Насловна / Вести / Може ли да се спаси урбанизмот, овој пат во Општина Аеродром

Може ли да се спаси урбанизмот, овој пат во Општина Аеродром

Револтот на граѓаните на Скопје расте. Овој пат на ред е Општина Аеродром чии граѓани денес во 17 часот закажаа протест пред „Мајчин Дом“. Револтот е поради отпочнување на работите на станбената зграда на градежна парцела 5.51, пред „Мајчин дом“, на аголот на бул:„Јане Сандански“ и улицата „Васко Карангелевски“. За поменатиот објект на 19.09.2018 г. издадено е Одобрениe за градање на А2-домување во станбени згради од Втора категорија на инвеститорот ЗОФ КОМ, ДООЕЛ, Скопје врз основа на Основен проект изработен од бирото ГМС проект од Скопје. На поменатата локација со ДУП за градска четврт И10, од ноември 2016 изработен од Билд Урбан ДООЕЛ, Скопје предвиден е објект со бруто развиена површина за градба од 20006 квадратни метри, но како по обичај во ДУП-овите, со напомена дека „бруто развиената површина е презентирана без површините од можни конзоли и еркери и сл.“, што значи дека вкупната површина на објектот ќе биде уште поголема. Процентот на изграденост изнесува 59%, најголем во тој план (но што вообичаено би одговориле планерите, помал од дозволениот со закон од 70% изграденост). Дозволената висина е 30 метри, П+8+Пк. Основната класа на намени е А2 – домување во станбени згради, но дадена е можност за 40% компатибилни класи на намени Б5, Б1, Б2, Б4,В3,В4 и Д3. Б5- хотелски комплекси, Б2- големи трговски единици; Б1 -мали комерцијални и деловни единици; Б4 – деловни простори; и внимавајте сега В3 -култура; В4- државни институции; Д3 -спорт и рекреација, можеби ќе направат игралиште за доброто на заедницата. Звучи неверојатно како приватниот инвеститор има можност да изгради простор наменет за култура и за државни институции.

bolnica

 

Дел од ДУП И10

*градежните парцели означени со жолта боја   (спорната станбена зграда) и црвена боја  (новата градска болница) се планирани со ДУП И10,

објектите со сива боја се од стариот урбанизам кој е школски пример за квалитетно планирање, да не се збуните и случајно помислите 

дека некој денс работи урбанизам на тој начин

За маката да биде уште поголема истиот ДУП предвидува на местото на „Мајчин дом“ објект со намена В2 – здравство и социјална заштита. За таа локација Министерството за здравство веќе спроведе конкурс кој го нарече нова Градска болница, но и по завршување на конкурсот, поради недоволно прецизната проектна програма и краткиот рок за изработка на проект од таков обем, заврши со 3Д визуелизации и остана нејасно дали се работи за објект од секундарна или терцијарна здравствена заштита.

Едниот објект, станбената зграда е вметнат на единствената слободна површина на булеварот „Јане Сандански“, а болницата на државно земјиште кое им се нашло на тој потег. Собраќајниот пристап до објектите ќе претставува сериозен проблем, бидејќи се работи за зграда со околу 250 стана, што значи околу 300 паркинг места, а болницата е објект со голема фреквенција, бидејќи идејата е нели, да се растерети Клинички центар. Во непосредна близина е спортскиот центар „Јане Сандански“ кој го нема решено паркирањето за потребите на истиот, (Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање вели, паркирање во рамки на сопствена парцела, чл.61) и кој кога спортот во државата би бил на пристојно ниво (како до лани РК Вардар) создава не сообраќаен хаос, туку сообраќаен колапс.
Граѓаните бараат градоначалникот на Општина Аеродром де се повлече од функцијата. Не е само оваа зграда спорна во плановите, но стоејки пред оваа парцела, тогаш кандидатот за градоначалник се колнеше дека ќе ја запре градбата на овој објект. Градоначалникот не е планер и не може да разбира урбанизам, но затоа не треба да зборува напамет и исклучиво за политичка потреба во кампања. Денес од општината велат: „Барање за дозвола за градба на плацот пред Мајчин дом во меѓувреме пристигна и Општината е законски обврзана да го процесира, согласно со позитивните законски регулативи и параметрите на сѐ уште активниот ДУП И10“. И за жал и за волја на вистината ова е точно. Се додека е овој ДУП на сила не постои начин да не дозволи градба на објектот, доклоку истиот е во рамки на ДУП-от. Во меѓувреме од Министерството за животна средина општината се обезбедила на 31.10.2013 година и со Одлука за неспроведување на стратегиска оцена која е достапна на сајтот на општината, па доколку планот биде доставен на Уставен суд нема основ да се обори, како во случај на Општината Карпош. Тамо беше оборен на правен основ, Одлука за неспроведување на стратегиска оцена не беше ставена на сајт на општината. Уставен суд е составен од правници и да сака на друг, освен правен основ не може да оборува ДУП.

аер
Каде лежи проблемот? Проблемот е во ГУП-от, чив носител е Агенцијата за планирање на просторот. Таа и денес гордо нагласува дека е носител на ГУП кој ни ги направи сите проблеми. Тие велат дека ГУП-от е одржлива визија и развој на градот Скопје, согласно потребите на граѓаните, потенцијалот на инвестициите и реалните можности на градот.
ГУП претставува основа за изработка на Урбанистичка документација од пониско ниво.
Планското решение од сите аспекти овозможува потполна просторна интеграција, активно користење и вклучување на природните и културните наследени вредности во современите текови на животот. Овој значаен стратешки документ за просторот на Град Скопје е усвоен со Одлука бр. 07-5068/1 на Советот на Град Скопје на седумдесет и седмата седница одржана на 23.12.2012 година. ГУП е со важност од 10 години, значи до 2022 година. А планерите на ДУП-овите само се вклопија во лошо изработениот ГУП и се важна карика во спрегата инвеститорски и политички моќници.

аер1

Единствен начин да се реши проблемот е државата да застане цврсто зад општините, кои ќе направат ревизии и евалуации на ГУП-от и ДУП-овите, ќе се изготви нов Закон за просторно планирање и Правилници за урбанизам, по кои ќе се изработат нови планови. Но не со истите планери, истите луѓе од општините и министерството. А дотогаш ќе ги стопира спорните ДУП-ови (како Општина Центар). Тоа е тешка одлука, (некој би рекол и незаконска) се губи и многу време и многу работа. Да, се губи, урбанизмот не порази сите. Граѓаните го губат градот, проектантите остануваат без работа во и онака тешка состојба, градежните фирми исто така. Но ова беше само прашање на време кога ќе се случи, и уште ќе се случува.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top