените земји итн. Лагос е само еден сегмент од оваа приказна. До 1980-тите „Енергопроект“, а и другите градежни претпријатија низ Југославија значително придонесуваат за стопанството на земјата, остварувајќи инфраструктурни и воени проекти на Блискиот и Средниот Исток, Африка итн.
Дали и колку интересот на Колхас за „Енергопроект“ имал влијание врз Мартино Стиерли и конципирањето на изложбата во Њујорк е веројатно прашање што треба да се упати директно до Мартино Стиерли.

MoMA izlozba (1)

Изложбата вклучува цртежи, макети, фотографии, исечоци од филмови, предмети од ентериер и технолошки производи (телефони, телевизори) од кои некои за прв пат се во јавност. Како е поделена изложбата и кои се доминантните теми?

Изложбата не претставува единствен наратив, туку има комплексна структура, поделена во неколку тематски целини кои дофаќаат важни аспекти од Југославија: „Модернизација“, „Глобални мрежи“, „Секојдневен живот“ и „Идентитети“.

Темата „Модернизација“ се однесува генерално на силните модернизациски процеси во Југославија во повоените години и улогата која архитектурата и урбанизмот ја одигруваат во сеопштата трансформација на општеството и на „работниот човек“ во него. Овој дел говори за дострелите во различни области – од една страна за политиките на планирање на просторот, покажани преку големите урбанистички и архитектонски зафати како Нов Белград, Нов Загреб, но и интерполациите во историските ткива на Сплит, Задар итн. Од друга страна делот „Модернизација“ се однесува и на квалитативниот скок во доменот на јавните згради, особено на инсистирањето на темелна културна и едукативна трансформација на општеството реализирана преку бројните објекти од т.н. „општествен стандард“ – детски градинки, училишта, културни домови, библиотеки, работнички универзитети итн., во рамки на поставката претставени преку исклучителни примероци како што се: Музејот на современа уметност во Белград на Иван Антиќ и Иванка Распоповиќ, градинката „Млади Род“ во Љубљана на Станко Кристл, Библиотеката во Приштина на Андрија Мутњаковиќ итн. Посебен сегмент во делот „Модернизации“ зафаќаат структурално експресивните објекти кои ги поместуваат границите во доменот на современите конструкции и изградбата во бетон. Во овој дел се прикажани кулата на Авала, стадионот Пољуд во Сплит на Борис Магаш итн.

MoMA izlozba (8)

ВИП отварање во дворот на МоМА

Вториот дел од изложбата – „Глобални мрежи“ е врзан со архитектурата која се развила како резултат на специфичната, независна позиција на Југославија во рамките на тогаш, драматично поделениот свет. Во овој дел е прикажан „извозот“ на градежните фирми кон земјите од т.н. „трет свет“ (преку дел од работата на „Енергопроект“ од Белград), а обезбедени со позицијата на Југославија во рамки на „неврзаните“.
Свој дел тука наоѓа и темата на туризмот и изградбата на хрватското крајбрежје со градби со висок архитектонски квалитет. Се чини дека сѐ појасно станува дека луксузните хотели, своевремено отворени за туристите и од Истокот и од Западот, иако големи во своето мерило нудат подобар модел за развој од сето она што како алтернатива доаѓа по нив во годините што следуваат.
Во темата на глобалните поврзувања неизоставно спаѓа и нашата тема – обновата на Скопје по земјотресот. Катастрофалниот настан кој безмалку го уништил градот поттикнува акција од невидени размери. Вклучувањето на Обединетите нации во координацијата на активностите и во процесот на планирање, формирањето на меѓународни тимови на експерти, учеството и улогата во планирање на градскиот центар на Кензо Танге, како и специфичниот и во голема мера експресивен архитектонски производ се теми кои привлекоа доста внимание и на Скопје му обезбедија значителен простор во рамки на целата поставка.
Делот „Секојдневен живот“ говори за темата на домувањето во рамки на социјалистичкото општество, прикажувајќи ја во различни мерила. Станот, како загарантирано право на секој граѓанин, бројните истражувања кои имаат за цел да обезбедат домување со релативно висок стандард, начинот на кој станбените згради формираат конфигурации во урбаното мерило. Од друга страна бројни производи, мебел и електрични уреди (се разбира југословенски дизајн и производство) кои ги опремувале просторите внатре – столицата на склопување Rex на Нико Краљ или искрините телефони и телевизори.

