Насловна / Вести / „Кураторски размени 3“

„Кураторски размени 3“

„Кураторски размени“ е годишен симпозиум  кој ја третира локалната и регионална потреба од квалитативна размена на знаење и искуства, кои се однесуваат на уметнички истражувања, кураторски практики и едукација. Оваа година ќе се одржи од седми до деветти мај на неколку локации во градот. Куратор на програмата на симпозиумот е ликовниот уметник Јане Чаловски.

„Кураторски размени 3: Курирање општество и продукција на моќ“ е проект со намера да се осврне на прашањето за тоа како теолошки, политички и економски изведениот дискурс денес, може да курира општествено критички концепт, или, на кој начин дискурсот произведен од државата, теологијата и политиката се вклопува во денешниот културен контекст. Програмата вклучува предавање од проф. Гил Аниџар (Gil Anidjar) и проф. Софија Грандаковска, изложба на уметницата Христина Иваноска и разговор помеѓу авторката и културниот теоретичар Искра Гешоска.

Симпозиумот е инициран во 2012 година, a овогодишното, трето по ред издание на програмата е поддржанo од Министерството за култура на Република Македонија, и е реализирано во партнерство со ГЕМ (Граѓани за европска Македонија) и СИА (Serious Interest Agency).

ПРОГРАМА:

7 мај,

Локација: SIA Gallery, Скопје

Изложба на Христина Иваноска: La Mystérique (Патот кон милоста)

Време: 20.00 – 21.30 ч.

Христина Иваноска и Искра Гешоска ќе иницираат разговор за време на отворањето на изложбата.

Изложбата ги прикажува новите дела работени во различен медиум, а инспирирани од списите на Симон Веил (Simone Weil), француски филозоф од еврејско потекло, христијански мистик и политичка активистка, и Лис Иригаре (Luce Irigaray), француска феминистка, филозоф и културен теоретичар од белгијско потекло.

Делата се однесуваат на сомнежот и стремежот тогаш кога личноста се соочува со политичкото, општественото и спиритуалното себеосознавање. Веил, посветена христијанка, ја преиспитува својата вера во Бога откако ќе престане да верува дека крштевањето ќе ja осигура нејзината светост. Делата на Лис Иригаре на некој начин ја објаснуваат емоционалната и необјаснива (љубовна) релација со Бог. Во нејзиниот текст “La Mystérique” од нејзината книга Speculum de l’autre femme (1974), таа ја преиспитува посветеноста на жената кон Бога, прашувајќи се: Но ако човек не е повикан, како да се справи со ова, дури и да поседува страст за вакви потфати?

8 мај,

Локација: ГЕМ

Чии граѓани беа Евреите депортирани од Македонија?

Време: 19.00 – 21.00 ч.

Предавање на Софија Грандаковска

Во услови на воспоставен антисемитски државно-административен бугарски систем уште од првите денови на окупацијата на Македонија во април 1941, и припојувањето на вардарскиот дел од Македонија во рамки на кралството Бугарија – прашањето за третманот на македонските Евреи како не-бугарски граѓани претставува особен пример кој ја подвлекува специфичноста на холокаустот во Македонија во однос на другите искуства од холокаустот во Европа. Македонските Евреи биле исклучени од можноста за добивање бугарско државјанство според Законот за заштита на нацијата од 1941, а во исто време биле запишувани како бугарски граѓани во Декларациите за еднократен данок од 1941; тие биле запишувани како поранешни југословенски граѓани во Полициските регистри од 1942, како лица со привремен престој во Македонија, и како странци, сѐ до нивното депортирање како res nullius во 1943 година. Во тој контекст, се поставува прашањето: Чии граѓани биле Евреите кои од Македонија биле депортирани од страна на бугарската елита, со помош на администрацијата и полицијата, и им биле предадени на германските авторитети на станицата Малкиниа од каде биле однесени на брза егзекуција во гасните комори во Треблинка II?

9 мај,

Локација: ГЕМ

Промотивен говор на Софија Грандаковска за делото на Гил Аниџар (Gil Anidjar)

„Раса, нација, религија“ предавање на Гил Аниџар (Gil Anidjar)

Време: 19.00 – 21.00 ч.

„Раса, нација, религија“ – три термини кои ги дефинираат колективите на начини кои се истовремено и необично компатибилни и некомпатибилни, прифатливи или неприфатливи, историски и аисториски, релевантни и ирелевантни. Не толку одамна, Балибар (Balibar) и Валерстеин (Wallerstein) зборуваа за „Расата, нацијата и класата“ – и интеракцијата меѓу нив. По пат на генеологија на видовите, и со помош на теоријата на Фројд (Freud), проф. Гил Аниџар ќе се фокусира на наведените разлики меѓу трите термини, она што тие го споделуваат и она што го прикриваат.

Испрати коментар

Scroll To Top