Насловна / Архитектура / Љубе Пота – човекот што чекореше пред своето време

Љубе Пота – човекот што чекореше пред своето време

Сеќавање…

Љубе-Пота-770x433

Години наназад го посетував Љубе Пота во неговиот дом на булевар „Партизански одреди“ во Скопје. Во 2007 година, го замолив да напише еден поширок текст за урбанистичкиот развојот на Скопје. Тој со посебно задоволство ја прифати поканата и ми го предаде текстот насловен „Урбанистичко планирање и изградба на Скопје 1946-1962“. Овој текст го вградив во мојата книга „Градителите во Македонија XVIII-XXI век“ во издание од издавачката куќа „Табернакул“ издадена во 2007 година.

Во овој текст Пота прави еден исклучително концизен преглад за развојот на Скопје, опфаќајќи еден подолг период почнувајќи од првите децении на 20 век. Така, во 1914 година бил изработен првиот Генерален регулационен план на Скопје изработен од архитектот Димитрие Т. Леко. Во 1929 година, архитектот Јосиф Михајловиќ го изработил вториот генерален регулационен план на Скопје во којшто бил вграден тогашниот актуелен систем „Garden Siti of tumorou“. По ослободувањето, во 1946 година бил изработен првиот Директивен план на Скопје од архитект Драган Петрик, а во 1948 година еминентни архитекти-урбанисти биле ангажирани од Чешка и тие го изработиле Генералниот регулационен план на Скопје во размер 1:10000.

Во 1950 година, овој план бил прифатен и со него се предвидуваше Скопје во наредните 50 години да го достигне бројот од 200.000 жители. Но, поради брзиот економски развој на градот се покажа дека предвидениот број од 200.000 жители брзо беше надминат и од оваа причина се јави потреба за ревизија на Генералниот урбнистички план. По извршената ревизија се донесе заклучок дека растот на градот треба да се ограничи на 30 години, според кој Скопје требаше до крајот на 2000 година да ја достигне бројката од 300.000 жители.

Во 1953 година беше основан Заводот за урбанизам и архитектура на Скопје, во кој беа вклучени архитекти и инженери од различни профили. Прв директор на овој Завод беше архитект Љубе Пота, а другите вработени архитекти  беа: Владимир Ќосевски, Душан Пецовски, Јумни Зеќир, Ристо Галиќ, Георги Константиновски; сообраќаен инженер Љубомир Владимиров, град. инж. Јордан Секулов и инж. хорт. Драган Шојлевски.

pota

Во истиот период се формира и Советот за урбанизам на Скопје во чиј состав беа вклучени реномирани архитекти, инженери, ликовни уметници и општествено-политички работници. Посебен нагласок беше ставен на изработка на Детален урбанистички план за централното подрачје на градот Скопје, кој беше завршен и донесен кон крајот на 1956 година. Во тој период беа изработени и деталните урбанистички планови за Чаир и Топаана, како и за дел од Гази Баба. Така кон крајот на 50-тите години беа изработени и Деталните урбанистички планови за Карпош 1, Карпош 2, Тафталиџе 1, Автокоманда и Црниче.

Со овој скратен извадок од статијата на арх. Љубе Пота, што ја напиша во својата 89-годишна возраст, сакав да ја подвлечам неговата виталност и свежа меморија како жив сведок и, секако, како еден од најзаслужните архитекти-урбанисти, коишто со својата љубов кон своето Скопје и своите идеи чекореле секогаш напред пред своето време!

Година по година, како есенските лисја што бавно се ронат, така и јас одвреме-навреме ќе навратев да го посетам Пота. Одев со љубов и посебна почит кон човекот со високи интелектуални особини, со човекот со кој можев слободно да разговарам на теми поврзани со нашиот град Скопје. Секогаш кога ќе му најавев дека сакам да се видаме, тој со посебна жар ме очекуваше и излегуваше пред влезната врата на неговиот дом да ме пречека со стискање на рака и со зборовите „добре дојде“.

Жената што работеше кај него и се грижеше за одржување на домашниот ред, по мојот телефонски повик му најавуваше дека доаѓа професорот, и токму заради тоа јас нејзе и го дадов името „деканка“, што ѝ  причинуваше посебно задоволство! Таа, веќе од подолго искуство, го припремила кафето и го сервирала на масата во дневната соба на којашто точно се знаеше моето место и местото на Пота. Секогаш седевме еден наспроти друг на левата страна од една издолжена маса за да ни бидат дијалозите јасни и гласни. Тука, во непосредна близина на едно мало масиче секогаш стоеја моите три книги „Градителите во Македонија XVIII-XXI век“. Најчести теми ни беа поврзани со сегашните случувања во Скопје: со бришењето на еден историски период, токму оној во којшто Пота го вградил својот живот, со фалсификувањето на историјата на градот со воведување на т.н. стил „Барок“.