Последниот дел „Идентитети“ е врзан со Југославија како простор кој обединува различности. Различни во своето минато и наследство (култура, наследство, влијанија, степен на образование и сл.), секоја од поранешните југословенски републики развива своја архитектонска линија, во извесна смисла и сопствена архитектонска школа. Таа врска е веројатно најочигледна ако се погледне Словенија и силното потпирање на наследството на Плечник или пак читањето на традицијата во Босна и Херцеговина во делото на Јурај Најдхарт. Тука исчитувањето и интерпретацијата на минатото се зема како основа, појдовна позиција за современото.
Дел од темата „Идентитети“ претставуваат и спомениците. Темата на антифашистичката борба била еден од обединувачките елементи во поранешна Југославија, а овие објекти или повеќе архитектонско-урбанистички и пејзажни целини подигнати во чест на жртвите, многу повеќе претставуваат симбол на заедничката борба, победата, слободата.

poljud

стадионот Пољуд во Сплит на Борис Магаш и

базенот на Иван Антиќ

Дали макетите прикажани во МоМА се нови, наменски направени токму за оваа изложба?

Поголемиот дел од моделите прикажани на изложбата се оригинали, позајмени од различни институции или приватни збирки. Ние имавме среќа, благодарение на одличната соработка со Музејот на град Скопје да ја однесеме оригиналната макета од конкурсниот труд на Кензо Танге, како и макетата од комплексот на Културниот центар на „Биро 71“. Во делот посветен на спомениците своето место го најде и оригиналниот модел на „Македониумот“ од Искра и Јордан Грабул, сопственост на семејството.
За објектите за кои не постојат оригинални модели, моделите ги изработија студенти од неколку школи во Америка, според претходно испратени цртежи. Во таа смисла, фасцинантно беше да се види интересот за темата и посветеноста на студентите во изработката. Новите модели се изработени со употреба на современи технологии: сечени на cnc, 3D печатени и сл.
Така во поставката паралелено се поставени оригиналните модели кои веќе претставуваат вредни историски артефакти и новосоздадените артефакти кои ја збогатуваа со содржина веќе и онака сложената поставка.

MoMA izlozba (12)

MoMA izlozba (11)

Стиерли споменува четири архитекти за кои вели дека биле не само исклучително квалитетни автори, туку и клучни јавни фигури, интелектуалци. Вјенцеслав Рихтер, Богдан Богдановиќ, Јурај Неидхард, Едвард Равникар. Дали се тие посебно и повеќе претставени од останатите архитекти?

Да, тие се посебно издвоени во рамките на поставката. Всушност, другите архитекти не се издвоени како посебни автори, туку нивните реализации влегуваат во рамките на темите за кои зборувавме претходно. На пример, во просторот посветен Скопје кој е дел од темата „Глобални мрежи“ се прикажани во поголем или помал обем извадоци од проектната документација на Историскиот архив и Студентскиот дом на Георги Константинов, Телекомуникацискиот центар на Јанко Константинов, Културниот центар на „Биро 71“ итн. Тука нагласокот не е на поединечните автори, туку на темата. Од друга страна, споменатите четворица автори: Рихтер, Равникар, Најдхард и Богдановиќ се издвоени во засебни простори, секој од нив тематски нагласен на специфичен начин. Како што веќе напоменавте, кураторите сметаат дека секој од овие четворица автори преку своето творештво, публикации, учество во архитектонското образование и јавниот живот силно влијаел во рамките на локалната, но и на пошироката југословенска средина.

rihter

Павиљон ЕXPO во Брисел 1959, Вјенцеслав Рихтер

Дали Вјенцеслав Рихтер е главна ѕвезда на изложбата?

Не, не би можело да се каже дека Вјенцеслав Рихтер е ѕвезда на изложбата. Неговото дело е крајно интересно, тој работи и архитектура и урбанизам и скулптура, и е еден од најавангардните југословенски автори кој уште во времето кога творел бил познат и вон рамките на Југославија. Во таа смисла, тој е издвоен како автор, но припаѓа и на темата на глобалните поврзувања со оглед на меѓународната репутација која ја стекнал пред сѐ со проектите за југословенските изложбени павилјони (за ЕXPO во Брисел во 1958 година, но и за триеналето во Милано во 1964 година итн.). На изложбата Рихтер има добиено значителен простор, но тешко може да се каже дека е главна ѕвезда.

Големо внимание предизвикуваат и спомениците посветени на НОБ и антифашистичката борба. Како се тие претставени?

Како што веќе споменавме, меморијалните споменици посветени на антифашистичката борба припаѓаат на делот од изложбата насловен како „Идентитети“. Токму сликите од спомениците, со своите апстрактни и впечатливи геометрии, поставени во еднакво впечатлив пејзаж се и оние кои започнаа да го привлекуваат поширокото, меѓународно внимание, најпрво крајно површно, на ниво на слика и испразнети од секакво значење.
Имајќи ја пред себе темата на славење на антифашистичката борба (и заеднички извојуваната победа) тие претставуваат „семејство“ од поединечни споменици, односно споменички комплекси кои се крајно разнородни во однос на концептот, формата и материјалноста и во таа смисла претставуваат автономна архитектонска, архитектонско-урбанистичка и уметничка тема.
Во рамки на поставката, темата на спомениците е поставена во последниот дел од изложбата, пред самиот излез. Тука ќе ги најдете споменикот на Сутјеска на Миодраг Живковиќ, споменикот на Козара на Душан Џамоња, на Петрова Гора на Војин Бакиќ, Камениот цвет на Богдановиќ во Јасеновац и др., но и „Македониумот“ во Крушево, кој иако не припаѓа сосем на темата (подигнат е во чест на Илинденското востание), веројатно не можеше да биде заобиколен, заради својата експресивност и висока уметничка вредност. Повеќето од споменичките комплекси во поставката се застапени со оригиналните модели, цртежи и фотографии – историски или нови, изработени од страна на швајцарскиот фотограф Валентин Јек.

sutjeska_1

Битка на Сутјеска, Миодраг Живковиќ

Најексплоатирана слика за најава на изложбата е меморијалниот споменик посветен на битката на Сутјеска на вајарот Миодраг Живковиќ, а на самиот крај, последна сцена од изложбата е Камениот цвет во Јасеновац на Богдан Богдановиќ. Опоменува ли ова, испраќа ли некаква порака во смисла никогаш да не се заборави и што е тоа што треба да го помниме?

Меморијалните споменици изградени на територијата на поранешна Југославија содржат длабока симболика во себе. Тие се во суштина двозначни – од една страна претставуваат меморија на нешто што е неповратно изгубено и најчесто врзано со искуството на страдање (индивидуално или колективно), но истовремено се и симбол на колективната победа и силната верба во подобра иднина.
Во новиот, современ контекст овие монументални споменици се убави и трагични, тажни, импресивни, моќни, чудни, напуштени и запуштени, некогаш безмалку непостоечки.
Како и да е, за оној кој ќе наиде на нив, тие сè уште будат имагинација, сè уште носејќи го капацитетот да остварат релација, да се поврзат со некои нови генерации, дали како носители на меморијата за одреден историски настан, меморијата за едно одминато историско време и политички систем или како високо вредни архитектонски и уметнички дела кои просто не можат да бидат одминати.
Со неодамнешното „археолошко“ навраќање кон модернизмот и архитектурата на меморијалните споменици постепено се враќа назад во фокусот на интерес што може да биде клучно за нивното хронолошко, просторно и симболичко (ре)дефинирање и суштинско за спас од комплетно девастирање.

(продолжува)

jasenovac

Камен цвет, Јасеновац на Богдан Богдановиќ

avala

Кула, Авала, Белград

kana

Хотел „Златибор“, Ужице, Светлана Кана Радевиќ

spomenici

MoMA izlozba (9)

Испрати коментар

Scroll To Top