Дискутиравме за обезличувањето на Кале – тој единствен природен бисер на градот заедно со реката Вардар. За обезличувањето на рекреативната крајбрежна зона на Вардар. За објектите изградени токму во таа рекреативна зона. За вештачките бродови на реката Вардар. За објектите изградени во подножјето на Кале, како и за обезличувањето токму на ридот Кале со нивното присуство. За оградите на мостовите, за прекројувањето на постоечките фасади во градот, со посебен осврт на центарот на Скопје. За плоштадот „Македонија“, за неговото постојано прекројување и менување, за неговото поплочување…

Пота често ми раскажуваше за впечатоците од времето на неговите студии во Белград. Тој за своите професори зборуваше со посебен пиетет и љубов кон нив. Зборуваше за архитектите Милан Злоковиќ, Богдан Несторовиќ, Никола Добровиќ… За нивните дела во Скопје и Македонија. Со внимание го слушав и ме одушевуваше со неговата култура. Никогаш не се произнесе во негативна насока кон кој и да било од своите колеги или од неговите претпоставени. Едноставно, беше спремен да прифати дискусија од која било област од архитектурата или од урбанистичкото проектирање.

Во 1954 година, на својата 36-годишна возраст, Пота се појави на првиот час по предметот Урбанизам и руризам пред првата генерација архитекти на Архитектонскиот факултет во Скопје. Бев студент на четврта година. Застана на катедрата и со својот јасен и мелодичен глас прозвучија неговите први лекции. Од него почнавме да навлегуваме во една дотогаш за нас непозната област од науката. Професорот Љубе Пота беше нашиот прв учител од областа на урбанизмот и руризмот!

Точно 20 дена пред да го напушти овој свет, седев на масата во неговиот дом на истото место како и порано. Седеше и Пота, како и порано. Разликата беше само во неговиот пристап до масата. Сега за првпат друга жена му помагаше во одењето. Физички беше ослабнат. Едвај ги влечеше нозете. Седна и во таква состојба пак започнавме разговор. Кафето стигна на масата и го пиевме како и секогаш полека. Му ја донесов и поклонив фотографијата од старо Скопје што му ја ветив на претходното виѓавање. Ми се заблогодари. Во врска со фотографијата го прашав дали знае нешто да ми каже за старата скопска фамилија Папа Теодоси. Каде беше нивната куќа? Следеше брз одговор. Како и сите архитекти во своето изразување, прво се фаќаат за молив и хартија. Така и Пота, со доста отсечен глас побара од жената да му донесе бела хартија и молив.

Она што најмногу ме восхити не можев никако да го објаснам, тој со смирена рака и со моливот во неа повлече две паралелни линии и рече „ова е Вардар“. Брзо повлече други две паралелни линии попреку и рече „ова е Камениот мост“. Веднаш наспроти Камениот мост ја постави зградата на Ибни Пајко. За чудо, јас мислев дека таа треба да биде нормална на мостот, но тој бравурозно ја накриви кон едната страна. И од неа со зачудувачка прецизност и смиреност почна да го крои планот на маалото. Ги црташе улица по улица давајќи коментар за секоја линија. Ги редеше куќите покрај нив. Го постави габаритот на амамот, продолжи со улицата што водеше кон Серава, стигна до улицата „Стив Наумов“ која беше доста далеку од местото што требаше да ја означи локацијата на бараната куќа. И од кога го заврши планот на микро урбанизмот на Пајко маало, со отсечен и убедлив глас го стави моливот во една точка на планот, ме погледна во очи и ми рече: Тука беше куќата на Папа Теодоси. Неговата меморија беше толку силна, така што изгледаше како да ја гледа куќата пред себе и продолжи со временски паузи: Таа куќа беше голема… висока… многу убава!

Времето одминуваше и јас требаше да се збогувам со Љубе Пота. Бев свесен дека не треба повеќе да го заморувам. Се присетив на убавата книга од модерната архитектура што му ја подарив на неговиот 90-ти роденден. Гаев надеж дека ќе му поклонам нова книга на неговиот 100-ти роденден. Ми летнаа мислите на годините на Оскар Нимаер, дали Пота ќе биде македонскиот Оскар? Го замолив да не станува. Но тој сепак успеа да стане и за последен пат да се ракува. Пак со поздравот како и секогаш „Пак да ми дојдеш!“. Излегов од надворешната врата со насолзени очи. Реков во себеси: да, мој учителу и пријателу нема да биде далеку кога пак заедно ќе го пиеме еликсирот од боговите. Те молам чекај ме. Ја наведнав главата над воланот во колата и долго време седев неподвижен. Солзите не запираа.

арх. Георги Константиновски

Испрати коментар

Scroll To Top